Среда, 23 Октомври 2024   
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (10)

a 2

Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (10)

НЕ САКАА ДА СЕ ВИДАМ СО БОГДАНОВСКИ

Драган Богдановски е еден од најпознатите македонски политички емигранти по 1945 година и еден од основачите на ВМРО ДПМНЕ. Богдановски 30 години бил во челните редови на патриотски настроената македонска емиграција и близок пријател со браќата Јаковлевски. По неговото киднапирање и префрлањето во 1977 година од Париз во земјата од страна на припадници на СДБ, Маноил Мане Јаковлевски на почетоот безуспешно ќе се обидува да стапи во контакт со него. Во книгата „Македонија, мојот копнеж - Маноил Мане Јаковлевски“, авторот К. Кипровски бележејќи ги сеќавањата на Мане за овој период ќе напише:

„Во еден период, речиси по два-три пати годишно, доаѓав во родното село Зубовце“, се сеќава Манојил и додава: „Без исклучок, редовно бев покануван во УДБ-а. Кога во 1985 година допатував во Македонија, ме прашаа за целта на моето доаѓање. Им реков, ако нема проблем, сакам да го посетам Драган Богдановски во затвор. Беа изненадени, прашувајќи ме, дали знам кој е тој и зошто се наоѓа во затвор? „Добро го познавам“,

Им одговорив. Не ми дозволија да го видам, со кратко образложение, дека тој е политички затвореник! Инспекторот сакаше да дознае, зашто сакам да разговарам со Драган и дали планирам да го прашам, како бил уапсен? Тогаш УДБ-а ширеше пропаганда, дека Богдановски сам дошол во Југославија, за да се спаси, да не биде убиен во странство. Всушност, располагавме со точни информации, дека Драган беше киднапиран од тајните југословенски служби во Париз - Франција.

Следната, 1986 година, барањето да го посетам Богдановски повторно го актуализирав и пак ми беше одбиено. Во 1987 година, самите ме прашаа дали сакам да го посетам. Потврдно им одговорив, и следниот ден желбата ми беше исполнета. Заедно, со инспекторите Димитар Николовски и Добри Величковски, со нивен автомобил, стигнавме во затворот во Идризово, влеговме во одделот за посети. Ме оставија во чекалницата. Немаше никој. Седнав на клупата и за десетина минути, на мое големо задоволство, во придружба на инспекторите, дојде Драган. Кога ме виде, многу се израдува. Беше пријатно изненаден и возбуден. Притоа, отворено ме праша: „Како си војводо?“, па се прегрнавме пред инспекторите на УДБ-а. На масата донесоа, четири кафиња и четири јогурта. Драган одби да пие, со изговор, дека не му се пие. Величковски се напи кафе од неговиот филџан и од јогуртот, велејќи му дека во нив нема отров. Потоа, Драган ги испи и кафето и јогуртот.

Удбашите ни рекоа, дека можеме да разговараме. Драган им рече, дека во нивно присуство, не сака да разговара. Тогаш тие станаа и излегоа од просторијата. Останавме сами, а Драган ми даде сигнал да внимавам што зборувам, бидејќи просторијата е озвучена. Разговаравме за неговото киднапирање во Париз и за обични работи, се интересираше за најновите настани во дијаспората, посебно за тоа, како живеат Македонците во З. Берлин.“

ПОТРЕСНИ ЗАТВОРСКИ СВЕДОШТВА НА БОГДАНОВСКИ

Манојил Јаковлевски со горчина во гласот, говори за затворските години на Драган Богдановски, неговиот истомисленик и соборец за независна и слободна Македонија. Во книгата „Македонија, мојот копнеж - Маноил Мане Јаковлевски“, авторот ги бележи исказите на Маноил за времето кое Богдановски го поминал во затвор: 

„Кога излезе од затвор, со Богдановски се гледав често. Негираше дека доброволно дошол во Македонија, тврдејќи дека бил дрогиран и киднапиран од тајните служби на Титова Југославија. Бил поканет на гости, кај пријател во Париз. Кога пристигнал кај него, во собата се наоѓале уште три лица, кои не ги познавал. Се напиле по неколку чашки и низ разговор, се запознавале. Домаќинот, на Драган му рекол, дека непознатите се„ трговци“, кои ги познавал од порано. При крајот на ручекот, еден од „трговците“ станал, божем да оди во тоалет, неочекувано се приближил до Драган и го удрил по главата. По ударот не се сеќавал на ништо, освен на силната болка.Се разбудил во Југославија.

