Среда, 14 Декември 2016   
Манастирот „Св. Богородица – Трескавец“ (1)

Tihomir Karanfilov-001

Тихомир Каранфилов

Манастирот Св. Богородица – Трескавец е значаен духовен центар на Македонската православна црква - Охридската архиепископија. Тој се наоѓа на 10 км од Прилеп, на 1.280 метри надморска височина, меѓу карпите на Златоврв и до него се доаѓа со пешачење по козји кривулести патеки. Тој е најубавиот и најскриениот манастир во Македонија. Во рамките на манастирот се наоѓа црквата  „Успение на Пресвета Богородица“, а има свои конаци и трпезарија. Погледот од манстирот дава прекрасна слика на околните планини и Пелагонија.

Податоци за изградбата на овој манастир не се зачувани. Од манастирот се изгорени или изнесени товари книги и ракописи од непроценливо значење.  Единствен извор кој упатува за неговото постоење се Трескавечките повелби на Цар Душан, во кои е истакнато дека манастирот бил под јурисдикција на Охридската архиепископија, а во него било практикувано источноправославното монаштво под заштита на византиските владетели. Споменувањето на Душановите претходници, освен во повелбите, е зачувано и во натписот над влезната манастирска врата. Како дарител на манастирот се споменува и српскиот Стефан Урош II Милутин, а подоцна царот Душан и неговиот син Стефан Урош V. Датирањето на манастирот од почетокот на XIII век се поткрепува врз основа на архитектонската конструкција на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, која е доградувана во неколку фази.

Во својата книга .„Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), авторот Георги Трајчев за манастирот Трескавец ќе го забележи следното:

„Големо значење има „Трескавец“ за Прилепчани. Охриѓани го имаат својот св. Климент, Прилепчани – својот „Трескавец“. Охриѓани се колнат во името на Св. Климент, Прилепчани – во името на Богородица – „Трескавец“. Ете зошто, прилепчани, најмногу го милуваат тој манастир, најмногу го посетуваат. Иако и патот е мачен и страшен, најголема грижа полагале за негово уредување. И за свој долг прилепчанецот сметал да го однесе и својот гостин - странец до манастирот „Трескавец“ за да го види и тој да се поклони  на таа светина со која се гордее пред блиски и далечни лица. Ете зошто Прилепчани водеа очајна борба во последните години со турскиот режим, со Хилми пашината политика, која имаше за девиза „раздели па владеј“, која го одзеде манастирот од Егзархистите и го даде на србоманите. За истата цел, по Хуриетот, прилепчани се кренаа до еден – мало и големо, машко и женско и поведоа формален војна со стражата на обезбедуваното манастирско сено во Дабничко поле и требаше да пристигне едно одделение коњаници за да стави крај на борбата. И кога власта ги поведе стотина мажи и жени, тешко можеше да ја смири разбрануваната многоилјадна  толпа, која хулеше и му се потсмеваше на турскиот „лажен-хуриет“.  Власта предвреме убедена во својот науспех во таа борба со фанатазираната толпа, која што ги повредила стражарите и коњите, даде наредба за ослободивање на арестуваните и вети дека нема да бидат казнети.

„Трескавец“ е оддалечен два часа од Прилеп, во карпите Златоврв. Патот води покрај касарните и зема северна насока за да се стигне до село Дабница. До тука патот трае 1 час и е равен. Почнува угорницата, која оди низ криви козји патеки под надвиснати карпи и камења, кои секој час и минута можат да паднат врз патникот и да го преобразат во смачкан лист. Погледнеш пред себе и гледаш заканувачки камења, се свртиш назад – страв те обзема од гледката, гледајќи ги патниците качени еден врз друг. Со мали одмори  ... се стига до манастирската чешма „Пазојца“, од каде се чуствува манастирската атмосфера. Уште четврт час пат се стига во манастирот. До манастирот се патува пеш или со коњ. И друг пат води за манастирот. Тој  минува низ селото Варош и врти зад „Маркови кули“, но е многу по недостапен. На разни места по патот се забележуваат слики на светии по изделканите карпи. Иако патувањето е тешко, патникот не се чуствува уморен. Кога ќе стигне во манастирот, уморот бргу се губи пред мислата дека човекот најпосле стигнал до небесните висини. Каде воздухот не само што се дише, туку просто се „лапа“, поради својата леснотија и чистота, иако на околу нема ниту едно растение, ниту една тревка. Уште не стигнати до манастирските врати, се разнесуваат громогласните мелодични звуци на камбаните во чест на посетителите.

