Среда, 13 Август 2014   
Странџанската Република, слична на Крушовската Република во Македонија

tihomir-karanfilov-2
Тихомир Каранфилов

Во текот на Илинденското востание 1903 година, во VII востанички округ – Одринско, Тракија, востаниците на Внатрешната Македоно-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО) во реонот меѓу Мало Трново и Василико формираат Странџанската Република или позната уште како Странџанската комуна. Странџанската Република опстојува нешто повеќе од 20 дена, а нејзиното функционирање и организација се резултат на ставовите на дел од раководството на Одринскиот револуционерен округ, особено на Михаил Герџиков.

Востанието во VII востанички округ – Одринско, кој бил формиран со Општиот план за Илинденското востание, а во кое покрај тракиските Бугари учествуваат и Македонците, не било без значење. Востаничките дејствија кои започнале на 19 август и траеле некаде до 8 септември 1903 година (нов стил), во извесна мера допринеле за успорување на планот за концентрација на османлиската армија во Битолско.

На конгресот на Петрова нива, кој се одржал на 28 и 29 јуни 1903 година, бил избран Раководен Штаб во кој влегле Михаил Герџиков, Лазар Маџаров и капетан Стамо Икономов. Штабот како врховна раководна власт имал за задача да го подготви и раководи востанието за кое било донесено решение востанието да биде подигнато меѓу 20 јули и 20 август. Исто така било донесено решение Одринскиот револуционерен округ да се подели на 5 востанички околии:

1. Мало-трновски,

2. Чокенски.

3. Мустафа-пашански,

4. Дедеагачки и

5. Ахчелебиски.

Штабот ја имал задачата точно да го одреди денот на востанието.

Во Одринско била испратена четата на Михаил Герџиков која броела околу 130 души. Таа со себе носела пушки манлихери и друг воен материјал, кој бил распределен на другите месни чети. Од 30 души на четата на Герџиков била формирана посебна диверзантска група која била задолжена за експлозивни направи и материјали. Оваа група била предводена од Герџиков, Христо Сиљанов и велешанецот Иван Варналиев.

По добивањето на известувањето од Централниот комитет и Задграничното претставништво дека Востанието во Битолско веќе е започнато и дека востанието во Одринско треба што побргу да се крене, Штабот одлучил тоа да биде на Преображение Христово. Пред самото започување на востанието во Одринско, поради убиството на рускиот конзул во Битола Ростоковски од страна на османлиски војник по започнувањето на востанието во Битолско, Црноморската руска ескадрила демонстративно се појавила пред турското пристаниште Енијада

Во ноќта на 18 спроти 19 август 1903 година започна востанието.

Сигналот за востанието беше даден од неустрашивиот и нестрплив војвода Дико Џелепов преку фрлање неколку бомби против османлиска воена единица во касарната во селото Стоилово. „Тоа беше поздрав кон борците во Битолско од востанатите нивни браќа од Странџа“ – ќе напише подоцна Христо Сиљанов.

Следниот ден востаниците се повлекле, а аскерот избегал за Мало Трново.

Истата вечер, околу 130 востаници предводени од Герџиков тргнуваат на градчето Василико, а потоа еден дел од нив предводени од Георги Костандиев одат кон селото Потурнаково. Меѓу востаниците, покрај Христо Сиљанов кој потекнува од Охрид, се наоѓаат и неколку Македонци од Битолско. При нападатот на градчето, се предале еден поморски офицер, началник на пристаништето, потоа еден жандарски потпоручник, началник на карантината и началник на телегарвско-поштенската станица. Востаниците го зазеле уќуматот и ја уништиле архивата.  Под притисок на востаниците во текот на ноќта не останал ниту еден Турчин во Василико и Потирнаково. Сите заминале по море или по копно за Цариград.

