|
|
Воведение на Пресвета Богородица или Карпински манастир |
Тихомир Каранфилов Воведение на Пресвета Богородица или Карпинскиот манастир е манастирски комплес сместен во близина на селото Орах, Кумановско. Се смета дека е основан во XIV век од страна на севастократорот Дејан зат на српскиот цар Стефан Душан. Манастирската црква посветена на Воведение Богородично потекнува од XVI – XVII век и е во форма триконхос. Се забележуваат два слоја на фрескоживопис, еден од времето кога е изградена, а другиот од крајот на XIX век, кога манастирот е возобновен. Околу него кон крајот на XIX и почетокот на XX век се водела беспоштедна борба на српската и бугарската пропаганда. Во својата книга „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), Георги Трајчев за манастирот Св Богородица – Карпински за кој вели дека е многу постар.ќе напише: „Прочуената некогаш архилевска црква „Воведение Богородично“ во Жегликовската покраина (Кумановско – н.з), татковина на Дејановци, е сегашниот Карпински манастир „Воведение Богородично. Тој е расположен близу до Страцин, десно од патот Крива Паланка - Куманово, во едно живописно планинско место. Се раскажува дека манастирот бил основан пред 1.100 години (околу 833 г – н.з.). Имало надпис над вратата од таа година, но бил избришан (Ефрем Каранов, ибид, 312). По падот на Константиновото кнежество под Турците, манастирот изгледа продолжил да суштествува. Во текот на 1592 година, пишано е едно евангелие во манастирот Карпино, во храмот Пресвета Богородица (Стојановиќ, записи г. III 162). Манастирот запустел 4 пати од пожари и угнетување, додека најпосле, точно не познато кога, манастирот бил откупен од кратовскиот бег Ахнед Чалма и со това поминал под туторство на Турците. Селаните за овој откуп го собрале целиот сребрен накит на своите жени. Се зборува дека во старо време манастирот бил многу голем и богат и дека во него живееле околу 300 калуѓери. Во 1806 година, во Карпино доаѓал познатиот .. писател Кирил Пејќиновиќ, тогаш игумен на Марковиот манастир. Второ по позитвивно известување имаме едвај од 1846 година. Тоа се наоѓа во кондиката во Ќустендилската митрополија во инвентарот на Карпинскиот манастир, составен од грчкиот владика Дионисиј. Од тој ивентар се гледа дека манастирот, покрај многуте сребрени предмети, садови и др., поседувал 11 примероци на различни стари ракописи на кожа и други црковни книги. Од недвижен имот имал: 12 ниви, 1 чифлик во село Негоричани,1 бавча од 3 дулуми, 4 ливади, 6 коњи, 15 крави, 3 чивта волови, 200 овци, 76 кози и 25 свињи. Сликите во црквата се стари. Монаси нема. Црквата има великолепен изработен стар аналои од парченца слонова коска (Каранов, ибид, стр. 307). Околу манастирската црква има 30 соби за гости и за манстирски потреби. Најмногу се Паланечки и Кумановски одделенија. И за овој манастир се води ужасна борба со српската пропаганда. Еве што ни соопштува Н.В. Преосвештенство Неофит за таа борба „ ... Ужасна беше борбата со српската пропаганда, која по секоја цена сакаше да го присвои, за да нема наблизу бугарско око за да следи што се случува со манастирот, односно со селата кои беа сврталиште на српските чети. Неколку пати упаднаа околните србомански села потикнати од србоманските чети, но напразно: Ние го земавме манастирот назад откако дури се казнија околните србомански селани по борбата со еден одред војска, предводен од албанец, поранешен (јаверин - ?) на Хусеин Хилми паша во Солун – Генерален губернатор. Овој арнаутин откри во српските села, околу манастирот, српско оружје. Тој ги опколи селата и не дозволи човек да излезе од нив додека не ги покажаа пушките, бомбите, динамитот и др.. Брзо доби заповед од своето началство да престане со теророт и да се јави да одговара во Скопје. Се оправда дека е најден воен материјал. Селаните веќе се вразумија. По тој настан јас сам одев во манастирот, влегов во контакт со селаните кои ми жалеа од насилничкиот терор на српските чети и ветија дека наскоро целиот Козјак ќе се исчисти од српката пропаганда.“ Во Карпинскиот манастир кој е познат по својата скрипторска школа од XVI век, како што пишува Трајчев живееле околу 300 калуѓери, и тој важел за црковно-културно и духовно јадро во овој регион. Од пишувањето на Трајчев дознаваме дека манастирот, покрај многуте сребрени предмети, садови и др., поседувал 11 примероци на различни стари ракописи на кожа и други црковни книги. Оригиналните ракописи кои сведочат за скрипторската школа и за постоењето на ќелијно училиште денес се наоѓаат во Белград, Софија и Москва. Меѓу позначајните дела се смета Карпинското евангелие кое се наоѓа во Москва. За Време на Втората светска војна настрадале манастирските конаци. Денес на овој манстирски комплекс му е посветено внимание и е дел од бројните културни споменици на Македонија. Во својата книга за манастирите во Кумановско, покрај Карпинскиот манастир, Трајчев во кратки црти ќе го спомне и Св Илија кај село Орашец, кој бил возобновен во поново време од Младен Милушев, но и ќе напомне за урнатини од манастирот св. Богородица кај село Думановци (од архивот на Скопската Митрополија)
|