|
|
Време е на Грција да и` се одржи лекција |
„Грците се навистина ужасни. Тие не излажаа. Тие се расипани и разуздани, ја искористија целата работа со еврото и ние ќе ги сотреме“ – пишува во својата книга „Стрес тест: Рефлексии за финансиската криза“, Тимоти Гајтнер поранешниот американски секретар за финансии во тимот на претседателот Барак Обама. Според него, во 2010 година министрите на ЕУ биле спремни да ги извадат стаповите и да и` одржат лекција на Грција. Меѓутоа ниту и` одржаа лекција, ниту ја спречија Грција да го гради Берлинскиот ѕид околу Македонија и на Балканот. Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос не остапува од позицијата во врска со прашањето за името и продолжува да го попречува евроатланскиот пат на Македонија. Во континуиетет тој повторува дека нивниот став е непроменлив и јасен, без никакви шанси за повлекувањето на црвените линии, а тоа е Македонија да прифати сложено име со географска одредница за внатрешна и надворешна употреба - erga omnes. Ваквото неприфатливо барање кое значи и промена на уставното име, Грција го користи за своја одбрана и обвинување пред меѓународната заедница дека нема придвижување од македонската страна. Односно, како што вели Атина, од 2008 година се` направивме, но Македонија е земјата која не попушта. Истовремено, тие пред ЕУ и НАТО ја обвинуваат Македонија дека зад проблемот со името, постојат и проблеми кои се поврзани со прашањето за демократија, за владеењето на правото, за слободата на медиумите, за односите меѓу Албанците и Македонците, како и за односот меѓу Влдата на Македонија и опозицијата предводена од СДСМ. Веќе подолг период опозицијата и нивните поддржувачи, предводени од лидерите на СДСМ, со цел да ја освојат власта не одбираат средства, притоа не водејќи сметка за штетите кои му ги нанесуваат на македонските интереси. Тие со своите постапки станаа вистински сојузник и инструмент на грчката влада за рушење на македонската преговарачка позиција во спорот со името, но, и џокер со кој Грција ја брани блокадата кон нашата земја пред ЕУ и НАТО. Иако претставниците на ЕУ и НАТО се свесни дека Грците лажат, манипулираат, едноставно дека се ужасни, расипани и разуздани, тие се немоќни да ги „извадат стапот и морковот“ против својата членка. Едноставно, Грција и нејзините поддржувачи умешно се користат со аргументите кои се базирани на вештачко креираните состојби од страна на СДСМ. Меѓутоа, неодлучноста на ЕУ и НАТО да ја спречи Грција и овозможува на јужниот сосед не само да ја блокира Македонија, туку да изгради Берлински ѕид со кој го попречува интегрирањето на целиот Западен Балкан во Европа, а со тоа овозможува пенетрирање на Русија. Европа отворено ја изразува својата загриженост поради продорот на руското влијание на Балканот. Магазинот „Шпигел“ открива таен документ на владата во Берлин во кој се анализираат акциите на Москва во неколку балкански земји. Овој документ се поклопува со изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел, дадена за време на посетата на Институтот за меѓународна политика „Lowy“ во Сиднеј, во која предупреди на руското влијание во Србија, Молдавија и Грузија. Говорејќи во контекст на ситуацијата во Украина, Меркел ќе изјави дека неприфатливо е ЕУ да мора да ја праша Русија за дозвола дали смее некоја земја да ја прими во свое членство или не. Како што вели таа: „Инаку, ќе мораме да кажеме дека ние сме немоќни. Ние не можеме никого повеќе да примиме, бидејќи мораме прво да ја прашаме Москва дали тоа е возможно. Не се работи само за Украина. Се работи за Молдавија, Грузија и ако одиме подалеку, човек мора да се праша, мора ли да бара дозвола за Србија, мора ли да се праша за останатите земји од Западен Балкан. Така било пред 40 години и не сакаме да се врати тоа време“. Сето ова, после ужасите на Втората Светска Војна и Студената војна, како што вели германската канцеларка, го загрозува европскиот мир. Оттука, само по себе произлегува дека, ако Русија заради Украина го доведува во прашање мирот во Европа, тогаш и Грција заради Македонија го доведува во прашање европскиот мир. Меѓутоа, изгледа дека ЕУ, САД и НАТО се навистина немоќни. Тоа го покажа примерот на Македонија, па ако сакате и на Турција. Во овие два издвоени случаи тие мораат да ја прашаат Грција дали Македонија може да биде членка на НАТО и ЕУ, а Турција членка на ЕУ. Од овој аспект погледнато изгледа дека Грција е помоќна и од Русија!? Но, дали е баш така!? Да не се залажуваме, ниту ЕУ, НАТО и САД се слаби, ниту Грција е многу силна држава. Едноставо во прашање е политика, која може лесно од искра да се претвори во пожар. Затоа, доста се двојни стандарди. Време е политичките елити да се обединат и да го кренат својот глас и да и` одржат лекција на Грција.
|