Среда, 05 Ноември 2014   
Првата црковна служба на црковнославјански јазик во Солун

tihomir-karanfilov-2
Тихомир Каранфилов

Во 1870 година, неколку месеци по создавањето на Бугарската егзархија, македонското население во Солун, донесе одлука да се чествува денот на светите браќа Кирил и Методиј. Меѓутоа, постоеше меѓу нив стравување како ќе реагираат грчките свештеници. Во своите спомени за заедничката црковно училишна борба на македонскиот и бугарскиот народ против грчките свештеници и Цариградската патријаршија, како и за „Жестоката борба со грчката пропаганда кон крајот на XIX век, бугаринот Стефан Колчев Салганџиев за овој настан ќе напише:

„Тогаш се велеше дека ако се сретнеме со повторно одбивање од Грците, тогаш полошо за нив, зошто со спротивставувањето само ќе го забрзаат постигнувањето на нашето ослободување од духовниот јарем... Решивме оваа година за првпат да го празнуваме споменот на спомнатите Рамноапостоли, Славјанските просветители и Солунски граѓани Кирил и Методиј. Притоа беше нагласено пред почетокот на празнувањето да претходи една црковна служба на црковнославјански јазик, која ќе се изврши во една од грчките цркви, се разбира со дозвола на месниот митрополит.

На 2 мај една делегација од 4 лица, во која бев и јас, се претстави пред Неговото Правосвештенство  Неофит, кој не` пречека љубезно, не` ислуша со внимание за молбата на Солунската славјанска општина. Молбата на делегацијата беше ласкаво прифатена од владиката. Тој изрази задоволство и вети дека целосно ќе го поддржи барањето, а притоа додаде: „Пренесете му го мојот благослов на православното славјанското патство во градот, мојата решеност и готовност да го исполниме неговото барање и сите други во иднина, ако не се спротивни на црковните канони и прописи. Бидејќи редот бара, во слични случаеви, да се земе согласност на димогеронтијата и тоа само за црквата во која ќе треба да се изврши богослужението, тогаш конечниот мој одговор ќе ви биде соопштен подоцна најмногу за три дена“.   

Според Салганџиев „овие зборови на митрополитот Неофит, беа изнесени со таква умилност, што едвај можеа да предизвикаат сомнеж во неискреност или прикриено лукавство, со кое воопшто се служат грчките караказански приправници.

Навистина, по три дена, преку Д. Паунчев бил добиен позитививен одговор, во кој Грците за празникот ја отстапиле црквата Панагија Декса, во непосредна близина на Каламариската населба. Меѓутоа, поради здраствени причини митрополитот Неофит одбил лично да ја отслужи Светата литургија. Сепак, за овој чин, тој го назначил поп Иван да отслужи литургија на славјански, а на  Касандрискиот епископ, кој во тоа време бил во Солун и кој не го познавал јазикот, му наложил  да присуствува на службата, заземајќи го митрополискиот  стол.

Веста била бргу проширена меѓу македонското население во градот, кое во најголем дел верувало во искреноста на зборовите на фанариотот. Веднаш потоа Солуњаните радосно започнале трескавични подготовки за празникот. Како што пишува Салганџиев на сите возбудено им чукало срцето и кај никој не можело да се почувствува накаков немир или сомнеж. Меѓутоа, бидејќи Салганџиев веќе бил изигран од фанариотите, тој гледал со недоверба во ветувањата. 

Говорејќи за својата недоверба Салганџиев вели: „Се сомневав, бидејќи знаев дека пред нас стоеше едно население опиено од фанатизам и омраза кон се` што е славјанско, население кое со огромен гнев го прогонуваше секој потфат на Славјаните кое имаше национален карактер и кое немаше да дозволи владиката да го исполни ветувањето. Бев повеќе од уверен дека тоа ќе ги употреби сите средства кои му се на располагање за да ги спречи намерите на владиката“...

Имајќи го предвид сето ова, како и тоа дека мало и големо се подготвувало за денот во кој треба да се оствари очекуваната прослава во Солун, потоа дека ако се спречи прославата, Славјаните ќе бидат цел на потсмев како пред Грците така и пред други нации, Салганџиев како зачетник на идејата, како што пишува, се осеќал должен да преземе мерки за да не пропадне овој чин. Оттука, тој решава да подготви  друго свештено лице кое по потреба би го заменил поп Иван.

За таа цел прво бил кај архимандритот отец Павел Божигробски, кој како прогонет во тој моментот живеел во Солун. Инаку, Божигропски бил прогонет од своето родно место поради изразените прославјански чувства и манифестации во кои се изразува противгрчката агитација меѓу населението во Воденската епархија. Меѓутоа, отецот Павел од оправдани причини одбил да служи, но доброволно прифатил да заземе место на четец и певец од десно во црквата.

