|
|
Доста ни се‘ празни ветувања и празни муабети ! |
Свекрва :Не за уставни измени под бугарски диктат! По тројката шефови на дипломатии на Австрија, Чешка и Словачка, кои минатата недела беа во Скопје, за да лобираат за уставни измени, оваа недела во земјата дојдоа министрите за Европа на Германија, Франција и Полска. Наместо евроинтегративен процес на Македонија да биде заснован на европски принципи, Копенхашките критериуми, европските дипломати се дрзнаа да бараат земјата да направи компромис на штета на македонскиот народ. И во двете мисии европските високи дипломати извршија притисок врз опозицијата во земјата да се сложи со уставни измени. Минатата недела министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и на Словачка, за време на посетата на Скопје порачаа дека „интеграцијата во ЕУ треба да биде прашање на национален консензус и дека колку побрзо се донесат уставните измени толку побрзо земјата ќе стигне до ЕУ и дека предвремени избори би биле контрапродуктивни“. Шефот на австриската дипломатија Шаленберг во својата изјава ја уверуваше македонската јавност дека не се мешаат во внатрешните работи на земјата, но и порача дека нема време за губење и дека би сакала земјата да продолжи со потребните уставни измени за да почнат преговорите за членство. Според него, да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на земјата во ЕУ. Уставот е внатрешно прашање на една држава. Иако европските дипломати говорат дека не се мешаат, во овој случај нивното лобирање за уставни измени претставува класично мешање во внатрешните работи на земјата. Тие бараат измени на Уставот иако мнозинството на народот се против уставните измени без реципроцитет. Односно, европските дипломати забораваат на фактот дека мнозинството од народот е за влез во ЕУ, но е против влегувањето на Бугарите во Уставот. Според анкетите, две третини од испитаниците се против уставните измени. ЕУ бара од Македонија да направи уставни измени, но кога е во прашање земјата ги заборави Копенхашките критериуми, како и на одредбата за помагање на склучување договори на реципрочна основа при регионална сорабтка. Така да договорот на Скопје со Софија воопшто не е, равноправен и тој ја фаворизира Бугарија. Едноставно народот повеќе не им верува на ветувањата на преставниците на меѓународната заедница, бидејќи земјата направи многу остапки а за возврат не доби почеток на преговори за влез на ЕУ. Македонија смени знаме, име,... а сега по барање на Софија се инсистира земјата да направи уставни измени, да се откаже од сопствената историја, идентитет и јазик,... Всушност на ЕУ и на Софија која покажува отворени аспирации кон Македонија, не може да им се верува. На мнозинскиот македонски народ сосема им е јасно дека правењето на нов компромис, без цврсти гаранции, не значи и започнување на преговори за членство во ЕУ, туку почеток на процесот на бугаризација во земјата. ВМРО ДПМНЕ застана цврсто во одбрана на интересите на македонскиот народ. Делегација на ВМРО-ДПМНЕ и парламентарните партии од Коалицијата за обнова на Македонија на средбата со таканаречената Вајмарска група, јасно им кажаа : "Се залагаме за членство на Македонија во Европската Унија со силно зачуван и зајакнат идентитет, јазик, култура и вредности. Остануваме на ставот дека Уставни промени во околности на политички диктат од соседството не се прифатливи. „Улогата на соседите треба да биде улога на поддршка на нашите европски интеграции, а не негирање на македонскиот национален идентитет, било посочено на средбата на лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски и претставници на коалициските партнери.“ Драги мои браќа и сестри, во овие мигови кога повторно ни е наметнато прашањето за нашиот идентитет потребно е храбро, одговорно и гордо сите заедно и позиција и опозиција да кажеме: ДОСТА Е! Нашето единство денес како и многупати досега е историска потреба, затоа што само на тој начин сплотени околу заедничките национални и државни интереси можеме да продолжиме да градиме демократска, модерна и слободна македонска држава, која ќе биде почитувана и уважувана од сите народи и држави во светот. Македонскиот народ и чесните граѓани одамна го заслужуваат тоа. Ајде конечно да се обединиме во интерес на нашата Библијска Македонија и гласно да им кажеме, на сите тројки од ЕУ кои до сега ни дојдоа на гости и на сите идни кои ќе доаѓаат, ДОСТА Е!. ДОСТА Е! Со празни ветувања и празни муабети! ДОСТА Е! |