|
|
Весникот „Глас на Егејците“ – сведоштво за голготата и прогонетите (6) |
ДЕЛ ОД СУДБИНАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година претставува голгота за македонското население од егејскиот дел на Македонија. Таа беше една од најдраматичните и најсуровите војни со огромни последици и неизлечиви трауми за македонското население, особено за најмладите, за недопрените цветови - децата. Граѓанската војна беше најкобна за напатениот и измачен Македонец од Егејска Македонија, кој во неа влезе организирано и свесно, со надеж дека низ оружена борба, заедно со прогресивните сили на грчкиот народ, а против грчката реакција и странскиот фактор, ќе извојува национална слобода во рамките на една нова демократска Грција. Меѓутоа, наместо слобода на македонскиот народ, војната донесе погроми и остави трајни траги врз тешката судбина на Македонецот над кого се вршеа различни репресии и невидени притисоци. Како резултат на тоа, огромен број беа принудени да ги напуштат своите родни места. Меѓу нив и над 28.000 деца на возраст од 2 до 15 години беа засекогаш откорнати од својата родна земја во 1948 и 1949 година. Тие беа избркани од прадедовските домови во егејскиот дел на Македонија и беа однесени да живеат во разни земји по светот, каде што им беше обезбеден мирен и спокоен живот, но со тага на срцето. За време на Граѓанската војна, безбедноста на илјадници деца беше во опасност, бидејќи воените единици и жандармеријата во своите налети, со себе безобзирно го земаше цивилното население и децата, меѓу нив сеејќи страв, особено кај учесниците во ДАГ. Поради тоа беше неопходно обезбедување посигурен живот на децата кои најмногу беа изложени на опасности што секојдневно ги носеше Граѓанската војна. Така, кон крајот на 1947 година, раководството на Комунистичката партија на Грција и на Привремената демократска Влада на Грција се обратија со молба до владите на земјите со таканаречена „народна демократија“: Југославија, Албанија, Романија, Унгарија, Чехословачка и Полска, привремено да ги примат од ослободените и полуослободените територии нивните деца. По добивањето на позитивниот одговор започна систематска (смислено нз.) и организирана евакуација на децата од егејскиот дел на Македонија. За илјадници од нив, прогонети од дедовските корени тоа беше и пат без враќање. Сето тоа повеќе и поскромно е забележано во низа публикации објавени насекаде во светот, особено во Република Македонија, кои ја отсликуваат борбата, прогонот, животот, тагата на македонскиот народ во несреќната Егејска Македонија. Меѓутоа, авторот на овој текст Славе Катин, како новинар-аналитичар ќе се задржи на весникот „Глас на Егејците“. Имено, ова информативно гласило почна да излегува во Скопје на 1 септември 1950 година, како орган на Здружението, односно Главниот одбор на Здружението на бегалците од Егејска Македонија. За период повеќе од три години, колку што излегуваше весникот „Глас на Егејците“, се отпечатени четириесет и еден број. Главен и одговорен уредник на почетокот беше доблесниот Тодор Симовски, потоа познатиот Михаило Керамитчиев и значајниот новинар и публицист Христо Андоновски, а бројот на соработниците од Републиката и надвор од неа беше навистина импозантен. Ваквата журналистичка активност придонесе весникот да биде еден од прозорците кон светот и сакан гостин во домовите на Македонците од егејскиот дел на Македонија, кои живееја во Народна Република Македонија, во многу краишта на ФНР Југославија и во други земји. Во уводникот на првиот број на „Глас на Егејците“ од 1 септември 1950 година, меѓу другото, се вели дека, одамна се чувствуваше потреба за издавање ваков весник за бегалците од Егејска Македонија кои живеат во ФНРЈугославија. Таа потреба, како што се вели, произлегуваше оттаму што весникот требаше да стане организатор и раководител на емигрантите; да ги запознае и да ги ориентира за проблемите на бегалците од Егејска Македонија да биде одраз на животот на Македонците од Егејска Македонија. Во уводникот се опишуваат и страдањата и борбите на македонскиот народ во Втората светска војна, каде што меѓу другото е пренесено и следното: „Свирепиот монархофашистички терор и невидената денационализаторска политика на грчката реакција, како и предавничката политика на Комунистичката партија на Грција, принудија повеќе од триесет илјади Македонци да ги напуштат своите домови и да побараат прибежиште во ФНР Југославија, која братски ги прими и сестрано им помогна да ги залекуваат раните од војната“. Исто така, во бројот 14 од септември 1951 година се вели: „Весникот „Глас на Егејците“ не е само орган на