|
|
Грција отсекогаш се користела со уцени и закани кон меѓународната заедница |
Денес често пати сме зачудени од однесувањето на Грција која знае да и се спротивстави на меѓународната заедница. Сведоци сме на времето во кое Грција не го почитува Меѓународниот суд на правдата во Хаг и кога на секој начин го попречува членството на Македонија во ЕУ и НАТО. Сведоци сме дека не ги почитува правата на Македонците и другите малцинства во Грција, а во изминатите години бевме сведоци и на заканите на Грција дека ќе ја напушти еврозоната доколку не и се одобрат поволни кредити и сл. Покажувањето сила, уцените и заканите, не се карактеристика на грчката политика само во последните две децении. Грција која никогаш не ги почитувала правата на Македонците и другите малцинства во сопствената земја, отсекогаш знаела да и се закани на меѓународната заедница кога се работело за грчкото малцинство во соседството или пак воопшто кога биле доведени во прашање нејзините интереси. Класичен пример на ваквата политика имаме во 1934 година, кога во пресрет на Новогодишните и Божичните празници Грција се заканува со воена интервенција и напуштање на Друштвото на народите поради однесувањето на Албанија кон грчкото малцинство. За овој Грчко – Албански судир известува белградска „Политика“ од 4 декември 1934 година. Под наслов „Г. Венизелос и се заканува на Албанија со оружена сила!“, белградскиот весник ја пренесува информацијата од Атина од 3 декември 1934 во која пишува: „Во врска со изјавата која г. Венизелос ја даде на новинарите за грчко-албанските односи по повод прогонот на грчкото малцинство во Епир, а во која меѓудругото се вели, дека Грција нема да се воздржи ни да го напушти Друштвото на народите, во случај да не се задоволат правата на грчкото малцинство па дури и да употреби и вооружена сила, за да на Албанија и наметне почитување на меѓународните договори за малцинствата, новинарите му се обратија на претседателот на Владата Цалдирис кој се ограничи само на изјавата, дека засега Грција нема никакви причини да се тужи на Друштвото на народите.“ Изјавата на г. Венизелос (Елефтериос), како што пренесува белградскиот весник, предизвикал сензација во тогашната јавност и политичките кругови кои различно ја коментираа. Всушност политичките превирања во Грција меѓу либералите и ројалистите, предизвикани особено по атентатот врз либералот Венизелос во 1933 година, ќе доведе до формирање на војна управа под водство на Венизелос и капетанот Николаос Пласитирис. Овој политички развој набрзо пропаѓа, Венизелос бил протеран, а на власт во 1935 година доаѓаат ројалистите со кралот Георги II. Овие настани ќе бидат една причина за една ваква изјава. Меѓутоа, додека Грција се заканува со војна заради положбата на грчкото малцинство во Албанија, како и излегување од Дрштвото на народите, во Грција на големо се прекршувале правата на Македонците. За тоа што се случувало со македонскиот народ од Егејскиот дел на Македонија во 1934 година, најдобро говорат писмата кои Македонците ги изпраќаат до весникот Ризоспастис, орган на Комунистичката партија на Грција, кој ја објавува нивната мака. Од бројните дописки за тешката положба на Македонците кои говорат единствено на својот македонски јазик и теророт кој го вршат официјалните грчки власти издвојуваме неколку публикувани писма. На 26 јуни 1934 година, под наслов „Измачување и затварање на Македонците во Серско“, весникот го објавува писмото на Македонците осуденици од затворот во Серес во кое се вели: „Секој ден влечкаат сиромашни Македонци, земјоделци во затворите поради долгови од 60 до 100 драхми. Пред шест дена, покрај оние што се донесени поради долгови, донесоа од селото Фраштани земјоделци и ги обвинуваа дека ги снабдувале комитаџиите. Други девет земјоделци донесоа од Ксеропотамо со истото обвинување. Овие две села се наоѓаат два часа пеш од Серес и седум часа од бугарската граница. Сите овие сиромашни Македонци не знаат грчки, си го зборуваат македонскиот јазик. Од многу тепање биле принудени да речат дека низ нивните села поминувале комитаџии.“ На 19 јули 1934 година, под наслов „Угнетување и ограбување на Македонците“, весникот го објавува писмото потпишано од многу Македонци од Кожани „кое, од една страна, покажува какви маки трга македонското малцинство во рацете на капетаните-ограбувачи, кои се во служба на „грчката демократија“ и, од друга страна, последните жестоки напади од разните капиталисти врз шумите на Македонците, кои сакаат монополистички да ги искористат и да ги изгонат сиромашните дрвари.“ Огорчени од ограбувањата Македонците пишуваат: „Другар „Ризоспасти", Ножот стаса до коската. Грчката влада ни го задава најтешкиот удар. Не фрла во рацете на капетанот Марко Папатерпов, еден андарти козокрадец кој ни ја грабнува шумата од која живееме 2.000 македонски фамилии од Долни и Горни Нестрам. Тоа грабнување на шумата од селото ги крена мали и големи на нога. Се обрнуваме до Тебе како угнетувани Македонци и бараме да ни помогнеш во нашата борба, зашто отсекогаш не раководиш. Нашата селска општина бара поткрепа од Тебе и од сите работници во целата земја.“ Не бил ни малку полесен живот на Македонците кои биле мобилизирани во грчката армија. За ова говори писмото објавено на 12 август 1934 година во „Ризоспасти“ под наслов „Тепање и затварање на војниците Македонци. Македонскиот дописник од 30 – тиот полк во Воден во својот допис ќе напише: „ Во 30-тиот полк повеќето сме Македонци и поради тоа нашиот живот е многу мачен. Секој оној што ќе прозбори македонски е казнет од 10 до 15 дена затвор. Не нарекуваат „незнајковци" и постојано не тепаат. Дисциплинските мерки и ангариите се секојдневни. Но, ние и понатаму ќ ,го говориме нашиот јазик, ќе ги пееме нашите револуционерни песни. Ќе бидеме готови да се спротивставиме на притисокот што го вршат врз нас за да не не „фрлат" во војна и ќе се бориме против фашизмот.“ Ова се само дел од описите на пеколот низ кои поминуваат Македонците од Егејскиот дел на Македонија во периодот кога фашизмот тропал на големо на портата на Европа. Од тогаш до денес ништо не е изменото кога се работи за македонското малцинство во Грција. Денес кога фашизмот преку Златнозорците повторно го завзема своето место грчката политика, а преку нејзините политичари и во Европа, не може да се очекува да дојде до промена на грчката политика во однос на македонското прашање. Нема да не чуди ако заканите и уцените продолжат и во иднина без разлика на мислењето на меѓународната заедница, но секако дека ќе не чуди однесувањето и толеранцијата на истата таа меѓународна заедница која толку многу говори за почитување на човековите и малцинските права. Македонска нација
|