Среда, 08 Октомври 2014   
Жестока борба со грчката пропаганда кон крајот на XIX век

tihomir-karanfilov-2
Тихомир Каранфилов

Општествено-економски промени во Османската империја до првата половина на XIX век влијаеле позитивно врз создавањето на млада македонска буржоазија и интилигенција, која уште на почетокот се судира со грчките трговци, чии интересите ги штити Цариградската патријаршија. Младата македонска интелигенција во прв ред се спротивставува на грчките свештени лица и се бори за превземање на грчките црковни и училишни институции со цел да се оствари контрола над трошењето на народни средства. Тие се залагаат за развивање на македонското црковно - училишно дело на мајчин јазик и за обновување на нелегално укинатата Охридска архиепископија во 1767 година. Тоа ќе доведе до општа сенародна борба.

Во напорите на македонскиот народ за здобивање на самостојност, не се избирале средства. Во периодот 1860-1870 година граѓаните во повеќе македонски градови па дури и во некои села ги прекинале врските со Цариградската патријаршија и формирале одделни црковно-училишни општини. Некои градови како Кукуш дури влегле во контакт со Римската црква (1859), при што била ставена основата на унијатството во Македонија.

Црковно-просветната борба против Цариградската патријаршија и нејзината доминација со текот на времето ги опфатила скоро сите славјански народи под османлиска власт. Сепак, посебен интензитет добила во Бугарија и Македонија. Во прво време црковно-просветно движење, било водено заеднички од македонскиот и бугарскиот народ. Но, набрзо  дошле до израз различните национално-политички интереси на двата народа. Османската влада која во сето ова гледала како на средство за меѓусебно спротивставување и разединување на трите народи (Бугари, Македонци и Грци), како и за елиминирање на страното влијание во земјата, дополнително ја подгрева натрпеливоста со издавање на ферманот за формирање на одделна бугарска црква - наречена бугарска егзархија, објавен на 28.11.1870 година.

По формирањето на Егзархијата таа станала основна алатка на експанзионистичките цели на бугарската буржоазија за обновувањето на некогашната голема Бугарија на Балканот. Таа не само што немала намера да го признае учеството на македонскиот народ во црковната борба против Патријаршијата, туку посегнала и врз автономијата на црковно-училишните општини, настојувајќи да им наметне за претседатели свои луѓе, како и наметнување на бугарскиот јазик во училиштата.

Отпорот на македонската учителска интелигенција против наметнувањето на бугарскиот јазик во Македонија, како и нивните настојувања да се изгради македонскиот литературен јазик, со што се истакнал стремежот за самостоен македонски национален развиток, бил голема пречка на бугарските аспирации врз Македонија. Со намера да ги дискредитира пред очите на македонската јавност како рушители на заедничката борба против грцизмот и на тој начин да ги ликвидира нивните напори, носителите на идеите за самостоен македонски развој во бугарскиот печат биле обвинети за сепаратизам и македонизам.

Особено појавата на учебниците пишувани на македонски јазик била дочекана со остро негодување од бугарските кругови во Цариград. Се започнува со креирање на нова историја, а на самиот терен пак, во Македонија, против учебниците на македонските учебникари била организирана остра и непоштедна конкуренција. Учебниците пишувани на бугарски јазик, бугарските претставници ги раздавале бесплатно и на тој начин ја задушувале иницијативата на македонските учебникари, кои не располагале со достатни материјални средства за да можат да постапуваат на ист начин. Со создавањето на Егзархијата, оваа го концентрирала раководството на училишните работи во свои раце. Со тоа и борбата против македонските учебници и учебникари станала поорганизирана.