Она од што стравува Салганџиев се случува токму два дена пред празникот. Тогаш се пренела веста дека поп Иван поради “тешка болест“ нема да може да служи на 11 мај! За да не пропадне прославата, тој како што вели авторот, тој веднаш преминал на резервниот план, кој делумно му го кажал планот на Јосиф Јаковов кој се плашел како ќе излезе пред народот ако не успее прославата, и притоа му рекол да не зборува за него, за да не дознаат Грците и него да не го осуетат. 

Јаковов притоа имал за задача изутрината на 11 мај да обезбеди црквата да биде завземена од народот, како и тоа да го увери владиката дека ако поп Иван не оздрави и не биде во состојба да ја води богослужбата или пак ако владиката не биде во состојба да даде друг кој ќе служи на старославјански или славјаните сами не најдат таков, тогаш тие ќе се задоволат Светата литургија да биде изведена од епископите на грчки јазик или пак во краен случај од парохискиот свештеник. За тоа време Салганџиев заминал од Солун без да знае никој.

Со Никола, синот на Ѓорѓи Караџадалијата (Кадијата) и со неговите коњи, вечерта на 9-ти спроти 10-ти мај, Салганџиев заминал за метохот на рускиот манастир во Ормиља, каде пристигнал на 10-ти пред изгрејсонце. Во него живеел јеромонахот отец Варлаам, негов близок пријател, родум од Бесарабија, кој бил потстрижан во рускиот манастир Св. Пантелејмон на Света Гора. Откако во метохот се одмориле 3-4 часа, заедно со отецот Варлаам, се вратиле назад за Солун.

Утредента, на 11 мај, Салганџиев и отец Варлаам се појавиле во црквата која беше преполна од народ, кој нестрпливо го очекувал свештеникот. „Во дворот биле пречекани од Јаковов, кој радосен од благословот, ликуваше уште повеќе. Звукот на камбаната го најави почетокот на утринската молитва од отец Варлаам, од чија што десна страна на црквата се огласуваше отец Павел, а од лево певците Вељо Дебренец, Насте Стојанов и уште неколку други на кои имињата не им ги паметам“ - пишува  Салганџиев.
       
Меѓутоа, повторно се слушна ѕвекот на камбаната, која овој пат го најави пристигнувањето на епископот. Тој бил пречекан на влезот од црквата од отецот Варлаам и Солунските првенци, како и од парохискиот свештеник кој во меѓувреме пристигнал. Додека епископот го спроведувале до митрополискиот стол, тој не ја криел нелагодноста и јадот од тоа што церемонијалот не го водел енорискиот  свештеник, туку друг нему туѓ свештеник и тоа на црковнославјански јазик.

Кога веќе се наближувало времето да започне Светата литургија, грчкиот свештеник се обидел да го спречи чинот. Салганџиев за ова пишува. „На големо чудење на присутните, епископот слезе од столот за да служи. Но, токму кога сакаше да влезе во светиот олтар, го запреа неколку гласа кои повикаа: „На владичкиот стол, на владичкиот стол, агиа Геронда! Ние си имаме свештеник кој ќе ја отслужи светата литургија на славјански јазик согласно дозволата на Неговата светост „нашиот“ духовен пастир и ваш началник. Вашето богољубие не знае црковнославјанско четание, ве молиме на седнете на столот и не ја прекршувајте заповедта на Вашиот началник“!

Меѓутоа, епископот останал глув на молбите на верниците и продолжил да се движи кон олтарот без оглед на редот и церемонијалот, вообичаен за случајот. Тој бил пресретнат од браќата Јосиф и Наум Јаковови кои уште еднаш, малку заканувачки, го поканиле да се повлече на владичкиот престол. Како што вели Салганџиев, епископот поставен во тесно, се вратил одново на столот на кој останал до крајот на службата. 

По светата служба, сите славјански семејства, однапред договорени, се собрале повторно на местото наречено Черевари, надвор од градот на североисток, каде по извесно време пристигнала и делегацијата која била да го поздрави владиката и да му заблагодари од страна на Солуњани за дадениот благослов и за исполнување на ветеното.
Потоа, расположениот народ прославувал до зајдисонце. Тоа бил вистински народен празник на Македонците во Солун на кој се славеа сонародниците светите браќа Кирил и Методиј. Целиот тој ден поминал во песни и игри. Се играле неколку долготрајни ора, а играчите биле облечени во празнични народни носии (Дебарско) кои уште повеќе го оживувале и возвишувале празникот. 

Со едно весело оро одиграно пред заоѓање на сонцето, се ставило крај на таа прва прослава во Солун. Потоа, на чело со музиката, народот се упатил кон домовите со желби да бидат здрави и живи и догодина уште повесело во сопствена црква и во народно духовништво да го празнуват споменот на светите браќа. „Така завршило првото празнување на овој сенароден празник на Солуњани, празник кој ги зближува, поврзува и насочува македонскиот народ во борбата против Грците угнетувачи на народноста и јазикот“ - пишува Салганџиев.

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.