Тихомир Каранфилов
Новиот учител беше родум од Охрид и роднина на претседателот на црковно-училишната општина во Солун. Кога беше запрашан на кои две народности припаѓа, тој одговараше: Јас не сум ни Бугарин, ни Грк, ни Влав, јас сум чист Македонец, какви што беа Филип и Александар Македонски и Аристотел Филозов“ - пишува бугарскиот автор Салганџиев. Во продолжение на својата книга „Личните дела и спомени за преродбата на солунските и серските Бугари, или 12 – годишната жестока нерамна борба со грчката пропаганда“ (1906), бугарскиот публицист и човек на Егзархијата Салганџиев (1847 – 1911), говори и за почетоците на заедничката борба на бугарскиот и македонскиот народ против свештениците на грчката Патријаршија во Цариград, но и за борбата на Македонците против влијанието на Егзархијата. Во уводот за почетоците на заедничката борба на двата народи против грчката Патријаршија раководена од Цариградската населба Фенер, како и за создавање на независни славјански црковно-училишни општини во Македонија и на Балканот тој вели: „Со прогласувањето на Тензиматот (1839) и Хатихумајун (1856), Султаните Махмуд и Меџит им признаа на сите поданици рамноправност пред законите, слобода на свестта и неопходност од црковни реформи за немуслимански нации. Овие права, иако не се спроведувале целосно, како што воопшто станува во Турција, сепак ги разлабавиле духовните узди на славјаните, со кои ги беше врзала Патријаршијата, за да ги држи засекогаш под тешкиот јарем кој со подмолни интриги и шпионства беше успеал да им ги наметне. Овде-онде меѓу славјаните почнаа да се јавуваат знаци на незадоволство во славјанските епархии од фанариотското духовништво, кое насекаде сееше разврат, го гонеше неговиот литературен јазик и му го заменуваше со грчкиот, му ги истребуваше книгите кои ги гореше и се трудеше да го држи во длабоко незнаење за да може полесно да го обезличи. Славјаните одеа во Скопје, Ловеч, Трново, Пловдив, за да бараат од властите повлекување на грчките владици од нивните столици, заменување на наметнатиот грчки јазик во црквите и училиштата со мајчиниот. Благодарение на неотстапувањето на Патријаршијата на првичното фер барање на Славјаните, на крај прашањето за литературниот јазик се замени со прашањето за самостојна духовна независност“ - пишува Салганџиев. Во оргиналниот дел од текстот, како дел од бугарската пропаганда, авторот говори само за бугарски народ на Балканот, термин со кој Грците го именуваат народот кој не го говори грчкиот јазик. Исто така, авторот говори за заедничка борба на населението речиси од целиот Балкан што може да се види од следниот негов цитат: „Борбата како што знаеме, од поединечна стана општа борба на бугарскиот народ против Патријаршијата и под знамето со девизата: „Духовна самостојност на целиот бугарски народ“, се собраа сите Бугари од Видин до Цариград, од Варна до Охрид и наскоро грчкиот јазик во бугарските училишта и цркви се очисти и замени со народниот“. Меѓутоа на овој дел на Балканот, покрај Бугари живеаат Срби, Македонци и др., кои на почетокот со заеднички сили се спротивставуваат на Патријаршијата. Оттука терминот бугарски при обработката на текстот во голем дел го заменивме со соодветен збор, односно Славјани или Македонци. Држејќи се до овој принцип го завршуваме и делот во кој авторот говори за заедничката борба на славјанските народи на Балканот против Цариградската патријаршија. На крај од ово дел тој ќе рече: „Само така, дејствувањето на Патријаршијата, оваа лулка на мракобесието, падна под моќните удари на сплотените сили на Славјаните“. Меѓутоа, во однос на Солун, главниот град на Македонците, авторот на Салганџиев вели: „За жал, сепак тој вик не наиде на одѕив во оној град од кој прво блесна светлината која го озари