Сабота, 04 Мај 2024   
Гоце Делчев

 

 

14569

Ѓеорги (Гоце) Делчев е роден на 23 јануари (4 февруари, нов стил), 1872 во Кукуш, Егејска Македонија, како прво машко дете, на бројната и угледна фамилија Делчеви. Неговите родители биле добро ситуирани и едно од најстарите семејства во Кукуш. Татко му Никола Делчев бил кукушанец, а мајка му Султана Нурџиева потекнува од блиското село Мурарци. Како плод на овој брак се родиле десет деца - шест ќерки и четири сина. (Тинка, Руша, Цоца, Гоце, Тина, Лика (Велика), Еленка, Мицо, Милан и Христо).

Се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование  во учебната 1886/87 година.  Година  дена подоцна Гоце го напушта Кукуш и се запишува во IV клас на Солунската машка гимназија “Св Кирил и Методиј”. Близу половината ученици од класот биле дојдени од разни прогимназии од Македонија, меѓу кои се разменувала литература со социјалистичка содржина. Набрзо како ученик во солунската гимназија тој ја согледал ропската положба на македонскиот народ и со младински жар ги усвојувал основите на револуционерната филозофија.

По завршувањето на средното образование во Солун, Гоце се запишува во Военото училиште во Софија во 1891 година. Неговото натамошно школување придонесувало за појасно определување на ревулуционарната цел. Како питомец во военото училиште во Софија е откриен дека тајно ги посетувал социјалистичките кружоци и ја ширел социјалистичката литература. За ваквата активност бил казнет со исклучување од училиштето во 1894 година, без право да добие офицерски чин, а единствено добива сведителство дека го завршил курсот на училиштето.

Задоволен од пресудата и ослободен од стегите на бугарската униформа, Делчев ќе се ангажира на формирање на македонска револуционерна организација. Ваквите негови јасни ставови беа зацртани уште во јули 1893 година, кога во разговорот со Коста Шахов и Иван Хаџи Николов во Софија, ги прифатил принципите предложени од Хаџи Николов и се нафатил, како чесно и авторитетно лице, да учествува во формирањето на македонската револуционерна организација. Прифаќајќи го планот Гоце ќе рече: „Слушај, г. Хаџи Николов, толку време минало, нека мине уште една година. Јас в година го завршувам военото училште и ќе ме произведат за офицер. Ќе подадам оставка на офицерството, ќе дојдам во Солун и ќе ја основаме револуционерната организација. Откако ќе почнеме да работиме, ние ќе спечалиме авторитет и нема да има потреба да бараме друго авторитетно лице."

Назначен за учител во Ново Село, во Штип, Гоце Делчев се враќа во Македонија, во 1894 година, со јасна цел и визија. Тука се сретнал со Даме Груев и се вклучил во раководењето на Тајната македонска револуционерна организација, при што истакнувал дека: “Неопростиво е за нас, издигнати духовно повисоко, да трпиме и тегнеме и да чекаме други да не ослободуваат."

Во пролета 1895 година тој ја проширил мрежата на организацијата и преку Виница организирал тајни канали. Заедно до Туше Делииванов, за време на Велигденските празници извршиле една поголема обиколка низа Македонија. Тие ги посетиле Велес, Солун, Кукуш, Дојран, Гевгелија, Струмица и Радовиш и во текот на оваа обиколка биле формирани нови комитети, а воедно биле зацврстени постојните, со што дошло до зацврстување и проширување на организациската мрежа во Солунскиот вилает односно во Македонија.

Во Солун учествувал на советувањето со водечките личности на МРО: Даме Груев, Пере Тошев и Иван Хаџи Николов, за заземање на став кон Македонскиот комитет основан во Софија, подоцна преименуван во Врховен македонски комитет. Во септември бил назначен за директор на училиштето во Штип. Пред крајот на декември 1895 г. Делчев, ополномоштен од ЦК на МРО, отпатувал  во Софија за да работи на спречување на мешањето на Бугарија  во внатрешните работи на македонското ослободително дело.  Во почетокот на 1896 г., организирал пунктови на МРО во Ќустендил и во Дупница, а во фебруари во Штип, организирал протести против власта.

