Среда, 06 Август 2014   
Во условите на Првата светска војна, македонскиот народ остана доследен на својата посебност

salonika
Салоника

Со Букурешкиот мировен договор во 1913 година, поделен во три дела меѓу своите соседи, македонскиот народ се најде во услови на воена управа која не му дозволуваше на организиран начин да ја искаже својата посебност, својата слободна воља  и стремеж за создавање на своја држава. Со присила на војничката чизма беше задушена секоја политичка  или било која друга активност на македонскиот народ.

Меѓутоа, светот сепак беше запознат со основниот стремеж на македонскиот народ: да се воспостави територијалната целост на Македонија. Овие барања биле изнесени од македонската емиграција, особено од онаа во Русија и Швајцарија. Тие беа далеку од рацете на окупаторите на нивната земја и имаа можност послободно да го изразат стремежот на Македонците.

Македонската емиграција со аргументите на резултатите од револуционерните борби на македонскиот народ барала од Русија, Англија и Франција да се ангажираат за ослободувањето на Македонија. Таа во автономијата на Македонија гледала единствен и најдобар излез за сите заинтересирани на Балканот и за мирот во Европа.

Македонската група во Петроград во својата долгогодишна политичка активност за решавањето на македонското прашање во текот на Првата светска војна дојде до сознанија и предложи решенијата чијашто реализација е единствено во состојба да најде трајно решение за слободата и независноста на македонскиот народ и да укаже на патиштата за решавање на балканските проблеми.

Своите ставови, приврзаниците на независна Македонија, ги објавуваат во нивниот орган „Македонски глас“, кој излегува од 9 јуни 1913 година до 20 ноември 1914 година. Мотото на ова списние биле зборовите на Борис Сарафов дека: „Ние Мекедонците не сме ни Срби, ни Бугари, туку просто Македонци.“.

Во списанието се публикуваат бројни статии и официјални акти на Македонската колонија потпишани од Д. Чуповски, Н. Димов, П. Божидарски, д-р Г. Константинович, Г.А. Георгов и други. Ова списание претставува едно од најзначајните архиви за македонскиот национален стремеж за одбрана на целоста на Македонија и слободата и обединувањето на македонскиот народ, во периодот на Балканските војни и почетокот на Првата светска војна.

Велешанецот Георги Андреј Георгов  (1858 – 1929), виден македонски општественик кој учествувал со Васил Диамандиев во формирањето на македонската лига (1880), објавува свои статии во списанието „Македонски глас“.  Во статијата „Кои се Македонците“ објавена во ова списание на 20 ноември 1914 година, членот на Македонската колонија во Петроград, Георги Георгов  прави осврт врз развојот на Македонците. Запознавајќи го читателот со историјата на населувањето на народите на Балканскиот Полуостров, во која иако се држи до теоријата дека Славјаните се дојдени на Балканот, кој за нас, денешните Македонци е неприфатлива, односно дека од Балканот се врши раселувањето, тој дава интересен заклучок во однос на потеклото на Македонците.

Според него, „Тесалиско-пелопонеските македонски, тракиски и мизиски Славјани дошле од североисток и поточно од Карпатските Планини (племето Карпи - жители на карпатите), а Србо-Хрватите и Словенците - од север, откај сегашните Прусија, Лузитанија и Полска. На тој начин првата група балкански Славјани им е сродна на источните Славјани (на Русите), а втората - на западните.“

Како што пишува Георгов, „со текот на времето, и особено во периодот на големата преселба на народите и на крстоносните походи станало ова:

1.Тесалиско-пелопонеските Слaвјани се слеале со Грците и делумно со Епирците и Латините и ја образувале новоелинската или грчката нација;

2.Во Мизија и Тракија во разни времиња се населиле и слеале со месните Славјани разни источни турско-татарски мали народи, кои ја образувале словенобугарската нација;

3.Во областа, заземена од Србо-Хрватите и словенците, престојувале и делумно се населиле и слеале со последниве некои келтски и тевтонски племиња, т.е. внесле во словенската крв извесна доза келтска и тевтонска крв; 

4.Македонските Славјани пак, опкружени речиси од сите страни со високи планини и со морето, останале некако надвор од пределите на големата преселба на народите и единствено само Куманите ги пречекориле овие планини и заседнале во североисточниот агол на Македонија, и со текот на времето се слеале со македонските Славјани, оставајќи спомен за себе во основаниот од нив град Куманово.

