|
|
Шкретите имаат македонски корени и не можат да се поистоветуваат со Албанците |
Соочени сме со постојани притисоци и обиди за асимилација и денационализација на Македонците муслимани во етнички Бугари, Срби, Албанци, Турци и Бошњаци, а последно време и Македонците православни (таканаречени шкрети) кои го говорат албанскиот јазик да ги нарекуваат Албанци и што уште не, само не тоа што се - Македонци. Шкретите како што е познато е име за Македонците кои ја зачувале православната вера, но го примиле албанскиот јазик. Според етимилошкиот речник на хрватскиот и српскиот јазик, албанскиот збор shqa (шќа) означува Словен. (Petar Skok, Etimologijski rиjecnik hrvatskoga ili srpskoga jezika, JAZU, Zagreb 1973). Во Македонија тие живеат во областа Горна Река (во општина Маврово – Ростуше), а во Албанија во Голо Брдо, во околината на Елбасан, Берат, Корча, Подградец и т.н. Името го добиваат од албанската етничка подгрупа Геги кои ги нарекуваат Шќа, Скја (shqa) што во превод значи Славјанин. Со овој термин се ословуваат сите Славјани кои го говорат албанскиот јазик било тоа да се Македонци, Срби или Црногорци, се` со цел за да се разликуваат од етничките Албанци. По неуспесите на Османлиската империја во војната со Русија и Австрија во XVIII век доаѓа до слабеењето на централната власт, што доведува до брзо опаѓање на внатрешен план и целосна анархија. Локалните феудалци се осамостојуваат и меѓусебно се пресметуваат. Во тој поглед во Западна Македонија се истакнуваат Али паша Јанински и дебарските паши, како и Џеладин бег во Охридско-Преспанскиот регион. Сето тоа доведува до голема миграција село - град, а оние кои остануваат се принудени за да ги спасат главите и имотот или да се исламизираат и да го зачувуваат мајчиниот јазик, или пак да го прифатат албанскиот јазик и да ја зачувуваат верата. Со тек на времето дел од Шкретите се претопиле во Албанци, а еден дел по Втората Светска Војна се интегрираат во општествената заедница, завземајќи притоа високи општествени позиции во Македонија. Како примери можат да се наведат академик Матеја Матевски, проф. д-р. Јаким Синадиновски, проф. д-р Бранислав Синадиновски и т.н. Со воведувањето на повеќепартискиот систем и осамостојувањето на Македонија, некои од нив активно се вклучуваат во политичкиот живот на земјата. Меѓу нив се наоѓа и Бранислав Синадиновски кој 1993 година се приклучува на ВМРО ДПМНЕ. Во време кога партијата е во опозиција (1994-98), за кратко време зазема позиција министер за надворешни работи на владата во сенка. Меѓутоа, во 1994 година ја напушта партијата. Синадиновски во својата кариера како публицист, уште во времето на СФРЈ пишува за „Технолошкиот развој и процесите на самоуправниот здружен труд“, потоа за „Палестинското национално прашање и блискоисточната криза“, како и за други теми. Меѓутоа, никогаш не го привлекол вниманието на јавноста како што тоа го направи со својата книга „Борис Змејковски - современиот Дамјан Груев“, објавена во 2012 година. Во неа Синадиновски се обидува целосно да ја промени историската вистина за партијата и покрај бројните документи и живите учесници, како и да се наметне како еден од идеолозите на партијата, ставајќи го идеологот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Богдановски на споредно незначително место. По неуспешните обиди во политиката, Синадиновски повторно настојува да се наметне во јавниоста, со тоа дека албанскиот јазик бил јазикот на кој зборувале неговата баба, дедо и татко му, како и тоа дека „нема да ги крие своите корени, дека се православни Албанци, за разлика од голем број на Македонци кои живеат во овие области, чии корени се од албанска националност“. Во излагањето по повод промоцијата на книгата „Селскиот живот во Горна Река, кај Дебар, 1914“ тој ќе каже: „Посебно е вредно да се истакне и подвлече дека многумина до сега го проблематизираа прашањето на потеклото на Горнореканците, поставувајќи ја притоа вештачката дилема и прашање: дали се тие Македонци кои во текот на исламизацијата го примиле албанскиот јазик, или пак се Албанци со словенски елементи. Меѓутоа, кога и најлутите критичари опорутнисти ќе се соочат со богатите антрополошки и други карактеристики на ова население, кое некогаш броело скоро 10.000 жители, кои се предмет на анализа на авторот на книгата, сакале или не, ќе мора да се сложат со авторот (а таквото мислење го дели и Франц Барон Нопча) дека независно од словенските елементи, Горнореканците не се албанизирани Словени, туку Албанци со словенско влијание. Тоа претставува sine qua за секој научник и експерт кој сака да го проучува потеклото на овој горштачки народ на Горна Река“. Во сето ова Синадиновски како да заборава на фактот дека кога се создаваше албанската држава на меѓународната конференција 1913 година, прв кандидат за тронот на Албанија беше токму унгарскиот аристократ, авантурист и научник Франц Барон Нопча. Во периодот пред Првата Светска Војна кога Австро-Унгарија се стреми да излезе на Солун, кога нејзе ѝ требаат сојузници како Албанците, а притоа на тој пат ѝ се наоѓаат православните славјански држави како Србија, Црна Гора, сосема нормална пропагандна активност е православните Славјани кои говорат албански „научно“ да се направат Албанци, па дури и со мерење на нивниот обем на черепите. Такви работи во македонската историја е премногу пати видено. Денес во Македонија секој може да се изјасни за својата национална припадност без проблем, така да никој не може да му го оспори правото и на Синадиновски и на неговиот чичко Бранко Манојловски кој јавно се изјаснува дека е Албанец да се чувствува како што сакаат. Исто така, во интерес на македонскиот народ и албанската заедница во Македонија е да се негуваат пријателските односи како што на пример ги прави Синадиновски. Самиот вели дека:„Само од време-навреме по некој редок вљубеник во убавините на овој редок крај, како што е бившиот министер за локална самоуправа, господинот Невзат Бејта (кој е од Дуф) или пак како што ќе каже Синадиноски мојот чичко Бранко Манојловски (Бранко Манојловски јавно се изјаснува дека е Албанец) кој секоја година доаѓа од Америка и по 6 месеци живее во родната Кичиница, често придружуван од заедничките наши пријатели, претседателот на ДУИ, господинот Али Ахмети, Невзат Бејта, писателот Келменди и други албански пријатели, со своето повремено искуство потсетуваат на минатиот бурен живот на населението на Горна Река“. Меѓутоа, кога тоа се прави со цел, да се приближи до албанските партии од кои може да има бенефит е неразбирливо. Уште повеќе ако се има за цел да се убедуваат и други луѓе, дека наводно нивните корени се албански, изнесувајќи притоа неаргументирани теории, сето тоа му нанесува огромна штета на македонското национално ткиво, а тоа е рамно на предавство на македонскиот народ. Шкретите имаат македонски корени и не можат да се поистоветуваат со Албанците. |