|
|
Мане Јаковлески : Време е да се утврди минимална пензија! |
Јавноста треба да го крене својот глас и да потсети дека е време за утврдување на минимална пензија Власта постојано се фали дека еден од врвните приоритети им е континуирана грижа за животниот стандард на луѓето, особено оние најранливите. Во тој контекст, покрај замрзнување на цените на одредени прехрамбени производи, владата најави зголемување на минамалната плата на 20.150 денари и на просечната пензија од 17 666 на 19 150 денари. Меѓутоа, никој од власта не зборува колкава е минималната пензија и дали овие пензионери и покрај најавеното зголемување ќе можат да се изборат со зголемените цени. Едноставно, висината на најниските пензии се недоволни за пристоeн живoт. Сето ова упатува дека е потребно систем за утврдување на најниска пензија, како што е утврдена минималната плата. Власта предводена од СДС и ДУИ е најнеспособната влада од осамостојување на државата. Покрај распродажбата на националните интереси, во неспособност да испорача резултати таа постојано се фали со некакви половични решенија. Меѓутоа, носењето на популистички решенија (при економска, енергетска и др. кризи), не го подобруваат стандардот на најранливите и најсиромашните категории на граѓани како што се голем дел од пензионерите. Во тој контекст, власта постојано го нагласува зголемувањето на просечната пензија, но избегнува да говори колкава е минималната пензија и колкаво ќе биде зголемувањето кај оваа категорија. Драстични се разликите меѓу минималната и највисоките пензии. Овие разлики со процентуалното зголемување само ќе се зголемат, но нема да им овозможи на примателите на најниска пензија достоен живот. Со септемвриското зголемување на пензиите во минатата година од 6.8 %, пензионерите со највисока пензија добија покачување од околу 4.000 денари, додека најсиромашните пензионери само 700 денари. Поради зголемување на цените на енергенсите владата во зимскиот период ги помагаше примателите на најниски пензии. Односно, тие што имаа пензии до 11.525 денари четири месеци примаа по 1500 денари, а тие што примаа до 14.000 денари шримаа четири месеци по 750 денари. И наместо овие средства да станат редовни или пак да има линеарно зголемување од минимум две илјади денари, со овогодишното мартовското усогласување пензиите се зголемуваат процентуално со 8.4 % со што разликите меѓу најниската и највисоката пензија ќе се зголемат. Едноставно најниските пензии минимално ќе бидат зголемени, со што примателите на овие пензии нема да можат да се справуваат со високите цени. Во земјата има околу 330.000 пензионери. Од нив, околу 89.000 примаат пензија до 12 000 и околу 86 000 до 16.000 денари. Што значи дека скоро половина од пензионерите се на работ на сиромаштијата. Ако се имаат во предвид овие бројки, дали некој од власта се прашува како највозрасните меѓу кои можеби се и нивни родители, ќе го протуркаат месецот за да купат храна, откако ќе ги платат режиските трошоци и лековите? Дали некој од власта размислува дали овие пензионери имаат доволно за пристојна живеачка? Уште минатата година во октомври, преставници на оваа власт за да ги смират пензионерите, говореа од потреба за воведување на систем за минимална пензија. Исто така, пред јавноста говореа дека во 2023 година ќе се разговара на оваа тема, но иако веќе изминува првиот квартал од годината, воопшто никој не го покренува ова прашање. Во услови кога цените на основните продукти се зголемени, власта мора да размисли за зголемување на најмалите пензии со кои на пензионерите ќе им се овозможи пристоен живот. Односно треба да размисли воведување на минимална пензија како што е минимална плата. Меѓутоа, во борбата за политичко преживување и за тендери, власта нема време за пезионерите. Додека власта ги троши парите за рекламирање колку е „успешна“, нивните решенија не можат да ги задоволат потребите на голем дел од пензионерите. Затоа јавноста треба да го крене својот глас и да потсети дека е време за утврдување на минимална пензија. Сигурно е дека минималната пензија не може да биде 20.000 денари, односно колку и минималната плата како што некои бараат, но ако не се рачунаат трошоци за превоз, тогаш минималната пензија би требало да биде некаде околу 17-18.000 денари. Пари за зголемување на пензиите има, ако се спречат непотребните лугсузирања ва владата. Но што се чека? Очигледно е дека власта сака да го искористи овој адут пред избори, за да го купи ова бројно гласачко тело! Меѓутоа, СДС и ДУИ мора да знаат дека без разлика на се, нејзиното време истекува и дека треба да направи барем едно добро дело за време на нивното владеење–да им ја зголеми пензијата за достоен живот на своте татковци, мајки, баби и дедовци! |