|
|
Минатото - патоказ кон иднината |
Во мај 1939 год., по повод 50-годишнината на Софискиот универзитет, во Софија доаѓаат поголема група студенти-гости од Белградскиот универзитет, меѓу коишто се и дваесетина од Македонија. Македонскиот литературен кружок веднаш ги прифаќа и цело време се заедно. Се прават посети на видни личности од новата македонска историја, се држат говори и се разменуваат искуства од борбата за национално ослободување. Меѓу белградските Македонци се истакнуваат неофицијалниот водач Кузман Јосифовски и Тодорка Оровчанец, која на состанокот во Домот на Крушевското братство во Софија одржува запалив говор на македонски јазик, извикувајќи: Ех, браќа и сестри, чудно убава е нашата татковина Македонија! Се си имаме ние Македонците... Но едно си немаме - слобода! Нејзе и одговара Михаил Сматракалев, кој меѓу другото рекол: Драга другарке Тодорке, кога ќе се вратиш во нашата земја, кај нашите луѓе, кажи им дека ние тука сме исполнети со длабока вера, како и вие, дека не е далеку денот кога ние Македонците ќе се здобиеме со тоа што го немаме, со своја слободна република. Исто така, ве молам, кога ќе се вратите, да ја бакнете нашата земја од наше име, да и кажете дека ја сакаме и ќе се бориме до смрт за да можеме да ја видиме слободна и среќна! На последната вечер од престојот сите се собираат на заедничка трпеза во домот на Венко Марковски, каде што се држат говори и се читаат стихови што некои од гостите и си ги запишуваат и бараат да им се испраќаат и збирките. Со стихови настапуваат А. Жаров (Бегалци), Н.Вапцаров (Татковина и Писмо) В.Марковски (Жетварите) и К.Неделковски (Анѓелко и Ропство). По повод овие манифестации А.Жаров напишал и две (зачувани) стихотворби Песни за гостите од родната земја и Мала песна на Тодорка Оровчанец, додека во Карираното тефтерче на Никола Вапцаров се запишани два фрагмента од говорот што го одржа на овие средби. Тој меѓу другото рекол: Ако вие, коишто сте илјадници километри далеку од нашата земја, не сте ја заборавиле и толку ја сакате, живеете со верата дека ќе биде ослободена, белки во синовите на нашиот народ, распрснати по сите меридијани, не е изгаснат копнежот по родната земја. Верувајте, утре таа ќе биде слободна штом овие години на ропство не можеа да го погребат прогонството низ... Верувајте исто така и (црпете сили) дека стоиме здраво на својата опозиција и никогаш не сме го заборавиле својот долг како писатели... Проучувањето на македонското национално минато беше една од главните задачи на кружоочниците. Во тој поглед особено се појавија Васил Ивановски, Коста Веселинов, Ангел Динев, Антон Попов и Коле Неделковски. Притоа посебно беше важно да се проучи континуитетот на македонската национална свест и борбата за национална слобода. Уште во 1935-1936 год. А.Динев во своите Македонски вести двапати објавуваше факсимил на насловната страница на Македонски глас што беше пренесено и сред македонската прогресивна емиграција во САД, а во 1939 година во својата брошура Преродбата на Македонија и Илинденското востание К.Веселинов го посочи Крсте Мисирков на чело на преродбенските дејци. Се во потрага по фактите за македонското културно-национално минато, работејќи во Народната библиотека во Софија, некаде во тоа време К.Неделковски ја нашол и книгата За македонцките работи од К.П. Мисирков. Тоа силно го заинтригирало и во почетокот на 1940 год. тој се поврзал и со сопругата на Мисирков и од неа ја добил книгата За македонцките работи, како и некои други материјали поврзани со неговиот живот и дејност. На 18 мај 1940 год. Неделковски, од името на Кружокот, му пишува на д-р Сергеј К.Мисирков, синот на Крсте Мисирков, што тогаш живее и работи во гр. Елена. Тоа писмо претставува најавтентичен показ на континуитетот во развитокот на македонската национална мисла и свест и ја посведочува директната врска меѓу Македонското научно-литературно другарство во С.Петербург и Македонскиот литературен кружок во Софија. Неделковски соопштува дека уште пред неколку месеци, барајќи по творештвото на најголемиот син на Македонија, се сретнал со сопругата на Мисирков, од којашто чув и разбрав - вели - за дел од животот на вистинскиот Македонец и исто така се израдував уште повеќе кога ми кажа дека и чедото на најскапиот син на Македонија живее со мислите со коишто ги проживеал сите свои дни од својот живот неговиот татко. Неделковски не можел да не го искаже не само својот пиетет кон Мисирков, туку и да ја опише состојбата на македонскиот народ и односот на новата генерација кон националното прашање. Затоа тој му пишува на д-р С.К. Мисирков: Викот на бесмртниот Македонец К.Мисирков се разнесува дури сега над неговата мила татковина и таа, измачена веќе од борбите и соперништвата на неколку народи, коишто ништо не штедеа за да ја имаат поосрбена од едни, побугарена од други и погрчена од трети: но таа не се даде на никого, а си остана со својата боја македонска, и сега, подигната културно и економски, го подзема најдрагиот нејзин глас, го прегрнува најсветото име и со целата своја моќ го држи и го разнесува како светилник до најкрајните катчиња на својата ширина. |