|
|
Писмо на Д.П. Георгиев Беровски до Босилков, претседател на комитетот „Единство“ во Горна Џумаја |
Свекрва Македонија се наоѓа под силен притисок за да ги внесе Бугарите во Уставот. Под закани за вето на интеграцијата во ЕУ, како и за влошување на идните односи со меѓународната заедница, владеачката коалиција на СДС и ДУИ без да внимава на националните интереси, насила се обидува да ги протурка уставните промени. Со овие промени, Бугарите кои не признаваат постоење на македонски народ и јазик, и кој Македонија секогаш ја гледале во рамките на Бугарија ни помалку ни повеќе треба сега да влезат во македонскиот устав како државотворен народ. Од самите почетоци на современата бугарска држава, која е поврзана со Бугарската егзархија (1870), Априлското востание (1876), Цариградската дипломатска конференција (1876), Руско-турската војна (1877-1878) и Санстефанскиот мировен договор (3.03. 1878), Бугарите го саботираат секој обид на Македонците за создавање на независна и самостојна македонска држава и се борат за приклучување на Македонија кон Бугарија. Постојат повеќе документи кои говорат за бугарската политика кон Македонија и македонскиот народ, Меѓу нив е и писмото кое го испратил Д.П. Георгиев Беровски началник на Штабот на Македонското востание, до К.П. Босилков, претседател на комитетот „Единство“ во Горна Џумаја (сега Благоевград). Ова писмо е одраз на незадоволството што ги зафатило македонските востаници што го кренаа Македонското (Кресненското) востание во 1878 година од политиката на благотворителните комитети во Бугарија спрема востанието и востаниците. Имено, додека македонските востаници се бореле за независност во определувањето на целите на востанието и во неговото раководење, дотогаш благотворителните комитети како експоненти на интересите на бугарската боржуазија настојувале на повеќе места во Македонија да предизвикаат краткотрајни судири за потоа да ги искористат како доказ за оправдување на својата политика за приклучување на Македонија кон Бугарија. Во писмото од 25 октомври 1878 год. кое од с. Влахи Димитар Поп Георгиев го испратил до К.П. Босилков, пишува: „Надежта што ја имавме гледаме дека се губи. Според тоа гледаме дека вие само си играте со нас. Трошоците само се прават, а своето внимание го насочувате каде што не е потребно, а нас не оставате без никаква помош. Луѓето што беа потребни со оружје овде Вие ги задржувавте по неколку дена и ги испраќавте кој знае каде. Впрочем, за своја должност сметам да ви кажам дека ако продолжат тие работи, јавете ни барем искрено за да знаеме што да правиме. Ваша должност е, мислам, да ни помагате со средства, а од војничка страна, Вие треба да сте просто гледачи. Како што гледаме дека Комитетот напросто си игра со овие работи, ние ќе бидеме принудени да почнеме по нашински, но одговорноста за крвта на невините ќе падне врз Вас. Затоа ве молиме да ни одговорите позитивно или негативно за таа работа. Најпосле можете да кажете во што е работата. Работата, Г-да, е дека не ни испраќате редовно и на време пушки и куршуми. Ни испраќате невооружени луѓе, а ние овде немаме фабрика за да ги вооружиме. И пак Ви велиме дека во спротивен случај ние ќе го употребиме тоа средство за кое Вие и другите комитети ќе одговарате пред народот и пред Бога. За Разлог не е време да мислите за востание. Совесно размислите со каква сила сакате да се отвори толкав круг (фронт). Еве Вие одобривте и за Паланка да испратат неколку чети. За Бога, помисливте со испратените од Вас први и последни 60 пушки колку чети се создадени?... На македонското востание началник на штабот Д.П. Георгиев, секретар М.П. Каранфилов [Г. Кацаров и Ив. Кепов, Документи од Кресненското встание от 1878 год. – Сб. БАН Кн. 36 (1940), стр. 49 (док. 75)]“ Несогласувањето на македонските востаници со ваквата политика на благотворителните комитети ќе доведат до тешки судири во кои на подмолен начин ќе биде убиен првиот човек на востанието војводата Стојан Карастоилов. Всушност тоа е и почеток на „врховистичката акција“ на бугарската боржуазија во ослободителната борба на македонскиот народ. Ваквата антимакедонска политика на Софија, со мали исклучоци (1945 - 1948), лесно се следи за време на Илинденското востание (1903), двете Балкански војни (1912 и 1913), Првата (1914 - 1918) и Втората светска војна (1941 - 1945). За време на востанието и војните кои се одвиваа на територијата на македонскиот народ Бугарија не помогна за воспоставување на македонска држава. Напротив, за време наа Балканските војни земјата беше распарчена, а во Првата и Втората светска војна територијата на Македонија беше окупирана од Бугарија. Во текот на Втората светска војна македонскиот народ сам се ослободи и создаде своја држава. И денес, Софија која не го признава македонскиот народ и македонскиот јазик, која сеуште има територијални претензии, зарем има лице да бара Бугарите да бидат дел од Уставот, како тие да учествувале во создавањето на оваа држава. Не, без разлика на притисоците на меѓународната заедница, Бугарите не смеат да бидат дел од Уставот на Македонија, се додека Софија не го признае македонското малцинство во Бугарија. |