Македонски легенди
Среда, 28 Април 2010 04:00    PDF Печати Е-пошта
Методија Андонов - Ченто

cento(Роден е на 17 август 1902 во Прилеп, умира – 24 јули 1957)

Уште од најрана возраст, работел по прилепските тутунски и афионски полиња. Во младоста бил одличен и истакнат гимнастичар. Завршил средно трговско училиште во Прилеп и во 1926 година отвора бакалско-угостителски дуќан и си обезбедува пристојна егзистенција. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучува граѓански брак со Василка Спирова Поп-Атанасова….

Повеќе...
 
Среда, 14 Април 2010 04:00    PDF Печати Е-пошта
Лазар Личеноски
Лазар ЛиченоскиРоден е во Галичник, на 26 март 1901 година, a  почина во Скопје на 10 април 1964 година. При тоа ги остави недовршени сликите  со охридскиот рибар кој ја крпи својата мрежа и недоткаената таписерија.

Личеновски се смета за еден од втемелувачите на ликовниот живот во Македонија. Тој е еден од најавтентичните сликари на македонскиот пејзаж ("Бачила", "Долап", "Афионски полиња", "Охридски рибари"), во кој внесува и фоклорни елементи. Сликаше  мртва природа и портрети, а создаваше  и мозаици.
Повеќе...
 
Среда, 07 Април 2010 04:00    PDF Печати Е-пошта
Симеон Гугулоски

Симеон Гугуловски
01.06.1941 - 13.08.1995

Развојот  на оперскиот и балетскиот ансамбл на МНТ пред и во 60-тите години на дваесеттиот век  го овозможија  доаѓањето на  генерацијата  пејачи -  Ѓорѓи Божиков, Никола Гагов, Милка Ефтимова, Благоја Николовски, Стојан Ганчев-Стојанов и Анастасија Димитрова, преку Миомир Тасиќ, Анастазија Низамова, Лилјана Зенделска , Симеон Гугулоски и други, кои дадоа и посебен белег.

Како исклучителна личност , воодушевувачки вокал, кој ,,земјата ја тресе“ како што зборуваат неговите  современици, беше тенерот  Симеон Гулгулоски.  Трениран глас, со познавање на музика ,со чувсто и со особена интерпретација и сценски настап.  Глас кој беше омилен меѓу сите генерации, глас кој не остава никого рамнодушен.

Симеон Гугулоски потекнува од галичко печалбарско семејство и поради тоа беше роден на 1 јуни 1941 година  во Солун.Живеше во Софија, Скопје , Белград и по некоја судбина умире  во Софија на 13 август 1995 година. Без разлика каде живееше , секогаш наоѓаше време да го посети и да престојвуа во Галичник, кој го сметаше како родно место, тука му беа корените на неговите родители, на неговите предци.

Основното образование го завршува во Скопје. Како ученик во средното музичко училиште, за да обезбеди егзистенција во вечерниет часови настапува во еминентната и култната скопска кафеана “Кермес“.По завршувањето на третата година на средното музичко училиште, желбата да стекне квалитетно музичко образование заминува во Љубљана (Република Словенија), каде со одличен успех дипломира на Одделот за пеење кај професорката  Ксенија Новшак - Ховшка. 

Гугулоски  постојано  учи, се со цел да се стекне со високо образоваание и со висок просек на оцени ја завршува Педагошката академија на одделот за предметна настава во Љубљана.

Напоредно со образованието,за да обезбеди средства за егзистенција и работи. Во Љубљана многу успешнмо е педагог  по музичко образование во училиштето за деца со посебни потреби „ Јанез Левц “, каде што за првпат е забележано формирање на ученички хор. Напопредно со педагошката дејност Гугулоски  студира на музичката академија на Универзитетот во Љубљана,  на Одделот за пеење во класата на професорката Ондина Ота – Класинц.

Со стекнувањето на називот академски музичар – оперски пеач се вработува во Словенското народно гледалиште – Љубљана како солист.

Образованието го продолжува на Музичката академија , каде што успешно дипломира на трет степен на Одделот за соло пеење со што му се доделува академска титула – Специјалист за оперско пеење.

Патот до оваа титула му беше  исполнет со ангажман и во други музички жанрови,  со записи на бројни народни песни и естрадни мелодии.

Во книгата Музика 50 години со Вас, композиторот Љубомир Бранѓолица за Гугулоски, меѓудругото ќе запише:“ Покрај веќе познатите тешки ролји (инкертон од “Мадам Бетерфлајд“, Радамес од „Аида„, Дон Хозе од „Кармен„, тој донесе цела низа ролји од оперите на наши автори, што е за пофалба (Василиј  втори од „Цар Самоил„ на Кирил Македонски, Дамјан од „Бразда„ на Благоја Трајков, Кузман Капидан на Трајко Прокопиев, Митре Поморјанче од „Болен Дојчин„ на Ристо Аврамовски, Никола Карев од „Илинден„ на Кирил Макддонски). Овој фактограафски дел говори за неговиот  прилог во развојот на оперската музика од македонски авториЌ.

