|
|
Македонците биле подготвени да преминат во унијатство само за да преживеат! |
Тихомир Каранфилов Македонците биле подготвени да преминат во унијатство само за да преживеат! Цариградската патријаршија која со текот на времето станала исклучиво грчка била против славјанската култура, писменост и азбука. По укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година, сите нејзини епархии влегле во рамките на Цариградската патријаршија, која од сите највисоки служби ги отстранувала Македонците и поставувала Грци. Овие грчки владици ја забранувале богослужбата на славјански јазик и писмо (книгите биле палени). Во такви едни услови, Македонците биле подготвени да преминат во унијатство само за да преживеат. Во 1859 година, Дојранско-кукушката епархија ќе направи обид за спогодба за унија со Католичката црква. Тоа би значело задржување на славјанскиот јазик во црквите, а народниот во училиштата. Односно, целта била со политичко покровителство на западните држави да се зачува источниот обред и народните обичааи, да се исфрли власта на Цариградската патријаршија и со покровителство на Рим да се издејствува верско-културна автономија. Меѓутоа, под притисок на Русија и бугарските црковни кругови, Цариградската патријаршија ја исполнува желбата на Кукушани да имаат свој домороден македонски владика во епархијата. Тие го назначуваат Партенија Зографски за митрополит на 29. Ⅹ 1859 година, со што привремено била задушена Кукушката унија. Но, со озаконувањето на Бугарската егзархија во 1870 година, како единствена славјанска православна црква во Турција, со што практично се оневозможи обновувањето на Охридската архиепископја, настана ново движење против Егзархијата. Шест македонски црковни општини од Јужна Македонија стапуваат во нови преговори со Рим и масовно пламнува новото и помасовно унијатско верско-национално движење (1873 - 1874). Основното барање на ова движење е обновување на Охридската архиепископија како унијатска црква. Всушност ова движење кое ја зафаќа цела Македонија добива национално-политички карактер кое бара решавање на македонското прашање. Центри на ова движење биле Кукуш и Солун, каде имало поддржка од солунскиот валиј Митхат–паша, а на чело на ова движење бил изгонетиот од Патријаршијата беровски учител Димитар Попгеоргиев – Беровски. Одново била ангажирана руската дипломатија и Егзархијата која го испраќа Петко Славејков во Солун за да го задуши големиот бунт против Егзархијата. Со помош на корумпираните турски власти била задушена и оваа втора унија во Македонија. Обидот за трета унија настанува по доаѓањето на егзархискиот владика Теодосија Гологанов во Скопје во март 1890 година. Како што самиот пишува, согледувајќи дека: „Македонците немаат толку мака од Турците, колку од Грците, Бугарите и Србите, кои како орли на мрша се впуштија на многустрадалната македонска земја да ја расчеречат“, тој ќе направи подготовки за отфрлање на Егзархијата и за прогласување на македонска црковна самоуправа. Митрополитот Теодосија Гологанов поведува преговори со папскиот нунциј во Цариград и го моли папата Леон ⅩⅠⅠⅠ за обновување на Охридската архиепископија. Меѓутоа, Егзархијата го прогласува Теодосија Гологанов како македонски национален сепаратист и со посредство на турските власти успева да го доведе во Цариград и да му ја одземе митрополитската титула во март 1892 година, по кое го упатува во заточеништво во еден манастир. Така завршува и овој обид за унија во Македонија. По Илинденското востание во 1903 година, покрај вооружената, во Македонија се разгорува и верската пропаганда. Еве што пишува белградска Политика од 8 април 1905 година. „Скопје, 4. април, 1905 г. - ... Успесите на католичката пропаганда се големи. Со секој ден таа добива се повеќе приврзеници. Неодамна целото село Негрево премина во Унија. Францускиот конзул ја прекинал заштитата на селаните, а италијанскиот им изјавил дека тоа не е верска пропаганда туку чиста политичка, и дека тој како Италијанец, не може неа никако да ја симпатизира. А кога се има на ум дека австриските реформски офицери одат рака под рака со језуитите, тогаш е јасно што значат изјавите на претставниците на Франција и Италија. Во Куманово, како што е познато има 20 унијатски семејства. Сите тие примаат по 2 лири месечно. Истовремено австиските офицери им гарантираат целосна граѓанска слобода. Кога еден тукашен конзул му го посочил тоа на Шаќир паша, тој слегнувајќи со рамената мирно му рекол: „Овде има секакви чуда, па нека има уште едно чудо повеќе.“ Скопските православни конзули го штитат православјето колку што можат, меѓутоа влијанието на католичката црква е толку моќно, така да тие не можат ни да го спречат ни да го запрат. Сега и Арнаутите се осилија, па и тие сакаат да го шират мухамеданството. Така тие им наредиле на селаните од село Думановце (кумановска каза) да се помухамеданчат инаку сите ќе бидат заклани. За да ги заплашат Арнаутите убиле на 11 март двајца Срби, а на 26 март го опколиле селото од сите страни и го опседнале. Селаните никако не сакале да го прифатат исламот. Случајно им појде за рака да две селанки да побегнат од селото и сето тоа да му го јават на кумановскиот кајмакам. Кајмакамот не им даде никаква заштита и свештениците испратија телеграм до Хилми паша и на рускиот амбасадор во Цариград и побараа заштита. Едвај успеја турската војска да дојде во Думаноце и да ги избрка Арнаутите. Сега војската уште е во селото и го чува од Арнаутите. Едно зло се симнало, друго јавнало. Не се знае што е полошо. Ете таква е кај нас верската слобода, а за политичката и да не зборуваме.“ Сепак, потоа беа правени и нови обиди, но до денеска од тоа движење останаа само мали селски унијатски оази во Југоисточна Македонија. |