|
|
Во 1925 година големиот пожар во Тетово уништи 30 дуќани и други луќарки |
Тихомир Каранфилов Најмалку три пати чаршијата во Тетово во целост го изменила својот лик. Први пат кога настрадала во големиот пожар во 1925 година. Потоа била обновена, со тврда градба, во европски, неокласичен стил. И третиот лик, денешниот, според пишувањето на „Република“ (Стари фотографии – Тетово; 01.02.2013), го добила во 1960-тите години, кога сите објекти во центарот на градот биле урнати до темел и во духотна социјализмот бил изграден широк мермерен плоштад. Нешто повеќе за големиот пожар кој избувнал по полноќ на 23 август 1925 година во чаршијата во Тетово, а во кој изгореле повеќе дуќани и куќарки можеме да прочитаме во текстот „Голем пожар во Тетово“ објавен на 24 август 1925 година во белградска „Политика“. За пожарот кој избувна во пекарницата М. Серафимовиќ и во кој настрадале повеќе дуќани и домови, дописникот на белградски весник ќе го забележи следното: „Ноќеска, овде после полноќ изби ненадејно пожар во непосредна близина на градскиот пазар. Пожарот изби во пекарницата на Михајло Серафимов(иќ). Бидејќи овие денови се необично топли , а сите згради во близина се од слаб и сув материјал, пожарот се разви со таква брзина така да во еден момент изгледаше дека ќе изгори целиот град, Пожарникарите, властите и граѓаните се фрлија сите ревносно на спасување на се она што можеше да се спаси и на локализирање на огнот. Бидејќи изгледаше дека тетовската противпожарна чета не е доволна за да се совлада огромниот оган, кој веќе опфати неколку дуќани, итно беше повикана и скопската противпожарна чета. Таа од Скопје тргна во 2 часот утрото, а кога стигна во Тетово огнот во добар дел веќе беше изгаснат. Пожарот уништи околу 30 дуќани, покрај останатите куќарчиња. Штетата сеуште не е точно проценета, но се смета дека е многу голема. Во секој случај таа се искачува на 5 милиони динари.’ Пожарот ќе го смени ликот на чаршијата на Тетово. Според пишувањето на „Република“, на местото на денешниот Центар за култура „Иљо Антески – Смок“ некогаш била подигната старата мелница на семејството Благојевиќ. По големиот пожар од 1925, на нејзиното место било изградено „Градското поглаварство на Тетово“. Од 1941 година, за време на Втората светска војна, зградата била седиште на италијанската Потпрефектура Тетово, а по ослободувањето, била седиште на Општина Тетово.
|