Неговото главно професионално подрачје е класична, најмногу оперска музика.

Како првенец во две матични куќи- СНГ – Љубљана и МНТ – Скопје исполнува бројни улоги, а воедно гостува и на сцената на други оперски куќи и тоа:

На сцените на сите оперски куќи во поранешна Југославија, во Бугарија, Чешка, Италија, Германија, Полска, Словачка. Ги пее главните тенорски партии во оперите: Џ. Верди „АИДА“ (Радамес), „НАБУКО“ (Исмаел) „ТРУБАДУР“ (Манрико) „БАЛ ПОД МАСКИ“ (Рикардо) „ТРАВИЈАТА“ (Алфред Жермон Гастон) „ДОН КАРЛОС“ (Дон Карлос) „ФАЛСТАФ“ (Др.Кајус) „РЕКВИЕН“ посветен на А. Манци,  (Ж.Бизе) „КАРМЕН“ (Дон Козе);П. Маскањи, „СЕЛСКА ЧЕСТ“ (Туриду); Џ. Пичини „ ТОСКА“ (Каварадоси) „ПЛАШТ“ (Хенри); Даниел Ф. Еаубер „ФРА ДИАВОЛО“ (Лоренцо); Ермано Волф – Ферари  „ЧЕТИРИ ГРУБИЈАНИ“ (Филипето) ; Р.Леонкавало „ПАЉАЧИ“ (Канио); В. Белини „НОРМА“ (Полион) ; Г.Доницети, „ЛУЧИЈА де ЛАМЕРМУР“ (Артур Баклау) : М. Козина „ЕКВИНОКЦИЈ“ (Иво) ; Данило Швара „СЛОВО ОД  МЛАДОСТИ“ ( Др. Франце Прешерн ); Антон Форстер  „ГОРЕЊСКИ СЛАВЧЕК“ (Фрањо); Ј.Готован „ЕРО С ОНОГ СВИЈЕТА“ (Миќа Еро); Т.Прокопиев „Кузман Капидан“  (Кузман Капидан); Кирил Македонски, „ЦАР САМОИЛ“ (Василиј  II), К.Монтеверди  „КРУНИСУВАЊЕТО НА ПОПЕЈА“; Н.Римски – Корсаков „НОЌ ПРЕД БОЖИК“ (Вакула),  П.И. Чајковски „ПИКОВА ДАМА“ (Херман) „ЕВГЕНИЈ ОНЕГИН“ (Ленски) ; Б.Сметана „ПРОДАДЕНА НЕВЕСТА“ (Вашек);К.Орф Кармина Катули ........

Освен на оперската сцена Симеон Гугулоски настапува во изведба на вокално синфониски дела и вокални дела на германски, словенечки, хрватски, руски и италијански композитори. Гугуловски е потписник на многу забавни композиции кој сам ги исполнува на неколку фестивали на забавната музика на просторите на некогашната СФРЈ - Скопскиот , Опатискиот,Загребскиот, Белградскито фестивал на забавна музика и други. 

Сеќавање од Филип Петровски - Се сеќавам на еден собир на ВМРО во Куманово, во почетокот на 1992 година. Собирот беше за да се изрази македонскиот идентитет на градот. Тоа време беше тешко, дури и ризично, да се биде патриот. Излегоа патриотите со македонските знамиња со шестнаесет краци и со лавовите. Некои од нив со црвените баретки на главите. Беше тоа во центарот, на плоштадот. Ечеше македонска патриотска музика испеана од Симеон Гугулоски. Празник на душата. Еден момент како да започна земјата да татни....

Има ли Македонец на кој не му затреперува срцето кога ќе ги слушне песните што ги пееше Симеон Гугулоски :

- Бојот започна горе Крушево (за Питу Гули)
- Болен ми лежи Миле Поп Јорданов
- Имала мајка едно ми чедо
- Македонско име нема да загине
- Народе македонски
- Оган го гори Брезово
- Се што сакав јас по тебе
- Стар бел дедо
- Таму долу Криволачко
- Таму ле мајко близу Битола
- Зар крај
- Земјо Македонска        

Македонецот е секогаш посебно расположени за убава македонска песна. Секоја песна отпеана од Симеон сама по себе е  е ремек-дело...

Народни песни

Земјо Македонска - Симон Гугулоски

Земјо Македонска
Земјо Македонска, чудна си на глед,
земјо Македонска,
земјо турско-ропска Македонијо
уважавам те.

Уважавам твојте Македонијо
гори високи,
горите висојте
и во тебе херојте Македонијо
што ги раѓаш ти.

Убава си мила мајко Македонијо,
стада се белеат
грозјата вирејат Македонијо,
ти ни даваш се.

Ништо не те плаши Македонијо,
кој душман влегол
тој жив не излегол Македонијо,
ти го ставаш в гроб.

Земјо Македонијо
наша татковино Македонијо




Народе Македонски! - Симон Гугулоски

Народе Македонски,
со какви идеи си ти?
Доста веќе, разбуди се,
свести се не спиј ти.

