|
|
Историски факт е дека денеска имаме македонска нација која има своја држава |
Јоно Митев (Йоно Митев, 23. IV. 1916 – 29. I. 2001) бил бугарски историчар, доктор на историските науки и професор по воена историја. Предавал на Военото училиште во Софија, а како воено лице имал чин полковник на бугарската армија. Научните интереси му биле насочени кон преродбата и новата бугарска историја. Има 158 публикации кои се издадени на шест јазици. Меѓу позначајните негови дела се: Историски студии (1955), Бугарското ополчение во ослободителната војна (1955), Петар Дељан (1965), Генерал Никола Генев (1966), Востаници и доброволци (1969), Вооружената антифашистичка борба во Бугарија (1981), Историја на Априлското востание 1876 Т. I. II. III. (1986, 2000), Априлското востание и славјанството (1996), Крајдунавска Добруџа (1996), како и многу други. Јоно Митев како и секој бугарски историчар, неодминливо го третира и македонското прашање. Во 1948 година, кога со Резолуцијата на Инфорбирото се заоструваат односите меѓу Југусловија и СССР, а со тоа и односите меѓу Белград и Софија, Јоно Митев се јавува со статија во која го разгледува формирањето на бугарската, но и на македонската нација. Тоа е период кога се размислува Пиринска Македонија да стане пиемонт околу кој ќе се обединат останатите делови на Македонија. Во мошне опширната статија под наслов „Формирање на бугарската нација“ објавена во „Исторически преглед“ (год. IV, Софија, 1948, кн. III, стр. 291—316.), бугарскиот историчар Јоно Митев разгледува неколку прашања како што е формирањето на бугарската нација, што е тоа нација, кога настанува таа и кои се нејзините белези. Притоа бугарскиот историчар прави строго временско и територијално разграничување на формирањето на бугарската нација и на македонската нација. Изнесувајќи критички оценки на ненаучните сфаќања на некои бугарски историчари, Митев ќе напише: „Не може да не се одбележи колку антинаучни се сфаќањата на некои бугарски историчари и социолози кои истакнуваат дека извикувањето на редица нови нации на национален живот, тоа било „бактериска микрофауна, која носи само понижување на своето сопствено културно ниво и создава политички хаос во светот“. Критикувајќи го ставот на историчарите и социолози кои сметаат дека малите нации како Македонците, Словенците, Австријците и други не постојат, туку дека тие се само делови на големите нации како Бугарите, Србите, Германците и други, тој укажува дека со „тие свои теории бугарските историчари му служат наполно на великошовинизмот и фашизмот“. Разгледувајќи го оформувањето на новобугарскиот јазик, Јоно Митев вели: „Новобугарскиот јазик започнува да се оформува уште во XVI - XVII век. Тоа јасно се гледа од дамаскините. Но, бугарските книжевници, во тој број Паисиј и Софрониј Врачански, не го прифаќаат наполно новобугарскиот збор. Нивните книги се напишани на еден полу-старобугарски, полу-новобугарски јазик. Во тој однос нивниот јазик е еднакво разбирлив за Бугарите, Србите и Македонците. Петар Берон е првиот бугарски книжовник којшто пишува на говорниот народен бугарски јазик. Кога ќе се премине кон поезијата на Петко Рачов Славејков и други од средината на XIX век, ќе се види веќе наполно оформениот новобугарски јазик, кој истовремено ги оцртува границите и на бугарската нација, а имено, меѓу Дунав и Бело Море и на запад по линијата Пирин - Деве Баир – Пирот - Тимок. Ќе се премине ли понатаму, веднаш се оцртува македонскиот и српскиот збор. Се разбира, некои несуштествени дијалектички различности не ја менуваат општата слика. Продолжувајќи со својата расправа Митев пишува: „Но великобугарските шовинисти тврдат, дека македонскиот јазик е само една дијалектичка разновидност на бугарскиот. Тие тврдат, исто така, дека границите на бугарската нација стигнуваат до Костур. Меѓутоа, за да докаже колку е апсурдна оваа теорија на бугарските историчари и социолози, Јоно Митев посочува дека преку споредбата