Во април 1986 година, учествувал на Солунскиот конгрес, на кој била усвоена нова идеологија и стратегија во дејствувањето на организацијата. Со вклучување и на Одринско  дошло до промена на името од МРО во Тајна македонско-одринска револуционерна организациа (ТМОРО). Со Ѓорче Петров го изработиле Уставот и Правилникот на организацијата (1896), публикуван и дистрибуиран во 1897 г., каде што целта на дејствувањето на Организацијата била да издвојува со револуција политичка автономија за Македонија и за Одринско. Во септември Делчев бил назначен за главен учител во Банско, од каде што ја продолжил дејноста за ширење на мрежата на Револуционерната организација. Се откажал од учителската должност во ноември 1896 г. и целосно се посветил на македонското ослободително дело, а во декември истата година ја презел должноста на задграничен претставник на МРО во Софија.

Должноста задграничен претставник ја извршувал до 6. X 1901 г. и бил подвижен член на ЦК .Во тоа својство бил посветен на функционирањето на тајните канали, курирската служба, тајната пошта, обезбедувањето материјални средства и снабдувањето на Организацијата со оружје, со муниција, со ревулуционерна литература и со весници. Организирал производство на бомби и експлозиви (1897) во с. Саблер (во Осоговската Планина), а потоа и на Св. Гора (меѓу Зографскиот манастир и Хиландар). Вршел вооружување (во IV 1898) и тогаш во Македонија се појавиле првите вооружени чети на Организацијата. Заедно со Ѓорче Петров изработиле Правилник за четите (1900). Со формирањето на селската милиција била доградена воената организација на МРО, која непосредно ја раководел Делчев, со статус на главен ревизор.

На почетокот на јануари 1898 год. се  формирал четничкиот институт, а Гоце Делчев е назначен за началник на сите чети во Македонија. За време на честите обиколки низ Македонија работи на создавање организациона мрежа со здрави и цврсти бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Цел е автономиjа или целосно ослободување на Македонија и Одринско од османлиското ропство и создавање на независна македонска држава. Со писмо до католичкиот надбискуп во Пловдив, Менини  во јули 1898 г. на Ватикан и ја претставил целта на македонската борба: да се исправи неправедното решение на Берлинскиот договор за Македонија и за добивање полна политичка автономија. 

Неговата дејност имала две страни: преку својата учителска дејност просветно да ги издига масите, а во исто време со вонредни напори да ги подготви кон патот на револуцијата. Затоа тој постојано се занимавал со организациона работа, со собирање пушки и муниција, со организирање канали, со посветување на нови борци, со ширење на револуџонерна литература и најпосле со будење на заспаниот и од векови исплашен поробен народ. Во деновите на големите тешкотии тој не губел верба во успехот на делото. Страшните последици шго ги предизвикала во Организацијата познатата Виничка афера послужила како добро искуство за натамошната револуционерна дејност. По повод овие настани тој рекол: „Нема зошто да губиме вера во иднината. Во нашиот пат вакви афери и стравотии се природни. Во нив се крштаваме и ние и народот. Нема место зо сомненија и стравови.. "

Како миг низ цела Македонија се ширеле вести за неговата револуционерна апостолска дејност. Насекаде тој бил пречекуван како првенец на револуцијата, како долго очекуван предводник што доаѓа да го подигне и организира народот за спасоносното дело на револуцијата. Честите инспектирања на револуционерните реони од страна на Гоце Делчев придонеле многу за зацврснување на организационата мрежа и за будењето на масите. Се чувствувала нова ориентација и во целокупниот нивни живот. Неговата филозофија била тие да станат господари на сопствената судбина. Така, тој им велел на селаните во Костурско: „Не е убаво сега кога ние претставуваме една таква сила, да. одиме да се судиме кај Турците, ами се треба ние да земеме во свои раце".

Револуционерната организација ја презела на дело судската и извршната власт. Дејствувала тајна македонска држава во османлиската држава. На Солунскиот процес за новоселската афера (до почетокот на 1901), Делчев во отсуство бил осуден на смрт. По добиеното известување за апсењето на членовите на ЦК во Солун, со Ѓорче Петров во средината на март издале инструктивно писмо до окружните, околиските и селските комитети, како и до војводите на четите, за продолжување на дејствувањето според постојната програма. За зацврстување на редовите на Организацијата презел инспекциска инструктивна обиколка во централниот и во западниот дел од Македонија (од август 1901 до март 1902).  На крајот од септември жестоко ја осуди врховистичката оружена акција во Горна Џумаја, објавена како востание.