Не знаеш кој си, што си,
други тебе знајат,
страм голем је за тебе,
сам да се не знајеш.

Исклаја жени, деца,
во село Загоричани,
а пред аскерот турски,
фрлајте оружјето.

Опинци долри носат,
писќули долери,
фустани раскапани,
ем празни патрони.

Каде е Караиванов
и дружината му?
Мелас, Каравангелис
Битола в затвор је тој.

 
Среда, 31 Март 2010 05:24    PDF Печати Е-пошта
Ристо Шишков
Ристо  ШишковВЕЛИКАН НА МАКЕДОНСКОТО ГЛЕДАЛИШТЕ

Мајсторство што во протег на релативно краток век од одвај дваесеттина години Македонија го доби како награда (од 1962-64 до 1984-86, кога тој ќе ги одигра последните ролји).

Ристо Шишков е актер кој во историјата на македонскиот театар зазема прецизно и исклучително место.

Прославениот македонски актер, Ристо Шишков, живееше и создаваше кратко време. Тој почина на 46-годишна возраст кога го достигна центарот на своето актерско творештво, кога најмногу можеше да му даде на театарот, кога најмногу беше потребен.
Повеќе...
 
Среда, 24 Март 2010 04:00    PDF Печати Е-пошта
Христо Узунов
Христо Узунов- Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас - без ни најмалку да те навредувам - се чувствувам повеќе син на втората моја мајка - Македонија, отколку на тебе, која си ме родила.
Повеќе...
 
Среда, 17 Март 2010 04:00    PDF Печати Е-пошта
Никола Бадев
Никола БадевПараходот во изведба на големиот Никола Бадев, e песната на бардот на Македонскиот мелос. Никола Бадев во меморијата на неколку генерации, беше и останува кралот на Македонската народна песна.

Нема Македонец по сите меридијани кои непотпевнува песна од Никола Бадев, нема Македонец на овој век кој не го слушнал неговиот глас, кој иако после долги години од неговото заминување од живите, го растреперува срцето на оние кои ги слушаат неговите интерпретации. Човекот кој преку Македонската песна ќе допира до светот додека постојат сентиментални и весели луѓе. Песна која обелеќува со Македонски ритам и емоции.
Повеќе...
 
Среда, 10 Март 2010 01:00    PDF Печати Е-пошта
Ѓорѓи Јаковов Зографски
Ѓорѓи Јаковов  ЗографскиЈа поминав 60-тата но сеуште работам и ќе работам додека можам, зашто во својата работа наоѓам егзистенција за живот и едно длабоко уживање кое го има во секој човек кога може да твори и да дава нешто од себе“ - рекол Ѓорѓи Јаковов Зографски, еден од најзначајните македонски зографи, следбеник на творештвото на Димитар Андонов Папрадишки, кој живеел од 1871 до 1945 година и со чиј премин во профаното сликарство започнал и новиот период во развојот на ликовната уметност во Македонија.

Ѓорѓи Зографски потекнува од Рензовско-Зографскиот род, од мијачкото село Тресонче, кој спаѓа меѓу најстарите родови од Река што се занимавале со градителство, зографство, иконопис и копаничарство. Се родил во 1871 година во село Папрадиште, Велешко. Тој е директен потомок на познатата зографска, резбарска и градителска фамилија на Дамјан Јанкулов (1770 - 1830). Неговиот татко Јаков бил мајстор - градител, резбар и живописец.

Основно образование завршил во родното место, учејќи азбука и читање од стари старословенски книги од кои поголемиот дел биле од црковен карактер. Од најраното детство Зографски почнал да го придружува својот татко на неговите печалбарски патувања со цел да го учи зографскиот занает. Во 1884 година кога имал 13 години, неговото семејство се преселува во Велес.

Во 1887 година, рускиот конзул во Призрен, Иван Јастребов, кој имал можност да ги види неговите сликарски работи, изјавил желба да го прати на школување во Русија. Но, настојувањата на 16 - годишниот Зографски да „учи и да ја види Русија” не биле во согласност со патријархалните разбирања на неговите родители. Благодарение на поддршката од неговиот роднина Диме Андреев, кој во тоа време ја градел црквата „Свети Ѓорѓи” во Призрен, тој успеал да ги убеди своите родители и истата година, на своја иницијатива, заминал во Солун. Во рускиот конзулат ги завршил формалностите околу добивање документи за својот десетмесечен престој во Москва и Петроград. За школувањето и работа во Русија, не се оставени никакви податоци. По Русија ј заминал во Бугарија, каде останал до 1888 година. Потоа, се вратил во Македонија и се приклучил на тајфата на татко си Јаков. Со кого работел во Македонија, Бугарија и Србија, сè до нееговата смрт во 1907 година. Во Софија Јаков Зографски имал свое ателје во кое, по враќањето од Русија, се приклучил и Ѓорѓи, каде покрај икони сликал и ѕидни (фреско) декорации по куќите на богатите семејства и портрети на познати Македонци кои што живееле и работеле во Софија.

