Тихомир Каранфилов
„Македонецот е таква природа, колку повеќе го малтретираат, толку повеќе се заинатува и го прави непопуслив“ - пишува Салганџиев во своите спомени. Буагарскиот автор Салганџиев (1847 – 1911), како човек на Егзархијата кој ја спроведува бугарската пропаганда во Солун и Серес, во својата книга „Личните дела и спомени за преродбата на солунските и серските Бугари, или 12 – годишната жестока нерамна борба со грчката пропаганда“ (1906), ќе ја истакне важноста од создавањето на „нови Бугари“ во Солун, град кој е „витален за развојот на економскиот и политичкиот живот на бугарската држава“. Во тој контекст авторот вели: „старите жители на Солун не биле Грци, а Македонците, потомци на Пајоните и на Славјаните, кои под разни именувани дружини се населуваа во Македонија, се славјанизирале и најмногу потоа се погрчиле“. Откако со една реченица ги острани Македонците од историската сцена, тој појавата на Бугарите во Солун вака ја опишува: „Сега ќе кажам како и кога се создадоа нови Бугари во тој од голема важност за економскиот и политичкиот развој за нас град Солун. Пред тоа, нека ми е дозволено да кажам дека по падот на Македонската држава, Солун никогаш не бил населен само од една народност, а од колониите – римски, славјански и грчки, до неговиот пад под турска власт, тој бил населен од Славјанобугари, Џеновљани и Грци, а по падот под Турците, турската влада дозволила доселување во државата на голем број Евреи протерани од Шпанија, од кои еден дел се населиле во Солун. Тие Евреи денес го сочинуваат денес мнозинството од населението на Солун... Солун едвај некогаш да се изменил“. Населувањето на поголем број Славјани во Солун, тој го поврзува со времето на „Али паша Тепеленли и Џеладин паша, кога грабежите и насилијата над христијани во Југозападна Македонија имаа тешки последици на незаштитената раја во таа земја. Злосторставата уште повеќе се зголемија со избувнувањето на грчкото востание, кое Грците го плокламираа под името „Завера“ за да привлечат во своите редови сили од сите православни народи... Од другата страна, истото има благотворно влијание за бугарското дело во Солун. Прогонетите, ограбените од турските банди, кои крстосуваат во тој крај, почнаа да ги напуштаат пепелиштата и да бараат спас подалеку од немирните места“ - пишува Салганџиев. Опишувајќи ја принудната преселба авторот ќе напише: „Наскоро градовите, помалите места и поголемите села во Источна Македонија, дури и во Северна Бугарија и Западна Тракија, беа поплавени од бегалци. Освен Куцовласи од Тесалија и Албанци од Епир, во Солун пребегнуваат и се населуваат мноштво на „Бугари“ од Дебарско, Охридско, Костурско, Битолско, Леринско, Негушко, Воденско, Кожанско и други места, христијански жители... Ова преселување, продолжува долго време, дури и по мирот склучен меѓу Турција и Русија (во која Турција ја признава независноста на востанатата Грција), зошто властите во Западна Македонија, Епир и Тесалија, или беа немоќни да се справат со жестокиот терор на непокорните турско-албански чети и турскиот башибозук, или пак немаа желба да дејствуваат со потребната енергија. Во Дебарско, опустошувањето и грабежите на христијанските села продолжувале, а на убиствата им немаше крај. Карвани на наши сонародници од Дебарско и од други места бегаа кон Солун, каде наоѓаа смиреност и егзистенција и конечно остануваа. Овие новодојденци, ја обновија или со други зборови кажано ја ревитализираа издишаната бугарска заедница во Солун и од тука започнува нова ера на “Бугарите“ во татковината на Светите браќа Кирил и Методиј“. Во овој дел од текстот авторот се држи до историските настани кои се случуваат кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, кога поради заканата по нивните животи и имоти Македонците од Западна Македонија масовно се иселуваат во градовите или пак за да ја сочуваат својта глава, семејството и имотот го прифаќаат исламот или албанскиот јазик. Но, авторот ги избегнува сите историски докази дека постојат Македонци во континуитет уште од антиката па се` до неговото време, не само во Македонија, туку и во Солун и свесно ги преименува како Славјанобугари или само Бугари од Македонија. Апстрахирајќи го обидот на авторот да ги преименува Македонците, за нас се интересни неговите искази како сведок на тоа време, за она со што се соочуваат бегалците од Западна Македонија по нивното доселување во Солун, односно за нивното соочување со грчките свештеници и нивните обиди да ги асимилираат дојденците. Според авторот, доселениците од Западна Македонија, во 1869 – 1870 година биле населени во Каламариската и Вардарската населба во Солун. Говорејќи за првата која била покомпактна, тој ќе напише: ако се помине, од двете страни на улицата, од дуќаните, кафулињата и магазите, се слуша наречјето на Дебраните – Брсјак. Како што вели Салганџиев, тој наишол на обичаи