За да го отстрани, или барем да го неутрализира разбивачкото влијание на бугарскиот двор и неговата агентура тн. "Врховен македонски комитет", Гоце, и како задграничен претставник, активно дејствувал врз нивните претставници да се откажат од неповиканото мешање во внатрешните работи на Револуционерната организација, која претставува единствен легитимен претставник на македоно-одринското ослободително движење, и да дејствуваат само како помошна сила за материјално помагање на Организацијата. Во нивното отстранување, Гоце водел бескомпромисна борба против мешањето на бугарските влади и челниците на врховистичките македонски комитети. Најпечатливи одгласи од неговата борба за зачувување на единството од надворешните мешања имала неговата отворена реплика со претседателот на Врховниот комитет, генералот Николаев, кого го предупредил дека додека неговото рамо ја крепи пушката, нема да дозволи присуство на бугарски офицери во Македонија. Иста цел имала неговата Директива во 1902 година за забрана на влегување на врховистичките чети од Бугарија, како и предупредувањето до официјална Бугарија” да не мисли за Македонија, туку да си ја чува Бугарија, зашто Македонците ќе си ја чуваат Македонија.”

Додека дејствувал за самостојност и независност на Македонската револуционерна организација, надворешните и инфилтрираните внатрешни орудија со Иван Гарванов, по инструкции од Владата и од Кнезот на Бугарија, подготвиле кревање предвремено востание во Македонија. Делчев го отфрлил решението на Солунскиот конгрес (15–17. I 1903) за кревање востание и со чета заминал во внатрешноста на Македонија ,со раководните кадри да издејствува повлекување на решението. На 19-20 април истата година Гоце Делчев пристигнува во Солун, каде има неколку среќавања со Даме Груев, кој штотуку се вратил од заточение. Со него го разгледува прашањето за подигање на востанието, но не успева да го разубеди. Од Солун се упатил на конгресот на Серскиот револуционерен округ закажан за 6 мај. Пристигнал во с. Баница, Серско на 3 мај. На целиот пат од Софија до Солун и потоа, бил следен и бил предаден. Во зорите на 4 мај 1903 год. Гоце Делчев и неговата придружба се известени од јатаците дека се опсадени од турската војска (аскер). Гоце наредува да излезат од куќата каде биле сместени и да се повлечат за да го спасат селото од зулум Тоа кобно утро за македонскиот народ, во борбата со турската војска, загина Гоце Делчев.

Неговото загинување ќе предизвика голем интерес и внимание на печатот во Европа и Америка, кои заради актуелноста на македонското прашање во почеточсот на XX век, внимателно ги следат настаните во Македонија. Смрта и ревулуционерно дело на Гоце Делчев ќе биде забележана од дописниците на лондонски „Тајмс", „Ројтер", „Le Теmрѕ”, „Дејли Њус", љубљански „Словенец", трстјанскиот весник „Единост", „Београдске новине", загрепскиот „Обзор" и др. Лондонскиот „Тајмс", на 9 мај 1903  година ќе објави дефинитивиа вест за смртта на Делчев, која ја „вознемирила дипломатската рамнотежа". Дописникот на лондонскиат „Дејли Њус", Џон Макдоналд ќе напише во своите спомени дека: „Делчев беше главен организатор, државник на револуциоиерното движење, идол на македонското селанство", додека Н. Рогдаев, ќе забележи дека:   „Душата на македонската организација беше Гоце Делчев - тој балкански Гарибалди. - тип на неуморен народен револуционер". Сите дописници во тоа време во едно се сложуваат, дека смрта на Гоце преставува „нова загуба која ќе биде непроценлива за иднината на востаниего".

Неговото име стана легенда вткаена во свеста на македонските народни маси. Неговото име ги возбудуваше македонските поколенија, со тоа име македонските прогресивни сили ја водеа во сосема нова општествено-политичка ситуација борбата на македонскиот народ за национално и социјално ослободување.

Неговите посмртни останки прво се чуваат во Баница до 1917 година, кога се пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чува во домот на Михаил Чаков, а на него пишувало:

„Ги заколнуваме поколенијата што доаѓаат светите коски да бидат погребани во главниот град на независна Македонија.

Август 1923, Илинден“.

Заветот е исполнет и на 11 октомври 1946 година се пренесени во Скопје, во црквата Свети Спас.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.