на старите зборници на народни песни, македонски и бугарски, може да се утврди дека „во текот на многу векови се формирал одделен бугарски национален јазик и македонски национален јазик“... И дава примери на две народни песни, едната од Македонија, а другата од Бугарија, објавени во „Зборникот за народни умотворенија“, кн. IV, год. 1891. „Слична споредба може да се направи, на пример, меѓу поезијата на Петко Славејков и Константин Миладинов, пишува Јоно Митев, за да се види колку бугарскиот и македонскиот народен јазик се разишле. Неспорно е, како што вели Митев дека „остра јазична граница меѓу Бугарите и Македонците нема, како што впрочем нема и меѓу Србите и Македонците. Во Горноџумајско, Босилеградско и Пиротско дијалектите се прелеваат еден во друг. И така кон средината на XIX век бугарскиот јазик е дефинитивно формиран како сеопшт на бугарската нација, од горенабележаната територија“. Територијата е основниот елемент за формирањето на нацијата, пишува Јоно Митев. Но, како што вели тој „територијата на една нација се оцртува и од економскиот и од политичкиот живот. И ако ја проследиме економската територија на Бугарите и Македонците ќе видиме дека Македонија од порано се оформила донекаде во одделна економска област со центри Скопје, Битола и Солун...“ Што се однесува пак до тоа дека територијата на една нација се оцртува и од политичкиот живот на луѓето што ја населуваат, Митев вели: „Така Бугарите и Македонците ја водеа дружно борбата за црковна слобода. Но, кога дојде прашањето за политичко ослободување, во Бугарија се разви едно силно револуционерно движење, а во Македонија, така или инаку, револуционерното движење не никна. Случајно ли е, на пример, што Внатрешната Револуционерна Организација на Левски не се простирала во Македонија? Крајната точка на револуционерната организација на Левски на југозапад е Горна Џумаја, каде што работи неговиот помошник Тању Стојанов. Се појавувало прашањето Димитар Обшти да отиде во Македонија и таму да основа револуционерна организација, слична на организацијата во Бугарија, но сепак, тоа не се случило“. Како што вели Митев: „Беспредметно е, се разбира, да се одрекува и заедничката борба, којашто Бугарите и Македонците ја воделе против грчките фанариоти и турските поробувачи. Но и покрај многу заеднички белези, се гледа и разликата меѓу Бугарите и Македонците. Така територијата на бугарскиот народ во периодот кога се формира бугарската нација сепак јасно се оцртува од Внатрешната Револуционерна Организација. Тоа се пределите меѓу Бело Море и Дунав со цела Добруџа, Источна и Западна Тракија, до Пирин, Осогово, Пирот и реката Тимок. Што се однесува до Северна Добруџа, таа била населена со компактна маса од бугарско население, кое по ослободувањето, и особено во најново време (1940), по силата на Крајовската спогодба беше иселено и заменето со романско население од Јужна Добруџа“. Откако го истакнува развитокот на бугарското национално револуционерно движење и Ослободителната руско-турска војна, како резултат на кои дојде до ослободувањето на бугарскиот народ од турското ропство, Јоно Митев констатира дека „значителни предели, населени со Бугари, во Тракија останаа под турско ропство. Под турско ропство остана да стенка и Македонија“, и тука Митев го поставува прашањето: „Кога се формирала македонската нација“? Во одговорот кој тој го дава се вели: „Великобугарските шовинисти, како што е познато, тврдат дека македонска нација нема, дека Македонците и Бугарите составуваат една и иста нација. По тоа прашање е излишно да се спори со нив, бидејќи историјата го разреши спорот. Но сепак, на великобугарските шовинисти може да им се зададе следното прашање: Денеска македонската нација историски факт ли е? Природно, да! Во неможност целосно да се дистанцира од бугарската историографија, како и актуелните политички случувања, Јоно Митев констатира дека „Нам ни е познато дека пред и по ослободувањето на Бугарија