|
|
„Чудата на Свети Димитрија“ - Miracula Sancti Demetrii |
Во редот на најзначајните хагиографски трудови од рановизантиската литература спаѓаат и „Чудата на Свети Димитрија" (Miracula Sancti Demetrii). Тоа се три збирки од која првата ги опфаќа „Чудата" што се однесуваат на периодот од крајот на VI до 20-тите години на VII век. Неа ја составил солунскиот архиепископ Јован, современик на овој период. Втората збирка ги опфаќа „Чудата" што се однесуваат на времето од 20-тите години на VII век па се до крајот на тој век. Авторот на оваа збирка е анонимен. Првата и втората збирка од „Чудата" всушност се дополнуваат една со друга. Тие содржат значајни изворни податоци за Македонците, кои по ликвидирањето на древната македонска држава во средината на II век пред н.е. од страна на Римјаните и претварањето на Македонија во провинција продолжуваат да егзистираат како посебен народ. Всушност „Чудата на Свети Димитриј“ претставуваат потврда дека древните Македонци никогаш не исчезнале, а Свети Димитрија не само што бил заштитник на Солун, главниот град на Македонците, туку тој бил заштитник на Македонците. Димитрија бил веродостојна историска личност која според изворните податоци потекнува од Солун, од македонски род. Тој бил син единец на солунски војвода од најславен род и како секој Македонец бил однегуван во духот на христијанското учење. По смрта на татко му, Димитриј кој бил истакнат меѓу Македонците, бил поставен за војвода. Како и многумина Македонци од Солун, го следи патот на апостол Павле, го проповеда христијанството меѓу војската каде службува, што предизвикува огорчување кај царот Максимијан, кој бил идолопоклоник. По наредба на царот, Димитриј бил затворен и избоден со копја. Пред да биде убиен го предава својот имот на Луп, својот ученик за да го подели на сиромашните. Поновите истражувања укажуваат дека смртта го затекнува Димитриј во Сирмиум (Сремска Митровица) во 304 година, а христијаните тајно го зеле телото и чесно го погребаа во родниот град. Од телото на Димитриј потекло исцелително миро, со кое мнозина болни се излечија и наскоро таму изградија малечка црква, а со молитва излечениот илирски војник Леонтиј од благодарност изградува многу поголема црква од старата. Според легендата, Царот Јулијан сакал да ги пренесе моштите од Солун во Цариград, но, од гробот скокнаа пламени искри и се слушнал глас да не се гибаат моштите на Димитриј. Отогаш Св. Димитриј се јавувал многупати и многупати го спасил Солун од големи неволји. Неговите чуда се навистина безбројни, а неговиот култ се шири несамо меѓу Македонците, туку насекаде меѓу балканските народи. Чудата на Св, Димитрија при одбраната на Солун, овозможуваат голем број идолопоклоници да ја прифатат христијанската вера. Тоа го потврдува и солунскиот архиепископ Јован, кој во "Чудата на св. Димитрија Солунски" пишува дека тој бил најзаслужен за одбраната на градот од нападот на аварско-словенската војска во 584 и 586 година, бидејќи им влеал "храброст на Македонците", а ги обесхрабрил варварите. Во збирката на „Чудата I " (Miracula I) архиепископот Јован ќе забележи дека: - „На 26 октомври (584 г.), додека целата земја го празнуваше денот на пбедоносецот, маченикот Димитриј, никаде не се слушал варварски глас. Меѓутоа, на вториот ден од прославата по решение на победоносецот (ме тера така да зборувам исходот на настанот), на полноќ изненадно се запали светиот негов сребрен кивориј (ковчег со „моштите" на Св. Димитрија). Кога ова за кратко време се расчу низ целиот град, сите најмлади граѓани... се собраа во пресветиот храм... и ја спречија опасноста од пожар... Масите потоа не се разотидоа...Еден човек, заслужува да се спомене, којшто служеше во славната војска на дакиската скринија на префектурата Илирик... започна да вика: „Граѓани, варвари се појавија ненадејно околу ѕидот. Сите излезете со оружје за својата татковина"... Целиот народ, откако го слушна неочекуваниот повик, се втурна по куќите и, вооружувајќи се, се искачи на ѕидот. Тој потоа виде во полето.. не многу голема варварска војска (зашто ние ги изброивме докај пет илјади) но многу јака, бидејќи беше составена од избрани и искусни борци. Зашто тие во таков број не би нападнале така ненадејно на еден толку голем град кога не би ги надминувале по својата сила и дрскост оние со кои и дотогаш понекогаш војувале... И се до доцна во ноќта тие се бореа меѓу себе и луѓето на победоносецот се излагаа на поголем ризик при настапувањето и повлекувањето... Најпосле, кога се појави помошта од самиот победоносец, варварите уште истиот ден беа прогонети и отстапија..). Палењето на дрвениот балдахин под се наоѓал сребрениот ковчег со моштите на Св Димитриј бил знак дека опасноста се приближува, а како што пишува архиепископот Јован со помошта на самиот победоносец, варварите уште истиот ден беа прогонети. Меѓутоа анализирајќи го текстот, повеќе историчари (на пр. Ф. Баришиќ) заклучуваат дека Солуњаните ги познавале цветот на Словените уште пред да нападнат. Многумина Македонци, како и претходно Св, Димитриј служеле во византиската војска во Подунавјето. Можеби, најдобро ги познавал војникот кој служел на дакиската скринија на префектурата Илирик (провиниијата Крајбрежна Дакија). Очигледно е дека искусниte и избрани борци кои го нападнале Солун, биле професионални војници, со кои Македонците веќе имале контакти на Дунавскиот лимес. Нешто повеќе за најголемото чудо на пресветиот маченик и заштитник на Македонците кој го спасил Солун ни дава архиепископот Јован во првата збирка на „Чудото на Свети Димитриј’ каде се опишува нападот на аварскиот хаган Бајан со потчинетитите Словени на Солун во 586 година. Во изводите од овој запис во кој се зборува за чудото кое неочекувао ги спаси Солуњаните, а може да се каже и дека скоро ги воскресна од мртвите, меѓудругото се вели: „Велат дека тогашниот водач на Аварите решил да испрати пратеници за некаква работа кај блаженопаметниот Маврикиј (582-602), кој во тоа време ја држел ромејската власт. Меѓутоа, бидејќи барањето му било одбиено, него го обзел неиздржлив гнев.. Тој го повикал кај себе од Склавиниите сето верно ѕверско племе, зашто целиот овој народ го имал под своја власт и додавајќи кон нив и некои други варвари, им наредил на сите да заминат во поход против од бога заштитениот Солун.
