Среда, 21 Декември 2016   
Манастирот „Св. Богородица – Трескавец“ (2)

Tihomir Karanfilov-001

Тихомир Каранфилов

Црквата во манастирот Трескавец е посветена на Успението на Пресвета Богородица. Таа е еднокорабна градба, со тристрана олтарска апсида на исток и бочни капели, изградена во почетокот на XIII век на остатоците на ранохристијанаки храм, кој во XIV век бил обновен и даруван од српскиот Стефан Урош II Милутин. Цар Душан станал ктитор на манастирот после победата над Византија во 1334 година. Податоците за изградбата на средновековниот манастир со црквата „Успение на Пресвета Богородица“, за жал, не се зачувани. Единствен извор за неговото постоење од првата половина на XIII век се Трескавечките повелби на Цар Душан, во кои е истакнато дека Трескавец бил под јурисдикција на Охридската архиепископија. Како дарител на манастирот се споменува и српскиот Стефан Урош II Милутин, а подоцна царот Душан и неговиот син Стефан Урош V. Датирањето на манастирот од почетокот на XIII век се поткрепува и врз основа на архитектонската конструкција на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, која е доградувана во неколку фази.

Писмените извори од средновековието и од османлискиот период говорат дека манастирот имал големо регионално значење како култно седиште. Традицијата да се оди на поклонение на манастирот за да се бара застапништво од Св. Богородица всушност и никогаш не била прекината. Еден од позначјаните извори е и Трескавечкиот кодик од XVI-XVIII век во којшто се запишувани имињата на сите гости и нивните дарови коишто ги оставале не само за време на празниците Посетителите во Кодикот се означени како гости кои му припаѓале на одреден еснаф или на етничка група, а кои доаѓале од различни блиски или подалечни места. Забележан е и податокот дека и нехристијанското население го дарувало манастирот што претставува само потврда за силата на култот на Св. Богородица кај населението во овој предел.

manastir-treskavec

Во својата книга .„Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), авторот Георги Трајчев, како прилепчанец, кој го посетувал манастирот Трескавец од дество, а подоцна го набљудувал и изучувал ќе го забележи и следното:

„Еничерев говори и за манастирски поменик во кој биле запишани со убави и читлив ракопис имињата на манстирските дарители. Важноста на поменикот била што тој датира од пред идењето на Турците, носи бележки за секој град или село на дарители и дека во него се напишани имињата на старославјански кој веќе излезе од употреба во земјата. Такви се:  Богојче, Божик, В’лче, Гурко, Доклета, Којче, Кремче, Куте, Рајко, Рале, Столе, Безцена, Бера, Богдана, Богослава, Божка, Бежана, Белка, Вида, Влада, Грдана, Дабка, Деда, Добра, Добрена, Душа, Душмана, Девка, Дејана, Ерита, Жуда, Јаглика, Јадра, Калина, Ласка, Лоза, Пена, Рада, Романа, Ружа, Руска, Стана, Стена и др. (А.П. Стоилов, Трескавечкиот манастир) 

Во белешките има такви: „од град Прилеп„, потоа пак „од турски град“, понатака „од турски град или Прилеп“, а подоцна од град Прилеп еден доказ, дека стариот град Прилеп бил разрушен од Турците, кои основале нов град наречен „турски град“, а подоцна се возобновува старото име – Прилеп. Се чува уште и „словото“ кое е почеток на празникот на храмот, напишано со големи букви на дебела книга на современ прилепски говор. Тоа било пишано пред 100 години. Манастирот поседувал и турски ферман даден од султанот Бајазид, со кој се потврдувале старите привилегии на манастирот...

Образец од словото, кое се говори на празникот на манастирот Успение Богородично. Словото е напишано во 1833 година. Еве неколку реда од почетокот и крајот: „ ... Братие моја, како имаме денеска торжествен празник, Успение Пресветија Богородица, на денешен ден си христијани празднуеме светли и радостни празник и се веселиме и се радуеме, али мислите сите слушатели мои, али да дојт некој неверец да ни питат; како се радуете на овај праздник и се веселите .. Каков одговор би му дале? Ето, братие, моја голема мартирија и како нечуват светаја Богородица, и ние требат братие моја, непрестано да се молиме на Пресветаја Богородица да ни чуват од всјакија беди и напасти и да ни дарует благаја земнаја и царство небесное во всеки амин. Сего светаго манастира Успение Пресветие Богородици Златоврв, 1833, ап 18 ... манастир Трескавец (срв. Сб. Н. У. К. 16 – 17. 493 - 495) – Иванов ибид 70.