македонскиот народ и целото славјанство – Солун, од кој се издигаше страдалниот глас на телото кое умира, глас на очајниот брат кој сеуште давал знаци на живот; неколкумина негови синови застанаа пред тоа и рекоа: не, не бидува да загинеме, треба да се живее и да се бориме со злото, кое не` заплашува! И поведоа борба“ – пишува бугарскиот публицист во своето дело за заедничката борба против Патријаршијата. Сепак оваа борба не би можела да се спроведе доколку не била дадена поддршка од патриотите. Според Салганџиев, во текот на 1866 година Н. М. Тошков, родум од Калофер, кој живее во Одеса, Русија, оставил на располагање на бугарското читалиште во Цариград извесна сума за отварање во Солун на едно женско училиште. По ова раководството на Читалиштето веднаш влегло во преговори со солунските граѓани: Константин (Динката) и Георги Динков (татко и син), Кирјак Држилович и браќата Никола и Димитар Паунчеви. По разговорите Динката отстапил една од собите во сопствената куќа во маалата Св. Атанасиј, а ќерка му Славка станала учителка (1867). Ова прво училиште во Солун пред да напредне и покаже успех, по едногодишно постоење било затворено. Како што вели авторот, тоа прекинало со работа поради учителката Славка која влегла во брак и заминала за Воден, каде набргу починала, и второ, затоа што паричната помош била укината набрзо по смртта на Тошков. Исто така, авторот го обвинува за пасивност раководството на бугарското Читалиште во Цариград, кое веднаш не реагирало до гореспомнатите господа за повторно отварање на училиштето, како и за формирање на општина која ќе се грижи за редот во него и успехот на училиштето. Салганџиев вината ја наоѓа и кај Киријак Држилович и браќата Паунчеви, божем се плашеле дека ќе настрадаат нивните интереси дококу продолжи со работа училиштето. Меѓутоа, тој воопшто не размислува дека основната причина поради која не продолжува ова училиште е обидот во него да се наметне бугарскиот наместо македонскиот мајчин јазик. Според него, училиштето продолжува да работи во декември 1868 година, по доаѓањето на јероѓаконот Агапиј Војнов, кој бил испратен од Читалиштето во Цариград. Како што вели авторот тој бил испратен за учител во Воден, но бил наговорен да остане во Солун. Тогаш била создадена бугарска црковно-училишна општина во Солун, при што за претседател бил избран Димитриј Паунчев, за потпретседател Петар Шумков, за касиер Насте Стојанов и за членови биле избрани следните луѓе: Јосиф Јаковов, Панајот Лазов, Киријак Држилович, Блаже Шага, Ичо Ќеаја, Ѓорѓи Ќеаја, Јосиф Франго, Ѓорѓи Архимандритов и Иван Пепов. Меѓутоа, дали црквно-училишна општина навистинаа била бугарска наскоро ќе се види, особено по доаѓањето на Стојан Бошков, кој исто така бил испратен од Читалиштето во Цариград. По неговото доаѓање тој бара да го добие понуденото место од Цариградското читалиште, кое веќе било зафатено од јероѓаконот. Тоа му успева дури по смртта на Агапиј, кој бил убиен заедно со свештеникот Тодор Митев, од страна на гавазите на Еротеј, грчкиот владика во Струмица. По едногодишно учителствување во Солун и по замена на Акив паша со Сабри паша, Бошков беше натеран да го напушти бугарското наставно дело во Солун и да си замине. Салганџиев пишува дека тоа било незаслужено и дека по доаѓањето на Бошков „веднаш се забележи дека постои нешто што го блокира и желба на некои да се сруши бугарското дело во тој град“. Салганџиев открива дека „еден од најистакнатите членови на општината во соработка со други двајца во неа, ...