|
|
Градовете на Приморска Македонија меѓу двете светски војни - Солун |
Тихомир Каранфилов Поделбата на Македонија извршена со Букурешкиот договор 1913 година доведе до приклучување на јужните приморски краишта на Македонија кон грчката држава. Географското пространство на тој дел на Македонија (Егејска Македонија) опфаќа 34.356 км2, а нејзиното население во 1920 година изнесувало 1.090.432 жители. По Првата светска војна националниот состав на населението на Егејска Македонија многу се измени. Владата во Атина уште веднаш започнаа со угнетување и гонење на Македонците, што предизвика иселување на Македонци од Грција. Иселувањето доби широки размери по потпишаната конвенција на 27.XI 1919 година меѓу Грција и Бугарија за „доброволна" размена на население. Под изговор за спроведување на конвенцијата тогаш беа насила протерани и преселени во Бугарија повеќе десетици илјади Македонци од Грција. По грчко-турската војна (1919 - 1922), нов бран на иселување настана со склучување на Лозанскиот договор во 1923 година помеѓу Грција и Турција за размена на муслиманското и христијанското население во двете држави. Во текот на 1924 година скоро целокупното муслиманско население во Егејска Македонија, вклучувајќи и околу 40 илјади муслимани од македонско потекло, беше преселено во Турција. Истовремено, во Егејска Македонија се населуваа бројни групи Грци од Мала Азија и Кавказ. Како последица на извршените преселувања значително се измени етничкиот состав на населението во северна Грција на штета на Македонците, а во полза на грчкиот елемент. Во 1920 година населението на Егејска Македонија броеше 1.090.349 и неговото мнозинство го сочинуваа главно Македонци и муслимани; во 1928 година, пак, тоа достигна 1.418.477 жители благодарејќи на неколкуте стотини илјади доселени Грци. Во статијата „Градовете на Приморска Македонија“ објавена во 1936 година во „Македонски Преглед“ („Македонски Прегледъ“, година X, книга 3-4, София, 1936), авторот Димитар Атанасов ни ја опишува состојбата во македонските градови настаната по колонизацијата на Егејскиот дел на Македонија. Во својот осврт, во кој ќе стави голем акцент на „најголемиот град на Македонците“ Солун, тој ќе го забележи следното: „Овој дел од Македонија, која допира од една страна на Солунскиот, Орфанския и Кавалскиот залив, а од друга страна е отделена со високи планини од Северна и Источна Македонија, може со право да биде наречена со општото име Приморска Македонија. Овој приморски или беломорски дел на Македонија токму поради својата положба на брегот на Егејското Море (Белото Море) најрано влегол на дофат на културниот свет и тука биле засновани првите македонски градови. Тие имале многу променлива судбината, која често пати била објект на бројни студии. Епохи на процвет и можности се менувале брзо со епохи на падови и дури целосно обезличавање. Оваа променлива судбината не ги напуштила градовите на Приморска Македонија дури и за време на нашето дваесето столетие кое инаку се сметаше за период на релативна стабилност во населбените односи. Ова се должи на фактот дека овој дел на Македонија беше свидетел на масовни иселувања и преселувања, незапамтени во историјата од десетолетиа наваму. Овие масовни преселнички движења доведоа промени не само во етничнкиот облик на Приморска Македонија, но се одразија чувствително и врз нејзините градови. Тие, генерално, го зголемија прекомерно населението, заедно со кое го променија својот тип и фазиономија. Денес оној кој ги знае од пред војните (било лични набљудувања, било слики, мапи, планови и описи) тешко би ги познал, толку е драматична промената, и тоа не секогаш во позитивна смисла. Поради сето ова сметам дека нема да биде излишно за читателите на "Македонски Прегледъ" да ја прочитаат следната статија, во која сум се погрижил да посочам денешниот тип и физиономија на градовите во овој дел на Македонија. При тоа ќе се запрам на тие, кои најмногу