Во 1894 година Зографски се оженил со Сава Мицајкова со која им се родил синот Тодор. По четири години брак Сава умрела, а Зографски заедно со татко му Јаков, заминал во Србија.

Во 1903 година Зографски повторно се оженил, со Роса Вецинова од Велес, со која имал три машки деца, Јован, Јордан и Данчо. . Во овој период сликал икони за црквите „Св. Никола” во с. Рудник, „Вознесение Христово” во с. Еловец и манастирот „Св. Вмч. Димитрија” во Велес.

По смртта на неговиот татко Јаков во 1907, Зографски заминал во Ниш, каде отворил свое ателје. Таму ги сликал иконите за црквите „Архангел Михаил” во село Балаинац, „Св. Јован” во Орлање, „Св. Прокопиј” во с. Шумане, Лесковачко, „Св. Илија” во с. Печењевац, „Собор на светите апостоли” во с. Турековац и др. Во овој период Зографски сликал и портрети на познати свештени и политички личности во Србија.

За време на Првата балканска војна живеел и работел во Велес каде отворил работилница за подготовка на дрвени подлоги за икони, сликање икони и фотографско студио. Сликал икони за повеќе цркви во градот и велешките села, како и во Штип и Кратово, а поради големиот авторитет што го уживал во градот, бил избран за кмет на Велес.

„Периодот од 1927 до 1929 година се смета за еден од поплодните негови периоди. Покрај икони и живопис, насликал и доста портрети на познати личности, трговци, занаетчии и на негови пријатели од Велес. Зографски стекнал голем авторитет како сликар, кој покрај црковното, почнал да го негува и профаното сликарство. Спонтано ги прифатил новите ликовни струења во уметноста, го збогатил својот ликовен репертоар со нови ликовни идеи и содржини, со теми инспирирани од секојдневниот живот и непосредната околина. Неговиот авторитет и слава достигнуваат врв во 1932 година, кога во дневниот печат биле објавени повеќе текстови за неговиот живот и творештво

Во 1932 година повторно заминал во Србија и сликал икони и живопис во Ужичка Пожега и Белград. Од 1935 година па сè до крајот на својот живот тој постојано живеел во Велес, главно сликајќи икони за селските цркви во околината на Велес.

Умрел од настинка, во декември 1945 година, на 74-годишна возраст.

Во историјата на ликовната уметност Ѓорѓи Јаковов Зографски е вброен во редот на Димитар Андонов Папрадишки, Коста Вангелов, Гаврил Атанасов Беровец, но, како што вели Владимир Величковски и меѓу авторите од Струмица, Штип, Битола и други градови, кои работеле во „руски стил со „живи модели“. Неговите дела освен во црквите и манастирите во Македонија и Србија, се наоѓаат и во приватни музејски збирки во Бугарија.

Зографски, заедно со својот современик Димитар Андонов Папрадишки, најмногу бил ангажиран во зографската и сликарската област. Двајцата извршиле значаен пресврт во македонскиот преродбенски период.

„Од религиозни теми изработени во духот на локалното византиско и поствизантиско сликарство, Зографски одговорил на потребите на младиот македонски граѓански слој и почнал да обработува световни теми. Тој е еден од најзначајните уметници што ја повлекле развојната линија на профаното сликарство кај нас“.
 
Среда, 03 Март 2010 04:00    PDF Печати Е-пошта
Панко Брашнаров

Пaнко Брашнаров Човекот кој беше генерација и соученик на велешките гемиџии, сведок на двата Илиндена, човекот кој целиот се посвети на ослободувањето на Македонија и голем дел од својот живот го помина по затвори заради својот патриотизам и идеализам, и кој заради својата борба за македонската кауза остана патриот вљубеник во Македонија, без свое семејство и потомство. Човекот чиј гроб не се знае, но се паметат неговите Македонски дела. И по цена на својот живот Брашнаров е непоколеблив борец за Македонската кауза.


Панко Брашнаров е роден на 27-ми Јули 1883 година во Велес, во семејството на Тодор и Коца Брашнарови, како четврто дете после браќата Димитар, Јован и Милан.

По завршувањето на Прогимназијата во Велес, се запишува на Педагошката школа во Скопје. Во периодот што следува кај него почнуваат да се будат револуционерните идеи за ослободување на Македонија.

Во почетокот, од 1900-тата до 1908-мата како национален борец е член на ВМРО во групата на учителот Андон Димов, а по Младотурската револуција (1908) Брашнаров ги прифаќа социјалистичките идеи, кои за него биле остварување на неговиот идеал – решавање на македонското прашање и ослободување на Македонија.

По завршувањето на Педагошката школа во 1901-ва во Скопје, станува народен учител. Веднаш потоа започнува неговото учителствување низ Македонија. Прво во кумановските села Четирци, Градиште и Горно Коњари. Потоа три години е учител во Велес и во велешкото село Бистрица, за да продолжи во Ново Село кај Штип, и потоа пак да биде распореден во Велес.

