|
|
Вистината за т.н. „Македонско потекло“ на руската царска династија Романови |
(Ова писмо веќе е испратено на илјадници е-маил адреси на медиуми, веб-страни, политичари, поединци и институции во РМ и во дијаспората) Не е прв пат некој анонимус да сака да се појави во јавноста преку тоа што ќе ги се обиде да ги „нападне“ моите трудови, иако сите такви обиди на крајот завршуваат поразени и прегазени од силата на аргументите. Последен ваков случај е некојси магистер Петар Јорданоски кој објави писмо-памфлет во „Утрински весник“ во кое се обидува да го „нападне“ мојот истражувачки труд под наслов „РОДНИНСКАТА ВРСКА ПОМЕЃУ РУСКАТА ЦАРСКА ДИНАСТИЈА РОМАНОВИ И ДИНАСТИЈАТА НА АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ ОД МАКЕДОНИЈА“, при што го напаѓа и Институтот за историја и археологија (ИНИСА), а на крајот ја напаѓа и самата влада. Овој пат Јорданоски делумно „успеа“ затоа што дел од неговиот памфлет беше преобјавен во уште еден дневен весник, па сега веројатно е презадоволен затоа што стана уште „пославна личност“ (иако не сум сигурен дали по читањето на овој текст и на одговорот што веќе го испратив до „Утрински весник“ ќе остане таков). Но, да се вратиме на неговиот памфлет. На веб-страната на Институтот за историја и археологија (ИНИСА) се објавени проектите што овој Институт ги работи. Еден од нив е и мојот проект под гореспомнатиот наслов. Кога го видел овој проект, Петар Јорданоски, верувале или не, се разочарал (!?). Еве што пишува на почетокот на неговиот памфлет: „Пред некој ден ме извести мој пријател, студент на докторски студии по модерна историја на Источна Европа, дека на македонски државен Универзитет се пишува книга со која се докажува македонското потекло на руските цареви, т.е. на династијата Романови. Менторот на мојот пријател, професор по историја на московскиот Универзитет, бил контактиран од страна на Институтот за историја од Македонија и со сигурност се пишувала таква книга, беше дециден мојот пријател. Во обид да го разубедам мојот колега, бидејќи постојат илјадници книги од реномирани светски автори, кои го докажуваат спротивното, наидов на разочарувачко откритие.“ Во продолжение разочараниот Јорданоски објаснува зошто се разочарал: Овде за миг ќе сопреме со цитати од памфлетот, не за да го утешиме разочараниот Јорданоски, туку за да им објасниме на добронамерните читатели со какви дрски лаги и манипулации се служи овој памфлетист. Како прво очигледно е дека неговиот памфлет (кој претендира да биде „критика“ на историски труд) во себе не содржи ниту еден историски контра-аргумент на оние кои се објавени во трудот. Овој „напад“ практично претставува приземен и мизерен обид за дискредитација без аргументи, при што Јорданоски дури се служи и со дрски измислици и лаги. Така, на пример, тој пишува дека јас наводно сум тврдел дека руските цареви се „Македонци“ (цитат): „А бидејќи и Аце е наш, по логиката на нештата, и руските цареви се Македонци.“ Но, во мојот труд (од неодамна достапен целосно на интернет на нашата веб-страна http://inisa.ugd.edu.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=9&Itemid=9), на стр. 7, сосема јасно пишува: „... Не треба ниту да се помисли дека руската царска династија Романови има античко-македонско потекло“. Значи јас пишувам дека руската династија Романови НЕМА античко-македонско потекло, а Јорданоски бесрамно лаже дека сум тврдел дека „руските цареви се Македонци“ (!?). Да сум во можност веднаш би му дал уште една магистерска титула – овојпат за лажење! Но, зошто тогаш насловот на овој труд е таков каков што е, ако од една страна, тврдиме дека руската царска династија Романови не се Македонци, а сепак пишуваме за нивната роднинска врска со античко-македонската царска династија? Овде накратко ќе објасниме некои факти, не заради Јорданоски (кој очигледно нема доволен капацитет да ги сфати овие едноставни работи – во спротивно не би пишувал вакви глупости), туку заради чесните и добронамерни читатели. Значи во трудот само се наведени податоци за родословната линија која (врз основа на релевантни историски извори кои ги цитираме, а пред се врз основа на светски познатите родословни табели „Алманахот Гота“ и други) почнува од античко-македонската царска династија и, низ вековното крвно мешање со стотици припадници на други инородни династии, стигнува (генерација по генерација) прво до средновековните, а потоа и до денешните европски кралски и царски семејства. (За да не ги набројуваме сите овие бројни генерации, како доказ повикуваме да се прочитаат овие податоци во самиот труд). Ако се има предвид ваквото вековно мешање на припадници од разни народи, тоа конечно значи дека сосема мал и незначителен дел (да кажеме сликовито – можеби само неколку капки) од античко-македонската крв, низ ваквото вековно мешање со подоцнежните инородни династии, стигнал и до европските царски семејства, меѓу кои и до руската династија Романови, а не дека Романови се „Македонци“ или дека имаат „античко-македонско потекло“ како што злонамерно импутира Јорданоски. Ова ќе го објасниме со еден едноставен пример. Лично имам пријател, припадник на црната раса од Нигерија. Но, една од неколкуте негови прабаби била Швеѓанка. Ако напишеме дека „постои роднинска врска помеѓу Швеѓанката и Нигериецот“, дали тоа значи дека