Од „Трескавец“ се гледаат на околу високите врвови на Шар, Пелистер, Бигла, а Прилепското и Битолското поле изгледаат како тепсии, сложени една до друга. Се гледаат сите градски и селски патишта и мноштвото села и кули распрснати низ околијата.Особено величанствена е гледтката изутрина, при изгревање на сонцето, кога првите сончеви зраци ја добиваат својата рефлексија од стаклата на градот Крушево, која се доловува како на екран од трескавечките височини. Уште поубава глетка се утрата во раната есен кога под целото подножје на „Трескавец“   се движи полегната магла како бранови во морето - тогаш Прилепското поле дава илузија на море. Низ големата двокрилна врата се влегува во манастирскиот двор насред кој се шири великолепна стара црква. Таа е долга 34 метра, а широка 24. Зидана е од камен и тули, а покриена со плочи. На покривот стрчат три кубиња. Двете помали се понапред, а третото, најголемо, се наоѓа во средината. На северната страна, од кај олтарот, е созидана плоча со следниот натпис: „ ... месеца генар оуспе раб Бе Да Би жив енохніарх цара Оуроша...“. Црквата во манастирот „Трескавец“ е изградена во три различни периоди. Првоначалната зграда била без нартекс. Изградена е од камен, но дугите на надворешните арки, како и куполата се изградени од тули. Црквата е еднокорабна куполна со предапсидно и предкуполно пространство. Во вториот период на изградба, носот и бил издолжен кон запад со еден квадрат на кој стоела ниска округла купола. Тој квадрат се поврзувал со две странични одделениа. Јужното било параклис. Пред него друго мало квадратно одделение  има два приода, кон две странични квадратни одделениа, над кои има куполи. Тие новододадени делови на црквата го обрзазувале нартексот. Во третиот период била додадена на запад и север  широка галерија. За датата на црквата  всушност немаме никакви показатели, вели Мавродиев, но од грамотата на Душана од 1336 година ((-в, Ибид, стр. 67) дознаваме дека манастирот суштествувал во бугарско време. Еден доказ дека не секогаш историските дати се согласуваат со архитектурната епоха. Загатка значи. Над средниот дел  на храмот е издигнато големо кубе, а другите две помали кубиња – над притворот во аглите. Црквата е ниска темна и речиси цела испишана со живопис. Од северната страна е изградено во црквата едно одделение и по стариот обичај достига до половината од црковната должина. Такво одделение е изградено и од јужната страна  но тоа ја стигнува целата должина на црквата. Главниот црковен корпус е заобиколен од југ и запад со ниска галерија. Надворешната страна на галеријата, со фасадата на црквата е изградена со делкани камења, припаѓајќи сигурно на христијанската епоха на некои пагански споменик, Исто така, жртвеникот и престолот се остатоци од паганска епоха, со корнизи од страните и со грчки убави натписи. На престолниот камен се чита: „ година 260. Флавија Ника, Никандрова (ќерка). Аполону Етердиниску. Завет. Надписот над жртвеникот гласи: „Аполону Отеврану Т. Флавиј Антигонов син“. Годината на првиот натпис соодвествува на 53 година преф Рождеството Христово. Тие како подобни големи делкани камења не можат да се пренесуваа од друго место. Треба да претпоставиме, дека тука на истото манастирско место било во паганско време светилиште на Аполон (Антонин. Ибид. Стр. 333 )

Во притворот на десно имало слика во цел раст, од која останала само круната, венецот и грчкиот натпис кој гласеше: „Стефан во Христа Бога верни крал и самодржец ...“ (Антонин, ибид, 1335). Темплото е во теменцвет украсен со убава резба отсликувајќи светии, змејови, елени, птици и др. Во црквата се наоѓа складиште каде стоеле прибрани во сандаци хрисовули, ракописи и др. книги. Сите повредни книги биле однесени. Арх. Антонин ги нашол само следните книги: 1. Слова свјатих отца. На хартија од 1468 г. 2. Минеи од м. Март – ракопис од 1712 година.         

Црквата е добро зачувана распределена на 5 одделениа. На места има втор, а дури и трет живопис. Горе, по сводот, насликан е Бог Саваот со многу ангели... Светата врата и иконостатсот се убаво резбарско дело. Исто така, убаво резбарско дело се и двата стола од десната страна на храмот.       