започнаа со интриги против Бошков, против кого... пишуваа клевети до раководителите во центарот на Цариградската заедница, поради што човекот ја изгуби платата која ја добиваше како учител од одборот. Овие луѓе го обвинуваат Бошков поради недостаток на морал, недостоен за наставничката титула, клеветејќи го за пијанства и многу повеќе непристојни работи со кои ја прикриваа вистината сакајќи да биде протеран“. Причините за ваквото однесување, авторот ги бара во „планот од некои наставници од Западна Македонија, според кои Македонската младина треба да се спречи да го учи бугарскиот, а да се развива исклучиво на македонското наречје, за кое ќе почнале да издаваат и издадоа неколку учебници на ова наречје, од кое дел беа складирани во магазинот на еден од Бошковите гонители“. Тој веруваше дека „Бошковото гонење стана се` со цел да биде заменет со еден од тие учители, проповедници на горната идеја“. Како што вели авторот „за тоа го советував Бошков да се откаже од намерата да го напушти училиштето и да чека до моментот кога во Цариград се расветли неговата невиност и започнат да му ја испраќаат платата. Но, тој остана непоколеблив, зошто се чуствуваше крајно навреден, а за тоа многу ги осудуваше не оние кои го клеветат, туку оние кои поверуваа и му ја ускратија платата...“ Како и да е, превземените активности на Македонците вродија со плод и Бошков си замина од Солун. По неговото заминување претседателот на општината Димитар Паунчев за учител поставува Македонец, негов сограѓанин од Охрид, човек во кој има доверба. Авторот како човек на Егзархијата, кој гледа опасност за бугарското дело, за постапките на Паунчев, кој презел активности без негова согласност, со навредливи зборови за новиот учител ќе напише: „Претседателот на општината, без согласност на членовите на целата општина, од кои некои бараа да се повика за учител Иван Шумков од Битолско Крушево, а за кого беа повеќето Солуњани, во училиштето сместува „подол“ човек, скоро дојден во Солун од Грција, во престолнината, во која работел како келнер во една кафеана. И тоа тој (претседателот) го направи, т.е. тој го смести во училиштето за учител тој непогоден само и само да каже дека тоа го продолжува своето постоење. Новиот учител беше родум од Охрид и роднина на претседателот. Тој бил роден од мајка Бугарка, а тако Куцовлав – Цинцар, а самиот говореше бугарски совршено неправилно. Кога беше запрашан на кои две народности припаѓа, тој одговараше: Јас не сум ни Бугарин, ни Грк, ни Влав, јас сум чист Македонец, какви што беа Филип и Александар Македонски и Аристотел филозов“. На оваа мешана народност, беше поверена светлоста, учењето на бугарските деца во Солун на мајчин јазик, само не знаеше бугарски“ - вели огорчено и клеветнички Салганџиев. Судирот со македонските преродбеници, кои нормално не го знаеа и несакаа да го познаваат бугарскиот јазик, туку сакаа да го говорат и да предаваат на своите деца на својот мајчин македонски јазик, ќе предизвика остра реакција на бугарската пропаганда, по што следуваше затварање на училиштето. Така, и покрај заедничката борба против грчкото свештенство и Цариградската Патријаршија, поради обидот на Егзархијата да воведе бугарски јазик во црковните училишта доаѓа до судир со Македонците, што во овој случај ќе доведе по втор пат се стави крај на Солунското училиште во 1869 година. Меѓутоа, Македонците не се предаваат. Во текот на истата година (1869) година, преку Солун за своето родно село Манчуково, се враќа Венјамин Манчуковски од Русија, каде бил на учење. Тука во Солун тој се среќава со Ичо и Георги Ќеаја (иматели на големи стада овци) и двајцата членови на општината. Од нив дознава дека училиштето било затворено и тие го поканиле да биде учител. Манчуковски се согласил и заминал во селото за да се види со своите родители и потоа да се врати и да го отвори училиштето. По доаѓањето во родното место тој се разболел и едвај се враќа во Солун кон крајот на октомври истата година и го отвара училиштето. (продолжува)
|