Среда, 23 Ноември 2016   
Градовете на Приморска Македонија меѓу двете светски војни - Лагадина

Tihomir Karanfilov-001

Тихомир Каранфилов

Вековната грчко-македонска борба која се заостри по Берлинскиот конгрес, кога се објави Македонија за некаква неопределена земја со мешано славјанско-грчко-турско-арумунско население, особено дојде до израз по Балканските и Првата светска војна, кога поделбата на Македонија беше санкционирана.  Грчките власти користејќи ги антагонизмите меѓу големите сили и аспирациите на соседните балкански земји, преку договори за размена на население со Бугарија и Турција протераа голем дел од Македонците од Егејскиот дел на Македонија (Приморска Македонија) која ја окупира Грција, а на нивно место насели Грци од приморските градови на Бугарија, Мала Азија и Кавказ.

Во статијата „Градовете на Приморска Македонија“ објавена во 1936 година во „Македонски Преглед“ („Македонски Прегледъ“, година X, книга 3-4, София, 1936), авторот Димитар Атанасов ни ја опишува состојбата во македонските градови настаната по колонизацијата на Егејскиот дел на Македонија.

Во својот осврт за градот Лагадина или Лагадин, кој се наоѓа во Солунскиот округ, во средиштето на Лагадинското поле, на север од Лагаинското езеро и 20 км североисточно од Солун, тој ќе го напише  следното:

„Најблискиот град до Солун, кој и најмногу придонесува за стеснувањето на пазарниот дострел е гратчето Лагадина, која е единствено од сите градови, кои ќе ги разгледаме, бидејќи не е опаднал видливо, како Солун. Од овој град до Лагадина се оди по еден 18 километри долг пат, доста добро одржуван и секогаш прометен од патнички и товарни автомобили. Помеѓу градот и реката Богданска, од лева страна на патот е уреден еден прилично обширен парк, нешто што сосем недостасува во Солун. Во последниот нема ниту една петно зеленило, ниту една градина, иако има население речиси колку Софија. Солунската општина, претрупана со грижи околу сместување на бегалците, не можела да оддели ниту денар за урбанизирање на градот.

Во споредба со главниот град Лагадина прави многу подобар впечаток. Кога ќе се помине покрај малите но уредни модерни куќи кај паркот, се влегува директно во пазарот, кој се состои од прилично долги паралелни улици, во кои покрај новите градби се задржаа и доста од старите згради, на два ката, со еркери и со дуќан на улицата. Бакалниците и занаетчиските работилници се наредени една до друга и се постојано живи. Потивки се северните населби, кои се состојат исклучиво од стари турски куќи, добро оддржани и населени не од Турци, од кои денес нема ниту трага не само во тоа гратче, но и во целата Македонија под грчка власт, туку од бегалци од Мала Азија кои зборуваат турски. Тие се премногу слични на караманлиите во Солун.

Турците кои пред Балканските војни броеле 550 лица, се иселиле сите, а на нивно место се населиле повеќе од 1500 бегалци. Бидејќи не можела тие да бидат сместени сите во испразнетите турски куќи, на 3 километри северозападно од градот бил изграден еден специјален бегалски кварт кој само номинално е составен дел од градот, но кој во суштина претставува една сосема одделна населба на жителите на кои им било доделено земјиште од северниот дел на земјата од градот Лагадина. На местото на жителите на старото, прилично големо (500 лица жители) турско село Саријер, кои се иселија во 1924 година, биле населени уште истата година бегалци, кои го преименувале селото во Хрисавги. Сепак, тие набрзо го напуштиле и се населиле во бегалскиот кварт на Лагадина, каде всушност имало доволно место поради големата површина земја. Релативно големата благосостојба на овој кварт, го издвојува како големо одделно село, а истото така и присуството на бројни големи села во непосредна близина со градот му овозможиле на последниот да зачува едно прилично цврсто занаетчиско јадро.

Се чини дека за зачувување на благосостојбата на овој град придонесува доста и блискиот минерален извор, при кој единствено во целата Македонија под грчка власт има изградени модерни бањи, посетувани летно време од бројни гости претежно од Солун и градовите на запад од Солун. Од источна Македонија повеќе одат на Нигритските бањи кои не се така уредени. Лагадинската бања се наоѓаат на 3 километри од градот, во југоисточна насока, кон Лагадинското езеро, цело обраснато по брегот со трска. Околу модерно изградената бања сега се уредува голем парк кој ќе треба да ја разбие големата монотониа на пејзажот. За туристите во градот се изградени неколку хотели и приватни вили. Убаво е уреден и патот, кој води од градот до бањите.

