|
|
Македонството ги победи изветвените пропагадни |
Битката за македонското постоење, за македонскиот бит ќе продолжи и во оваа година. Маратонската трка која речиси 20 години ја трчаме на светската политичка сцена, се уште не е завршена. Темпото кое јужниот сосед ни го наметнуваше сиве овиде години, само ја зацврсти вербата на македонскиот народ, дополнително ја поттикна упорноста да истраеме на патиштата по кои тргнавме. Не паднавме на колена, не не совлада депресијата. Напротив. Кога сме убедени дека она што го застапуваме е најдоброто нешто за нашиот идентитет, за нашето име и презиме и за нашиот образ, тогаш нема што да менуваме на стратешкиот курс. Обидите кои ги преземаат одредени структури во домашните кулоари, покажаа дека претставуваат недостоинствен пристап во решавањето на проблемите. Грција долго време ја тестира нашата кондиција и нашата издржливост. Но, на тој пат, таа самата потклекна. Самата Грција не можеше да издржи и падна на тестот на демократичноста, правата и слободите за своите граѓани, за својата цивилизација. Македонија достоинствено знае да се носи со бремето, кое е полно со предизвици и гестови кои повредуваат и потценуваат. Но, истовремено знае од која страна доаѓаат, знае да ги амортизира, да ги отфрли, да ги процени вистинските луѓе, да ги раздвои искрените од лажните пријатели. Ако тоа не ни успеваше на стартот на последната декада од минатиот век, сега состојбите се пореални. Влегуваме во година која по многу нешта ќе биде тешка. Многумина ќе се обидуваат, како однадвор, така и одвнатре да ги искористат и да ги злоупотребат сите текови на политичко-безбедносен или економски план. Тоа ќе се рефлектира врз македонската стабилност, онолку колку што ќе успееме сето тоа да го осуетиме и неутрализираме. Соседните иредентистички пропаганди интензивирано продолжуваат. Политичката тортура која ја применуваат во општењето кон Македонците не им носи резултати, но истовремено таа ја сметаат за единствен оправдлив метод за некаква промена на моментните состојби. Поинакво средство за дискриминација и асимилација на македонскиот народ, освен политичкото непризнавање на нацијата и јазикот немаат. Одамна не можат да ги применуваат методите на свирепи злодела врз телата на македонското население, ѕверски да се измачуваат врз нив, за да ја задоволат сопствената монструозност кога ќе го чујат изнемоштениот глас на Македонецот, кој вели дека не е Македонец. Не можат тоа повеќе да го прават. Не можат да кинат парчиња македонско месо, не можат со клешти ноктите од прстите да ги вадат. Не можат. Се поразија самите во сопствената немоќ да го преобликуваат она што е различно и поинакво од нив. Не е ова пластична операција, па старото ќе го правиме младо или црното ќе го правиме бело. Доктринарните политики на соседите кон македонскиот бит се живи, но повеќе не се практични. Истите не им ги даваат посакуваните резултати. Па, и најнаивните и најглупавите ќе се откажат од налудничавата стратегија, да уништиш цел еден народ, да го преименуваш и асимилираш, особено кога гледаат дека и после стотици години од нивните деструктивни активности, ние сме повторно Македонци кои живеат во слободна и независна Македонија. Кој е сега победникот, а кој губитникот ? Кој е со дигната глава, а кој со засрамен лик ? Македонија и Македонците допрва ќе им го симнат превезот на лицата на сите оние, кои ги закрвавија рацете со македонска крв низ историјата. Не заради одмазда, туку за една поинаква сегашност и поинаква иднина. |