Честите негови преместувања се должат на отпорот кој Брашнаров го покажувал кон политиката на бугарската Егзархија, која сакала во македонските училишта да се учи на официјален бугарски јазик и учителите да пропагираат бугаризација на Македонија.

Во 1908-та заедно со Алексо Мартулков и Јордан Шурков се вклучува во Социјалистичката организација во Велес. Истата година учествува во организирањето на протестен митинг против завојувачките и однародувачките политики на соседите (Србија, Бугарија и Грција). Организатор на митингот било работничкото друштво “Класно сознание“ од Велес.

На митингот е поставено барањето за слобода на македонскиот народ во рамките на една Балканска федерација.

Во 1912-та Брашнаров се спротиставува на Балканските војни кои се воделе за поделба на Македонија меѓу Србија, Бугарија и Грција, приклучувајќи се кон групата македонски револуционери предводена од неговиот сограѓанин Димитрија Чуповски.

Групата на Чуповски започнува да се бори за добивање меѓународна поддршка во борбата против поделбата на Македонија и да бара нејзино прогласување како самостојна држава. Брашнаров учествува во подготовките на конференција на политички партии која ја организира Чуповски. Конференцијата се одржува во Велес.

На конференцијата се бара автономија за Македонија како единствена алтернатива за спасување на Македонија од нејзино распарчување и поделба меѓу нејзините соседи.

Чуповски и неговите истомисленици подоцна ја продолжуваат својата дејност во Петроград, Русија, каде оваа македонска група позната и како македонска колонија во Петроград, во 1913-та започнува да го издава весникот `Македонски глас`, списание кое цврсто застанува во одбрана на македонската кауза.

За време на Првата светска војна(1914-1918), Брашнаров е насилно мобилизиран во бугарската армија која била на страна на Германците. По крајот на војната, во 1919 година година престојува во Софија каде има контакти со Васил Главинов, Димо Хаџи Димов и други Македонски дејци.

Во 1919 година со Версајскиот договор, Вардарска Македонија станува дел од кралството СХС. Македонците повторно се поробени и угнетувани. Наметнат им е туѓ јазик и туѓ крал.

Панко се враќа во Велес. Србите му нудат да работи како учител по српски, тој ги одбива. Менува повеќе професии. Работи како воденичар, бавчанџија, бакал. На крај за да преживее работи и во кафеана која станува центар на комунистичкото движење во градот.

Во 1919-тата станува член на Комунистичката партија. Брашнаров станува приврзаник на комунизмот поради фактот што еден од неговите основни постулати е правото на самоопределување на народите. Во комунистичкото движење тој ја гледа можноста за ослободување на македонскиот народ и за создавање на Македонска држава.

Во 1920 год. Брашнаров е избран за делегат од велешката партиска организација на Вуковарскиот конгрес.

На 30-ти Декември 1920 година е донесена познатата `Обзнана`, со која е забрането дејствувањето на комунистичката партија во рамките на кралството СХС. И покрај тоа комунистичката организација во Велес го продолжува делувањето во илегални услови.

Во 1921 година од Софија во Велес доаѓаат Илија Кушев, а нешто подоцна и поетот Љубомир Весов – и двајцата велешани, со порака од Тодор Александров до комунистичката група од Велес за формирање на чети кои би дејствувале во Велешко. На состанокот меѓу тројцата претставници од КПЈ е и Панко Брашнаров. Тие категорично се против намерите на Александров.

Образложението е децидно: Неможе да дојде до соработка бидејќи четите на Александров се орудие во рацете на бугарскиот двор и нанесуваат голема штета на македонскиот народ во борбата за самостојност и слобода.

Во втората половина на 1922-ра, партиската организација во Велес на чело со Брашнаров почнува илегално да го издава весникот `Искра` на македонски јазик, велешки дијалект. Во весникот се третираат неколку актуелни проблеми – теророт врз македонското население во СХС, експлоатацијата на селанството и великосрпската асимилаторска политика.

Истата 1922-ра учествува на Првата конференција на КПЈ во Виена.

Тодор Зографски, во своите `Спомени` ќе напише: “Имавме двајца учители во раководството на партијата, од порано и сега, кои не сакаа да бидат српски учители и да вршат по принуда однародувачка работа над децата на својот народ, и да ги воспитуваат во шовинистички дух. Едниот, Панко Брашнаров, работеше во воденицата на својот брат, а другиот, Јовче Џипунов, се занимаваше со тулаџилак и други работи. Таквата упорност во личниот живот правеше впечаток на народот и вдахнуваше почитување и верба“.

Истото лето, 1924-тата, Брашнаров е еден од првите револуционери од вардарскиот дел на Македонија на кого му е пренесена веста за обединување на македонските револуционерни сили врз платформата на Мајскиот манифест (донесен на 6-ти Мај, 1924-та).

Брашнаров веднаш ги прифаќа идеите на манифестот, и заедно со Ризо Ризов во Велес ќе формираат групи на ВМРО(Обединета), кои ќе дејствуваат врз принципите на Мајскиот манифест а со учество на комунистите.