За овие настани пишува Стефан Колчев Салганџиев (1847 - 1911) бугарски деец, општественик и новинар, еден од луѓето на Егзархијата кој делувал во Солун и Сер. Инаку, родум од Ески Заара (Стара Загора), тој учел во родното место, а потоа во Цариград и во грчката Халкинска семинарија (богословско училиште). Во периодот 1868 – 1870 година тој е редактор на бугарскиот оддел на официјалниот четиријазичен (турски, грчки, еврејски и бугарски) орган на Солунскиот вилает „Солун“. Се зближил со валијата Мехмед Акиф паша Арнавуд, чиј син го учи да зборува и пишува на бугарски јазик. Активно учествува во општетсвениот живот на Солуњани и настојува во градот да се користи книжевниот бугарски јазик, а не месниот говор. Потоа во периодот од 1871 до 1878 година е бугарски учител во Сер, каде ја спроведува бугарската пропаганда, а на 20 мај 1878 година во има на друштвото потпишува Меморандум до големите сили со барање за примена на Санстефанскиот договор и задржување на Македонија во рамките на новосоздадената бугарска држава.

С. К. Салганџиев е автор на книгата „Личните дела и спомени за преродбата на солунските и серските бугари, или 12 – годишната жестока нерамна борба со грчката пропаганда“, која е издадена во два дела во Пловдив во 1906 година. Во неа тој пишува не само за борбата против грчката пропаганда туку и против македонската интелигенција која ја истакнува посебноста на македонскиот народ кој своето потекло го врзува за античките Македонци. Овде ќе ви презентираме интересни извадоци оваа книга во која авторот, спроведувајќи ја бугарската пропаганда се обидува со комбинирање на историските вистини и искривување на фактите да се спротивстави на грчката пропаганда, но и да ги прикаже Македонците како Бугари.

Најпрво ќе се осврнеме на неговиот обид да одговори на прашањето дали Солуњаните во старо време биле Грци? За да одговори на поставеното прашање, тој се навраќа во древното минато за да се види како што вели: „од какво племе или народ, била населена во старо време Македонија“. Според него „Во најдалечното минато, посебен народ со име Македонци и посебна територија Македонија не постоеле“, а „за прв пат Херодот спомнува некаков град или месност под називот Македнон (Μακεδνὸν)“.

Продолжувајќи ја својата сторија за античка Македонија Салганџиев вели: „Земја со името Македонија се јавува за време на царот Пердика, на која тој се прогласил за владател, но во какви граници се состоела таа, историјата апсолутно ништо не спомнува. Она сепак, што Херодот го спомнува и тоа кое Страбон подоцна ни предава за неа е дека околу VI и VII век пред Христа, Македонија се поделила на четири дела, секоја една со посебно племе и династија, меѓутоа без да се определат имињата.

Хомер спомнува за племето Пајони, кои според Страбон ја населувале месноста околу Пела..., кој бил главен град на Македонија, а... не останува никакво сомневање дека средна Македонија во старо време била населена од Пајони, сродно племе со старите Тракијци, кои воедно со Пајоните го дале зачетокот на Македонскиот народ. Со други зборови Македонците се потомци на Тракијците и Пајоните“.     

По овој осврт за народите кои живееле во Македонија, авторот тргнува со негирање на правото на Грција врз Македонија. Во продолженија тој вели: „Затоа не верувајте дека Грците би биле во ситуација некогаш да го убедат светот дека Пајонија, како и Тракоилирите, како и Пелазгите за кој говори Херодот дека живееле во Македонија, Тесалија и Епир до Коринт, биле Грци, уште повеќе кога е познато дека во тоа врема Грци сеуште не постоеле на балканскиот Полуостров. Нивното име на полуостровот почнало да се слуша, кога Данајците дошле од Египет на земјата околу Коринт, на југ од Македонија, кои завладеале и издале заповед на покореното племе Пелазги да се нарекуваат Данајци, а подоцна и Елини. (Потоа) за да го заштитат своите Данајци од Македонците, измислиле и прогласиле формулата: Секој кој не е Елин е Варварин  (πᾶς μὴ ἔλλην βάρβαρος), со која се разликувале Грците од Варварите, за какви ги прогласиле Македонците и сите други негрчки народи и племиња, соседи на Грците.