се промениле: првенствено Солун, потем Лагадина, Кукуш и Сер, а во некоја друга статија ќе бидат разгледани Валовиште (познат под името Демир-Хисар), Нигрита, Драма и Кавала; во трета статија ќе се задржиме на градовите Ениџе-Вардар (повеќе познат меѓу домородните бугарско население под името Пазар), Воден, Негуш и Бер, во кој промената има друг карактер, и тоа поради тоа што е условена од други фактори. Солун Од сите градови на Балканскиот Полуостров Солун има, несомнено, најдобра географска положба, што му овозможило, наспроти извонредно променливата судбина на земјите, сред кои се наоѓа, да се задржи низ текот на сите векове, одкако е основан до денес, како голем и богат град. Тој ја нема судбината на Белград, Софија и Атина, големи градови, за кои многу векове не се слушало речиси ништо. Оваа околност целосно ја оправдува многубројната литература не само за историјата на Солун како град. Од оваа литература добро се знае што представувал Градот во текот на вековете, поради што се јавува излишно да застануваме на овој прашање тука. Доста е да се истакнат само некои поважни факти. Најстариот град, ... ce наоѓал не на сегашното место на градот, туку кај минералните извори на село Седес, поради што и градот ce викал Терме. Кон крајот на четвртиот век пред Хр. градот бил пренесен на денешното место од Касандар (крал на Македонија 305 - 297 п.н.е. - н.з) кој го нарекол новооснованиот град по името на жена си Тесалонике, сестра на Александар Македонски. Ова грчко име и до денес се употребува официјално од Грците, кои неофицијално го скратуваат овој збор и го изговараат само Салоники. Звуковите закони, кои владеат во (македонскиот –н.з) јазик, наметнале обликувањето на оваа скратена форма во устата на околното ... население во Солун (Види. Ст. Романски, Имињата на некои македонски градови. 1. Солун, Пеќ. Во Македонски Прегледъ, год. V, ДоН. 2, стр. 71-76). Главната причина за пренесувањето на градот од старото на денешното место била можноста на новото место градот подобро да се утврди. За таа цел било искористено блиското возвишение до морето (125 м. над морското ниво), на кое била изградена првата тврдината. Потоа, кога нараснатиот град станал привлечна цел за воените походи на многу народи, било потребно да се загради со здрав ѕид целиот град. Поаѓајќи од споменатата цитадела (тврдина – н.з.), овој ѕид од четири страни го оградувал градот и завршувал на морето. Четвртастата форма на ѕидот и праволинискиот римски пат Via Egnatia овозможувале формирање на линеарни улици и четвороаголни населби уште од самиот почеток. Долго време Солун бил тип на вистински римски град. Едвај воспоставувањето на долготрајната турска власт внела во овој поглед извесна промена која се пројавувала главно во карактерот на новоизградените квартови, во и околу цитаделата. Тие се со извонредно неправилна форма, карактеристична не само за турските градови, како што се мисли понекогаш, но воопшто за градовите и градските населби основани кон крајот на средните и почетокот на новите векови. Многу повеќе отколку типот на градот, под влијание беше неговата физиономија за време на турското владеење. Дрвените куќи со многоброкни еркери и решетки на прозорците давале на градот ориентален изглед, остро разликувајќи се од видот на типичните средоземноморски пристанишни градови, изградена со камени згради со рамни фасади. И така, два факта: старите крепосни ѕидови и долгото турско владеење влијаеле врз типот и физиономијата на Солун до крајот на ова владеење, поточно до 1917 год., До големиот пожар кој го уништи центарот на градот. Денес турското владеење го нема, Турците се иселени, а од некогашните ѕидови останале само ништожни ocтaтоци. Освен тоа и населението се зголеми за десетина години со околу 120% (на 1912 год. - Околу 120.000, на 1924 год. - Околу 237,003, а денес - околу 260,000) па ништо чудно, ако денес градот ја променил основата и изгледот (изразен