Подоцна дознал дека бил дрогиран, ставен во дипломатски автомобил и пренесен во Југославија. За време на целиот пат, бил во бессознание, а на

цариниците и на полицајците на границата, придружбата им го покажувала дипломатскиот пасош, со образложение дека„ амбасадорот“ спие. По пристигнувањето во Љубљана, го однеле на аеродромот Брник, од каде со специјален авион, бил донесен во Скопје. Оттука врзан со синџири, со хеликоптер, го префрлиле на Солунска Глава. Таму, подолго време бил испрашуван од група инспектори, кои секој ден се менувале. Бил испрашуван и од врвни функционери, на тогашните тајни југословенски служби. По излегувањето од затвор, Драган раскажуваше дека го испрашувал и Фрањо Херлевиќ, тогашен сојузен секретар за внатрешни работи на СФРЈ.

За текот на истрагата, Драган на Манојил, му раскажал: „При испрашувањето, користеа разни полициски методи, ме заплашуваа и ми се закануваа дека ќе ме убијат, и дека доколку не го потврдам тоа што тие ми го кажуваа, ќе следува остра казна. На судењето, ми одредија адвокат по службена должност, формално да ме брани, само да биде испочитуван законот.“, му раскажувал Драган на Манојил, кој вели дека на инспекторите постојано им говорел, дека не е виновен, дека нема никого убиено. На судењето го обвинувале, дека вршел пропаганда против Југославија и дека се залагал, Македонија да се оддели од федерацијата и да биде самостојна, суверена држава. Се знаело, дека пресудата била однапред донесена, пред одржувањето на судскиот процес, кој бил формален.

Така, завршила средбата меѓу Драган и Манојил, во затворот Идризово. По извесно време, удбашите му соопштиле, дека Богдановски од затвор ќе го пуштат порано, ако има кој да го прифати и да му обезбеди место за живеење. „ Кога се вратив во Берлин, го запознав брат ми Гојко, со понудата на челниците на УДБ- а. Без размислување, го прифати предлогот и ми рече: „ Ако Драган го пуштат порано, пред да му истече затворската казна, ние ќе му купиме стан. “По неколку месеци се вратив во Скопје и на одговорните во СВР, им реков дека понудата ќе ја прифатиме и ќе купиме стан за Драган, со што тие се согласија, но под услов, купувањето да оди преку нив. Кога дојдов следниот пат, им дадов 20.000 германски марки, што ми ги даде Гојко, и уште 15.000 германски марки мои. На брат ми му ги вратија, а мене не, ниту пак ги побарав.

Условот го исполнивме и очекувавме дека набрзо ќе биде пуштен. Сепак, ми рекоа дека не ќе можат да го ослободат, бидејќи има ново судење, за ново дело. Наводно, му нашле документи, што ги пишувал во затворот и преку некое лице, му ги испратил на Венко Марковски. Како што е познато, Марковски беше познат македонски писател, кој пребега во Бугарија, каде се декларираше како Бугарин. Им реков: „Тоа е грешка. Марковски не е предавник, дека тие го измачувале и тој сакал на еден начин да им се освети и за тоа така се однесувал, зарем за тоа треба да има судење?“ Кога ги прашав за парите и станот, ми рекоа дека одговор ќе добиеме подоцна. За разговорите што ги водев во СВР го запознав брат ми Гојко, кој беше многу лут, поради несериозниот однос на одговорните на УДБ-а. По многу неизвесности, надмудрувања и тактизирања од страна на луѓето на УДБ-а, во 1988 година, Драган беше пуштен од затвор. Тоа кај неговите соборци, пријатели, роднини и кај сите родољуби Македонци, предизвика голема радост, за што тој беше човекот, кој жртвуваше се, за остварување на илинденските идеали за слободна и самостојна Македонија“, раскажува Манојил Јаковлески.

Веднаш, по предвременото ослободување на Драган Богдановски од затворот во Идризово, во јавноста беа фабрикувани многу невистинити информации. Се знаеше, дека тие беа подготвувани во кујната на УДБ-а. Манојил се сеќава, на секоја од овие лаги.

