|
|
Доверливи Меморандуми за преименување на Македонците (4) |
По Втората Светска Војна процесот на јазичната асимилација на македонскиот народ во Егејскиот дел на Македонија продолжува со несмалена жестина. Се спроведуваат специјални програми (1958 - 1963) кои имаат за цел македонското прашање конечно да го затворат како непостоечко. Со оглед дека резултатите не се задоволителни Филипос Драгумис повторно ќе се наврати со доверливо писмо за неутрализација на славјанокомунистичката опасност против северна Грција. На 14 септември 1962 година тој го доставува новиот текст што му го испраќа на највисоките инстанци на грчките власти. Ефектите од спроведувањето на програмите на грчката држава за преименување на македонскиот народ и на нивниот јазик се чувствуваат кон крајот на педесетите и почетокот на шеесетите години на минатиот век. Во 1959 година Македонците од три села (Требино, Лудово и Крапешино) мораа пред Евангелието званично да се откажуваат од сопствениот македонски јазик. Формата се менува во пролетта 1962 година, кога Македонците од Воденските села Острово и Друшка, потпишуваат групна декларација на послушност. Само во Острово околу 600 жители на чело со селскиот свештеник, претседателот, потпретседателот на заедницата го потпишуваат документот. Истиот е потпишан и од инспекторот за основното образование во регионот Георгиос Паламас, кој, според тајниот документ, е одговорен за оваа инцијатива. Изјавите со кои Македонците се откажуваат од својот јазик, историја и традиција, дека никогаш македонски свештеници не служеле во црквите за време на турското владеење, дека свештениците не се служеле со македонски туку со грчки јазик, како и тоа дека во училиштата не се учел македонскиот туку грчкиот јазик, се дадени под принуда. Извештаите беа така направени за да населението во Егејска Македонија се претстави како лажни Македонци. Извршителите на оваа операција во извештајот носат заклучок дека „во три илјадната историја никогаш не постоел македонски народ на Балканот, туку дека тоа е само географски простор, со етнички, јазичен и верски аспект на грчкиот континуитет“. Сето ова се случува во периодот кога во пролетта 1962 година доаѓа со заладување на грчко-југословенските односи, поради се` „поголемите барања за да се признае југословенското македонско малцинство“ во Грција. Покрај бројните меморандуми, предлози и проекти за асимилација на македонскиот народ и конечно решавање на македонското прашање, во овој период свое мислење даде и Филипос Драгумис (1890 - 1980). На 14 септември 1962 година, Драгумис како еден од главните идеолози на грчката политика за македонското прашање, му испраќа нов доверлив меморандум „За внатрешна неутрализација на македонските села..“ на кралот, на премиерот К. Караманлис и на министерот за надворешни работи Е. Авероф. (датотеката на Филип Драгумис, библиотека Генадиј во Атина, поднес 96-11, со датум 14 септември, 1962.) Во воведниот дел, Драгумис предложи да се утврди граница на зона од 35 до 35 километри од островот Крф и до реката Марица. Тој смета дека во зоната траба врз основа на уставните и законските права да се преземе одлучна акција против странските пропаганди, особено против „славјанокомунистичката пропаганда“, а исто така да се врши ширење на грчкиот јазик за „странците“, жителите кои се двојазични и кои имаат само основно познавање на грчкиот јазик, како и повеќе мажи поради воената служба. Овие мерки не треба да се дознаат, бидејќи нивната употреба ќе предизвика реакција кај меѓународната јавност заради вршење на геноцид од страна на грчката држава. Врз основа на меѓународните односи за време на Студената војна и тогашната грчка политика, Драгумис го смета комунизмот за главна опасност за интересите на грчката држава, како и влијанието на соседните комунистички земји врз македонското население во Грција. Оттука врз основа на анализата на односот на комунистичкиот блок и влијанието на тогашниот Советски Сојуз во балканските држави, како и конфликтот меѓу Југославија и Бугарија чие е славјанското население во Грција, Драгумис сака да стане кум на еден цел народ и предложува народот во Централна и Западна Македонија кој живее во селата во близина на границата со Југославија да биде именуван како „Бугари наместо како Македонци“ кои зборуваат некаков „македоники“ дијалект. Исто така, Драгумис предлага по секоја цена да се спречат контактите на населението од двете страни на југословенско-грчката граница, особено на населението на линијата