главно во опсегот на градот и неговиот план) и физиономијата (изразена главно во надворешниот вид на градот, обусловен главно од стилот на куќите). За брзата промена големо значење има и споменатиот пожар кој го уништи за време на војната центарот на градот. Како што знаеме, конзервативната појава на градските црти (од разни делови на Европа се познати со стотици примери од градови кои го чуваат стар тип и старата физиономија, наспроти тоа дека се неудобни, иако условите се радикално променети и наспроти недостигот на специјални мерки за зачувување на старото), можеме со сигурност да тврдиме дека Солун во границите од пред војната и до денес би го зачувал стариот изглед. Подцртувам: со границите од пред војните, бидејќи после војните Градот зазема едно три пати поголема површина, од која новите делови без друго сакаа да имат поинаков изглед отколку стариот град. Би можело да се каже дека главната промена во Солун се должи не толку на отстранувањето на двата фактора, условени од типот и физиономијата на стариот град: ѕидини и турското владеење, не толку и на пожарот, туку главно прекумерното зголемената плоштина врз која се изградени главно куќите на малоазиските бегалци. Слаб зародиш од нови населби надвор од тврдината можеше да се забележи уште пред балканската војна. Надвор од влезот на патот од Ениџе-Вардар и Кукуш во тврдината, од двете страни беше оформена така наречено Кукушко маало, населено од придојдени од Кукуш и кукушките села и се состои од два реда ниски еднокатни и двокатни куќи со мали дуќанчиња кон улицата, прометна само за време на пазар. Сето ова останало зачувано до денес. И денес во пазарен денес со стотици коли се разпрегат покрај многобројните налбатници и ковачници, покрај малите магацини со фураж и житарици, покрај рибарниците и зеленчукарниците. И денес околу овие коли се мерка не само пргаво одечкиот и вечно размафтаниот Грк, но и тромавиот и тежок, облечен со потури (македонски – н.з) селанец од околните села, главно од Киреч-кој (Пејзаново, Киречќој или Варово- н.з.) и Ајватово. И не редко тој разговара на својот роден јазик, (Македонците – н.з) занаетчии кои разговараат со Грците на турски јазик. И до денес овој јазик, заедно со еврејскиот-шпанскиот јазик е пазарен јазик, иако во градот нема, може да се каже ниту еден мохамеданец. Овој чуден на прв поглед факт е лесно објаснив ако се знае дека меѓу Грција и Турција стана размена не на турско и грчко население, туку на муслимани и христијани. Од Турција дојдоа поради тоа покрај правите Грци и христијани, кои зборуваат турски и немаа ништо общто со Грците освен религијата. Едни од нив се познати под името караманлии, други - под името лази и др. Многумина од нив се населени токму во Солун и тоа токму во оваа "Кукушко маало", за која се зборува. Сликата одеднаш се менува ако поминеме од патот во некоја од напречните улички кои пред војните водеа непосредно на ливадите околу градот. Денес тие исцело се покриени со бегалски куќи кои си личат една на друга како две капки вода. Личат не само по план и надворешниот изглед, но и по занемареност и нечистотија. Малтерот на тие еднокатни куќи, кои се состојат обично од две соби, одделени со едно мало коридорче и населени најчесто од две различни семејства е сосем оронет, па оголените ѕидови наликуваат на оградите кои ги оградуваа дворовите на старите турски села. Дворовете пак на тие бегалски куќи не се оградени со ништо и се полни со остататоци од храна, фрлена неразумно насекаде на различни домашни животни, кои слободно се движат низ улиците на тие нови бегалски населби. Овие улици се нешто безподобно по својата гнасотија и по бескрајниот контраст меѓу идеални геометриски форми и неописливата човечка беда. Улиците се идеално прави, се сечат под прав агол и формираат меѓусебно правоаголни населби, во кои куќите се на еднакво растојание една од друга. Но какви куќи и дворови - реков веќе. А улиците - тоа