Судејќи по писмените паметници манастирот во далечното минато имал голем имот. Во последно време тој поседуваше: метох во Прилеп, два чифлика во селата Дабница, Дупјачани, Воѓани и Небрегово. Поседуваше уште лозја и ливади и останатиот имот даваше годишен приход околу 1000 турски лири. За време на “ослободителната“ војна (од Турците – н.з) манастирот купи уште еден чифлик во село Заград за 400 лири.

За време на српското владеење со Прилеп, Стефан Душан издал хрисовула на манастирот во кои се наброени дарувањата што ги дава на манастирот (1336 - 1345). Во Народната библиотека Бр. 425 се чува препис од преписот на хрисовулата, даден од Ст. Душан на манастирот „Трескавец“.  Преписот бил направен од Христо Хаџи Константинович, на инсистирање на игуменот Тимотеј ... А од тој препис во декември 1871 г. бил направен друг препис од П. Т. Мусевич во Битола (Опис ибид, по реден Бр. 397). Со паѓањето на Прилеп под турска власт се губат и спомените за Трескавичкиот манастир, кој по секоја веројатност преживеал црни денови. Никакви пишани споменици немаме за тие денови. Според преданието се говори дека во манастирот имало многу калуѓери (300). Во тоа време дошла во тој крај и царицата (султанка) Кала Мара (Тамара, сестра на последниот Трновски цар Шишман), жена на султанот Мурат. Мара ја зачувала христијанската вера и посакала да се причести во тој манастир. Друго предание говори дека таа посакала да се покалуѓери. Пратила од своите луѓе да му јават на владиката за желбата... Владиката и калуѓерите не дозволиле ...,  бидејќи била турска жена. Разгневена Мара заповедала да се убиат калуѓерите, а владиката кога видел дека е изоставен од секаде (никој не го прибирал), решил да ја прими мухамеданската вера. Од крвта на искланите калуѓери излегол еден земј (ѕвер). И така манастирот останал (запуштен – н.з) цели 160 години. Потоа се нажалил Бог, па пуштил гром од небото, кој удрил насред големото кубе во црквата и го убил змејот. Долго време никој не разбрал за убиството на ѕверот. Еден ден се наближиле овчари до манастирот. Случајно едно од овчарските кучиња влегло во манастирот и кога се вратило муцката му била окрвавена. Овчарите се посомневале и кога влегле во манастирот го нашле змејот убиен. Тие први му соопштиле на населението за убиството на змејот. След тоа народот почнал да приоѓа, го исчистил манастирот и тој одново се отвори. Од тогаш манастирот почнал да се вика „Трескавец“. Населението во прилепско за грмежот вели „тресна“. До тој момент цела таа планинска област се нарекувала „Злато врв“, а по овој настан „Злато врв“ се нарекува само највисокиот врв на таа карпеста област. Така стои околу прашањето со манастирот под турскиот режим, според народните преданија. Но, со оглед на манастирската библиотека, живописот, надписите и белешките, во манастирот кипел живот во текот на целиот XVI и XVII век. Подоцна кога почнуваат албанските напади на тој крај изгледа дека замрел секаков живот и во манастирот. А во почетокот на XIX век почнале да се интересираат луѓето од градот и од околните села и за манастирот, за што сведочи и манастирската чешма од 1802 година, од Бомболов и други лица. Околу 1840 година се доставени и манастирските камбани. Кога почнало неговото совземање, всушност, и кога точно бил запуштен и колку траело тоа време никој не знае. Според една белешка од црковните минеи, соопштена од рускиот патешественик арх. Антонин, ... (1712) манастирот бил отворен на чело со словото Божје во почетокот на XVIII век...

