|
|
Манифест за македонско единство |
Република Македонија е соочена со силни предизвици во првата деценија на 21 век. Во што се разликува ситуацијата денес, од таа во првата деценија на минатиот век? Разнебитувањето на македонскиот национален идентитет е една од константите која е клучна, посебно за изминатото столетие. Истовремено, во истото тоа столетие, како никогаш дотогаш беа изразени и македонските национални обиди за државотворност. Честопати се прашувам, што е вистинската причина која мојот народ го држи, сериозно долг период настрана од успех и реализација на вековните стремежи за самоопределување и реализација на својата национална свест во рамки на своја национална држава? Дали причината ќе ја бараме и понатаму кај другите кои, народски кажано, ни “се намерачиле“ или еднаш ќе се свртиме кон нас самите и ќе се обидеме самокритички да ги дефинираме т.н. “слабости и закани - пречки, ризици“ од внатре, кои произлегуваат од нас самите? Ова е сериозен предизвик и кон него нема друг начин, освен сериозен и темелен пристап, самосвесно откривање на фактите, каде сме грешеле низ историјата, каде грешиме денес. Ова е потребно, се разбира, не да се бавиме со проблеми, но дефинирајќи ги “критичните точки“ на нашиот колективен пристап кон стварноста, да ги дефинираме т.н. “сили и можности“ за трајно и одржливо решение за македонската национална самобитност. Голем е успехот, кој во последната деценија од минатиот век, го постигна Македонецот, дефинирајќи ја македонската стварност во оформена држава, со сите атрибути на државност. Но, уште поголем е предизвикот, да се одржи на долг рок самобитноста и државноста на македонскиот народ, да се промовира македонската нација и држава како влијателен фактор надвор од своите граници, да се достигне висок степен на развој на економијата и демократијата, но и секој поединечно, да се почувствува достоинствено, како во материјална и финансиска смисла, така и во вкупните лични достигнувања во животот. Ако е ова еден вид плафон, кој би го дефинирале како генерална стратешка цел, тогаш треба да дефинираме и што сè ни е потребно за остварување на вака дефинираната рамка. Секогаш, исклучиво секогаш, низ историјата е потврдено дека високо развиените држави и нации го имале Господ, на прво место во “големата слика“. Анализирајте го случајот со Соединетите Американски Држави, со Канада, со Велика Британија, Австралија, потоа Скандинавските земји – Шведска, Норвешка, Финска, Холандија. Како да го постигнеме тој стадиум, кој сега ни изгледа толку недостижен? Прво, библиското ветување од Бога, е дека народите кои ќе се свртат кон Него, кои ќе го побараат во мисла, збор и постапка, и кои ќе ги вградат Библиските Божји принципи во секоја политичка и државничка стратегија, закон или одлука, ги заслужуваат бројните благослови од Бога. Тие кои ќе се надминат себеси и кои ќе одлучат да ги третираат граѓаните низ призмата и со “очите Господови“ со љубов, милосрдие, подготвеност за простување и респект достоен за ближниот, пристапувајќи на граѓаните, како на свои ближни, тие се благословените од Бога. Бројни се примерите низ историјата кои го потврдуваат ова ветување Божјо. Ако Господ ни порачува во Библијата “барајте го најпрвин Царството небеско, а потоа сè друго ќе ви се придодаде“, тогаш без размислување треба да го издигнеме Бога на прво место, како врвен приоритет во “големата слика“. И да се престроиме, согласно Божјите принципи за правда и правичност, успех и просперитет. А тоа, верувајте, воопшто не е тешко, затоа што во тој процес не сме сами, Господ е со нас, за да ни помогне. Тајната на побожноста е голема и пречудно е ова во очите човечки, ни вели Божјиот збор – Библијата, но не е наше да се оптеретуваме за да разбереме по човечки, важно е да се препуштиме со вера и надеж во водството Божјо и да се нурнеме во ризницата на мудрости и знаења – Библијата, единствениот извор на успех и просперитет на поединци, држави и нации. Едноставно, ако ви се расипе некој посовремен апарат во домаќинството, прво нешто во кое се бара решението е упатството или прирачникот за ракување на направата. Сè што е наизглед совршено создадено од човекот, се продава со упатство за ракување, било да е тоа мобилен, компјутер, клима уред, ЛЦД ТВ, некоја машина и слично. Исто е и со човекот. Бог не создаде совршени и не донесе на овој свет со “упатството за ракување“ т.е. Библијата, како просведочен и докажан, непогрешлив Божји збор, кој трае со столетија и станува се поактуелен, како никогаш досега. Многумина би се запрашале, како е тоа можно да се случува во 21 век, век на досега невидени технолошки револуции, напредок во сите области и сфери? Можно е, и Библијата ни вели дека во т.