|
|
Во метрополата на германската вистина – Берлин (4) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – ГЕРМАНИЈА Речиси секој дојденец во Хамбург, од повеќе причини, задолжително ја посетува железничката станица. Таа е, буквално, подземна железничка станица сместена во строгиот центар на градот и е поврзана со сите делови од градот, со најголем покрив од сите железнички станици во Германија, којшто е долг 140 метри, широк 120 метри, а висок 35 метри. Под таа железна конструкција има бројни ресторани, киосци, продавници, во кои врие како во кошница, поради нивното работно време. Оттука, посетителот ги има сите врски со подземната и надземната железница, кои како со нож го сечат градот и го превезуваат ефикасно најголемиот број од неговите жители и посетители. За жал, околу железничката станица се собираат и најголемиот број корисници и дилери на современото зло на човештвото - дрогата, во што и се уверивме при нашата посета. Посебно впечатлива е авенијата „Монкеберг“, со многуте стоковни куќи, трговски дуќани и други интересни објекти, какви што се црквата „Свети Јакоб“, во која има три цркви посветени на свети Лука, на свети Петар и на свети Тројца, а која е изградена во XIV век. Оваа црква е позната и по фамозната Штитгерова органа од XVII век, на која еднаш свирел и Јохан Себастијан-Бах. Во непосредна близина на центарот е градскиот пазар од кој се пружа прекрасна глетка кон најзначајната и најпознатата зграда на Хамбург - Ратхаус (Градското собрание). Тоа е најпрепознатливата, најубавата, најсликаната зграда и симбол на градот. Овој значаен и по многу нешта специфичен и интересен објект е изграден кон крајот на XIX век во неоренесансен стил. Ратхаусот е симбол на самодовербата на граѓаните, како и седиште на Сенатот и на Градскиот парламент. Зградата лежи на мочурлива почва. Затоа при изградбата било потребно да се вложат големи напори и средства за денес таа да се вишнее во небото и да £ пркоси на иднината. Кулата што е симетрично поставена во средината на зградата и која е главен влез, од каде се поврзани сите нејзини делови, е висока 112 метри. А таа зграда - убавица на Хамбург, како често ја нарекуваат, има 647 соби, односно шест повеќе од Бакингемската палата во Лондон. Целата е во преубав мермер, украсена со позлатени предмети, вредни уметнички слики, орнаментика, декорации, мебел и сè што било убаво и значајно во минатиот век. Хамбург е градот во кој се доселиле жители од европските и другите земји, меѓу кои и неколку илјади Македонци, од сите краишта на Македонија. Првите дојденци или „привремено вработени“, како често ги нарекуваме (а кои останаа постојано), се доселиле околу 70-тите години на минатиот век, кога кај нив започнал првиот процес на организирање во одреден број асоцијации. Меѓутоа, се чини дека Македонскиот клуб „Илинден“ и Македонската православна црква „Свети Ѓорѓи Кратовски“ остануваат да бидат место со најзначајните активности што ги реализираат Македонците во тој дел од Германија. По Хамбург следната наша дестинација беше Бон, сместен на бреговите на реката Рајна, со околу 200.000 жители. Тоа е родното место на Лудвиг ван Бетовен, градот на старата римска тврдина и на други стари и нови зданија. Во минатото во Бон биле сместени речиси сите дипломатски претставништва од светот, чиј број изнесувал 150, поради што го нарекувале и град на дипломатијата. Меѓутоа, најголемиот број диломатски претставништва се преселиле во Берлин. По кусата прошетка низ Бон се упативме кон хотелот „Холидеј ин“, каде се одржа заедничка средба на македонските клубови, друштва и црковни општини со претставници на амбасадата на Република Македонија во Германија. Средбата беше убаво осмислена, органи-зирана и посетена од претставници речиси на сите македонски асоцијации во Германија. Го напуштивме Бон и се упативме кон Келн. Како и Хамбург и Келн е град - пристаниште, но на реката Рајна, во близина на Рур, главен град на Северна Рајна Вестфалија, со која Република Македонија има многу добри економски односи. Кога го гледавме Келн, се потсетивме на податокот дека таму е најстариот универзитет во Германија, основан во 1388 година, дека има бројни готски и романски објекти, вклучувајќи ја и познатата Келтска катедрала. Потоа, заминавме за Берлин, главниот град на Германија кој со својата местоположба е исто толку оддалечен од центарот на Германија како и Бон, со тоа што тој се наоѓа во центарот на Европа. Поблиску е до Прага и до Копенхаген, отколку до Бон и одвај да е нешто подалеку од Варшава, отколку од Франкфурт на Мајна. Надежта дека Берлин ќе биде во можност да го добие значењето што го имаше за време на Вајмаровата Република е оправдана. Интелектуалниот „лонец за топење“ и ковачницата на таленти, кои му ја должеле својата привлечност на судирот меѓу Западот и Истокот можат повторно да бидат создадени.
Како и во 20-тите години од минатиот век, Берлин е меѓународен, космополитски град и град на културата, со исклучително жива квалитетна и разновидна театарска, уметничка и музичка понуда. Во Берлин човек во поголема мера се соочува и со германската историја - со објекти и споменици на Прусија и на германското царство, со архитектура на Вајмаровата Република, со докази за Третиот рајх со места од кои се вршени прогони на Евреите со докази за едно поинакво време и настани. Ова соочување со минатото, исто така, може да предизвика политичарите на новата генерација да бидат предводници на сосема друг курс во модерните текови и предизвици. Германија, европскиот и светскиот џин и водечката сила во Европската унија, е примамлива дестинација во која се доаѓа, се гледа, се шета или се работи и се замину-ва, а патеписецот останува со извонредни впечатоци за минатите времиња и времињата што доаѓаат. Се вративме во Франкфурт каде останавме цел ден, бидејќи авионот за Скопје леташе во вечерните часови. На аеродромот имаше многу патници кои ги преплавија фри-шоповите каде купуваа стока од цел свет, и имавме чувство како да сме во некој голем трговски центар. За разлика од прекуокеанските летови кои тргнуваат од аеродромската зграда, ние требаше да одиме со автобус до нашиот авион кој беше на една споредна писта, како и други авиони, особено од источните земји на Европа. Летот за Скопје беше удобен и безбеден. Слеговме во Скопје каде бевме пречекани од неколку пријатели. Тука се чувствувавме посигурни бидејќи бевме на македонска земја. Крај
|