|
|
Панде Колемишевски : Слово за словата на архиепископот Стефан |
Неодамна, во една угодна пригода во друштво со негови пријатели, Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски и на Прва Јустинијанa, господин господин Стефан, митрополит скопски и поглавар на Македонската православна црква, ми ги подари петте тома книги со заеднички наслов „Слова за словото“. На речиси две илјади страници се поместени безмалку 300 проповеди, говори, посланија, празнични пораки и други видови обраќања до верниците на Македонската православна црква, а преку нив и до македонскиот народ, до Македонците во дијаспората и до граѓаните на Македонија. Треба веднаш да се каже дека не се тоа делови од црковни литургиски служби, туку „цивилни“ беседи што ги тангираат прашањата на верниците и атеистите од обичниот живот до државната и националната политика. Младиот владика од Добрушево Со дедо Стефан се познаваме уште од летото 1986 година, во просториите на Матицата на иселениците на Македонија. Беа поминати само неколку дена по неговата хиротонија за епископ и за митрополит на Злетовско-струмичката епархија, подоцна реорганизирана во Брегалничка. Пред мене видов едно стамено краткобрадесто момче, кое имаше само 32 години и кое владичкиот чин го имаше сфатено со сета сериозност и одговорност. Со длабок глас, но главно тих и смирен, ја претстави својата биографија, речиси непозната надвор од неговите црковни кругови. И како новинар и како главен уредник на весникот „Нова Македонија“ покажав љубопитност кој е, што е, од каде е, првите прашања во учебниците по новинарство. Словото во Торонто, Канада Дедо Стефан, освен црковната утринска служба, на 2 август одржа слово во свечената сала во импозантниот храм „Свети Климент Охридски“ во Торонто. Да повторам, тоа беше негово прво проповедано слово во својство на митрополит. Мене до ден-денес ми остана во сеќавање неговата реторска асоцијација дека одбрал да се венча за Македонија. Сега, кога ја читам беседата повторно во целост, не можам да се оттргнам од впечатокот дека истата таа не изгубила ни капка актуелност и по поминати 35 години. Тогаш Македонија беше во составот на Југославија, владееше комунизам – социјализам, два фактора кон кои добар дел од дијаспората не гледаше со симпатии. Тежок товар од непризнавање Тринаесет години подоцна, во октомври 1999, на прагот од 2.000-годишнината од раѓањето на Исус Христос, дедо Стефан беше избран за архиепископ охридски и македонски и на Прва Јустинијана, вршејќи ја честа и митрополит скопски. Петти по ред поглавар на МПЦ по Доситеј, Ангелариј, Гаврил и Михаил. Во сите изминати години, Македонската православна црква, исто како и државата, е тема на дискусии, полемики, расправии, изложена е на напади од црковни институции од соседните земји и пошироко, кои настојуваат да го спречат и одолжат нејзиното влегување во семејството на рамноправните црковни организации во православието. Товарот што го носеа претходниците трикратно е потежок врз плеќите на сегашниот архиепископ, се разбира ако се земат предвид сите бури и вртолуми околу автентичноста на името, идентитетот и јазикот, факти што беа бетонирани во македонската национална свест. Во словата, дедо Стефан наведува дека оттогаш до денес силни се обидите да се оспорат историските и канонски темели на целокупниот живот на црквата и самобитноста на македонската нација. Во притисоците, изолацијата и негирањето на нивното легитимно постоење е ангажиран голем дел од пропагандната и медиумска машинерија, и надвор и дома, која има цел да ги искривува и премолчува историските факти од минатото и од сегашноста, со намера да се доведат во прашање основните обележја на православниот македонски народ, неговиот црковен организам и неговата вистина, како народ што постои со векови, го чува православието да има самостојна, суверена и независна држава. Архиепископот и политиката Во секуларна држава каква што е Република Македонија, во која се одвоени религијата и државата, архиепископот не може да биде политичко лице што би се мешало во политиката. Од одредени кругови на дедо Стефан му се припишува(ше) блискост со ВМРО-ДПМНЕ, несомнено имајќи предвид дека е избран за поглавар во време на нивно владеење, иако од негова страна нема јавни манифестации за таква припадност. Но неговата висока верска позиција секако дека не исклучува да има свои мислења и убедувања за општите состојби во државата во која живеат неговите верници, особено за националните прашања, за идентитетот, јазикот и писмото на својот народ. Некои од пријателите или критичарите му забележуваат за преголемата внимателност во изборот на зборовите, а некои му сугерираат поголема активност во јавноста и повидлив ангажман на црквата во област како што се социјалата, образованието и слично. Дедо Стефан не е полемичар, неговата мисла е повеќе ангажирана со божјата промисла, одошто со секојдневни прашања, што и му личи на лице со таков божји чин. Но не бега од круцијалните, од оние што се од голема важност и значење. Во тој контекст, а имајќи ги предвид непристојните барања од страна на властите на Република Бугарија, Светиот архијерејски синод на МПЦ – Охридска архиепископија, под раководство на поглаварот, апелира до надлежните државни фактори во преговарачкиот процес да се придржуваат до резолуцијата на Собранието и да не се отстапува од темелниот национален интерес и идентитет и да се разговара на реципроцитетна основа. Несомнено дека дедо Стефан има голем удел во иницирањето и оформувањето на искажаните ставови, дотолку повеќе што тој лично, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, и со ректорот на универзитетот „Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски, се тројцата „заговорници“, главни иницијатори на собраниската резолуција, составена врз основа на нивниот заеднички меморандум. И таа резолуција еден ден сигурно ќе има сигнатура во големата архива на словата на архиепископот Стефан. Кога се препрочитуваат страниците од книгите, без трошка сомнеж може да се заклучи дека мојот ценет пријател дедо Стефан во сите години остана доследен на зборовите во своето прво одржано слово. И достоен чувар на своето православно стадо и на неговата автокефална црква. |