|
|
МЕМОРИЈАЛЕН ТУРНИР ВО МАЛ ФУДБАЛ ВО ЧЕСТ НА ЗАГИНАТИТЕ БРАНИТЕЛИ ВО 2001 И 2015 ГОДИНА |
Тодор Петров “Ако од вечноста можевме да проговориме, ќе ви кажевме дека хероите никогаш не умираат“ 26 септември 2016 година, Скопје, Македонија - Во Спортскиот центар “Борис Трајковски“ вчера се одржа традиционалниот Меморијален турнир во мал фудбал во чест на загинатите бранители, припадници на Вооружените сили на Македонија од 2001 и од 2015 година. Меморијалниот турнир во мал фудбал и годинава го спроведе Организационен одбор составен од претставници на министерствата за внатрешни работи и за одбрана, и од Здружението на загинатите бранители од 2001 година “Македонски херои“. Меморијалниот турнир во мал фудбал е под покровителство на Министерството за внатрешни работи и го отвори министерот Оливер Спасовски. На отворањето на меморијалниот турнир во мал фудбал “Македонски херои“ присуствуваше и дополнителниот заменик министер Оливер Андонов. На турнирот учествуваа 12 екипи, кои своето учество го обезбедија преку локалните турнири низ општините во Македонија. Прво место освои фудбалската екипа од Крива Паланка, второ место фудбалската екипа на Специјалната единица “Тигри“ и трето место освои фудбалската екипа од Битола. - Задоволни сме од одзивот на фудбалскиот турнир, пријавени беа 14 фудбалски екипи, им благодариме на министерствата за внатрешни работи и за одбрана, директорот на Спортската сала “Борис Трајковски“ и општината Гази Баба за помошта во организацијата. Вечен е поменот за нашите загинати чеда во војната 2001 и полициската акција во 2015 година во Куманово, меморијалниов турнир во мал фудбал како традиционален не’ собира секоја година, со спомен за тие што беа дел од нашиот живот и загинаа за мирот во Македонија, - изјави Владе Стојанов, претседател на Здружението на загинатите бранители од 2001 година “Македонски херои“, чиј син, исто така, беше жртва во војната 2001 година. |