Наскоро четата на Цено Куртев влегува во градот Ахтопол, а Лазар Маџаров од Леринското село Негован, со стотина души го напаѓа аскерот во Деркој, по што аскерот го напушта селото и се повлекува во Лозенград. Се воделе многу битки, се уништува пругата, се сечат телграфските линии. Веќе по првите денови на востанието, Одринско било исчистено од аскерот, а турското население од Потурнаково, Василико, Ахтопол и други крајбрежни села со своите бродчиња спасот го побарале во Цариград. Единствено населено место кое останало во рацете на османлиите бил само Мало Трново. Во ослободените места почнува да финкционира цивилна власт како во комуна, по што го добива името  Странџанската Република или Странџанската комуна. Ваквата состојба траела само 20 дена  

Европскиот печат во овој период пишува дека во секој момент е можен востанички напад на Одрин. Во услови каде востаниците создаваат слободна територија практично пред вратите на Отоманската престолнина, создава тензии во Цариград, кој за да спречи било каква надворешна интервенција, презема низа политички и воени мерки. Наскоро се концентрира голема османлиска војска која го задушува востанието. Сепак, иако кратко трае, востанието во Одринско го намалува и забавува притисокот на отоманската армија во Македонија.

Учесникот во Илинденското востание Г.П. Ајанов во својата статија „Преображенското востание на Тракиските Бугари во 1903 година“, објавена во „Работническо дело" од 19. VIII. 1950 година пишува:

„Со години по ред тракиските Бугари воделе борби за слобода и обединување, но Преображенското востание во 1903 година е најсветлата масовна револуционерна појава на трудбениците во Тракија. Борбата за ослободување од политичкото и економското ропство што царуваше во полуфеудална Турција, се водеше заедно со браќата Македонци и под знамето на Внатрешната македоно-одринска револуционерна организација.

Но ако автономијата, онака како што ја разбираше Гоце Делчев, беше погодна форма за управување на ослободена Македонија, за Тракијците идејата за автономија сосема не беше популарна. Поради низа историски, стопански и географски причини, тракиските Бугари го очекуваа своето ослободување преку присоединувањето кон општобугарската татковина.

Револуционерната идеја во Одринско (Тракија) навлезе 7—8 години пред самото востание. Таа идеја тука беше пропагирана од легални и илегални дејци од Македонија и Бугарија. Такви беа Лазар Маџаров, Петко Напетов, Петар Ваенов, Михаил Герџиков, Евтим Дабев, Георги Кондолов и др.

Во 1900 година тој крај го посети и Гоце Делчев. За кусо време Тракија беше покриена со густа револуционерна мрежа.

 

Кога на 2 август 1903 година избувна Илинденското востание, Тракијците се вклучија во општата борба на поробените маси. Во ноќта на 18 спроти 19 август 1903 година започна Преображенското востание. Сигналот за востанието беше даден од неустрашивиот стоиловски војвода Дико Џелепов преку фрлање неколку бомби против настанетата турска воена единица.

Пукотот на бомбите одекна низ цела Странџа како повик за нерамната борба меѓу робот и тиранот. Востанието беше пречекано со воодушевување од целото население на Тракија со центар во Странџа. Сите реонски чети, помогнати од локалните „смртни дружини" и од другите вооружени селани, требаше да ги извршат своите поставени задачи.

За кратко време, од 19 август до средината на септември, речиси целата востаничка област беше исчистена од непријателот и беше прогласена Странџанската Република, слична на Крушовската Република во Македонија.

Турските управници не можеа да се помират со мислата дека не само во Македонија, туку и во Одринско, пред самите врати на Цариград, може да има незадоволен народ, кој со оружје во раката се дига на бунт за својата слобода и национална независност. Откако мина смутот и застрашувањето меѓу управниците, една 40-илјадна армија беше испратена од Цариград да  го задуши востанието и да  ги казни  востанатите  Бугари..."

Илинденското востание во 1903 година било крваво задушено, како во Македонија така и во Одринско. Но, како резултат на ова востение денес Македонците ја имаат својата Крушевска Република, а Бугарите Странџанската Република или Комуна.

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.