|
|
Македонија Те вика! |
Уште колку Илиндени треба да поминат за да научат дека на веков и светов има Македонци? Уште колку востанија треба да кренеме за да признаат дека против нив војувавме за да се ослободиме од тиранијата која ни ја наметнуваа? Уште колку гробје треба да постелеме во оваа земја македонска и уште колку крвје да излееме, за да сфатат дека ниту една пропаганда нема да го уништи јазикот македонски, генот и кодот македонски? Преполно е ова парче земја со историско камење, пребогато е со датуми кои го отсликуваат непокорот на Македонецот. Зарем може некој да ги избрише од сеќавањата, од темелите, од битот кој милиони Македонци го носат ширум светот? Не успеаја во понижувањата, во негирањата, во иредентизмот во кој самите се удавија. Знае светот низ што сме поминале и низ што поминуваме. Но, истиот тој свет нема доволно чувство за праведност и рамноправност, оти се расипал, се обезличил. Ни порачуваат да се откажеме од историјата, да ја напуштиме сегашноста, да заминеме во иднината. А, има ли иднина без минато и без сегашност? Ние сме горди на Херонеја, ние сме горди на Самоила, на Кресна, на Илинденците, на Ченто ... На што се горди тие? На Букурешт, на Сан Стефано, на оската Берлин – Рим – Токио? Веројатно, оти друго немаат. Чист му е образот на Македонецот, оти не му е извалкан како на другите околу него. Чисти му се рацете, оти ги нема натопено со злокобна крв како другите. Чиста му е верата, оти ја нема откраднато и осквернавено како другите. Затоа денес Македонецот со пиетет го слави Илинден и АСНОМ, ги издигна уште еднаш на пиедесталот Великаните Гоце и Карев, Питу и Сандански, Ченто и Шатев. Македонците одамна осознаа кои му се пријателите, а кои душманите. Велат, колку лошо, толку и арно, не направија посилни, иако сакаа да не одродат, поделат и разделат. Малкумина се тие што и натаму се обидуваат да го урнат македонството во својата автентична и природна појава. Ги има и надвор, ги има и внатре. Но, одамна се поразени во своите историско-политички утопии и небулози. Ги нема во свеста на Македонецот. Тие не постојат во умот и разумот. Еве, и ние овде во Македонска нација катадневно ги отвораме архивите на минатото, за да му кажеме на натрапникот дека згрешил, дека погана работа направил, дека грев сторил. И секојдневно бројот на приврзаниците расте. Илјадници македонисти рамо до рамо со нас ја шират македонската вистина низ светот, Илјадници Македонци и поддржувачи на македонската борба за слобода и рамноправност не удостоија и не поттикнаа да продолжиме со светото дело да ја одбраниме и да ја воскреснеме Македонија. Македонци, не давајте да ве поколебаат, не дозволувајте да ве засрамат, оти нивното е за срамење. Не давајте повеќе груб збор за нас да кажат, оти калта во која заглибиле доволно кажува. Време е да го отвориме прозорецот на новата ера која доаѓа и на сите нови Македонци кои ќе дојдат на ова парче земја, да им го покажеме видикот, да им го покажеме сонцето на новата македонска ера. Македонија, Македонија Те вика! Среќен Македонски Илинден! Вечна да е Македонија!
|