|
|
СПОРЕД ВАВИЛОНСКИ НАТПИС ОД 4 ВЕК ПРЕД ХРИСТА ИМЕТО НА НАЈГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ ЦАР БИЛО „АЛЕКСАНДАР“, А НЕ „АЛЕКСАНДРОС“ КАКО ШТО ТВРДАТ ГРЦИТЕ! |
Александар ДОНСКИ
(ВТОР ДЕЛ) Но, зошто античките хеленски автори ги хеленизирале сите странски зборови (лични имиња, топоними и сл.)? Најнапред ќе кажеме дека ваква состојба е забележана и кај други автори, кои биле припадници на разни народи. Секој од нив си ги транскрибирал имињата и останатите зборови од туѓите народи според јазичните норми на сопствениот јазик. Па, зошто така се постапувало? Одговорот на ова прашање лежи во тоа што тогашните хеленски автори (со ретки исклучоци), воопшто не се труделе (а ниту можеле секогаш) правилно да ги запишуваат оригиналните имиња и останати зборови од странските народи, туку ги преиначувале како хеленски, со цел да им ги доближат на своите читатели. Секако дека и кај авторите од другите народи е забележана ваква практика, во склад со нормите на сопствените им јазици, а така е и денес. За да го појасниме ова подобро ќе направиме една современа аналогија. Кога ги истражував написите за Илинденското востание во Јапонија, забележав дека јапонската транскрипција на имињата на нашите градови и села (а секако и на другите зборови) прилично отскокнува од оригиналните називи (нормално дека е така и во обратна насока, т.е. во македонската транскрипција на имињата на јапонските градови). Така, на пример, македонскиот град Крушево, на јапонски, се пишува и чита како: Куричева. Е, сега да замислиме еден хипотетичен експеримент. Да претпоставиме дека на група македонски лингвисти ќе им го покажеме зборот Куричева (без да им го откриеме неговото значење, туку само да им напомнеме дека се работи за јапонска транскрипција на еден наш збор) и да ги замолиме да си го кажат своето мислење во врска со неговото значење. Сигурен сум дека, дел од нив, воопшто нема да го препознаат името на нашето Крушево. Дури, и ако некој се посомнева во тоа, сигурно дека некој друг ќе го демантира; ќе полемизираат; ќе си докажуваат и т.н., но најверојатно дека сите заедно нема да изјават дека се стопроцентно сигурни оти станува збор за градот Крушево. А, зошто нема да го препознаат овој наш збор? Само и само поради неговата туѓа транскрипција преку која дошол до нив! Поради ова, веќе спомнавме дека транскрипцијата, направена на туѓите јазици, всушност претставува еден вид “ненамерен фалсификат”, направен во однос на оригиналот (Крушево од страна на Јапонците ненамерно е “фалсификувано” во Куричева, исто како што и ние името државата Свериге, ненамерно го фалсификуваме, т.е. транскрибираме како Шведска и т.н.). Да резимираме дека ако античките хеленски автори, вештачки ги хеленизирале личните имиња на сите странски народи, логично е да заклучиме дека тоа го правеле и со македонските лични имиња (или барем со најголем дел од нив), имајќи ги предвид античките сведоштва според кои Македонците биле третирани како „барбари“ од страна на Хелените, т.е. народ кој не зборува хеленски, кои сведоштва досега повеќе пати ги имаме презентирано, па овде нема да се задржиме на нив. 2.Сите антички хеленски автори кои пишувале за Александар Велики Македонски и кои неговото име го запишале како „Александрос“, тоа го правеле со векови по неговата смрт. Ниту еден од нив не бил негов современик за да потврди како тој навистина се викал. Така на пример еден од биографите на Александар Диодор Сицилијанецот живеел речиси три века по смртта на Александар, a Плутарх ја напишал својата биографија за Александар речиси четири века по смртта на Александар, додека Аријан пишувал за Александар над четири века по неговата смрт. Исто или слично е и со другите хеленски антички автори. 3. Сепак, постојат зачувани записи за Александар кои биле запишани уште во негово време и истите до денес егзистираат! Се работи за Вавилонските астрономски записи пишувани со клинесто писмо, а во некои од нив, името на нашиот цар е запишано токму како АЛЕКСАНДАР!. Во оваа прилика ја користам можноста да се заблагодарам на девојката Мавра Кан (Mavra Khan) од градот Сиалкот во Пакистан, која е голем вљубеник во македонската историја и со која имавме вредна преписка во која таа ми посочи и ми ги иcпрати овие исклучително вредни материјали со кои практично се руши уште еден темел на грчката пропаганда. Но, да видиме за што станува збор. Во подалечната антика во Вавилон живеел народот Калдеани. Тие живееле во азиската област