се безбрежни локви од кал, не се исушуваат и при најсуво време од проста причина што недостасува секаква канализација, па тие меѓу другите функции ја исполнуваат и службата на канали. Една до краен степен пролетаризирана маса од грчки бегалци-работници во фабрики и работилници кои се наоѓаат главно во стариот град, ги населува густо тие населби. И бидејќи тие се доста оддалечени од градот и од индустриските населби, прашањето за транспортот на оваа работничка маса се појави вонредно тешко. Притоа тој се врши главно со автобуси кои, и покрај низките цени патуваат сосем празни. За бедните работници, кои живееат во тие населби, четирите драхми кои треба да се платат за автобус.., се голема сума, која тие ја штедат, па секое утро и секоја вечер губат по еден час за да отидат до фабриката или работилницата. Од седем до осем часа утрото и од шест до седем часа после ручекот по улиците на овие населби бавно се движи една бескрајна маса од слаби искинати работници кои носат под мишка оскудна храна, завиткана во цветна крпа. Овие луѓе наспроти познатата склоност на Гркот кон гласно зборување и мавтање со рацете, се замислени и молчаливи, бидејќи ризикуваат секој ден да го загубат оскудниот залак кој го добиваат по напорната работа. Тие работат главно во тутунски магацини и други индустрии со сезонска работа. Треба човек да ги посети овие населби, за да види крајниот предел на човечката сиромаштија, која во во овој вид не се среќава никаде на друго место на Балканскиот полуостров. Ниту стотиците илјади работници во Атина и Пиреја, ниту селаните од селата лоцирани високо во Родопите - и едните и другите бескрајно сиромашни - не се подложени на овој постојан гнет, произлезен од постојаниот и целосно оправдан страв секој момент да биде загубен насушниот (леб – н.з). Слична мизерија не се среќава воопшто никаде на друго место во Европа, ниту дури во прочуените по својата беда работнички квартови на Неапол и големите европски метрополи. За да најдеме нешто слично, Треба да отидеме дури во арабските квартови на големите градови во северна Африка, од кои бегалските квартови на Солун се разликуваат само по големата просторност. Во врска со тоа е и простирањето на новиот Солун на една вонредна обемна плоштина. Бегалските населби со опишаниот карактер не се наоѓаат само од двете страни на патот, кој води кон Ениџе-Вардар - Кукуш, но и од двете страни на патот кон Сер. Тука, на север од воените гробишта, е квартот Ставрополис, а меѓу двата пата е квартот Неа Куклуџа. Блиску до нив е и квртот Неа Варна, населен исклучиво со бегалци од Варна. Овој кварт значително се разликува од другите по својата чистота, а делумно и урбанизам, што се должи на фактот дека овие бегалци се граѓани кои при протерувањето добија богат надомест за оставениот имот во Бугарија. Воопшто квартовите, во кои живеат бегалци од Бугарија, не само во Солун, но и во други македонски градови, се одликуваат со некоја благосостојба, што се должи освен на истакнатата околност уште и на повисокото културно ниво на кое се наоѓаат Грците во Бугарија во споредба со Грците од Мала-Азија и особено од кавказките земји. Непосредно на север од Солун, на север од цитаделата бегалските населби не се формираа поради извонредно планинскиот терен, непогоден за еднотипните бегалски куќи. Бегалските населби можат да се најдат повторно на југоисток од градот. Тука се квартовите Тумба и Ано Тумба, во кои и до денес, 13 години после доаѓањето на бегалците, се живее не во куќи, туку во бараки од лим, штици и дури од картон направени од англофранцуските војници за време на војната. Покривите од ламарина на напуштените ровови околу Солун широко се користени за изградба на "продавници", кои едвај собираат неколку килограми стока, продавачот и еден клиент. Сосема друг карактер имаат новите населби меѓу "Белата кула", позната и до денес по името Крвавата кула, и носот Мал Карабурун. Тие се појавија уште