македонските дејци се чувствуваат Бугари и дејствуваат заеднички со Бугарите за своето ослободување. Така Гоце Делчев, Дамјан Груев, Јане Сандански и другите водачи на македонското национал-револуционерно движење се чувствувале Бугари. Тие се бореа за автономија на Македонија, се бореа против великобугарската монархистичка клима! Меѓутоа, и покрај тоа се чувствуваа Бугари“. Но, како што самиот вели „од друга страна денеска Македонците се чувствуваат Македонци“. Според него причините што денешните Македонци се чуствуваат Македонци тој ја бара во следното: 1. Во економски однос Македонија во XIX век стои еден степен поназад од Бугарија; 2. По ослободувањето на Бугарија границите го попречија општиот економски живот меѓу Бугарите и Македонците; 3. Предавничката дејност на монархистичката клима и на великобугарските шовинисти, како и политички услови на Балканот кои овозможија среде Македонците постепено да се создаде чувство за самостојност, вклучувајќи ја тука, борбата на македонските национал - револуционери за автономија како еден спонтан стремеж на македонскиот народ да создаде своја држава, да заживее самостоен национален живот; 4. Македонската нација се формирала мошне бавно поради редица своеобразни услови. Но решителен момент во процесот на формирањето на македонската нација е Балканската, Меѓусојузничката и Првата Светска Војна, кога македонскиот народ беше распнат на крст од великошовинистите и империјалистите“. Но, како што вели Митев, „така или инаку, историски факт е дека денеска имаме македонска нација, која си има своја држава, своја власт, води свој културен живот. Обединувањето на Македонците надвор од македонската држава е прашање на време“.
„Формирањето на бугарската нација уште во средината на XIX век и на македонската нација подоцна е важен факт кој не може да се одмине. Од тоа се гледа не само дека имаме две различни нации, бугарска и македонска, туку и дека нивното формирање станало во различно време. Она што великошовинистичката бугарска буржоазија не сакаше за ништо на светот да го признае, е историска стварност: имаме одделна македонска нација, со свои национални белези, со своја иднина“ – заклучува во својата статија бугарскиот историчар. Во продолжение на статијата Јоно Митев дава критички преглед на сфаќањата на некои бугарски историчари во врска со националното прашање, и констатирајќи дека врз тие нивни погрешни сфаќања се воспитува бугарската младина. Тој јасно ќе порача дека пред бугарските историчари од старата школа стои сериозна задача, „да направат самите преценка на се што имаат напишано, да ликвидираат со своите идеалистички и реакционерни сфаќања, ако сакаат да работат сериозно на полето на науката. Тоа, се разбира, не може да стане со потиснување на она што го пишувале некогаш поддржувајќи реакционерни и ненаучни теории, со што и` служеле на крупната буржоаско-фашистичка клика, туку тие треба сами да ги раскритикуваат и одречат своите сопствени пишувања. Но, за да ја направат таа своја идеолошка преориентација, тие треба да го изучат и усвојат историскиот материјализам, за да можат да применат едно материјалистичко сфаќање на историјата. Тоа, се разбира, не е лесна задача. Но тие треба или да ја разрешат во позитивна смисла, или ќе потонат во калта на идеализмот и субјективизмот“ – вели на крајот од својата статија бугарскиот воен историчар Јоно Митев. Иако оваа статија е пишувана во далечната 1948 година, таа не губи ни денес од своето значење, како за историчарите така и за денешните политичари. Во неа не само што се признава постоењето на македонскиот народ, неговиот идентитет и јазикот, туку дава препораки на новите бугарските историчари да ја надминат старат школа во која се негира постоењето на македонскиот народ. Само така, со меѓусебно признавање и почитување, двата блиски братски народи можат да одат напред и да имаат просперитетна иднина. (извор: „Од признавање до негирање“, Скопје, 1970) |