Месопотамија, каде нивните претци се доселиле во 10 и 9 век пред Христа и живееле заедно со староседелците Вавилонци, главно во реонот на Вавилон. Со текот на времето Калдеаните ги примиле вавионската култура, јазик и религија, но го зачувале својот етнички идентитет и повремено успевале да наметнат свои цареви на престолот на Вавилон. Најпознат од нив бил познатиот цар Набукодоносор Втори (владеел од 605 до 562 год. пред Христа), кој успешно војувал со сите околни народи, вкучително и со Египјаните и Евреите и во негово време Вавилонската империја го достигнала својот зенит. По востанието на Евреите тој го завзел Ерусалим, го уништил нивниот храм, а голем дел од Евреите ги преселил во Вавилон (што е и тема на познатата опера „Набуко“ од славниот италијански композитор Џузепе Верди – со најпознатата арија „Хорот на Евреите“). Во првата половина на 6 век пред Христа Вавилонската империја паднала под власта на Персија. Калдеаните останале да живеат под власта на Персијанците и веќе имале голем углед како одлични познавачи на астрономијата и астрологијата. Со текот на времето поранешното етничко име „Калдеани“ станало синоним за добрите познавачи на астрономијата и астрологијата и како такво било користено во подоцнежните текстови. За време на Вавилонска империја, но и подоцна, најважен храм за Вавилонците и Калдеаните (за кои рековме дека ја примиле вавилонската култура и религија) бил храмот Есаглиа. Тоа всушност бил комплекс од храмови кој бил посветен на вавилонскиот бог Мардук. Храмот бил долг неверојатни 200 метри. Во овој храм, од страна на свештениците, со години секојдневно се водел Астрономски дневник во кој биле регистрирани небесните појави. Во овој Дневник повремено биле запишувани и други податоци од секојдневниот живот (временските услови, нивото на реката Еуфрат, цените на храната, но и политички настани). Небесните појави често се користеле и како претскажувања за идните настани. Праксата на водење Астрономски дневник во овој храм продолжила и по пропаста на Вавилонсиата империја, чија територија прво била под власта на Персија, а потоа и под власта на Македонците. Во Британскиот музеј денес се чуваат дел од секојдневните записите од Астрономскиот дневник на Калдеаните, меѓу кои е спомнат и Александар Велики Македонски. Во таблицата напишана во петтата година од владеењето на персисикиот цар Дарие Трети, не само што е спомнато името на Александар, туку од зачуваните (иако прилично оштетени) фрагменти може да се насетат интересни податоци напишани автентично за време на самото негово влегување во Вавилон. Името на најславниот македонски цар овде е запишано како A-lek-sa-an-dar-ri-is, а во превод на македонски во овие оштетени фрагменти читаме: „Тој месец на единаесетти завладеа паника во кампот пред кралот (...) лежеше наспроти кралот. Утрото на 24-ти кралот на светот (...) стандард (...) тие се бореа еден против друг и се случи тежок пораз на војската на (...) војската на кралот дезертираше и си замина во своите градови (...) тие побегнаа во земјата Гути (...) Седми месец, прв ден, што следи по триесеттиот од претходниот месец, од залезот на сонцето до залезот на месечината. Ноќта на вториот ден месечината беше над Јупитер (...) за еден сребрен шекел (...) Тој месец од први до (...) дојде во Вавилон велејќи „Есангила“ (...). На 11-ти на Сипар нареба од Александар (...) Нема да влегувам во вашите домови. На 13-ти (...) кон надворешната капија на Есангила и (...) На 14-ти овие Јонци бик (...) кратко, дебело ткиво (...) Александар кралот на светот дојде во Вавилон (...) коњи и опрема од (...) а Вавилонците и народот од (...) порака на (...)“ Од овие кратки, но автентично напишани фрагменти директно од времето кога живеел Александар, очигледно е спомната битката кај Гавгамела, кае што се судриле двата моќни „крала“, при што персиската војска на Дарие Трети доживеала тежок пораз, по што завладеала паника и масовно дезертирање на војниците што впрочем целосно одговара на историската вистина. Потоа е спомнато влегувањето на Александар (кој овде е наречен „Крал на светот“) во Вавилон, а зборовите „Нема да влегувам во вашите домови“ веројатно се однесуваат на негов проглас до жителите на освоениот Вавилон. Спомнат е и познатиот вавилонски храм Есаглиа, што овде е наречен „Есангила“. Она што возбудува во содржината на овие фрагменти е фактот што тие биле напишани автентично, во истото време кога се случиле настаните што ги опишуваат, а не со векови