|
|
Опасна игра на СДСМ |
Свекрва Единствениот кој може да ги спречи опасните игри на раководството на СДСМ, кои според нив се поддржани од надвор, е македонскиот народ. Официјално на 24 март 2014 година започна кампањата за избор на претседател на Македонија. Четворицата кандидати: Ѓорге Иванов поддржан од владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски поддржан од опозициската СДСМ, Илијаз Халими кандидат на ДПА и Зоран Поповски предложен од партијата ГРОМ, во наредните денови ќе излезат со своите понуди врз кои граѓаните треба да одлучат на кого ќе му ја дадат поддршката на 13 април. Иако надлежностите на претседателот се ограничени со Уставот и законите, како шеф на државата и врховен командант на воените сили на Македонија, во негова надлежност се надворешната политика и безбедноста на земјата. Од неговите способности зависи како ќе се води државата. Досегашниот претседател и кандидат за уште еден мандат Ѓорге Иванов, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, во својот прв митинг на првиот ден од кампањата кој го одржа во охридското село Велгошти, укажувајќи на досегашното искуство со владеачката партија, порача дека: „Кога се работи тимски и заедно секогаш резултатите се видливи“! Затоа тој побара доверба за уште еден мандат, за како што вели: „Да работиме заедно како тим за Македонија“. Иванов посочи дека заедно со лидерот на владеачката партија Никола Груевски покажаа дека знаат да ја сакаат Македонија и да им се посветат на граѓаните на Република Македонија. Како што вели сеуште актуелниот претседател: „Таа љубов ни се враќа на сите избори. Затоа ВМРО-ДПМНЕ победува. Затоа што е со својот народ! Затоа Македонија се гради, се гради просперитетот и успехот на Македонија. Од секој наш успешен човек, произлегува успехот на државата“. Македонија од осамосојувањето до сега имала повеќе или помалку успешни четворица претседатели. Меѓутоа, искуството покажува дека во последните години претседателот Иванов и премиерот Груевски успешно кормилареа со македонскиот брод низ немирните меѓународни и домашни политички води. Во услови кога на македонскиот народ му се оспорува името, идентитетот, јазикот и црквата, во услови кога во светот владеат политички бури и економски кризи, а на земјата и` се попречува влегувањето во пристаништето наречено ЕУ и НАТО, двајцата овозможија не само да ја доведат Македонија во помирни води, со што се спречи поголема хаварија, туку овозможија развој на македонската економија и намалување на невработеноста. Но, сето тоа не ќе можеше да се изведе без голема поддршка на народот. Сега, кога покрај претседателските следуваат и парламентарните избори, а во меѓународните води повторно беснеат бури, потребата од двајцата искусни кормилари е повеќе од неопходна. Но, за да го добијат кормилото повторно во свои раце потребна е и доверба на македонските граѓани. Оттука, Иванов во својот говор во охридското село Велгошти ќе нагласи: „Ве очекувам заедно да извојуваме уште една голема, двојна победа за Македонија! Државата пред се`! Македонија пред се`!“ Иванов и Груевски се искусни кормилари кои лесно не ја виткаат кичмата пред налетот на бурата. Но, како и секаде, така и кај нас има луѓе кои се спремни на се`, само за да го земат кормилото во свои раце, иако не се способни ни партиското бродче да го управуваат. Тоа го покажува и скандалозното однесување на партискиот лидер на СДСМ, Зоран Заев, кој преку сервилни пораки сака да воспостави контакти со албанската партија ДПА, само за да оствари некаков партиски бенефит. Тоа говори за менталниот склоп на раководството на СДСМ кои се способни на се`. Но, ако така се однесуваат со помалите политички партии само за да се доберат до власта, како ли ќе се однесуваат доколку треба да одлучуваат за важни државни прашања, како што е прашањето за името, области каде се задира во националните и државни интереси? Карактеристичното виткање на кичмата кое се чита во СМС пораките на Заев, а кои ги објавува Мендух Тачи, не само што ќе предизвикаат политичка ерупција во пошироката јавност и земјотрес во самата партија, туку предизвикуваат и загриженост од ваквото неодговорно однесување кое може да се одрази на безбедноста на земјата. Од СДСМ во ниту еден момент не ги негираа пораките. Меѓутоа пораката во која се вели дека: „Перспективите во регионот се воспоставување на соработка со тројката која ќе има голема поддршка во иднина, а тоа сте вие, Харадинај и Бериша. Затоа ме подготвуваат и повисоките надвор од Македонија. Ве молам да разговараме. Зоран Заев“, го отвара прашањето кој тоа го подготвува од надвор и за какво сценарио. Дали Заев одработува за некого од надвор или од внатре од редовите на играчите од сенка во СДСМ и дали се подготвува за т.н „Украинизација“ на земјата, односно да го повтори веќе виденото сценарио од 24 декември 2012 г.? Иако објавувањето на пораките во кои Заев понизно го моли Тачи за соработка претставува сериозен удар за кредибилетот на лидерот на СДСМ, тој најавува дека ќе поднесе оставка само доколку партијата ги загуби изборите. За тоа време шефот на изборниот штаб изјавува дека „СДСМ оди на двојна победа на претстојните избори“, иако според сите рејтинзи народот нема доверба во нив. Интересно е што во нивната понуда за парламентарните избори за 27 април го нема раководството на СДСМ, а се поставени лица кои не се многу познати или веќе имаат претрпено изборни порази. Оваа одлука на раководството на СДСМ за еден дел од експертите претставува доказ дека Зоран Заев и Радмила Шеќеринска се имаат помирено со поразот и дека бегаат од одговорност и соочување со народот, за други дека тие сосема ја изгубиле реалноста, а за трети тоа е знак дека СДСМ се подготвува за бојкот на изборите. Ако го земеме во предвид фактот дека ДУИ би признал само консензуален претседател и претпоставката дека СДСМ се подготвува за бојкот на изборите, тогаш сама по себе се наметнува загриженоста од постапките на социалдемократите кои раководени од желбата на поединци да дојдат на власт преку „надворешни центри“, сериозно можат да ја доведат земјата во т.н. „Украинизација“, со што потоа би овозможиле распродавање на националните интереси на македонскиот народ (име, идентитет...). Единствениот кој може да ги спречи опасните игри на раководството на СДСМ, кои според нив се поддржани од надвор, е македонскиот народ. Тој на масовни избори може да каже НЕ за таквата политика и да му го довери својот глас на искусните кормилари Ѓорге Иванов и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кои докажаа дека знаат да ја водат земјата и при најголемите непогоди. |