н. “последни времиња“ знаењето ќе се преумножи, а љубовта ќе олади. Сите пророштва во Библијата се милиметарски прецизно остварени, до ден денешен. Токму затоа, време е мојот народ – Македонскиот народ, да се сврти одлучно и бескомпромисно кон Бога, да се врати кон изворот на жива надеж, да го повика Господа, со вера и без и најмало сомнение, за Господ да се објави во нашите срца, во нашите домови, работни средини, во мојата држава. Преку молитва, постојана и пламена, преку мисла, збор и дела кои произлегуваат од ризницата на мудрости и знаења од Бога – Библијата, преку покајание и очистување на нашите гревови со “пресветата крв на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, пролеана на крстот Голготски“, преку вера, љубов и надеж во спасението и правото на вечен живот. Браќа Македонци, барајте го ова директно од Бога, во молитва, бескомпромисно и упорно. Барајте од црковните свештеници да ви го објаснуваат ова, да ве храбрат и бодрат со Библиските вистини и ветувања. Не оставајте ги на мира. Ослободете се од сè што ви носи забуна во мислите, од секакви пагански традиции, обичаи и обреди, доближете се до Бога и почувствувајте ја на дело љубовта Божја, која ви е и вам наменета, почувствувајте ги на дело благословите од Бога, “животот во полнота“, како што ни порачува Господ, во мир, спокојство, меѓусебна љубов и почитување, здравје и финансиска слобода, успех и просперитет, каков што не сме имале никогаш досега. Ве повикувам, единствени и сложни, да му се обратиме на Бога, во молитва, со вера и без никакво сомнение дека тој не заборавил. Ве повикувам, заедно да го прекинеме проклетството на македонските генерации пред нас, и еднаш и засекогаш да им обезбедиме на нашите поколенија, шанса за успех и просперитет, за каков што сонува секој од нас. Верувајте му на Бога. Успехот и просперитетот не е предодреден, само и исклучиво за тие кои го уживаат денес. Ветен е и предодреден за сите кои ќе повикаат кон Бога, ветен е и за нас Македонците, само ако се свртиме кон Бога, со сето наше срце, сила и разум, со сета наша љубов, вера и надеж во Господа Исуса Христа. Нема тука, ветување за големи или мали, држави, нации и народи, има ветување само за верни во Господа. Затоа, почитувани мои Македонци, никогаш немојте да велите за македонскиот народ и држава дека се мали и неважни. Ова е посебно порака до политичарите, кои милуваат да говорат за својот народ во деминатив. Не мили мои, ниту сме мали, ниту сме неважни. Во овој случај Бог е јасен. Големината е во верата, љубовта и надежта во Господа. Тоа е реперот за Господ, дали е голем некој народ или држава. Библискиот пример со Давид и Голијат е потврда за тоа и порака за денешните генерации политичари и за секој од нас, посебно овде во Македонија. Второ, ако го имаме Исуса Христа за “аголен камен“ или “камен темелник“ при градењето на секаков вид на стратегија, тогаш основно за секоја држава и нација е внатрешното единство, слогата внатре. Библијата ни вели “телото Христово да биде едно“, “да бидеме едномислени“, но и не опоменува дека “секое царство кое е разделено помеѓу групи е осудено на пропаст и секој дом поделен одвнатре запустува“. Кој би бил Библискиот одговор на оваа ситуација? Нема друг излез од ваквата состојба на дефетизам и разочараност, освен јакнење на единството на нацијата, мобилизација по сите основи, градење на колективната свест со силно изразена желба и внатрешен порив за опстанок и развој. Почитувани мои, време е да го послушаме Господа и да се обединиме. Нема успех низ историјата, ако претходно не настанало обединување по било кој основ. Немаше да се случи успех, ако во тие времиња, не се обединија сојузниците против фашизмот, ниту ќе успееше пролетеријатот ако не се обединеше, немаше ниту САД да бидат тоа што се доколку не се обединија сите американски држави во една. Ова го знаат и лидерите на Европа и НАТО. Нема да се издигнат во светска сила, ако не постигнат целосно обединување на државите, нациите и народите на европските и атланските простори. Време е ова да го разбереме и ние Македонците. Впрочем, ниту Александар Македонски, немаше да стигне до таму до каде што стигна, ако претходно не обедини бројни народи и племиња и племенски групи зад себе и во својата војска. Што уште е потребно, за ние Македонците да сфатиме, дека внатрешните делби по овие или оние основи, не водат на дното, каде што сме и сега. Во моментов, Македонија и Македонците се навистина на самото дно на Европа. Готово и да нема држава која е послаба од нашата, а ниту на повидок се гледа излез од тунелот во кој сме западнати. До кога, браќа Македонци? Зарем го заслужуваме дното? По кој знае кој пат, Библијата пророкуваше вистина. Случајот со Македонија, е типично остварено Библиско пророштво. Во Библијата се вели, првите ќе бидат последни, а последните први. Македонката Лидија беше првата во Европа која го прими христијанството за вера, во Филипи, денешна Драма во македонскиот дел во Грција. Првата христијанска црква на тлото на Европа беше основана во Филипи (Драма), од страна на апостол Павле, на територијата на тогашната автономна област Македонија, во рамките на Римската империја. Во