|
|
КНИГА ЗА МАКЕДОНСКОТО ПОТЕКЛО НА ШКОТСКИОТ КЛАН ГОРДОН ОД АЛЕКСАНДАР ДОНСКИ |
Пред извесно време во издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, а со поддршка на познатиот македонски бизнисмен Перо Шимов од Дојран излезе од печат на англиски јазик книгата под наслов: „THE POSSIBLE ANCIENT MACEDONIAN ROOTS OF THE SCOTTISH CLAN GORDON“ („МОЖНИТЕ АНТИЧКО-МАКЕДОНСКИ КОРЕНИ НА ШКОТСКИОТ КЛАН ГОРДОН“) и поднаслов: „WHO WERE THE ANCIENT MACEDONIANS?“ („КОИ БИЛЕ АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ?“) од познатиот македонски историчар и писател Александар Донски. Ја користиме оваа прилика за кратко разговор со авторот: Г-дине Донски врз основа на што тврдите дека првите припадници на шкотскиот клан Гордон имале македонско потекло? Не го тврдам јас тоа, туку тоа го тврделе самите припадници на шкотскиот клан Гордон. Нивни истакнати членови во Средниот век, од разни делови на Европа и без да се познаваат едни со други, тврделе дека првите претци на кланот Гордон потекнувале од античкиот град Гордонија во Македонија од каде кланот го добил своето име. Постојат ли писмени докази за ова? Секако. Во книгата „THE HISTORY OF THE ANCIENT, NOBLE, AND ILLUSTRIOUS FAMILY OF GORDON“ („ИСТОРИЈАТА НА БЛАГОРОДНАТА И ИЛУСТРИОЗНА ФАМИЛИЈА ГОРДОН“) објавена во Единбург во далечната 1725 година од авторот Вилијам Гордон, откако се наведени податоци за спомнувањето на Гордоните уште во антиката и во Средниот век, во врска со потеклото на првите припадници на кланот Гордон цитирајќи изјави од истакнати членови на овој клан од деветтиот век, дословно пишува дека (цитат) „... според традицијата тие потекнувале од градот во Македонија по име Гордонија.“ Ова не е единственото средновековно сведоштво за македонското потекло на кланот Гордон. Во продолжение на својата книга (стр. 4) Вилијам Гордон наведува уште едно сведоштво од припадници на кланот Гордон (овојпат од друг дел на Европа) кои исто така тврделе дека нивните претци потекнувале од Македонија. Овде читаме за припадници на кланот Гордон кои живееле во Тирол и кои тврделе дека (цитат) „...потекнувале од тој град во Македонија и дека од таму потекнувале сите оние кои живееле во Франција и Британија кои го носеле тоа име“. Практично имаме сведоштва од припадници на кланот Гордон, кои живееле во различни делови на Европа и во различно време и кои немале никакви врски помеѓу себе, а сите тие тврделе дека нивните заеднички претци потекнувале од Македонија. Затоа сметаме дека ваквите тврдења имаат своја тежина. Теоријата за македонското потекло на првите припадници на кланот Гордон е застапена и кај современи автори кои се занимаваат со потеклото на овој клан. Кажете ни нешто повеќе за шкотскиот клан Гордон. Шкотланѓаните, како во минатото, така и денес, се поделени на кланови (пошироки семејства со по десетици, па и стотици илјади членови секое). Впрочем, ваков е случајот и со други народи. Црногорците и Албанците биле поделени на племиња, а Македонците (барем според податоци од XIX век) биле поделени на „родови“ (колена). Денес некои сметаат дека во светот живеат неколку десетици милиони Шкотланѓани (иако за оваа бројка има и други мислења), од кои околу пет и пол милиони живеат во Шкотска. Како што спомнавме, Шкотланѓаните се поделени на кланови и нивниот број изнесува над 360. Некои кланови се поголеми, а некои се помали. Секој од клановите оставил своја трага во историјата на Шкотска. Во минатото клановите честопати војувале помеѓу себе, но и соработувале во борбата против заедничкиот непријател. Еден од најпознатите шкотски кланови е кланот Гордон. Припадниците на овој клан главно живеат во областа Абердиншер (чиј најзначаен град е Aбердин), но ги има и во други држави надвор од Шкотска. Припадници на кланот Гордон имале значајна улога во шкотската историја и пошироко. Познатиот поет Џорџ Гордон Бајрон (1788 – 1824), по мајчина страна, припаѓал на кланот Гордон. Денес водачот на кланот Гордон е грофот Гренвил Чарлс Гомер Гордон, кој ги носи титулите: 13-ти Маркиз од Хантли, Гроф од Ензи, Гроф од Абојн, Лорд Гордон од Баденох, Лорд Гордон од Стратхавон и Гленливет и Барон Мелдрум од Морвен. Познат е и по прекарот „Крал на шкотското виски“ затоа што го поседува производството на познатото шкотско виски