Во првите години на XIX век се спомнуваат имињата на калугерите Иларион св. Горец и Игнатија. За последниот се вели дека е убиен од некој Даут (кичевски качак), кој грабнал една мома и ја однел во манастирот за да живее со неа таму. По овие калуѓери се спомнуваат Рујан од Небрегово, Трајко Белче од село Дупјачани, Саздо и Веле од село Коњари, Ангеле од село Дабница, Трајко од Лазаревци од село Присат и др. По овие мирски лица со манастирот управува свештеникот Ангеле Сламушка од Прилеп. Во 1848 година управувањето го презел поп Ристе од село Долгаец, во 1852 година го заменува поп Рајче, а потоа за игумен доаѓа хаџи Тимотеј и веќе за уредувањето и управувањето со манастирот се грижи Прилепската општина. Во тоа време во манастирот се отвора училиште, кое работело до 1870 година. Се учело црковно славјански јазик и се давала подготовка за идните свештеници од земјата. Последниот манастирски учител бил поп Ангеле Смичков од село Варош.

... Никола Генчев – Еничерев вели дека погрешно професорот Миљуков го сместува Трескавичкиот манастир во XIV век (Възпоминания и бележки). Ако Миљуков ги прегледал и натписите на престолниот камен столб на средниот олтар, кој од страната е прошаран со разни  полуизбледени фигури, како и многу други мермерни плочи зазидани наопаку, со надписот навнатре  ќе се убедеше дека сегашниот храм е ѕидан од материјал земен од урнатините на паганско светилиште, кое било посветено на Аполон. Во мое време, говори Н. Генчев, уште по манастирските тавани се тркалаа дрвени статуи. По рапределбата на храмот, изгледа дека тој е граден пред  IX век. Тоа се познава од двата параклиса, кои се залепени до средниот храм од северната и јужната страна, кои имаат свои олтари и кои со средниот храм прават една општа неразделна зграда. Освен тоа секој од храмовите има по еден притвор, разделен со ѕидови како од главниот храм, така и од параклисите. Во тие притвори се причествуваа и покрстуваа. Така распределена црквата на притвори, посебно за некрстените и причестувањето, покажува дека храмот е изграден во она старо време, кога паганите преминувале во христијанство и кога сеуште имаше пагани.“ (Еничерев, ибид, 1906).       

Голема неправда и злодела изврши турската власт кога го предаде Трескавичниот манастир во 1911 година на србоманите. Зад мотивот, дека манастирот поседувал хрисовули од Стефан Душан, па требало да го владеат србоманите, се криеше Хилми пашовата тактика: „раздели па владеј“.

Иако празникот на храмот е „Успение на Пресвета Богородица (15 август ст.ст.), соборот беше на 8 септември „Мала Богородица“, кога целиот град – мало и големо одеше во манастирот ден два порано.Таква беше судбината на манастирот до 1911 година, до предавањето на владение на србоманите. По овој настан, „жив човек“, како што вели, не стапнуваше во него. И ако продолжеше турскиот режим неминовно беше негово запуштување.“

Манастирот Трескавец во својата историја три пати страдал од катастрофални пожари. Првиот бил во 1867 година кога исгореле само конаците. Вториот се случил на 9 јануари 1990 година кога целосно изгореле конаците. Последен и трет пожар се случи на почетокот на февруари 2013 година, кога целосно изгореле манастирските конаци.

Инаку, на Трескавец се пронајдени мермерни антички споменици од III век п.н.е., посветени на боговите Аполон и Артемида. Во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ го има најстарото фрескосликарство од XIV век со исклучително уметнички и иконографски вредности, изработено од вештите зографи. Најстариот живопис во храмот, кој се однесува на хронолошкиот приказ на светителите и празниците од православниот календар, датира од 1334 до 1343 година. Во манастирот се зачувани и многу значајни уметнички творби, како дрвена врата во плитка резба, украсена со фигурални и геометриски форми, дело на прочуените резбари од Слепчанската резбарска школа.

Манастирот Трескавец е најпосетен за време на празниците Мала и Голема Богородица. Посетен и во останатиот период од годината, Трескавец е место со долга историја, кое Прилепчани, традиционално, многу го посетувале и во минатото и сега, а голем интерес за овој споменик на културата покажуваат и луѓе од цела Македонија, како и странци.

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.