подоцна како што се античките биографии за Александар. Но, ова не е единственото спомнување на најпознатиот македонски цар во Вавилонските астрономски записи. Во таблицата напишана во дванаесеттата година од владеењето на Александар од првиот до крајот на шестиот месец читаме: Дванаесеттата година од кралот Александар во првиот месец, месечината стана видлива преку облаците. Од залезот на сонцето до залезот на месечината имаше облаци и јас не набљудував. Ноќта на првиот облаците поминаа низ небото. Беше многу облачно и се истури дожд. Ноќта на вториот месечината беше еден и пол лакт за Јупитер и еден лакт под Венера... Овде името на македонскиот цар е напишано како „Александар“ (A-lek-sa-an-dar) и тоа очигледно во времето кога тој се вратил во Вавилон, непосредно пред да почине во тој град. Ова всушност е неспорен доказ дека неговото име во оригинал било АЛЕКСАНДАР, а не АЛЕКСАНДРОС, како што вештачки го хеленизирале подоцнежните хеленски автори, исто како што ги хеленизирале имињата и на десетици други припадници на различни народи, вештачки додавајќи им го хеленскиот суфикс „с“ („ос“). Александар (како „крал“) е спомнат и во таблицата посветена на месецот што одговара на јуни 323 година пред Христа, т.е. месецот на неговата смрт. И оваа таблица е прилично оштетена и на неа недостасуваат извесен број денови. Освен тоа неделата кога починал Александар било облачно, па за тие денови недостасуваат небесните набљудувања. Сепак, и покрај тоа, останал дел од текстот за временските услови кога починал најголемиот македонски цар што овде ги пренесуваме во превод на македонски: Четиринаесетта година, втор месец. (првиот дел недостасува) Ноќта на четиринаесеттиот, на почетокот на ноќта Месечината беше (празен простор) пред Тета Офиучи Ноќта на осумнаесеттиот. Првиот дел од ноќта Меркур беше четиринаесет прсти над Сатурн (празен простор) и го помина небото. Дваесет и први ден: облаци го покрија небото. Ноќ на дваесет и вториот ден: облаци (празен простор) Ноќ на дваесет и третиот:(празен простор) облаци на небото Дваесет и четвртиот ден: облаци (празен простор) облаци го покрија небото Ноќ на дваесет и седмиот ден: облаци го покрија небото Дваесет и седмиот: (празен простор) Ноќта на дваесет и осмиот (празен простор) стоеше на исток Дваесет и деветтиот ден: Кралот почина. Облаци. Овој извадок од Вавилонските записи претставуа ЕДИНСТВЕНИОТ АВТЕНТИЧЕН ЗАПИС настанат истиот ден кога починал Александар Велики Македонски и тоа во истиот град! Практично авторот на овој запис бил сведок на лице место за смртта на Александар која сигурно дека бргу се проширила низ градот, па уште истиот ден ја запишал во Астрономскиoт дневник. Од овој краток но искучително вреден запис, гледаме дека на денот на смртта на Александар Македонски времето во Вавилон било облачно, а така било и претходните денови додека лежел тешко болен. Дека е сосема можно вистинското македонско име на најпознатиот македонски цар било „Александар“ (како што пишува во автентичниот Вавилонски текст со клинесто писмо запишан во времето кога тој живеел), а не „Александрос“ (како што го запишале подоцнежните хеленски автори), сметаат и некои современи историчари. Така, на пример, познатиот современ холандски историчар Јона Лендеринг (познат по својата книга за Александар Велики), не ја отфрла можноста дека оригиналното македонско име на најпознатиот македонски цар било „Александар“ (а не Александрос). Во својот осврт за книгата „Alexander the Great. Historical Sources in Translation“ oд Waldemar Heckel, John Yardley (2004 год.) Лендберг пишува: Конечно, интересно е да фрлиме поглед кон спелувањето на името на Александар во текстовите со клинесто писмо. Точното прикажување на Александрос би требало да биде А-лек-са-ан-ар-ру-су, но досега не е откриена ниту ена таблица на која е напишано ова грчко име. Наместо тоа, по првите обиди да го запишат името на овој освојувач, вавилонските запишувачи го запишале како А-лек-са-ан-дар. Ова веројатно покажува дека на пишувачите им било тешко да го прикажат ова странско име. Од друга страна не смееме да ја исклучиме и можноста дека името Александар било македонско име со кое освојувачот на Азија бил познат кај своите сонародници. Транскрипцијата со клинесто писмо на Селеукус (како Си-лу-ук-ку) и на други имиња исто така може да понуди индиции за лингвистите кои го проучуваат македонскиот јазик. " (целиот осврт може да се прочита на: https://bmcr.brynmawr.edu/2004/2004.02.13/). |