Меѓутоа во КПЈ се појавуваат негодувања и страв од појава на нова национална револуционерна организација на Македонците. КПЈ сметала дека Брашнаров може да го рашири македонскиот национализам.

Спорот во КПЈ против ВМРО (Обединета) ќе се изостри до степен на расцеп на организацијата.

ЦК на КПЈ во писмо од 16 Март 1925-тата децидно ќе бара напуштање на “националниот курс“ од страна на Брашнаров и Ризов, и бара од нив да останат верни на комунистичката партија. Брашнаров и Ризов нема да отстапат од македонската кауза.

Од 1 до 11 Октомври 1925-тата, се одржува основачка конференција на ВМРО Обединета во Виена. На 9-ти Октомври е избран ЦК на ВМРО од 5 члена меѓу кои е и Панко Брашнаров. Подоцна за кандидати на ЦК на ВМРО(Об) се избрани уште и Владимир Поп Томов, Павел Шатев и Ризо Ризов.

Кон крајот на 1925-та Брашнаров илегално патува за Виена на состанок со централата на ВМРО(Об).

На 6-ти Март 1926-та, во домот на Борис Ковачев во Велес, се одржува основачка конференција на ВМРО Обединета за Вардарска Македонија. Со конференцијата раководи Панко Брашнаров. Присуствуваат околу дваесетина делегати од цела Македонија.

Односите со централата на КПЈ се сосема нарушени.

Пролетта 1926-тата Брашнаров учествува на третиот конгрес на КПЈ во Виена на кој е донесена Резолуција за националното прашање. Се претпоставува дека во исто време тајно учествувал и на една конференција на ВМРО(Об) која исто се одржала во Виена.

На 16-ти Август 1926-тата, состанокот на партиската организација во Велес е провален. Уапсени се Брашнаров кој раководел со состанокот, Борис Карбев, Јовче Џипунов, Никола Крстев и Бане Андреев. Полицијата запленила илегален материјал, меѓу кој и примероци од весниците “Македонско дело“ и “Балканска федерација“.

Брашнаров и Карбев се осудени на по две години затвор.

По одлежувањето на казната, Брашнаров во 1928-та се враќа во Велес. Затворот не го предомислил и тој продолжува со својата револуционерна дејност.

Кон крајот на Мај 1929-тата, Брашнаров тргнува за Берлин за да учествува на првата редовна конференција на ВМРО Обединета. При обидот илегално да ја мине југословенско-австриската граница е уапсен. Веднаш е осуден на 3 месеци затвор. Спроведен е во Марибор на издржување на казната.

Во Август истата година, во Велес е уапсен Здравко Аџиангелов, кој ги предава другарите и Организацијата. Меѓу 22-мината кои биле предадени бил и Брашнаров. Веднаш е префрлен од Марибор во затворот во Велес. Тогашната српска жандармерија во Велес спроведува тортура врз Брашнаров. За време на истрагата цело време е тепан и држен во самица.

Првиот иницијативен одбор на ВМРО(ОБ) за Вардарска Македонија:

Панко Брашнаров, Јовче Џипунов, Тодор Зографски, Дончо Мирчев, Никола Крстев, Јанко Шоптрајанов, Тодор Шоптрајанов и Ризо Ризов. Овие биле и раководството на КП за град Велес.

Судени, после речиси една година притвор со тортура, во 1930 биле:

Панко Брашнаров, Тодор Зографски, Димче Зографски, Тодор Шоптрајанов, Јанко Шоптрајанов, Ристо Џипунов, Јовче Џипунов, Костадин Ванов, Борис Ковачев, Јордан Дебеломесо, Дончо Мирчев, Диме Купенков, Методи Ќамилов, Ангел Шурков, Никола Георгиев, Пере Чичовлија, Лазар Плавев, Никола Ангелков, Трајко Андонов, Панче Славков, Тодор Најденов и фиктивно осудениот Здравко Аџиангелов, предавникот на организацијата.

На 15-ти Мај весникот ќе објави еден апел на балканските национал -револуционерни организации за “процесот кој се води против 22-цата Македонци – национал револуционери на чело со стариот народен учител и храбар борец за национална слобода на Македонија – Панко Брашнаров“. Истиот ден и македонската група “Гоце Делчев“, составена од македонски студенти кои живеат во Берлин, ќе одржи протест против апсењето на револуционерите со посебен осврт на апсењето на Брашнаров.

За ослободување на Панко Брашнаров до претседателот на Владата во Белград било упатено писмо со потписи на 68 истакнати светски општествено-политички, научни и културни дејци меѓу кои Алберт Ајнштајн, францускиот писател Анри Барбис, Регина Рубен – писател од Германија, Сен Катајама – јапонски револуционер, Фан Коли од Албанија, Јакоп Хурвиц од Мексико, Р. Х. Ли од Кина, Абдул Меџид од Индокина, Лудеану од Бесарабија и др.

На 21 Јуни 1930-та Брашнаров е осуден на 5 години затвор и на губење на сите граѓански права, поради членување во “Тајна федералистичка комунистичка револуционерна организација“ чија цел е ослободување на Македонија и нејзино обединување.