Околу црквата се манастирските згради. До главната манастирска врата е игуменовата одаја, маѓерницата (манастирска кујна) со трпезаријата, чардаците за гости и камбанаријата. Најстарата зграда е трпезаријата, во која се наоѓа камена трпеза, со камени столови наоколу, каде се хранеле голем број калуѓери. Чардаците се двокатни згради со повеќе од 60 големи и добро уредени соби за гости. Во февруари 1866 година  изгореле сите манастирски згради со исклучок на јужното крило (трпезаријата). Следната година (1867) на помош доаѓаат еснафите и  населението и за кратко време ги издигаат денешните двокатни згради. Еве го списокот на еснафите кои градат одаи со собствени средства, како што пишува на надписите не вратите: 1. самарџиски (1867), казанџиски  (1867), 3. терзиски (1867), 4 ќурчиски (1867), 5. Кантарџиски и демирџијски (1869), 6 папуџиски (1868), 7 кафеџиски (1869), 8. бакалски (1869), 9. Жителите од Кадино село (1869), 10. Анџиски, механџиски и ракиџиски (1870), 11. Од жителите на село Беловодица (1870). 12 дрварски (1870), халачки (1871), 14. Од селаните на Сенокос (1871).

Надвор од манастирската зграда се забележуваат пештери по карпестата околина, кои служеле за прибежиште на некогашните испосници – калуѓери. Денес во нив останале само по некоја икона и ништо друго. Освен суштинските манастирски згради, во старо време манастирот бил утврден и со одделна тврдина, чии остатоци уште се забележуваат во околината, по насока кон „Златоврв“. Во областа на крепоста се забележуваат места со остатоци од камени згради, од кои се забележват  низ недостапните канари. Низ тие згради живееле монаси.

Денес манастирската библиотека е во тажна состојба (1912), во споредба со она богаство што чувала во минатото: книги пишувани на кожа и разни царски хрисовули. Голем дел од тоа книжевно богаство е однесено од разни страски патештвеници, кои го посетувале манастирот и кои за некакви скромни дарови (ако имало такви) земале, односно, ги краделе најценетите вредности, како што е случајот со исчезнувањето на хрисовулите кои се наоѓаат во Белградската народна библиотека.. Тој грабеж од учените посетители е еднакво на вандализам. До скоро во библиотеката се гледаа собрани во еден сандак: 11 целокупни ракописи на хартија (4 минеи, 2 евангелија, еден требник, две поученија, еден апостол и две беседи на св. Јован Златоус и многу други делови од некогашни книги). Една од книги е и евангелието најдено во село Тројкрсти од  XVI век. Тоа е ракописно, целосно четвороевангелие. Писмото е многу убаво; формата е просечна. На почетокот има содржина, а на крајот има .. многу таблици за сметање и месецослов. На првата корица, шишувано со друга рака има следна белешка: „Помени господи доуше раб свој: Неда, Сојан, Цветко, Калина, Петко, Јован. Целата книга евангелија ја преповеза иеромонах Нектариј од село Ложани (денешно Лажани), а арч плати Неда Копровица и за Евангелие и за октоих. Бог да прости во царство небесно амин лето ... (1690). Тогаш го разби Халил паша со војска Скопје и Качаник, исече скопска нахија. Тогаш беше тешко зло и скапија (Д-р Јован хаџи Василиевик, Прилеп и неговата околина). “

Освен стари ракописи во библиотеката се сретнуваат такви и од поново време (XIX век). Сите тие ракописи се дело на учениците од манастирската школа, која полагала големи грижи за да се препишат цели црковно-службените книги. Некогаш ракописите биле многубројни. Тука Григорович (1845 г.) видел три Хрисовули од Ст. Душан (1353 г.) на пергамент, долг 15 вершка (палци – н.з.); втор – нез почеток и крај на паргамент, 7 вер. И трет без години од Стефан, каде се повторуваа селата и додава други, на пергамент еден аршин и 11 вер. По црковните тавани, тронови и по олтарите имало натрупано многу купишта од ракописни книги. Владиката турко Герасим заповедал тие книги да се соберат и изгорат зошто како свештени било греота да се тркалаат. Служителите цели две недели ја палеле манастирската фурна со нив. Освен тоа секој конзул или патешественик бил слободен да подигне книги колку што сака. Учителот Јордан хаџи Константинов – Џинот подигнал од нив неколку товари и ги испратил некаде низ Србија (Еничерев, Възпоминания и белешки, 1905 г.) Еничерев говори и за манастирски поменик во кој биле запишани со убави и читлив ракопис имињата на манстирските дарители. Важноста на поменик била што тој датира од пред идењето на Турците, носи бележки за секој град или село на дарители и дека во него се напишани имињата на старославјански....“

Во својата книга авторот Г. Трајчев за манастирот Трескавец ни дава и други информации непознати на пошироката јавност, а кои ние ќе ги проследиме.

продолжува

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.