|
|
Помина уште еден Илинден |
Богоугодно е да се сака својот род и таа љубов да се споделува со другите! Оти тој што нема чувство за својот род, не може да има чувство ни за другиот! Помина уште еден Илинден, сите ние на некој начин чествувавме, некои правеа пикник, некои беа во Крушево или Пелинце, некои во Скопје, некои останаа дома со своите најблиски и пријатели, сите на свој начин чествувавме. Секогаш кога одбележуваме вакви важни настани од нашата историја, едно никогаш не треба да заборавиме дека Илинденците не се жалеа себéси, не ги жалеа своите животи во борбата да се стигне до целта, а целта беше, Македонија Илинденците, нé обврзуваат да стигнеме до целта, да отвориме нова современа Илинденска страница за политичко дејствување. Се бореле, ги дале животите, а Ние им одадовме почит за несебичната борба за самостојна држава. Деновиве што поминаа чествувавме три Илиндена. Првиот Илинден на Гоце, Александров, Даме, Јане, Карев, Питу,.... од 1903, симболот на македонскиот непокор - израз на решеноста за борба до победа. Вториот Илинден на Брашнаров,Ченто, Рацин, Кузман,... од 1944 година, ги спои старите и новите Илинденци, ги сплоти генерациите и се избори за победата. Третиот Илинден на 8 септември, 1991-та година, македонските граѓани, на Референдум се изјаснија за суверена и самостојна Република Македонија, со јасна одлучност, својствена на породот Илинденски, таа да се гради врз европските принципи на слободен пазар и владеење на правото. Во Македонија и дијаспората, успеавме да се избориме за независна и суверена држава, Република Македонија - држава на слободни и рамноправни граѓани, легитимен субјект на ОН и целосен државен организам што чекори кон општоприфатените евроинтеграции.Политички разлики и тешкотии ќе постојат секогаш, како и во сите други демократски држави низ целиот свет. Но во актуелниве моменти и во функција на остварување на суштинските државни интереси треба да најдеме сили за надминување на политичките разлики. Тоа го бараа и македонските иселеници и нашите браќа и сестри од соседните држави. На втори август покажавме обединетост и заради децата на нашите иселеници, кои за Илинденските празници престојуваа во нашата и нивна држава, Македонија. На втори август покажавме сплотеност и бевме сите горди и единствени, затоа што денес, иако во еден дел од нашата татковина, имаме држава, татковина за сите. На Илинден покажавме сплотеност, и затоа што тоа го бараат од нас идните македонски поколенија, сеуште неродените. И по 111 години Илинден и 70 години АСНОМ, камбаните во цела Македонија и во дијаспората повторно бијат за нови „Илинденци“ кои ќе го продолжат аманетот на своите предци, да ја продолжат завршната битка, битка за економски развој и битка за зачувување на името и идентитетот.Ако во минатото патриотизмот се покажувал со пушка во рака, денес патриотизмот го докажуваме со постигнувања во науката и образованието, во културата и спортот, во економијата и создавањето инфраструктура која значи подобри услови за развој. Да создаваме оти така се остваруваме како луѓе создадени од Бога, со добра мисла и благослов, за доброто на генерацијата денешна но и за генерациите што следат. Богоугодно е да се сака својот род и таа љубов да се споделува со другите! Оти тој што нема чувство за својот род, не може да има чувство ни за другиот! Бог да ја благослови библијска Македонија! Амин!
|