The Cock o’ the North. Негов син од првиот брак е Aластер Гренвил Гордон (род. 1973) кој ја носи титулата Гроф од Ебони. Тој го води семејниот бизнис за производство на виски. Со својата сопруга Софија Канингем, имаат три деца: две ќерки и еден син. Што друго содржи книгата? Во книгата се објавени податоци за градот Гординија чии остатоци се наоѓаат на локалитетот Вардарски Рид крај Гевгелија, за кој одвај пред десетина години дефинитивно се потврди дека бил токму тој град. Воедно е објаснето и како било можно припадниците на кланот Гордон, чии предци тврделе дека потекнуваат од Македонија, да стигнат дури до Шкотска. За сето ова постојат убедливи и логични одговори кои се застапени во книгата заедно со уште многу други интересни податоци. Во книгата е направен осврт и на тезите кои го ставаат под сомнение податокот според кој првите предци на кланот Гордон потекнувале од македонскиот град Гординија и е даден аргументиран одговор на истите. Каков е одзивот на книгата среде денешните припадници на овој клан? Тоа допрва ќе се види. Се уште сум на самиот почеток во рекламирањето и дистрибуцијата на книгата, а веќе има солиден интерес меѓу припадниците на кланот Гордон. Ако има паметни субјекти кај нас, ова ќе може да се искористи и за развивање на туризмот и економската соработка со Шкотска посебно со моќниот клан Гордон. Во книгата објавувате и податоци за самите антички Македонци, како и за историјата на Македонија? Во втората половина од книгата се претставени податоци и за етно-културниот карактер на античките Македонци (како основачи и жители на Гординија). Пренесувам бројни антички сведоштва според кои античките Македонци биле посебен народ во однос на Хелените, како и бројни докази за етно-културните врски помеѓу античките и денешните Македонци. Се разбира дека е даден и краток преглед на целокупната историја на Македонија. Целта ми е да ги запознаaм странските читатели на оваа книга co историската вистина за Македонија и Македонците. Нам, како народ, ни фали соодветно претставување на нашата историска вистина пред меѓународната јавност. Ние не трошиме толкави средства како што трошат Грција и Бугарија за промовирање на нивната „вистина“ во однос на Македонија. За разлика од нив, кај нас се трошат пари за секакви глупости, но не и за промоција на нашата историска вистина. Заради тоа ние кои сме загрижени за сето ова мораме да се снаоѓаме на разни начини. Најефикасен начин за промовирање на нашата историска вистина е ако го правиме тоа во изданија и публикации во кои се објавени привлечни податоци за некои странски субјекти (народи, држави, кланови и сл.) во кои, така да се каже, ќе ги „подметнеме“ и податоците за нашата историска вистина. На пример, ако објавам книга само за историјата на Македонија која би се обидел да ја пласирам во Шкотска, речиси никој таму нема да покаже интерес за неа затоа што нив не ги интересира историјата на Македонија или на која било друга земја, исто како што и нас не нѐ интересира нивната историја. Но, ако објавам книга чија содржина ќе ги зесегне нив (како во случајов со потеклото на кланот Гордон), тогаш повеќе од сигурно е дека тие ќе се заинтересираат да ја прочитаат, а преку читањето на податоците што нив ги засегаат, ќе прочитаат и податоци за нашата историска вистина. Така со малку средства ние ќе ја постигнеме целта за промовирање на нашата историска вистина. Книги со содржина која засегнува други народи и преку кои можеме да ја промовираме нашата историска вистина, можат да се напишат и за други влијателни народи за што веќе имам бројни податоци. На крајот сакам да упатам голема благодарност до познатиот македонски бизнисмен Перо Шимов од Дојран кој целосно го финансираше излегувањето на оваа книга која ќе ја промовира нашата историска вистина во Шкотска и пошироко. Апелирам и до останатите македонски бизнисмени, освен во спортот, да помагаат и во ширењето на нашата историска вистина пред светот посебно во овие мигови кога сите заедно сме изложени на негирања и шовинизам од некои до нашите соседи и нивните лобисти во светот. Така ќе помогнат на својот народ.
Роберт Гордон од Стралох (1580 – 1656). Првиот припадник на кланот Гордон кој запишал сведоштво дека првите Гордони потекнувале од Македонија. Македонска нација |