Видливо е дека македонскиот деец Георгов сака да ја истакне посебноста на македонскиот народ.

Во тој контекст тој продолжува во текст и вели: 

На тој начин македонските Славјани, според типот и јазикот, се почисто славјанско племе отколку Бугарите и Србо-Хрватите и Словенците, како што се Великорусите по однос на Малорусите и Полјаците; како што во крвта и јазикот на Малорусите и Бугарите има многу нешто турскотатарско, така и во крвта и јазикот на Полјаците, Србо-Хрватите и Словенците има многу нешто западно. Додека кај Великорусите има само безначајна примеса на финска и друга крв, кај македонските Славјани има само безначајна примеса на куманска и можеби трачко-епирско-илирска (куцовлашка и албанска) крв, а исто така и некои посебни јазични особености.

Може да се каже дека, според типот, (крвта), јазикот, дури и карактерот, според географската положба, која го разделува Северното од Јужното Славјанство, и инородниот (германско-унгарско-романски) клин, Македонските Славјани се јужни Великоруси (се разбира, не во количествен однос), Бугарите како јужни Малоруси, а Србо-Хрватите и Словенците како јужни Полјаци и Лужички Срби.“

Според тоа, како што пишува македонскиот деец: „Македонските Славјани не се Срби и не се Бугари, туку просто се Македонци, а се сродни и со едните и со другите, при што се поблиски по сродство и по јазик до Бугарите отколку до Србите.

Врз основа на тоа може да се дојде до ваков заклучок: независната и од татарското и друго иго слободна Великорусија послужи како цврста основа за постепеното обединување на речиси целото североисточно славјаноруско племе, и бог нека даде, да послужи за иста таква основа на натамошното обединување на сето северно славјанство.

Независна и слободна Македонија единствено може да песлужи како цврста основа врз која ќе биде изградена величествената зграда на националното обединување на македонското, бугарското и српското племе, а следствено, и на сето Јужно Славјанство, како неопходен чекор кон идното негово обединување со Северното Славјанство...“

На крајот од својата статија Георги Андреј Георгов вели: „Кои имаат уши да чујат - нека чујат", а Славјаните, движени од чувството не на ситен шовинизам, туку на славјанското братство и единство врз основа на почитувањето на индивидуалните особености на секоја одделна славјанска нација, не можат да не се придружат кон нашиот извик: „Да живее независна и слободна Македонија!" 

(Г. Георгиев „Македонски глас", стр. 309 – 311.).

Македонската група во Петроград во најголем дел очекува поддршка од Руската империја, каде била прифатена и поддржана од „Советот на општеството за словенска заемност", во кое членувале видни руски општественици и јавни работници. Оваа организација на својата седница од 8 јуни 1915 година донела „Резолуција по македонското прашање". Во неа се изнесуваат програмски цели изнесени  пред Втората балканска војна со тоа што нејзината содржина води сметка за новите моменти настанати со поделбата на Македонија. Во Резолуцијата меѓу другото се вели:

1. Најправилно решение на проблемот е да се образува целокупна и независна Македонија со издвојувањето на деловите заземени во 1913 година од Србија, Грција и Бугарија. На тој начин од поделената на три дела многунапатена земја ќе се создаде единствена целосна држава која ќе биде во положба слободно да се развива во рамките на своето самостојно постоење.

2. Ваквото решавање на проблемот не го засегнува ниту српското, ниту бугарското, ниту грчкото самољубие, одговара на најдлабоките желби на македонскиот народ и не им противречи на широките животни интереси на соседните држави.

Следејќи го развојот на политичките настани во Русија и приспособувајќи го своето дејствување спрема создадените општествено-политички услови македонската група во Петроград во текот на револуционерната 1917 год. во Русија ќе образува „Македонски револуционерен комитет".

Верен на традициите од дејноста на Македонското литературно дружество, тој комитет ќе излезе со програма во која ќе ги изложи своите гледишта за уредувањето на Балканот, во тој склоп и на решавањето на македонското национално прашање.

Во условите на Првата светска војна, македонскиот народ остана доследен на основната програмска цел на македонското. национално движење - автономија на Македонија.

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.