На 9 Октомври 1934-тата, по одлежувањето на затворската казна во Сремска Митровица, се враќа во Велес, каде што во велешкиот затвор морал да одлежи уште 3 месеци затвор заради илегалното минување на границата во 1929-тата.

По излегувањето од затвор постојано е следен и е под присмотра на полицијата. Во меѓувреме ВМРО Обединета е распуштена, и Брашнаров еден период ќе остане мирен.

Почетокот на Втората светска војна довел до ново ропство на Македонскиот народ. Бугарските окупатори со нивната позната пропаганда се обиделе да го искористат авторитетот на Брашнаров за свои цели. Без знаење и одобрување од Брашнаров, Бугарите и пробугарските елементи во Македонија го запишуваат за член на Акциониот комитет во Велес што го формирале протагонистите на БЦАК (Бугарски централен акционен комитет). Брашнаров воопшто не присуствувал на состаноците организирани од БЦАК.

Брашнаров ја одбива и понудата на Бугарите да биде учител на бугарски јазик и продолжил да работи во бакалскиот дуќан каде што работел по враќањето од затвор.

Кон крајот на 1941-та Брашнаров повторно решава да се активира, и одејќи да се сретне со илегалецот од Куманово – Панче Пешев, фатен е во поставена заседа од бугарските фашисти. Повторно е спроведен во затвор во полициската станица во Велес. По десетина дена затвор поради немање докази за обвинение, е ослободен.

Наредната 1942-ра ја поминува како агитатор на ослободителното движење по велешките села. Велешкиот одред во тоа време биел жестоки битки со Бугарите.

Во 1943-тата, Брашнаров иако на 60-годишна возраст, неуморно продолжува со својата мисија по велешките села да го убедува народот да пристапи на народноослободителното движење.

На 17-ти Декември во извештајот на Никола Минчев, секретар на третиот обласен комитет на КПМ се констатира: “Стариот излезе и се наоѓа по селата, а бидејќи е голем авторитет го предлагам за делегат на АСНОМ“.

На 30-ти Април Брашнаров е избран за член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ.

На 9-ти Мај се упатува на слободна територија во реонот на Козјак каде стапува во врска со единиците на Третата македонска ударна бригада.

Како најстар борец во бригадата, тој учествува во сите борби кои биле водени во текот на познатата Пролетна офанзива.

Во своите сеќавања, командантот на Главниот штаб Михајло Апостолски ќе напише: “ Панко Брашнаров иако имаше преку 60 години, стоички ја издржа целата Пролетна офанзива. Тоа беа огромни напори. Се водеа деноноќни борби, се изведуваа маршеви. Сето тоа стоички го издржа без никакви забелешки. Беше пример за останатите борци кои велеа: `Ако може тој да издржи, можеме и ние`.

2 Август 1944-та, Манастир Св.Отец Прохор Пчински – Како најстар делегат на Првото заседание на АСНОМ, Панко Брашнаров го отвора заседанието со зборови кои ќе останат вечен спомен за него и неговата љубов кон Македонија:

“ Другари и другарки, народни претставители,

Во овој момент, во ова историско место – Св.Отец Прохор Пчински, и на овој историски ден – ИЛИНДЕН – кога објавувам да е отворено првото Антифашистичко Собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнета со радост, и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплискујат ја целата македонска земја, сакајќи да го измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на самоиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна Македонија.

Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројните народни херои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија…“


Во знак на почитание спрема падналите јунаци, ја ве повикувам да им ја изразиме со еден минут молчание нашата вечна, бескрајна признателност. Вечна слава на падналите херои за слободата на Македонија.

Другари народни претставители, жив сум свидетел на двата Илиндена – 1903 и 1944 година. Во моите спомени се книжат безброј моменти на илинденската народна епопеја и Крушовската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жедта му за слобода, борбата го дари со слободна Крушовска република. Но разјарениот башибозук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаја оазисот на слободна Македонија – Крушовската република, го задушија востанието и го стегнаја искрвавениот македонски народ во ново ропство.

Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана…“

Во 1948-та, со избивањето на спорот меѓу Југославија и СССР поради Резолуцијата на Информбирото(ИБ), Брашнаров јавно ќе застане против ставот на КПЈ и позитивно ќе се изјасни за резолуцијата, верувајќи дека на таков начин верно им служи на интернационалните идеали на работничката класа и на пролетерската револуција.

Низ цела Југославија започнуваат политички апсења на оние кои не мислеле како маршалот. Со оглед на ставовите на Брашнаров по повод Резолуцијата на ИБ, тој настојува да организира една илегална група која ќе ги помага семејствата на уапсените по ИБ.

Брашнаров кој во тоа време бил пратеник, од пратеничката плата која ја земал а која во тоа време била доста висока, почнал да им помагал на семејствата на Македонците кои веќе биле затворени заради поддршка на резолуцијата на ИБ, а самиот тој живеел скромен живот.