Главниот одбор на Здружението на бегалците од Егејска Македонија, туку и верен изразувач на вековните намери на целиот македонски народ кој со децении се бори за својата национална слобода, за човечки права. Весникот е огледало на животот на бегалците од Егејска Македонија во Југославија... Весникот се бори за вистината околу НОБ во Грција, која на подмолен начин се обидува да ја замагли предавничкото раководство на КПГ (Комунистичката партија на Грција). Тој е животна артерија што ги поврзува Македонците во туѓина распадени од својата родна грутка. Весникот на своите страници ги собира, систематизира и овековечува борбеното минато, славните традиции и многубројните жртви на македонскиот народ во борбата против неговите поробувачи“, се вели меѓу другото. Во првиот број на „Глас на Егејците“, е објавен текстот што се однесува на животот на децата во Домот во Цриквеница. Во него е забележано дека 292 деца-бегалци (прогонети) од егејскиот дел на Македонија беа сместени во ова приморско гратче што се наоѓа во непосредна близина на Риека. Во рамките на Домот, кој е лоциран на самиот брег на Јадранско Море, беше отворено Основното училиште “Гоце Делчев“, во кое работеше библиотека со скромен фонд на книги (околу 450), а кое постигнуваше видливи резултати за што беше и наградувано. Во училиштето особено внимание се посветуваше на образовно-просветната работа. Како резултат на тоа училиштето беше најдобро во Цриквеница; во Домот со успех работеа пионерски хор, фолклорна, рецитаторска и пејачка група, а постоеја и домаќинска, шивачка, пеглачка, градинарска и други секции. Во овој број исто така е пренесен текстот за една група од 30 деца бегалци од Егејска Македонија, која живееше во Домот во Осиек, Славонија, а која го посети Скопје, главниот град на НР Македонија. Имено, од вкупно 86 момчиња и девојчиња од Егејска Македонија, колку што ги имаше во Домот во Осиек, 30 од нив беа на одмор во Охрид, при што покрај убавиот Охрид посетија и други места во Македонија. Во бројот 7 од март 1951 година, пак, донесена е веста за изградбата на дом за прифаќање деца-бегалци во селото Петровец, кај Скопје, чиј капацитет е за 60 деца, каде што се обезбедени сите услови за живот. Потоа во наредниот број објавен е прилогот за Детскиот дом „Лазо Трповски“ во Битола, во кој се вели дека во новиот дом што беше отворен на 1 јануари 1951 година, сместени се 92 деца, а се очекува во скоро време Домот да прими 120 деца. Најмладите во овој дом ги имаат сите услови за живот и работа. Еден дел од помалите деца учат во училиштето „Свети Климент Охридски“ а повозрасните во гимназијата. Управата на Домот „Лазо Трповски“ се погрижи да ги снабди со училишни торби, книги и друг школски прибор. Значителен простор му е посветен на текстот за Детскиот дом „Гоце Делчев“ во Струга отворен на 1 март 1950 година. Тој има капацитет за 60 деца од 7 до 14-годишна возраст. Децата во Домот се безбедни и се води голема грижа за нивното здравје и исхрана, а во него со успех работат библиотека и шаховска секција. На страниците на број 10 од јуни 1951 година, претставен е еден од многубројните детски домови формирани во Југославија по ослободувањето, кој имаше за цел да ги прибере сирачињата од војната, како и децата на бедни родители. Тоа беше Домот „11 Октомври“ во Скопје, изграден во истоименото стопанство, основан во 1947 година во кој од вкупно 93 деца, 69 беа од Егејска Македонија, меѓу кои 40 девојчиња. Објавен е и напис под наслов „Успесите на неполната гимназија во Бела Црква“, во кој се истакнува дека во учебната 1949/1950 година во Бела Црква се отвори Неполната гимназија, со 221 ученик. Вкупниот број на учениците, заедно со оние во Основното училиште „Гоце Делчев“, изнесува 522 деца-бегалци од Егејска Македонија, а бројот на наставниците на крајот на годината беше 12. Исто така, во долгата репортажа за Домот во Бела Црква од Христо Андоновски од ноември 1951 година, се вели дека Домот е центар на воспитувањето. Авторот Андоновски сликовито го претставува животот, ги опишува работните соби, детската изложба, библиотеката, хорот, балетската група итн. Во овој број објавен е и текстот кој се однесува на шовинистичкото раководство на КПГ кое се обидува да ја спроведе својата политика и во детските домови, каде што околу 90% од децата се Македончиња. Притоа е даден маркантниот случај кога авторот на текстот Христо Андоновски го запрашал раководителот на Домот во Бела Црква Никос Георгијадис, инаку Грк, зошто наставата ја изведува на грчки јазик, тој се правдал велејќи дека „тие деца се утрешни кадри што ќе раководат со грчкиот народ“ . Продолжува
|