Битола – Лерин кои имаат имоти од двете страни на границата, а за тоа да се исплати соодветен надомест на сопствениците на имотите. Потоа бара да се спречи слушање на радиото на Народна Република Македонија или отварање на радиостаници во пограничните области кои ќе го нагласуваат православното христијанство, верското и нациналното чувство и духот. Потоа да има емисиии за историјата, за грчката култура, земјоделството, медицината и сл., кои ќе бидат достапни во сите македонски градови во Северниот дел на Грција, поголеми од 10.000 жители, како и до жителите до македонските села во близина на границата. Драгумис бара од владата интензивни и систематски археолошки ископувања, создавање на археолошки музеи во кои ќе се изложуваат античките споменици како дел од грчката култура, како и организирање на тури за наставници и ученици од основното и средното училиште за да им се презентира културата на „бесмртната грчка нација“. Сите предлози, како и овие со кои се поврзува античката грчка култура со сегашната македонска популација во годините кои следуваа беа спроведени. Токму по предлогот на Драгумис, од 1963 до 1981 година беа организирани тури за посета на Кралскиот национален институт. Исто така и уште еден негов предлог како што е поврзување на тој дел од Македонија со остатокот на Грција со модерни патишта беше спроведен. Во вториот дел, Драгумис предлага насоки за делување на грчката влада и институциите на државата во Северна Грција. Најпрво тој бара да се формира тричлена комисија која ќе поднесува извештај директно до премиерот на Грција и ќе делува независно од Министерството за северна Грција. Потоа бара да се регулираат црковните работи, да им се дадат бенефиции и поголеми плати не само на свештениците, туку и на државните и јавни службеници кои имаат или ќе имаат во иднина значајна улога во асимилација на Македонците. Според Драгумис, сите државни службеници кои работат или ќе работат во служба во близина на границата треба да добија дополнителни средства, зголемување на платите за најмалку половина од нивната плата, потоа бенефициран работен стаж и да се бара да служат најмалку три последователни години во истата област. Исто така, именуваните претставници во пограничната зона, треба да поминат специјална обука, која ќе се состои од "запознавање на постоечките проблеми", како и за начинот на однесување со граѓаните, особено за “странците“ (Македонци). Посебно внимание, како што посочува Драгумис, треба да се посвети на наставниците, даночниците, џандарите и службениците кои доаѓаат во контакт со населението. Истото важи и за офицерите и подофицерите на Армијата, префектот и високи претставници на округот кои ги посетуваат населените места и имаат чести контакти со населението дури и во најоддалечените села. На крај предвидува воведивање на административни и судски казни за оние кои го користат македонскиот јазик. Во последниот дел од овој документ Драгумис му се посветува на образованието. Тој дава серија на предлози со цел да се подобрат условите во образовниот процес, чија главна цел е асимилација на Македонците и наметнување на грчкиот јазик меѓу "странците". Исто така, бара пополнување на слободните работни места на сите наставници во основно и средно образование, модернизација на постојните училишни згради и изградба на нови згради, како и задолжително присуство во училиштата на машката и женската популација. На крајот, Драгумис предложува во сите села, особено каде преовладуваат “странски јазици“, дури и да нема доволно деца да се формираат детски градинки, во кои како мајчин јазик ќе се предава на грчки јазик и ќе се негува грчкиот православен христијански дух. Потоа предлага да се отворат вечерни училишта за неписмени родители, особено за жените. Исто така, тој предлага детските градинки и вечерните училишта да се отворат таму каде што не се говори на грчки јазик дури и надвор од пограничната зона. Во тој правец Драгумис предлага создавање на интернати посебно за девојчињата кои подоцна би се вратиле во своите села како носители на грчката православна христијанска и хеленистичка култура. Стреатегијата на грчката држава која се темели на предлозите на Филип Драгумис продолжуваат да се остваруват не само во Егејскиот дел на Македонија, туку стануваат основа на грчката држава во спорот за името по осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година. Грчката држава по секоја цена се обидува да го избрише македонското име и идентитет на македонскиот народ. (крај)
|