тврдиме оти Нигериецот (црнец) има „шведско етничко потекло“? Се разбира дека не. Тој си е Нигериец, но во една негова далечна роднинска нитка (од стотиците роднински нитки што ги има длабоко во минатото) поседува и шведска крв и гени (во многу мал дел). Е токму ваквата едноставна вистина не успеал да ја сфати Јорданоски. Руската династија Романови главно си биле етнички Руси и ние тоа го тврдиме во книгата, но тие во себе имале крв и гени и од многу други не-руски народи (Германци, Французи, Ерменци и други – посебно ако се знае дека царските семејства уште од антиката, па наваму, низ вековите, се мешале меѓу себе). Меѓу нив (пак ќе повториме) имало и многу мал и незначителен дел и од крвта и гените на античко-македонската династија (за што наведуваме цврсти историски докази преземени од релевантни извори, па ако некој сака ова да го негира, прво нека ги прочита, па потоа нека реагира). Впрочем, овде е текстот на книгата, поставен бесплатно за читање на спомнатата веб-страна (иако авторските права се заштитени) па секој сам може да се увери во лагите на Јорданоски со кој се обидува да го „нападне“ овој труд. На крајот ќе кажеме и дека не е тајна оти наша крајна цел е историски поткрепените аргументи од овој труд да ги претставиме пред руската јавност во знак на поддршка во зближувањето на нашите два народа и држави. Во продолжение на својот памфлет Јорданоски пишува: Ги повикувам читателите да го посетат овој веб-сајт. Загарантирана е значителна доза на смеење кога ќе читате дека Македонија е првата централизирана држава во Европа, дека целта на Институтот е да ги развива патриотските и чувствата за припадност кон својата држава, дека ние сме исклучиви наследници на античките Македонци, и мноштво други бисери. Во овој дел од памфлетот Јорданоски го достигнал дното, посебно кога пишува дека на веб-страната на ИНИСА имало работи кои ќе предизвикаат „доза на смеење“. Да потсетиме. На веб-страната на ИНИСА е објавена информација за успешно одржаниот научен симпозиум за Јосиф Ковачев, на кој настапија наши познати научни работници и беа презентирани значајни трудови од животот и дејноста на овој наш истакнат педагог. Го прашувам Петар Јорданоски: што има смешно во ова? На веб-страната на ИНИСА е објавена и информација за учеството на двајца наши членови на Македонско-украинската научна конференција која, во организација на МАНУ и УГД, лани се одржа во Штип. И овде не ми е јасно што е толку смешно? Или можеби на памфлетистот Јорданоски му е „смешен“ податокот за Одговорот на ИНИСА на прогрчкото писмо до американскиот претседател (единствено од таков вид кај нас)? Или можеби му е „смешен“ податокот за излегувањето на Првиот број на Годишниот гласник на ИНИСА, во кој исто така се застапени наши познати историчари, меѓу кои со посебна чест истакнувам дека е објавен и последниот историски текст на нашиот покоен реномиран воен историчар д-р Ванче Стојчев, кој исто така беше член на ИНИСА. Тоа ли му е смешно на Петар Јорданоски??? Или можеби му е „смешна“ електронската библиотека (создадена од стотици автентични и оригинални дела на антички автори) што трпеливо ја создаде ИНИСА изминативе години? Или можеби му е „смешно“ истражувањето за карактеристиките на животот во Штип непосредно по заминувањето на Турците од Македонија? Или можеби најавениот труд за изгубените дела на античко-македонските историчари? (Останатите проекти на ИНИСА секој сам може да ги види на нашата веб-страна). Навистина не ми е јасно дали некој нормален човек може да се смее на вакви работи? Но, има секакви луѓе... Прво се разочаруваат затоа што некој го истражувал потеклото на руската династија, потоа лажат, а на крајот се смеат на сериозни историски проекти... Авторот на овој памфлет се „потсмева“ на тврдењето дека Македонија била првата централизирана држава во Европа, со што покажува дека не само што има проблем со вистината, туку и дека познавањето на историјата му е на мизерно ниво. Дека Македонија е првата централизирана држава во Европа е добро познат факт во историјата. Само како илустрација ќе цитираме што пишува светски познатиот современ историчар Питер Грин во својата книга „Александар Македонски 356 – 323 година пред Христа“: „Македонија... била првата голема територијална држава со ефективна централизирана политика, воена и административна структура што се појавила на европскиот континент“ Во спомнатиот памфлет Петар Јорданоски лаже и кога тврди дека на веб-страната на ИНИСА пишувало дека ние „сме исклучителни наследници на античките Македонци“. Јавно го повикувам да покаже каде на веб-страната на ИНИСА го пишува тоа? Ние само тврдиме дека и античките Македонци (како овдешни староседелци) ја внеле својата крв и култура во денешната македонска нација. Впрочем, оваа вистина е прифатена и од нашата официјална историографија, од МПЦ и од други релевантни фактори, за што Јорданоски исто така нема поим. На крајот од памфлетот Јорданоски се чини ги открива вистинските причини за создавањето на своето мизерно писмо – а тоа е напад против владата, која безобѕирно ја напаѓа, тврдејќи дека не требало да финансира вакви проекти (иако проектот воопшто не е финансиран од владата). ИНИСА продолжува со работата без оглед на вакви долни провокации, кои всушност повеќе помагаат во нејзина популаризација. |