|
|
Власта не само да ветува туку и да воведе систем за минимална пензија |
Свекрва На вториот ден од „Текстилијада“ во Штип, одржана на почетокот на октомври мината година, министерската за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на новинарско прашање за барањата на пензионерите минималната пензија да изнесува 20.000 денари рече дека следната 2023 година ќе се одлучува колкава да биде минималната пензија. Отогаш изминаа десет месеци, но нема ниту збор за минималната пензија. Наместо тоа, министерката најави септемвриско зголемување на пензиите за повеќе од 6%, кое ги крена пензионерите на нозе. Откако државните функционери си ги покачија платите за 78%, власта се пофали дека и на пензионерите им следува зголемување на пензиите за 6,8%,. Според власта, чии плати на функционерите со последното зголемување достигнаа и повеќе од 2.000 евра, повеќе од десет пати поголема од најниската пензија, ова покачување од 6,8% на пензионерите кои земаат до 200-250 евра било доволно за да можат тие да си ги задоволат своите животни потреби. Сит на гладен не верува. Власта како и многупати досега заборави на своето ветувања дека оваа година ќе се одлучува за минималната пензија. Во својот стил, како што лажеше дека нема да го смени името, уставот, така изгледа лажеше и кога говореа дека оваа година ќе одлучи за минимална достоинствена пензија за речиси над една четвртина пензионери. Ваквиот однос ги револтира пензионерите чии пензии се движат од 200 до 250 евра. Од 333.000 пензионери, 94 000 земаат пензија во првата група која ги опфаќа пензионерите до 13 илјади денари. За нив, но и за 150.000 пензионери од втората и трета група кои едвај го поминуваат месецот со 20.000 денари пензија, покачувањето од 700-1.000 денари не значи многу во услови кога цените на основните продукти се високи. Незадоволни од покачувањето, пензионерите од Берово, Делчево, Штип, Кочани, Куманово, Велес, Кавадарци, Неготино, како и други места во Македонија излегоа на протести, барајќи линерно зголемување од 3500 денари или пак минималната пензија да изнесува 80% од минималната плата, нешто повеќе од 16.000 денари. Меѓутоа, ако власта несака да преземе како што вели популистички методи и на сите линеарно да им ја зголеми пензијата за две, три или пет илјади денари, тогаш време е како што најави во октомври 2022 година, не само да размислува туку и да воведе систем за минимална пензија. Едноставно, власта треба да знае дека ни со две минимални пензии од околу 200 евра двајца пензионери неможат да излезат на крај во месецот, а не доколку се со една пензија или пак некој е сам. Така да не стои тврдењата на власта дека за 30 % ја зголемиле куповната моќ на граѓаните, ниту дека зад протестите на пензионери стои политичка партија. Едноставно, ситите властодржци предводени од СДС и ДУИ забораваат дека пензионерите со минимални пензии неможат да ги покриат основните трошоци за живот (режиски трошоци, храна и лекови, а пак не да размислуваат за некаков достоинствен живот (одмори, бањи, лекувања, сместување во дом), како што заслужуваат постарите лица кои ја граделе оваа земја. Пензионерите не се неинформирани и тие имаат доволно животно искуство за да знаат кога власта ги манипулира. Зарем пензионерите треба да молчат кога гледаат како се толерира неплаќање на сметки за струја во некои средини, а нив ги исклучуваат за две неплатени сметки?. Зарем треба да молчат кога гледаат како власта себе си ги зголеми платите за 78 %, на УЈП и други за 10% и 30%, а за пензионерите само 6,8%?. Заради тоа пензионерите станаа да протестираат. Тие не бараат милостиња, туку средства за достоинствен живот, таков каков што им следува, таков каков што им доликува. На крај тоа се наши родители и власта мора да ја усогласи пензијата со минималната плата. |