|
|
Ламбе Арнаудов: ШТО “ЕУ“ МИСЛИ ЗА НАШАТА ПАРОЛА “СЛОБОДА ИЛИ СМРТ“? |
Ламбе Арнаудов Веднаш да ви кажам, не мисли НИШТО. Само вешто ја исползува како алиби, за еруптивното надоаѓање на проклетството на совеста колку и таа да е сурова и безмилосна пред нејзината срамна (ЕУ) конечна одлука да нé испрати во ИДЕНТИТЕТСКА СМРТ. Демек, еве вие помеѓу “слободата“ што ви ја нудиме и наспроти вашата ЧЕСТ избравте тоа што избравте. Е, па господо демократи од Европа за каков избор зборувате кога слободата што ни ја наметнувате е УЛТИМАТУМ со коефициент на тиранија 504 наспроти 1, односно 504 милиони жители на ЕУ се нафрлиле на нешто повеќе од еден (1) милон мои сограѓани. Во стилот на демократи без ЧЕСТ ќе ми одговорите: правото на почитување на мнозинството. Во стил на демократите со ЧЕСТ ќе ви одговорам. Вашата понудена слобода од вештачки создаденото мнозинство кое ни ја погазува НАШАТА ЧЕСТ е најтешкото ропство од кое никогаш никој и никаде до сега не се ослободил. НЕ! Ви благодарам иако Вие во вашите либерални демократии и квазиполитички филозофии слободата ја поставувате како највисок дострел на човештвото, ќе морам да ве разочарам и да ви кажам, макар за вас е тоа тешко разбирливо, има нешто многу поскапоцено од слободата, а тоа е ЧЕСТА. Слободен човек без чест е најголем роб. Зошто? Затоа што својата чест ја трампал за слободата и така киднапирајќи ја од некој познат или непознат чесен човек и ја приграбил за себе оставајќи го него и без чест и без слобода наклеветен и обесправен, ти “слободумен“ политичар кој зад себе има сила од 504 наспрам 1 лицемерно ми зборуваш за рамноправност и еднаквост, СРАМОТА. Да те прашам добронамерни Европјанину од што се чувствуваш загрозен со коефициент 504 во твоја корист и постојано бараш отстапки, отстапки, отстапки..., а ништо за возврат не понудуваш односно само да ми го признаеш она што досега со векови макотрпно со многу жртвувања сум го одржувал, сум го чувал и конечно сум го СОЧУВАЛ. На што ти личиме? Каков партнер ќе ви бидеме, ќе се гордеете или срамите со нас и од нас. Знам, за вас тоа не е важно, лесно е туѓо да се жртвува за своето да се сочува. Ова е вашата основна парола. Нашата е далеку поуниверзална. Нашето да го сочуваме, другите да ги испочитуваме. И, да знаете воопшто проклетиот “коефициент 504“ не нé загрижува и плаши. Не ни е прв пат. Низ историјата сме пребродиле и повисоки, понеповолни дури би рекол и страшни коефициенти и сме победиле. И овој пат ќе победиме и тоа заради две основни причини. Првата: Исправни сме пред вистината, правдината, народот и ГОСПОД. Втората: “Коефициентот 504“ е лесно топлив на овие жештини. Пресметан е од групи неодговорни политичари одметнати од своите народи собрани во една вештачка творба крајно непријателски расположена према малите народи, осоколени, безмилосно нафрлени, користејќи ги придобивките од озлогласениот коефициент 504. Вашите народи ќе ја победат надменоста и суровоста што ја демонстрирате, ќе го сочуваат сопствениот суверенитет што вие безмилосно го пренесувате на фиктивната заедница и ќе направат нова демократска праведна просперитетна ЕВРОПСКА УНИЈА кон која сите целиме, првенствено ние МАКЕДОНЦИТЕ. Ние сме само против вообразени технократи, административци кои утврдиле правила на игра кои што само ними им користат, туркајќи ја ЕУ во бездна. ЕУ каква сакаат народите а не ЕУ за автократите. Некој ќе рече зошто толку револт кај тебе. Нема револт, нема ни гнев, ниту отпор. Сум бил внатре и сум учествувал во работата на разни структури и евроинтеграциски процеси. Има многу, многу убави работи, барем тогаш и често со мојот скромен глас сум носел среќа на некои помали одлуки, но од општо значење за цели народи. И затоа сум бил толку среќен колку што сега сум несреќен со ова што им се прави на МАКЕДОНСКИОТ НАРОД и мојата татковина МАКЕДОНИЈА. А, како да не сум несреќен? Никогаш во овие 33 години изоден европски пат благодарение на вас и на вашите неисполнети ветувања никаде не стигнав. Конкретно: Имам стотици, стотици па и милиони мои браќа и сестри МАКЕДОНЦИ кои живеат во времено откинати делови од МАКЕДОНИЈА и се под времена јурисдикција на држави кои се членки на ЕУ десет, дваесет и педесет години. Не знаете кои се, каде се , камо ли нешто како Европска Унија, храм на демократија и слобода и човекови права, нешто да направете за нив. Напротив, замолчувате, замижувате дури и го стимулирате нивното НЕПОСТОЕЊЕ. Од што се плашите, од домино ефект во вашите земји? Стравот од тоа и признавање дека вие вака избраните “ЕУ демократи“ ги гушите основните човекови права дури и понекогаш на штета на сопствените народи. Ќе ја изгубите битката со народот. Тогаш сите ќе ѝ веруваме на ЕУ и сите ќе ја сакаме како своја. НАШАТА ПАРОЛА “СЛОБОДА ИЛИ СМРТ“ Е НАША РАБОТА! ВИЕ ТОА НЕ ГО РАЗБИРАТЕ. |