целосно пренесени од Дебарско. За новодојденците, распрснати по другите населби на Солун, тој вели дека „денес едвај да може да се каже дека останало трага. Неколкумина од нив, како на пример Јани Хаџи Лазаров од Воден, Константин Герасимов од Охрид, браќата Папа Димитрови од Битола и др., сеуште ја истакнуваат својата народност, но синовите и ќерките не сакаат ни збор да слушнат за тоа“. „Благодарение на компактноста на доселениците во Каламариската и Вардарската населба, во Солун одамна била поставена основата за слободно да се ѕида народното здание и да се постави на рамна нога со грчкото. За жал, освен самоодбрана од погрчување, ништо друго не било превземано и немаше да се преземе ако грчката пропаганда од своја страна реагирала“ - ќе забележи авторот. Пред да говориме за методите за асимилација на Македонците кои ги применуваат грчките свештеници, ќе напоменеме дека ги изоставаме термините кои авторот им ги дава на доселениците, а на нивно место го употребуваме соодветниот збор. Во однос на грчката пропаганда Салганџиев пишува: „Како јужнаци, Грците имаат жесток темперамент кој ги прави брзи. Штом виделе во Солун такво импресивно мноштво Македонци, одлучиле како така, да ги погрчат и на тој начин да затворат една рана, која во иднина би била основа на создавањето на елинизмот, па се зафаќаат за работа. Првиот обид на пропагандата, која се состои од грчкото духовништво на чело со локалниот митрополит и грчкиот конзул, се состоел од принудување на Македонците да ја сменат облеката (?!), која ги разликува од Грците и ако тоа не успее, да се употреби заплашување со анатема и исклучување од црквата“. Обидот со промена на облеката, не ги дал очекуваните резултати, иако се употребувал метод на заплашување со Турците, кои, како велеле Грците, божем гледале на Македонците како душман на падишахот и како такви се готвеле еден ден да ги исколат сите до еден“. Од почетокот се забележува, дека „Солунски сонародници, не обрнувале внимание на грчките бабини-деветини и продолжувале да ја облекуваат народната носија, во која ги затекнав кога стапнав во Солун, т.е. 35 – 40 години по доселувањето во Солун“ - вели Салганџиев кој потоа продолжува: „Таа непослушност и македонска тврдоглавост, ја натера вознемирената грчка пропаганда да го превземе последното средство – анатемата, исклучување од црквата и недозволувањето на Македонците да ги закопуваат мртвите во општите (грчки) гробишта. Во тој случај се пројавиле црти на македонската истрајност и инает – достојна за поддржување од своите сонародници во Македонија, кои денес во земјата се изложени на грчкиот бес, кој веројатно им е последниот обид за заплашување со цел да ги погрчат. Оваа црта на упорност и истрајност... пројавена против општиот враг.., во време кога таа сеуште не беше манифастирана кај нивните браќа по разбудените градови во Македонија, му дала на подлиот елинизам да разбере дека „Македонците се таква природа, колку повеќе го малтретираат, толку повеќе се заинаетуваат и ги прават непопусливи. Некои од повидните Македонци во Солун успеале да го стекнат пријателството, а покрај него и милозливоста на Солунските првенци Турци и да се постават под нивно покровителство, се распрашувале за се` и сакале совети од нив. (Тучинот во такви случаи на обраќање кон него простува, добар учител, искрен, насочува, а во голема потреба е и добар помошник). Тие им кажувале на Македонците дека сето тоа со што Грците ги плашат е лишено од секоја вистина и ги поттикнувале на постојаност. А пак од своја страна, овие видни Македонци ги насочуваат своите сонародници и ги советуваат да не отстапуваат во ништо на грчките казни и со полна вера во закрилата на Турците, со презрение да ги одвратат, се` додека не се здобијат со место за сопствени гробишта, за намери за кои тие ја превзеле грижата. И навистина двајца протомајстори на дулгерскиот еснаф и мејмар – башии Милош Калфа и Лазо Калфа (архитекти и надзорници) зеле за задача да најдат место. Набргу првиот нашол едно празно место до самите грчки гробишта, надвор од тврдината под Кешиш Капусу, на северозапад од градот, го купил и го подарил на сонародниците за гробишта, а Лазо Калфа го засадил околу со јаворови фиданки (турски чинар, грчки платан), кои за време на мојот престој во Солун веќе не беа фиданки, туку грамадни јавори кои го носеа називот „Лазови Платани“, а самото место пополнето со гробови... На крај на овој осврт Салганџиев вели: „Откако се стекнале со свои гробишта (1882), Македонците се ослободија од грчките закани и префрлувања било во однос на облеката, било за замена на јазикот со грчки. Грците престнале да ги обеспокојуваат и добро направиле. Бидејќи навредите што Македонците ги трпеле од Грците наскоро се заборавиле и заживеле братски со нив“. Но токму во “братскиот“ живот, Грците го добија она кое цело време го бараа. (продолжува)
|