Мили мои, тоа беше најголемата војска што сме ја виделе во наши времиња. Според едни таа изнесувала повеќе од сто илјади тешко вооружени мажи, според други помал број, а според трети многу повеќе... И додека граѓаните се сомневаа дали тие ќе можат да пристигнат во овие краишта дури по четири или пет дена... тие пристигнаа безгласно пред градските ѕидишта, уште во понеделникот утрината (ден потоа?). И веднаш се појави првата закрилна сенка на сеславниот маченик Димитрија. Во таа ноќ тој ги заслепи и задржа доста часови околу тврдината на победоносната маченица Матрона, за да мислат дека тоа е градот. Но, откако најпосле пукна зората и дознаа дека градот е во близина, се нафрлија на него... Имено, токму тогаш се случи прочуеното и големо чудо на светиот Победоносец...
..Тие го опсадија градот како смртоносен венец од крајот на источниот ѕид до морето па се до крајот на западната страна на ѕидот кај морето, така што не се гледаше никакво место на земјата коешто варварот не го газеше... Сите мислеа дека спасувањето на градот е нешто неостварливо... Зашто ако некој би си ги претставил на куп не само во Солун собраните Македонци, туку и Тесалијците и Ахајците, тогаш не би се добил дури и минималниот дел од оние што однадвор го опсадуваа градот.
... Ненадејно (солуњаните н.з.) на третиот ден од опсадата.. им се крена духот така што почнаа да се смеат и да бијат шега со непријателите. Исто така со поканување.. мнозина од нив успеаја да ги разубедат да преминат кон градот, така што општествените бањи, кои повеќе не се употребуваа, беа преполни од оние што преминуваа од варварското множество, а што предизвика голема радост и смелост кај граѓаните...
...Впрочем нека пресуди справедливиот слушател дали можеа тие што беа излегле на предното утврдување само со копје и лак да им наштетат на оние што се наоѓаат под желките и го поткопуваа (бедемот н.з.) со лостови? Секако оној што им вдахна смелост на Македонците. Во случајот, со божјето решение непријателот беше лишен од помош...
...Беше света недела, седмиот и последен (ден) од нашата опсада, кога на овој ден непријателите се смирија, како да се починуваа од уморот на изминатите денови, за следниот ден да поведат против градот битка на живот и смрт.. Истиот тој ден, неочекувано, околу осум часот, варварите од сите страни извикаа со заеднички вик и побегнаа кон височините, оставајќи ги шаторите заедно со опремата...“ Од изводот даден тука може да се види дека Словените биле приморани да го нападнат Солун од аварскиот хаган Бајан. Меѓутоа, нивното пребегување и барање засолниште во градот каде ги исполниле јавните бањи можеби укажува дека т.н. Словени не сакале да се борат против своите Македонци во градот. Всушност, "Чудата на Св. Димитрија" напишани од архиепископот Јован, биле признание на Македонците за нивната храброст и уште една потврда за нивната поврзаност со култот на св. Димитрија. Македонците го празнувале св. Димитрија на 26 октомври, а фестивалот организиран во негова чест траел 9 дена. Тоа е слично како и древниот македонски религиозен фестивал посветен на Зевс и на музите, кој се организирал во октомври светилиште Дион и траел 9 дена. Празнувањето на „Св. Димитрија“ во Солун бил голем празник и „преставувал величествена македонска веселба на која се собира народ не само тамошниот, македонскиот, туку секаков и отсекаде". Во Македонија постојат голем број цркви посветени на Св. Димитрија. Денот на Св. Димитрија се празнува на 8. ноември (26 октомври по стариот јулијански календар), и уште е познат како Митровден. Познатао е дека традиционално ајдутите излегувале во планина на Ѓурѓовден, а се враќале дома за Митровден. |