„Речиси секој ден, во ресторанот „Ново Скопје“, ќе слушневме по некоја измислица, затоа зошто Драган бил пред времено ослободен од издржувањето на затворската казна. Наводно, дека бил болен и дека деновите на живот му биле изброени. Во Македонија, се ширеле дури и такви гласини, дека станал соработник на УДБ-а. Еднаш кога дојдов во Македонија, отидов во станот, што му го купивме во населбата Козле, кула 16 и се договоривме, да дојде со мене во Зубовце, заедно со моите другари Киро Кипроски и Стевче Матевски. Ми беше гостин, неколку дена. Тоа му беше прво излегување, по ослободувањето од затворот во Идризово. Следниот ден, заедно со новинарот Кипроски, кој го возеше мојот автомобил, го минавме во Мавровскиот туристички регион. Во хотелот „Макпетрол“ ручавме речна пастрмка, салата и колач. Се напивме црвено вино и кафе. Во разговорот што го водевме за време на ручекот, искажа големо задоволство од вкусната храна, од амбиентот и услугата. Посебно, беше задоволен од природните убавини на целиот регион и од скијачкиот центар. По многуте години поминати во затвор, уживаше во прекрасните пејзажи, кои не опкружуваа. Подоцна, прошетката ја продолживме по кружниот пат на Мавровското Езеро, минавме низ селата Ниќифорово и Леуново, и пристигнавме во Детското одморалиште „Бунец“, на брегот на Мавровското Езеро, каде му бевме гости, на директорот Нуфре Јовановски.

Меѓу другото, Драган ни зборуваше и за годините поминати во затворот. „ Тоа беа тешки години живот, посебно двете години, кога бев под истрага, во басенот „Јасен“. Со лисици врзан за железниот кревет, бев изложен на разни малтретирања и изживувања, а понекогаш бев и тепан. Не знаев кога е ден, а кога ноќ. Инспекторите ме будеа кога ќе им текнеше, рано наутро, пред мугрите или пак нешто по полноќ. Врз мене применуваа секакви методи, со цел да ме заплашат и да изнудат некакво признание. Бараа да го кажам она што тие посакуваа, односно да им потврдам, нешто што не сум го направил. Настојуваа, да ми го скршат духот и моралот. Сите мачења и притисоци, ги издржав машки. Не успеаја. Напротив, ме направија уште поцврст, непоправлив, македонски патриот и борец, кој не се откажал од самостојна и обединета Македонија, и кој ќе продолжи да се бори за неа. Храната беше ужасна. Наместо супа, ми носеа проѕирна вода; наместо зготвена храна– каша; со еден збор јадења, кои кај нас не ги даваат на свињите.“, ги пренесува Манојил, сеќавањата на неговиот драг пријатели соборец за Македонија, Драган Богдановски, за тешките затворски години.

Прошетката ја завршивме во Гостивар. Претходно во ресторанот „Солун“, се напивме кафе и се освеживме со пијалак. Во меѓувреме, келнерот на Манојил му соопшти, дека на телефон го бара вајарот Томе Серафимовски, тогашен директор на Центарот за култура во Гостивар. По некоја минута Манојил се врати и ни рече дека Томе не кани, да одиме на гости кај него. За време на разговорот, Манојил го предупредил, дека не е добро со Богдановски да одиме на гости кај него, бидејќи може да има проблеми со власта. На тоа, тој му одоговрил: „Мане, твојот гостин, е и мој гостин“. Инаку, Томе Серафимовски, родум од Зубовце, подоцна беше избран за академик на МАНУ.

Сите тројца, отидовме во куќата на Серафимовски, која беше оддалечена, педесетина метри од ресторанот. Убаво не пречека. Во пријатен разговор, времето брзо ни помина. Кај него останавме до полноќ. По два-три дена, Томе го известил Манојил, дека го посетиле инспектори на УДБ-а од Гостивар и се интересирале за целта на посетата и за содржината на разговорите. Тој им рекол, дека со Драган се познавал од времето кога престојувал во Париз и сакал да се види и да ги обноват спомените од тоа време. Посетата на инспекторите кај Томе и нивното интересирање за тоа што се разговарало, најдобро говори дека Драган Богдановски, бил следен од безбедностите служби и по неговото излегување од затвор. За цело време, бил под нивното будно око.

(продолжува)

Целата книга: https://drive.google.com/file/

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.