|
|
На здравје, Македонци! |
Гостин во земјава беше проф. д-р Владислав Барчиковски, Лекар, Хирург, прекрасен човек со свои 94 години кој ме воодушеви со неговата скромност и едноставност. На неговите сега веќе збрчкани раце, секоја брчка говори за различни животни приказни и судбини. Раце што спасувале животи,Раце кои давале надеж, кои имаат спасено стотици Македонски животи на страдалниците од граѓанската војна и егзодусот од Егејскиот дел на Македонија. Македонците знаат да бидат благодарни. Признанието што му беше дадено од страна на Претседателот Иванов беше гест на благодарност на Македонија за она што тој го стори за Македонците пред повеќе од половина век. Како што кажува самиот, од ули 1949 па се до крајот на 1950 година бил пратен да им помогне на многуте повредени партизани од Грција кои пристигнале со бродови во Полска по поразот во граѓанската војна. Оскудно облечени, преврзани со валкани крпи под кои се гледале загноените рани, прегладнети, исплашени и тажни. Така ги опишува доктор Барчиковски. Мислејќи дека сите се Грци, по неколку дена бил вчудоневиден кога сватил дека зборуваат два различни јазика. Повеќе од половината зборувале на јазик кој бил делумно разбирлив за него. Зближувајќи се со нив тој разбира дека тие се Македонци кои потоа биле и преведувачи на Грците за да можат да се разберат со Пољаците. Доктор Барчиковски вели ,,Сакавме да им покажеме срце, не само стручна помош. Се гледаше на нивните лица кои со недоверба гледаа во нас, дека токму тоа им треба најмногу.... Македонците беа многу по културни од Грците. Затоа и толку се зближив со нив,,. Зошто не ме зачуди ова? Не само што не ме зачуди туку ме направи гордо да застанам пред докторот и да му речам ,, Се надевам ќе ви се допадне престојот во Македонија,, на кое тој со насмевка одговори,, мене веќе ми се допаѓа,, ја крена чашата и рече ,, На здравје, Македонци,,. Прекрасно чувство! После оваа приказна еве го парадоксот! Секојдневно слушајќи за тоа дека сме националистички настроени, средбата со доктор Барчиковски ме наведе на едно размислување, на тема која стана наше секојдневие. За патриотизмот, што за жал, многумина сеуште не го разликуваат од национализам. Чувството на патриотизам и силното доживување на вредноста на сопствената нација, е благородно чувство. Само оној кој ја сака сопствената нација, ќе може да ги сака и другите, само оној кој го цени своето, е кадарен да го цени и туѓото. Патриотизмот е нешто длабоко вкоренето во доживувањето на сопственото достоинство, во приврзаноста кон семејството, во радоста од тоа да се биде опкружен со звуци, бои и мириси што ги препознаваш и доживуваш свои, што ти ја разгалуваат душата и ти даваат сигурност дека си свој на свое. Патриотизмот не го прифаќа ниту признава поразот, ниту го познава синдромот на наведната глава. Од друга страна, национализмот е карикатура во однос на патриотизмот, стремеж да се покрие личната несигурност и сомнеж во вредноста на своето со омраза кон другите, негирање и присвојување на туѓото и страв од различните. Затоа ќе речам, само оние кои не се грижат што ќе биде со нивните поколенија бесрамно се дрзнуваат да не обвинуваат за национализам, за ширење омраза и што ли уште не. Но, како Македонка се гордеам што овие и заедно се многу помалубројни од оној големиот дел наши роднини, пријатели, комшии, кои не сакаат на нивните деца и внуци да им раскажуваат една нова и поразлична приказна од онаа која што ни ја раскажувале нашите баби и мајки за тоа кои сме ние и што е тоа благородното и исконски вредното да си Македонец... А на тема ,,национализам,, оставам сериозно и длабоко да се позамислат оние кои менуваат име, оние кои го спорат идентитетот, кои го газат и палат знамето, кои немаат почит за самопочитта, ја спорат црквата.... И некој сеуште има лице нас Македонците да не обвинува за национализам?? Како во народната, арамијата вика ,,Држете го арамијата,,.. Македонците се народ! Со корен! Македонија е држава! Постоела од памтивек и ќе постои за навек. Национализам? Не гледам такво нешто. Но, има патриотизам....во изобилство! Јас толку имав да кажам. Епа, ајде.... НА ЗДРАВЈЕ, МАКЕДОНЦИ! |