Набргу заради своите политички убедувања и заради паричната помош која им ја давал на семејствата на неговите затворени соистомисленици, станал трн во окото на УДБА.

11-ти Декември 1950-та, Управата за државна безбедност (УДБ) на Македонија издава наредба за претрес на станот на Брашнаров во Скопје. Претресот е извршен веднаш. УДБА издава наредба за притвор на Брашнаров.

16-ти Декември, прво сослушување на Брашнаров.

20-ти Фебруари 1951-ва, Јавното обвинителство на ФНРЈ ја одбива жалбата на Брашнаров како “неумесна“ и одредува продолжување на притворот.

14-ти Март, Јавното обвинителство на НРМ, издава решение за продолжување на неговиот притвор за 3 месеци заради “детално испитување поради комплицирање на случајот“.

30-ти Јуни 1951-ва, Народниот Одбор на град Скопје, издава решение со кое го упатува Панко Брашнаров на:

“превоспитување и општествено полезна работа на Голи Оток во траење од 2 години“, бидејќи “го прекршил јавниот ред и мир и измислувал и ширел лажни вести, а со кое го нарушувал спокојството на граѓаните“…

Со вакво обвинение Панко Брашнаров кој во тоа време е на 68 годишна возраст е осуден на 2 години робија на островот на смртта. Качен е на воз и заедно со голем број други Македонци испратен на Голи Оток.

Вагоните во кои биле натоварени биле преполни со затвореници и немало простор да се завртат, ниту да седнат или одморат. Цело време по патот од Македонија до Хрватска стоеле исправено без храна и вода, а во вагоните имале само една дупка на средината на вагонот преку која вршеле физиолошки потреби. Патувањето во Јули поради температурите и условите во вагоните било пеколно. Некои од нив не стигнале до дестинацијата Голи Оток.

Само неколку дена по пристигнувањето на Голи Оток, на 13-ти Јули 1951-ва, Панко Брашнаров неможејќи да го издржи затворскиот третман, умира на 68 годишна возраст од изнемоштеност, прегладнетост и од тортурата од страна на затворските чувари кои секојдневно ги тепале затворениците.

Официјалната причина за смртта гласи “заради слабост“.

Сведоштва на некои од Македонците кои го преживеале Голи Оток, а го виделе Панко непосредно пред смртта:

Светозар Чочоровски: „Панко имаше 68 години, но личеше како да има 90… Беше тотално исцрпен, не можеше да стои на нозе и не прозборе ни збор, туку само гледаше некаде далеку, во празно…“

Јордан Мецановски-Иванов: „Последен пат го видов Панко Брашнаров неколку дена пред да почине пред санитарниот јазол. Кога излегов од него, кон клозетот идеше Панко. Наметнат (завиткан) со ќебе, гол. Го причекав да дојде да го прашам во кој павилјон е распореден. Ми рече дека е во павилјон број 6. “Како е?“, го прашав. “Не ме бидува, ме тепаа, ова не биле луѓе ами ѕверови.“

Аче Ќучук: „Работејќи во мензата, го здогледав Панко. Се упатив кон него, а тој одеше придржуван од двајца што го носеа под мишка. Сакав да го охрабрам. Безуспешно. Ми рече: “Аче, мене не ме бидува веќе. Јас сум исцрпен. Се сврши со мене работата. Нема да се видиме веќе, да знаеш! И не го видов повеќе. По неколку дена слушнав дека умрел. Го плачев како татко“.

Додека Тито со својот мерцедес се возел од Вардар до Триглав и од него насмеан мавал рака на заблудениот народ, на Голи Оток умирале илјадници луѓе, само заради тоа што имале различно политичко мислење од маршалот.

Меѓу нив имало околу 2.500 Македонци, од кои неколку стотини ги оставиле своите коски на Голи Оток.

 
Среда, 24 Февруари 2010 04:00    PDF Печати Е-пошта
Коле Неделковски
Коле НеделковскиКоле Неделковски е истакнат македонски поет и револуционер кој живее и твори меѓу двете светски војни. Роден е на 16 декември 1912 година, во селото Војница, близу до Велес, во сиромашно земјоделско семејство, како Никола Крстев Неделков. Гимназија завршил во Велес. Поради недостиг на материјални средства, што беше карактеристично за најголемиот број македонски семејства во периодот меѓу двете светски војни, Коле беше принуден да го напушти школувањето. Во потрага по елементарна егзистенција заминува во Скопје и му се посветува на молерскиот занает и го посетува трговското училиште.
Повеќе...
 
Среда, 17 Февруари 2010 01:52    PDF Печати Е-пошта
Митрополит Кирил
Митрополит КирилВи зборувам вистина во името на Христа,
не лажам - тоа го сведочи мојата совест
преку Светиот Дух, дека ми е многу жал
и срцето ме боли постојано; оти повеќе би сакал
јас да бидам одвоен од Христа
за браќата свои, моите сродници по плот.
(Послание до Римјаните 9, 1-3)
Повеќе...
 


JPAGE_CURRENT_OF_TOTAL

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.