|
|
За Нова година, нова книга за пандемијата, Коронизација, од Марија Емилија Кукубајска |
Проф. д-р Марија Леонтиќ Пандемијата предизвикана од корона вирусот наметна ограничувања во движењето низ светот, физичка дистанца, затворање во домовите и кругот на семејството, поставување многу прашања и барање мудри одговори за тоа што му се случува на човештвото, за универзалните сили на природата, причинско-последичните односи и рамнотежата во светот, смислата на животот и неговите вистински вредности, суштински појави и настани. Додека обичниот човек, како резултат на ограничување на слободите, стравот од вирусната зараза и од смртта, почна да размислува и дискутира на овие теми, нашата писателка и интелектуалец Марија Емилија Кукубајска ова го прави со децении во своето творештво како што го прави и сега во мини есеите и песните во нејзиното најново дело „Коронизација“. Короната видливо, физички го рони народот, но надеж има бидејќи, и според Кукубајска: „Сите струни на животот од Бога се дадени – совршени, и секоја независност е благословена да биде усогласена со закони во универзумот и во умот наш, Господов. Оваа болест е Новата змија, место со јаболко денес што приморува на брзо умирање, гасење на природните струи на свеста за светот и себе си. Но, и таа змија има крај. Сè што не е ни земен ни небесен рај, има крај. Само не Љубовта – Бог.“ Кукубајска се залага во една ваква пандемска фаза мисловно да го заштити човекот од отуѓување и да ја пробуди во него исконската добрина, благородност и доблест, со потсетување на универзалните човекови вредности, на националните вредности, на духовните вредности во религиите, на богатството на различните култури и народи, на историското цивилизациско наследство. Затоа во ова дело авторот прави синтеза на традиционални и современи мисли на Западот и на Истокот, преку традиционални и современи идеи за славења и оплакувања на животот, низ традиционални народни песни преведени на нејзин современ поетски јазик, а со музика инспирирана и од фолк џез интерпретации на Зоран Казаков, труба, Гоце Мицанов, саксафон, од филмската музика на Мориконе, модерната музика на Андре Селие, класичната музика на Верди, руската и кинеската традиционална народна музика, македонското црковно пеење... интегрирани во текстот како мелодиска илустрација на книжевната мисла. Тоа нè потсетува дека секоја култура и цивилизација се развива космополитски колку и локално и лично, дека се осовременува со надградување низ своите трагедии и триумфи, и дека заслужува почитување и негување на наследените и трајните вредности, а како што нагласува Кукубајска „Старите вредности ја отповикуваат (recall) меморијата кон својот идентитет и кон потребата од кохезија во денешната фамилија, татковина, човекова заедница“. Само еден човек како Кукубајска која ја загубила единствената ќерка Емилија во раната младост може да ја претпостави болката на луѓето чии најблиски се покосени од короната. Секој на свој начин се соочува со болката и наоѓа начин како да добие сила и мотив за понатамошен живот. Кукубајска верува дека по земната смрт следи премин во духовно постоење, и затоа по оваа лична трагедија својата љубов и творечка енергија уште посилно ја насочува кон другиот, ближниот, своите студенти, својот народ, својата татковина, човештвото, творештвото. Во поетските есеи од овој период таа ја истакнува исконската потребата на човекот од исцелителната, смирувачката делотворност на духовната мисла која претставува дијалог со Бог преку светиот дух кој на човекот му носи душевен, духовен мир и здрав, разумен оптимизам. Кукубајска нагласува: „Молитвите и во оваа девијантна и смртоносна здравствена војна значат осветлување на физичките клетки на човекот со животна енергија, нивно оздравување во процесот на постојаната физиолошка регенерација. Во оваа вирус-војна, свеста за Бог се докажува како најсигурен извор на духовна снага во борбата за преживување и обнова“. Ми беше чест и задоволство со месеци со проф. д-р Марија Емилија Кукубајска во заедничката канцеларија на Универзитетот „Гоце Делчев“ да разговараме на овие теми кои сега се преточени во есеи и песни во книгата „Коронизација“ која верувам дека ќе биде потребна и полезна за сите генерации читатели кои веруваат во вистинските вредности и придобивки на човештвото, во неговиот напредок во годините по пандемијата. |