Користејќи ја приликата за да ги оспори грчките аспирации кон Македонија, исто како и во денешните полемики кои се водат за да се докаже историската вистина дека Македонците никогаш не биле Грци, авторот уште пред повеќе од сто години како очигледен факт се користи со говорите на Демостен и вели: „Кога Филип Македонски се подготвувал да ја освои земјата на Данајците, т.е. на Елините, Демостен за да предизвика омраза и фанатизам кај сонародниците, против Филип и воопшто против Македонците, викал на внимание: „...Оној, кој не` загрозува со завладување, нели е наш непријател, нели е Варварин...? На друго место тој вика „да предадеме нашите елински градови на подбив на Варварите..?“ Овие жолчни напади на Демостен против Филип Македонски не покажуваат ли дека ако Македонците беа Грци нападите на Демостен против нивнот цар кои паѓаат подеднакво и на неговите поданици, немаше да бидат толку жестоки, толку злобни и сурови – немаше да ги нарекува Варвари (за какви Грците ги нарекуваат и денес секој еден кој вели дека не е Грк), а требаше да најде причина... за напад“.     

Чуствувајќи дека може да му се приговори дека Демостен поради големата омраза кон Македонците кои се готвеле да ја завладеат неговата татковина ги нарекувал Варвари, Салганџиев во своето образложение вели: „Не е тоа одговарам, зошто ако Македонците беа Грци, колку и да беа непријатели на последните, тогаш тие (Грците) од почитта кон племето, не би се осмелиле да ги нарекуваат Варвари, како Атињаните во долгогодишната меѓусебна војна која ја водеа со едноплемените Спартанци не со помала жестокост од таа со Македонците, ниту еднаш не се нарекоа со тој презирачки епитет зошто? Затоа што и едните и другите беа Грци. А Грците секогаш до распаѓањето на Македонската земја, по смртта на Александар Велики, гледале кон Македонците како на свој непријател и ги нарекувале Варвари. Уште повеќе, по едно време се сојузија со Римјаните против Македонците и војуваа рамо до рамо со првите, т.е. со Римјаните, кои откако ги покорија Македонците го наметнаа тешкиот јарем и на сојузниците Грците“.

Употребата на терминот Варвари од страна на Грците за населението во Македонија, според авторот продолжува и по падот на Балканскиот Полуостров под турско ропство. Всушност кога духовната власт на грчкиот патријарх се простре над сите народности на полуостровот од источна православна вероисповед, вклучувајќи ги и Грците, и кога населението се нарече со заедничко име - рум милет, дури тогаш Грците почнаа да гледаат на населението како на Грци и да ги титулираат со тоа име, наместо со она – Варвари. Меѓутоа, штом населението се спротивстави на таквото именување, од ново за Грците станаа Варвари. 

Авторот потоа повторно се навраќа во антиката и на освојувањето на Филип и Александар Македонски, кои успеваат да ги разбијат грчките сили и да ја покорат во 338 год. пред Христа, притоа напоменувајќи дека „бидејќи Македонците немаат своја сопствена писменост, влегле во непосреден однос со населението на покорените Грци и ја прифатиле нивната писменост“. Потоа Салганџиев накратко се осврнува на распадот на Македонската империја по смртта на Александар и борбата на дијадосите што дало повод на Рим за интервенција, како и привлекувањето на Грците на своја страна со уверување дека војната е прогласена за ослободување од Македонците.

Говорејќи за војната меѓу Македонија и Рим, авторот го прави првиот обид да го избрише македонскиот народ од лицето на земјата. Според него по победата на Рим, зад кого застанала Грција, римјаните го истребуваат македонскиот народ и кој околу „Р. Христово“  повеќе несуштествувал, а романизираните Македонци кои го зачувуваат грчкото писмо подоцна го пренеле  на  населението на новообразованата Источноримска империја, покасно наречена Византија, население кои го превзело името ромеи – Грци. 

Ако се има предвид дека авторот има завршено богословско училиште во Цариград и дека одлично треба да ја знае Библијата каде се спомнуваат Македонците, видливо е дека овде тој намерно го прави овој превид и се обидува да им даде место на Бугарите.  