пред војните како населби, кои се состојат од вили на богати солунчани кои пред Балканската војна ја зеле во свои раце трговијата во целата Македонија, Косово, Албанија и Епир, воопшто трговијата во некогашната Европска Турција на запад од Места. По војната поради новоисцртаните политички граници кои отсекоа голем дел од заднина на Солун, богатите трговци од овој град или се иселија или пак западнаа во немаштија, па квартовите на југоисток од ѕидините не само што не можеа да го зачуваат карактерот на предградие од вили, но се претворија во обични селски населби, во кои овде-онде се гледа по некоја вила од почетокот на нашиот век, со испопаѓана фасада и отворени прозорци. Помеѓу нив само вилата на Алатини, поради тоа што е претворена во сиропиталиште, има угледен изглед. Но сепак, генерално, овие населби имаат по прифатлив изглед. Дури квартот Каламарија, кај кавалериските казарми изградени врз носот Мал Карабурун, има изглед на формираните работнички квартови во големите европски градови, со таа разлика што во Каламарија сè е повеќе минијатурно и главно повеќе нечисто. До овој кварт вклучително населената површина претставува едно цело, кои стои во тесна врска со стариот Солун. Затоа тој се протега денес оттука до крајните населби по патот за Ениџе-Вардар на околу 12 километри. Покрај тивкиот Солунски залив се простира денес еден безграничен агломерат од шаховидно наредени градби кои само во центарот имаат градски изглед, но кои, наспроти тоа, се нарекува град Солун. Тој има модерна градска физиономија само во центарот, изграден на местото на опожарените за време на војната населби. Но и тука е затоа тивко, како во малите провинциски гратчиња. Уште стемнето - не стемнето замира речиси секаков живот, а кон девет часот вечерта веќе јасно одекнуваат стапките на закаснатите граѓани. Тоа не треба да му се гледа на никого чудно ако се знае мизеријата, во која тоне населението на овој несреќен град кој денес само по име е таков, но во кој во сущност, токму како во големите села, секое маало живее свој засебен мирен живот. Во такви пропаднати градови обично се внесува извесна живост во пазарен ден. Во Солун, сепак и тоа не се случува, и тоа од неколку причини. Пред сè многу близина околу Солун се наоѓаат градови и големи села кои ги исполнуваат одлично градските функции поради предприемчивоста на грчкиот трговец, кој не чека клиент да му дојде на нозе, туку сам оди кај него. И затоа во сите поголеми села околу Солун има продавници кои се во состојба да достават на селаните речиси сè, од она што им треба, па ретко е потребно тој да отиде дури во големиот град. За да не доаѓаат селаните на пазар во Солун придонесува и силно развиената амбулантна трговија. Со најразлични стоки - риба, газ, сол, праматерија и др., натоварени на магаре, мазга или коњ, а напати дури и на грб, сноваат од село на село трговци кои ги прават меѓуселските патишта многу живи отколку се тие... Други пак одат од село на село да собираат вишокот од земјоделското производство, така што и во овој поглед станува излишно селаните да одат на пазар во Солун. Овој град загуби, според тоа, во две односи. Загуби пред се својот голем хинтерланд, со кој вртеше големопродажба, загуби освен тоа и значењето како локален градски центар. Сето ова ниту најмалку не се конпензира од доаѓањето на голем број бегалци, една маса од бедни без потрошувачка способност.“ Ваквите политички и економски услови набрзо ќе предизвикаат рекација на угнетеното население, поради што републиканската влада на Атина на 1 мај 1924 год. ќе ја изведе војската на улица Сепак борбата на работниците во Егејска Македонија за економски, социјални, политички и национални права се повеќе се разгоруваше. Во поголемите градови на Егејска Македонија, како во Солун, Кавала, Драма, Серес, Воден, Негуш и Бер, работниците стапуваа во штрајкови и тарифни акции, борејќи се против бездушната експлоатација и угнетувањето.
|