|
|
Четириесет години „Македонска нација“ 1971-2011 |
Веќе четириесет години поранешниот весник на македонската емиграција а денес веб портал „Македонска нација“, претставува вистинска нацонална трибина, во која учествуваат сите сите оние Македонци или Македонки, кои сакаат да работат за доброто и среќата на својата нација. Во сите овие изминати години, на секој чесен Македонец, без разлика на неговите идеолошки убедувања или партиска припадност, „Македонска нација“ им овозможи да ја застапуваат и да и служат на македонската национална кауза. Веќе четириесет години, почнувајќи од 1971 година во печатеното издание на весникот, се почитуваат принципите воспоставени на самиот почеток и изнесени во уводникот на редакторот и основач на „Македонска нација“ Драган Богдановски, дека весникот не е орган на политичка партија, друштво или организација, туку на сите оние кои ја сакаат Македонија и се борат за македонската национална кауза. Во 1962 година, македонската емиграција во Шведска го формира Ослободителниот комитет на Македонија(ОКМ) со цел да се создаде семакедонско национално движење за обединување на Македонија во самостојна македонска држава. Потребата за сопствено гласило кое ќе ги промовира ставовите на организацијата се изнесени на Вонредниот конгрес во Копенхаген во 1971 година, кога била донесена одлука за издавање официјален орган - весникот „Македонска нација“. Во 1972 година, на редовниот Конгрес во Бремен, Германија, Организацијата на ОКМ го менува името во Движење за обединување на Македонија (ДОМ). Набрзо движењето се проширило во Европа (Данска, Шведска, Германија, Австрија, Франција, Белгија) и во прекуокеанските земји (Австралија, САД и Канада). Ваквиот забрзан развој на движењето ќе предизвика потреба од преструктуирање на Организацијата. На конгресот одржан во Минхен во 1974 година, на кој учествуваат делегати од Европа и од прекуокеанските земји, името било модифицирано во Движење за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) и била усвоена нова Политичка платформа. Хроничар на овие настани е „Македонска нација“, која се издигнува над дадениот статус официјален орган на Организацијата. Станува весник кој не припаѓа само на Организацијата туку на сите Македонци со чисто срце ширум светот кои интерактивно учествуваат во креирање на уредувачката политика. Тоа беше весник во кој Македонците можеа да прочитаат не само за активностите на Организацијата, туку да прочитаат свои статии, да прочитаат за себе, за своите најблиски, за својата татковина, но и за религијата и забранетата македонска историја. „Македонска нација“ стана чувар на македонските традиции, јаик и култура, чувар на македонскиот идентитет. Тој беше извор на вистината за македонската трагедија но и сведок на македонскиот непокор. Затоа „Македонска нација“ со нетрпение беше очекуван и со радост беше читан, препрочитуван и раскажуван меѓу македонската емиграција распослана на сите страни на светот. Но, ваквата поставеност на „Македонска нација“, стана трн во око не само кај тогашните југословенски власти, туку и кај соседите. Постојат повеќе обиди да се попречи неговара дејност, па дури и обид за издавање на пиратски изданија на „Македонска нација“. Но читателите секогаш знаеа да го препознаат вистинското издание на овој весник, а неговата редакција успешно да се справи со натрапниците. „Македонска нација“ ќе остави длабоки траги, а дел од нејзините цели ќе се остварат со осамостојувањето на Македонија од југословенската федерација во 1991 година. Но самиот факт дека скоро две децении по осамостојувањето на земјата, сеуште имаме непризнавање од страна на Бугарија на македонската нација, јазик и култура, потоа непризнавање од страна на Грција исто така на македонското малцинство, барање за промена на името, како и непризнавањето на МПЦ-ОА од страна на СПЦ, се наметна потребата од возообновување на „Македонска нација“. Во период кога македонското прашање повторно стана актуелно на Балканот, а политиката на балканските држави, за жал и политика на Европа, со што се укажува дека македонското прашање сеуште останува отворено, појавата на електронското издание на „Македонска нација“ како спона на македонскиот народ со нејзината дијаспора е повеќе од неопходна за заедничка одбрана на македонската национална кауза. На 17 јуни 2009 година во просториите на Младискиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје, беше возобновена „Македонска нација“, едно од првите демократски и емигрантски гласила, кое не така одамна претставуваше единствен печатен медиум на Македонците надвор од сопствената држава. Како основоположник на македонската национална слободна мисла, новото електронско издание на „Македонска нација“ продолжи со потрагата по вистината толку потребна за одбрана на македонската национална кауза. Денес, електронското издание на „Македонска нација“ со своите над пет илјади статии, преставува вистинска енциклопедија на македонскиот народ, а изнесената вистина која ја шири низ светот преставува вистински браник на македонската национална кауза. Повторно „Македонска нација“ станува едно од најчитаните овојпат електронско гласило. Македонскиот народ, како во минатото така и сега, дома и во дијаспората, со нетрпение и радост го чека објавувањето на електронското издание на „Македонска нација“.
Да ни е вечна „Македонска нација“! |