тој период на владеење на моќното Римско царство, официјалниот назив на таа област населена со Македонци беше Македонија, за разлика од областа на денешна Грција (без северниот дел – Македонија), која официјално беше нарекувана Ахаја, а не Грција. Да потсетам на уште еден факт. Пред основањето на црквата во Македонскиот град Филипи (Драма), апостол Павле беше во Атина, ама не успеа да оформи црква, не го прифатија, дури беше и прогонет заради љубовта на Грците кон божицата Артемида или ако сакате кон профитот од идолските вајани скулптури на ликови, лажни божества и слично. Уште еднаш прашувам, заслужуваме ли, со вакво минато, да бидеме последни во Европа? Зошто е толку поделен македонскиот народ? Зошто е усвоена изреката дека Македонецот, сè може да прости, освен успехот на другиот до него? Па зарем ова не е проклетство? Каде е одговорот? Во отсуството на Бог и Божјиот збор од животите на луѓето. Во ситуација на отсуство на Бога од секојдневието на Македонецот, се раѓа злото, се раѓа и вирее злобата, љубомората, зависта. Замислете, каква порака крие уште една изрека македонска “да му цркне козата на комшијата“, и безброј други кои е дури срамно и да ги спомнуваме. А токму тие изреки ја отсликуваат реалноста на живеењето без Бога во секојдневието. Бог ни порачува преку Библијата “Сакајте го Бога со сето срце, душа и разум и сакајте го ближниот како себе си“. Ако ние ја воведеме Христовата љубов помеѓу нас, ако навистина започнеме да го сакаме Бога, а потоа и да се сакаме едни со други, како себе си, со христијанската агапе љубов, тогаш има надеж и иднина за Македонецот и Македонија. Надеж ми дава и реакцијата на мојот народ во случаите на постсмртните поворки и настани со легендата од човек и претседател Борис Трајковски и со легендата од музичар и хуманист Тоше Проески. Двајца големи Македонци во поновата историја, даде мојот народ. Двајца силни лидери излеаја огромна љубов кон својот народ, и што е уште поважно, почувствува мојот народ дека се работи за искрена и несебична љубов, каква што Бог ја бара од секој од нас. Зошто, двајцата најголеми Македонци од оваа генерација, ги снема на така трагичен начин? Затоа што ние, обременети со нашата себичност, завист и љубомора, пливајќи во злото и отсуство на Бога, не умеевме да ги препознаеме додека беа живи? Затоа што не сакавме да го видиме тоа што цел свет го виде, дека тие двајца ја пронесоа славата на Македонија и Македонецот подалеку одошто некој очекуваше? Кому му пречеше и се уште му пречи пронесувањето на славата македонска низ светот? На нас самите, на некој одвнатре, однадвор, кому? Цело столетие не пратат несреќи, делби и проклетства. Најголемите македонски дејци беа убивани, во атентати, во заседи, кукавички, цели 100-тина години, колку што трае и ништењето на македонското ткиво. Тоа се случува и денес, пред нашите очи. А ние, пак си тераме по старо. Тонеме во поделби, во меѓусебна омраза, шириме раздор внатре, упорно го цепиме на парчиња македонското ткиво, ја слабееме нашата перспектива и ја ништиме иднината на нашите поколенија, на нашите деца. Време е мојот народ да се освести, време е за пресврт. Убеден сум дека колективната македонска свест за опстанок и просперитет, со Божја помош, ќе не донесе до вистински лидери, до вистински одлуки, до лидери кои знаат што е одлучност, сигурност и храброст. Во Библиската книга на Исус Навин, Бог охрабруваше со зборовите: “Биди цврст и храбар.... Јас сум со тебе за да ти помогнам“. Драги мои Македонци, бидете цврсти и храбри. Време е за нови одлуки. Време е за нови лидери. Време е за нови визии и нови победи. Бог е Бог на шанси и нови почетоци. Да се вратиме при Него, со вистинска, искрена и од длабочината на нашите срца, вера, љубов и надеж, и да направиме пресврт. Повторно да постанеме први, да ја вратиме гордоста и достоинството на македонскиот гениј, гениј кој е докажан низ вековите, гениј кој некој бездушно сака да го загуши, да го уништи, да не постои, да се избрише од меморијата на генерациите кои доаѓаат. Сложно да им порачаме на сите злобници. На голема врата се враќа единството помеѓу Македонците. Сега сме посилни. Наш судија и сојузник повторно станува Бог. Нема сила која може да ни се спротивстави и запре во промоцијата на македонскиот гениј во светот. Бидете цврсти и храбри, силни во дух и вистина. Господ е со нас за да ни помогне. Обединети во верата, љубовта и надежта во Бога, сложно ја испраќаме опомената и пораката: Нека знаат сите, од исток и запад, север и југ, македонското име нема да загине. Македонскиот гениј ќе се врати на сцена и повторно ќе ги инспирира генерациите кои доаѓаат. Да повикаме заедно, единствени и сложно кон Бога, како што тоа го стори во видението на апостол Павле, Македонецот во Библиските времиња: “Дојди во Македонија (Господи м.з.) и помогни ни“. Да Господи, ДОЈДИ И ПОМОГНИ НИ, викаат Македонците денес. Бог да ја благослови Македонија и Македонците. АМИН. |