|
|
Манастир Св. Богородица - Матејче |
Тихомир Каранфилов Манастирот „Св. Богородица – Матејче“ познат уште како Жеглиговски манастир или Матејчки манастир се наоѓа во атарот на кумановското село Матејче. Подигнат е на надморска височина од 1005 метри, на југоисточните падини на планината Скопска Црна Гора. Манастирскиот комплекс е сочинет од црквата посветена на Успение на Пресвета Богородица и конаци. Во воениот конфликт во 2001 година манастирот претрпе сериозни оштетувања од страна на албанските паравоени формации кои манастирот го користеле како штаб. Извршени се интервенции врз комплексот и денес се оспособени за посетители, но поради сериозноста на оштетувањата неповратно е изгубен дел од богатото македонско културно наследство. Нема многу историски податоци за манастирот кој е многу постар од изнесеното во историските извори. Според натписите на грчки јазик од времето на Исак Комнен (1057 - 1059), изграден е во XI век, додека во изворите за првпат се спомнува во хрисовулата на цар Милутин од 1300 година. Во средината на XIV век цар Душан (крал 1331 – 1346, цар 1346 - 1355) започнал, а неговиот син Урош (1355 - 1371) и сопругата Јелена завршиле со обновата на манастирот околу 1357 година. Од манастирската црква во XVIII век бил изваден оловниот покрив кој потоа е искористен за покривање на Ески џамијата во Куманово, со што е забрзан процесот на нејзино пропаѓање. Во својата книга за .„Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), авторот Георги Трајчев за овој манастир покрај веќе познатите податоци ни дава и неколку интересни информации. Тој на почетокот на минатиот век за манстирот во Матејче ќе го напише следното: „Во Кумановско се забележуваат неколку манастири, од кои два постари. Тоа се Матејче и Карпискиот. Манастирот во Матејче „Св. Богородица“ се наоѓа во атарот на село Матејче од каде го добива името. Сместен е во Матејчката гора во месноста манастириште. Тој има доста живописен и панорамски изглед. Од Куманово се стига до манастирот за 5 часа. Патувајќи од Скопје до Куманово, одалеку се белеат манастирските згради, а од манастирот погледот се губи по целото Овче Поле. Манастирот е заобиколен со ѕидови и згради. Низ големата порта се влегува во него, а на 30 чекори се наоѓа црквата Св. Богородица (8 септември). И таа црква има куполна, крстовидна форма, од типот на „впишан крст“. Таа е датирана од XIV век (Мавродинов, ибид). Црквата има византиски стил. Зидана е со делкан камен и тули. Таа е долга 42 чекори, а широка 26. Висока е до 15 метри со кубето, покриено со олово. На северната и јужната страна се забележува по една зазидана врата од каде минал некој цар. Турците и арнаутите раскажуваат дека тука минал Султанот Мурат. Од внатре црквата е испишана со живопис, доста зачуван со грчки и славјански написи. Шет големи столбови го крепат средниот дел на храмот и над него 5 големи кубиња полуразрушени. Во олтарот се забележува стара гробница. Живописот почнал да се руши по ѕидовите и столбовите. Се гледа и преграда меѓу машкото и женското одделение. Гробницата е мала четириаголна келија на левата страна на црквата до вториот столб, изидана од тули и камен и измачкана со вар. Има две врати. Се зборува дека тука била погребана некоја царица. Тука неплодните жени палат свеќи и се молат над гробот за плодност. Гробот го посетуваат и арнаутски жени. Надвор од манастирската ограда се гледа и полуразрушена кула. На неа има живопис. Во 1885 година, чистејќи ја кулата се најдени два стари пергаментни книги (Октоих и правилник св. Василиев). Се говори дека кубињата биле покриени со олово, кој бил подигнат пред 150 години (кон крајот XVIII век – н.з.) од некој бег и однесен во Куманово за покрив на Ески џамија. Тука се пишувале многу книги. Владислав Граматик спомнува три книги. Голем дел од книгите биле однесени во Србија. Многу од манастирски книги ги зеле арнаутите, од кои дел ги ипотребувале за „муски“ (амајлии – н.з.), а друг дел зел Стефан Веркович. Манстирскиот имот се состоел: цела Матеичката гора, ниви, куќи и дуќани во Куманово. Потеклото на манастирот е темен. Има само преданија за него, а историски споменици недостасуваат. До 1690 година тука вриело од интензивен живот. Во почетокот на XIX век манастирот сосема опустел. Едвај кон 1860 година, стариот економ Димитрија, поп Георге Војниклија и други граѓани на Куманово издејствувале ферман од султанот Абдул Азис за возобновување на манастирот. До 1896 година манастирот бил под патријаршијата, а подоцна тој преминува во Егзархијата, кога биле направен значителен ремонт на црквата и зградите (д-р Јован Хаџи Василевиќ, Јужна стара Србија, т. II, 1913г.) Црквата е од XI век, возобновена во XIV век за време на Душан (И-в, Ибид 1931 г., стр. 135). Тука Владислав Граматик го напишал прочуениот свој зборник од 1469 година, сега во Загребачката академија. Во истиот манастир во 1473 година Владислав го пишува и зборникот Андринити, кој се чува во Рилскиот манастир. Во 1479 година, Владислав пак таму го пишува големиот зборник – Панагерик, кој што се чува во црковниот музеј на богословскиот факултет во Софија (и-в, ибид, 1931 г.). Манастирскиот празник на Св. Богородица е на 8 септември (ст.ст.), на св. Никола (6 декември) и св. Арангел (8 ноември)..“ Потребно е да се истакне дека во XV век манстирот „Св. Богородица - Матејче бил еден од најважните македонски книжевни центри во северниот дел на Македонија. Во манастирот живееле и создавале монахот Герасим, Исаија Доместик и Владимир Граматик. Последниот напишал три зборници, познати како „енциклопедија на средновековното знаење“, а од Трајчев дознаваме каде се однесени. Во повезот на вториот зборник, „Андријанти“, од 1473 година, пронајдени се (скриени) прочуените Македонски глаголски листови од 10 век кои претставуваат зачувани музички записи од непроценлива важност за македонската црковна музика. Инаку, самата црква била карактеристична по тоа што во неа постоела помала црква (капела) од XII век, која била срушена во текот на раставрацијата во почетокот на XX век. Манастирската црква е обновена во 1926 или 1934 година. Поради овој пропуст постоеле голема замерка како била изведена самата реставрација. Исто така, освен во 1934 година, таа е раставрирана и во 1953 и 1960 година. Црквата преставува репрезентативен примерок на византиската уметност на македонска територија, карактеристичен за епохата на Пелолозите. Во воениот конфликт во 2001 година манастирот претрпел сериозни оштетувања од страна на албанските паравоени формации кои манастирот го користеле како штаб. Подоцна се извршени интервенции врз комплексот и денес се оспособени за посетители, но поради сериозноста на оштетувањата неповратно е изгубен дел од македонското културно наследство.
|