Веќе во прдолжение на својот осврт „Дали Солуњаните во старо време биле Грци, се гледа неговата тенденција. Во тој контекс тој ќе напише: „Во таа епоха на византиската величина над Балканскиот Полуостров, славјанската раса имала превласт и секој ден се осилувала со пристигање на нови славјански групи кои под вид на мирни дружини, навлегле дури и во самата денешна Грција. Може да се смета позитивно дека Македонија во III-VII век била целосно населена со Славјани кои околу XI в. носеле веќе назив „Блгари“ со сопствена писменост и литература... А штом веќе цела Македонија во тоа време била населена со Бугари, следствено е дека и во Солун живееле голема маса Бугари, во средината од која изгреа светлината на бугарскиот народ; од неа се разнесе преку Св. браќа – Кирил и Методиј првото на бугарски јазик писмено слово: Во начелото беше Слово... со кое го осветлија својот род, му дадоа превод на Благовестието Христово и го упатија во патот на вистината“.

На авторот изгледа не му е позната византиската сатира „Тимарион“ од средината на XII век, во која се вели дека: „Денот на свети Димитрија (во Солун) е таков голем празник како Панатинеи во Атина или Панионии во Милет; тоа е величествена македонска веселба и на неа се собира народ не само тамошниот, македонскиот, туку секаков и од секаде: Грци од разни области на Елада, мизиските племиња што го населуваат пространството дури до Истар (реката Дунав – н.з.) и пределите на Скитија, Кампанци, Италијци, Ибери, Лузитанци, Келти од зад Алпите. Кратко кажано, дури крајбрежјето на Океанот (Атлански Океан – н.з.) испраќа богомили да му се поклонат на тој светец - толку е голема неговата слава по цела Европа“.

Иако нема трага од постоење на Бугари во овој период, само траги од мизиски племиња, без разлика на историските докази за постоење на македонскиот народ и во XII век и Солун како главен град на Македонците, Салганџиев продолжува со своето нелогично креирање на историјата за бришење на македонскиот народ. Оттука тој на прашањето: „Што стана со потомците на Пајоните, јатката од која се формира Македонскиот народ?“ одговара дека „Истото што стана со Мизиските Славјани по навлегувањето во Мизија на Аспарух со дружината“. Според него разликите се во следното: „Филиповите и Александровите Македонци кои се зачуваа од романизирањето во голем дел се претопија во новите доселеници во земјата - Славјаните; како што Аспаруховите Бугари во мизиските Славјани“. 

Тој од овие настани го влече следниот заклучок: „Мнозинството секогаш го надгласува малцинството. Навлегувањето во Македонија на Славјаните по бројност ги надминува месните жители, кои се претопиле во мнозинството – се пославјаниле. По навлегувањето во Горна Мизија, Аспаруховите Бугари како малцинство биле проголтани од мнозинските Мизиски Славјани. Тие го прифатиле литературниот јазик, а во замена им го дале своето име Бугари. Од ова не е тешко да се разбере дека старите жители на Солун не биле Грци, а Македонците по неумоливиот процес на асимилација станале Славјани, а во X век заедно со другите Славјани во Македонија, во Северна Бугарија и Тракија станале Славјано-бугари“.

Салганџиев во овој историски осврт завршува со констатацијата дека „погрчувањето на македонските Бугари и на Солунските е започнато по завземањето на Балканскиот Полуостров од Турците, повикани од Грците за да се спасат од Бугарите. Во цела Македонија, вклучително и во Солун, Турците со мали исклучоци, војуваа само со Бугари. Со други зборови: покорија чисто бугарска земја под Византиска власт и со своја самостојна хиерархија, со свои цркви и училишта...“    


Вака поставените тези на Салганџиев укажуваат не само како се видоизменувала историјата на Македонците, туку говори и за страшниот притисок под кој се наоѓал македонскиот народ, од пропагандите кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Во наредните продолженија од освртот на делови од книгата на Салганџиев „Личните дела и спомени за преродбата на солунските и серските Бугари, или 12 – годишната жестока нерамна борба со грчката пропаганда“ ќе видиме со што се соочувала младата македонска интелигенција.

продолжува

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.