|
|
Ниш 2013 по стапките на Скопје 2014 |
Додека македонските медиуми внимателно ја следат изборната кампања за предвремените парламентарни избори, што треба да се одржат на 5-ти јуни, незабележано помина информацијата која ја пласираа нашите северни соседи, а се однесува на проектот Ниш 2013, а многу наликува на проектот Скопје 2014. Според РТС (Радио-телевизија Србијa), по повод одбележувањето на 1.700 години од донесувањето на Миланскиот едикт, градот Ниш планира до 2013 година да ги стави во функција сите споменици кои постојат во градот и да изгради споменик на царот Константин I Велики. Градоначалникот Милан Симоновиќ, како што пренесува РТС, изјавил дека: „Нивна задача е до 2013 година да ги стават во функција сите споменици кои постојат во Ниш, зошто овој град имал исклучиво богата и бурна историја.“ Целта на овој проект, според него е целата инфраструктура, сите споменици и во градот да среди, а градот да се промовира комплетно туристички. Сепак централно место во проект Ниш 2013 е изградбата на споменикот на Константин I Велики, кој ќе се работи според идејното решение на вајарот Вук Ѓуричковиќ. Со ова решение, царот Константин I е преставен како седи на престол под импозантна порта. Според проектот, димензиите се импресивни, а се предвидува самиот споменик да биде висок шест метри, а портата 20 метри. Со неговата изградба граѓаните на Ниш ќе добијат импозантен споменик кој се доближува до димензиите на централниот споменикот на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Идејата на вајарот Вук Ѓуричковиќ била преобразбата, затоа што смета дека царот Константин, кој е роден во Ниш, е една од најзначајните историски личности, кој со своето дело го сменил текот на историјата. Кој е Конснтин I Велики и зошто е значајно неговото дело? Римскиот император Константин I Велики е роден во Ниш околу 285 година. Родители му биле Констанциј Хлор и царицата Елена. По абдикцијата на Диоклецијан и Максимијан во 305 година, за нови владетели биле прогласени Галериј и Констанциј I Хлор. За прв пат, во 311 година Галериј издал едикт за прекратување на прогоните на христијаните, но по само неколку дена тој починал. По смрта на Галериј, на негово место застанале Линциниј и Константин, како еден од најголемите подржувачи на христијанството. Со импераијата ќе владее како совладател или сам од 306 до 337 година, и ќе биде прв римски христијански цар. Пред борбата со Максенциј, кога Константин имаше голема грижа и се сомневал во својот успех, му се јавил сред бел ден блескав крст на небото, сиот закитен со ѕвезди, а на крстот стоеше напишано: „Со ова победувај!“ Восхитен царот нареди да му исковаат голем крст, сличен на тој што му се јавил и да го носат пред војската. Со силата на Крстот тој стекна славна победа над бројно надмоќниот непријател. Веднаш потоа Константин го издаде прочуениот Едикт. Во 313 година во градот Медиолан, денешен Милано, Константин I Велики го издал т.н Милански едикт, со кој сите религии станале равноправни, а се забранувало секакво прогонство на христијаните и се прокламирала верска толеранција, Исто така Константин го свикал и го раководел Првиот црковен вселенски собор во 325 година во Никеја за утврдување на „Симболот на верата“. По победата над совладарот и зет Лициниј, го презел Истокот и ја раководел целата империја. Истата година, во 324 година, на Босфорот започнал да го гради Константинопол (Истанбул), а на 11 мај 330 година го прогласил за нова престолнина на империјата. Тој ќе биде и последниот Римски император кој управувал со целата империја. Се смета дека се прекрстил на смртниот одар во 337 година и од црквата е прогласен за светец, заедно со својата мајка Елена. Можеби проектот Ниш 2013 ги следи стапките на Скопје 2014, но она што е интересно што досега во српските медиуми никаде не можете да сретнете се коментари од типот дека нема потреба од вакви грандиозни споменици како и употреба на термини дека некој се обидува да го ромеизира градот Ниш и српскиот народ. За разлика од нас, кој уште на самиот почетокот на проектот Скопје 2014, некои нведнаш започнаа со коментарите дека некој се обидува да ја антиквизира земјата, граѓаните на Ниш и српскиот народ добро знаат да го искористат своето културно наследство и истото да го комерцијализираат искористувајќи го како добра турисстичка понуда. |