Лагадина денес брои заедно со новото бегалско село, .. околу 6,200 лица жители, од кои околу 4,900 се паѓаат на самото градче кое кон крајот на минатиот век е имало според В. К’нчев (Македонија, етнографија и статистика, 1900 год., стр. 169) само 2,425 лица жители. Од нив 1,509 биле (Македонци н.з.), кои уште на времето се погрчувале, а денес само старите луѓе разбираат по некоја збор (македонски)...“

Инаку, се смета дека името на населбата, која до крајот на XIX  и почетокот на XX век била чисто македонска населба, потекнува од старославјанскиот поим „лѫгъ“ (лонг), кој означува влажно шумовито место.  Според „Етнографијата на вилаетите Андријанопол, Монастир и Салоника“ во 1873 година во Лагадина имало 150 домаќинства со 614 жители, од кои 493 Македонци и 121 жители Муслимани (Турци). Според Етнографијата и статистика на Македонија од В. К’нчев од 1900 година, освен 1509 (Македонци - н.з.) христијани, во Лагадина живееле 525 Турци, 15 Евреи и 250 Роми. Меѓутоа, македонското население било изложено на погрчување, најмногу со бракови со грчки жени од селата околу Бешичкото езеро, па населението било двојазично. Дека грчката пропаганда била исклучиво силна во ова населено место сведочи фактот што тоа имало две грчки училишта.

Сепак, според укажувањата на професорката Анастасија Каракасиду, кон крајот на османското владеење Лагадина била претежно „славјанофонско“ место. Но, состојбите во ова место и околината се менуваат со доаѓањето на бегалците. За состојбите во околните села и Лагадина, Атанасов вели:

„He само што Лагадина напредува, поради истакнатите околности, туку и селата во Лагадинската котлина, покриена со извонредна плодна почва. Денес целата месност е прилично густо населена и наспроти тоа не е пренаселена, што се гледа од релативно голема благосостојба на селата. Во нив типичните бегалски куќи изградени набрзина после доаѓањето на бегалците, брзо се заменуваат со солидни еднокатни, а напати и двокатни градби. Контрастот меѓу новите квартови на Солун и овие села е вонредно голем и се должи на посебниот карактер на индустриските култури. Тие бараат долготрајна работа на полето, по  кое даваат голем доход. додека нивната преработка во градот трае кратко време и се плаќа со многу ниска надница.

Пред Балканската војна немаше голема разлика во населеноста на планинските делови околу Лагадинската котлина. Високо на Круша-планина се наоѓаа, и во нај пресечените делови, бројни турски маала, додека, обратно, селата во котлината беа мали чифлици. По иселувањето на Турците, по маалите високо во Круша не остана никакво население, тие опустеа, а заедно со тоа запустеа и оскудните ниви околу овие маала. Куќите во нив камен по камен се рушат, покривите одамна се пропаднати, вратите и прозорците - распаднати, дворовете - запуштени. Само овде-онде по заравнети места повеќе скромни бегалци изградиле нов дом. Спротивно, во селата во котлината населението се зголеми двојно и тројно, а целото обработливо земјиште се обработува, бидејќи дека денес контрастот помеѓу полето и планината е вонредн голема. Тој се должи на етничната промена од една страна (новодојдените од Мала-Азија малку се занимават со сточарство и Kруша-планина малку ги привлекува) и на променетиот земјоделско-стопански систем од друга страна. Садењето на житарици заостана и направи место на индустриските култури, за кои полето е многу по пригодно. Токму овој новопојавен контраст помеѓу полето и планината, на крајот на краиштата, условува напредување на Лагадина кој во последно време се јавува како пазарен центар за населбите во котлината, но не и во планината.

Следствено, спротивно на она што се забележува во Солун, самата Лагадина го задржа својот стар предвоен тип и особено својата стара фазиономија поради одделувањето на новата бегалска маала сосема на страна од градот, додека во околината станаа многу големи промени, изразувајќи се главно во намалувањето на колибарските населби и промените на чифлигарските населби со свој специфичен тип и специфична физиономија во концизни села.“

Како се менувал етничкиот карактер на македонски град Лагадина кој со Букурешкиот договор во 1913 г. Лагадина е припоена кон грчката држава, можеме да проследине од следните податоци. Во 1913 година населбата имала 2.500 жители. Во 1920 година населението се накачило на 3.327 жители поради сместување на доселенички семејства. Во 1924 година малубројните преостанати Турци се иселиле во Турција според Лозанскиот договор, а на нивно место грчките власти довеле уште 2.040 Грци доселеници. Во 1928 година Лагадина е заведена како паланка со 5.152 жители, од кои 2.193 (568 семејства) биле доселеници.  За време на Втората светска војна, германскиот окупатор ги ликвидирал сите 200 Евреи од Лагадина, кои се занимавале претежно со трговија. Во текот на Граѓанската војна во Грција (1946 - 1949) доаѓа до зголемувањето на населението, но потоа тие се вратиле во родните места.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.