|
|
Весникот „Глас на Егејците“ – сведок за децата-бегалци по домовите (7) |
ДЕЛ ОД СУДБИНАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ И во Ѓаково, Војводина, беше основан Дом за децата-бегалци од егејскиот дел на Македонија. За животот и активностите во овој дом е забележано во бројот 17, од декември 1951 година. Во текстот се вели дека првите деца-бегалци стасале во 1948 година. Во 1949 година тие го основаа друштвото „Крсте Мисирков“ со околу 120 членови. Ова друштво постигна видни резултати со презентирањето на македонските песни и ора на гостувањата во повеќе околни градови, но особен успех доживеаја со драмата „Печалбари“. Во бројот 2 од октомври 1950 година, објавен е материјалот кој се однесува на посетата на странски младинци на децата од егејскиот дел на Македонија во Домот во Цриквеница. Странската група младинци составена претежно од Французи, потоа од Виетнамци и еден Индиец, кои беа на изградба на Студентскиот дом во Загреб се сретнаа и разговараа со децата во Домот, каде што наидоа на топол и срдечен прием. Во наредниот, пак, број од ноември 1950 година, посебен простор е посветен на текстот за заминувањето на 56 деца во Австралија, кои отидоа кај своите родители и роднини на 26 октомври 1950 година преку Црвениот крст. Потоа е претставена прославата на „Неделата на Црвениот крст“ во Цриквеница, како и писмото на група од 77 деца од Осиек, во кое е изразена благодарност за грижата што им е укажана. Анализирајќи го весникот „Глас на Егејците“забележавме декаво бројот 4 од декември 1950 година, на првата страница, објавен е текстот под наслов „Околу прашањето за децата од Грција“, во кое, меѓу другото, се вели: „Предавниците на интересите на грчкиот и македонскиот народ од Егејска Македонија - Захаријадис и компанија, побеснети, со крокодилски солзи, си ги кинат алиштата за да успеат да го измамат светското јавно мислење по прашањето на децата кои за време на Граѓанската војна во Грција беа принудени да се префрлат во народните републики а на прво место во ФНР Југославија...“ Понатаму во истиот текст се вели: „Како и по сите меѓународни проблеми, така и по прашањето на децата од Грција, југословенската Влада има јасен и принципиелен став... Во минатата година од заседанието на Политичката комисија на ООН, југословенската делегација зазеде став дека децата треба да се вратат кај своите родители, без разлика во која земја живеат тие, откако претходно ќе се провери тоа од Меѓународниот црвен крст.“ Како поткрепа на тоа, авторот на текстот Лазо Дамовски - Ошенски наведува еден карактеристичен случај. Имено, Методи Амбаровски од селото Саракиново, Воденско, кој живее во Скопје има три деца. Едниот син - Ване е задржан во Романија, Мице во Чехословачка и Стево во Полска. А вакви случаи кај Македонците од Егејска Македонија има безброј. Затоа родителите со полно право ги бараат своите деца, се истакнува во текстот. Во бројот 6 од февруари 1951 година, поместена е репортажата од посетата во декември 1950 година на домовите каде што се сместени децата од Егејска Македонија. При посетата на домот во Бела Црква, се вели во репортажата, дознавме дека таму живеат околу 500 деца. Во Домот има ред и добри хигиенски услови, а учениците живеат и учат во уредни простории. Средбата со децата-бегалци е незаборавна и тешко може да се опише; секое дете сакаше да се поздрави, да праша за своите блиски и подалечни роднини во НР Македонија. Во бројот 6, весникот го објавуваи писмото од Тана Попова и Лена Јотева – тогашни деца од Егејска Македонија кои беа сместени во Домот во Бела Црква. Писмото беше испратено до весникот „Глас на Егејците“, а во него, меѓу другото, пишува: „Иако бевме малечки, сепак се сеќаваме на маките и страдањата на нашите родители, како и на нашите маки. Многу од нашите браќа и сестри беа мачени и убивани по затворите, само затоа што се бореа за своите права, за слобода на својот поробен народ. Борбата што ја водеа нашите браќа и сестри, татковци и мајки против монархофашистите навистина беше жестока. Таа борба ги принуди нашите родители да се одделат од нас и да не’ испратат во Југославија, со цел да ни го спасат животот“, се посочува во писмото. Во Ѓаково, односно во Крушевље, се одржуваа и кинопретстави кои беа овозможени со проекторот кој беше подарен од македонскиот ветеран Димитар Влахов, кои беа гледани со задоволство и одушевување. За активностите на децата бегалци во Ѓаково е објавено и во бројот 20, од март 1952 година. Во текстот се вели дека во Ѓаково има училиште во кое се воспитуваат 360 деца кои, покрај наставата, се организираат во домаќинска, хорска, аграрна, балетска, рецитаторска, шаховска и фискултурна секција. Во бројот 19, од февруари 1952 година, на првата страница од весникот „Глас на Егејците“, поместен е текстот за Шестото заседание на Генералното собрание на ООН што се одржа во Париз на 30 јануари 1952 година, а на кое беше расправано и за децата-бегалци и нивното враќање дома. На Собранието југословенскиот делегат Сергие Макиедо, меѓу другото, во својот говор истакнал дека враќањето на децата-бегалци кај своите родители има исклучително хуманитарен карактер и таквиот однос не смее да се користи за политички шпекулации. Во таа смисла, согласно Резолуцијата за враќање на децата-бегалци кај своите родители, југословенскиот Црвен крст настојува да го реши ова прашање колку што е можно поскоро, притоа барајќи да се поднесат оригинални барања од родителите. Југословенскиот делегат исто така истакнал дека во Југославија се наоѓаат околу 7.800 деца-бегалци со своите родители, а околу илјада деца се по домовите ширум земјата. Во врска со враќањето на децата-бегалци од Егејска Македонија беше расправано и на Петтото заседание на Народното собрание на НР Македонија што се одржа на 30 април 1952 година, на кое претседателот на Владата Лазар Колишевски даде одговор, чиј текст е целосно објавен во бројот 23 од јуни 1952 година. Колишевски меѓу другото рече: „Во ноември 1949 година пред Политичкиот комитет на ООН беше поставено прашањето на децата-бегалци од Грција. Нашата делегација зазеде позитивен став и со своето истапување придонесе за неговото правилно третирање. Беше донесена резолуција од Генералното собрание на ООН со која децата-бегалци од Грција треба да се вратат кај своите родители, без разлика во која земја се наоѓаат. Ова беше поздравено од сите оние во светот што можеа да ја увидат хуманоста на овој акт и трагедијата на родителите и децата кои не по своја вина се распрскани и разделени едни од други во разни држави по светот“. Во продолжение на говорот на Колишевски изнесени се податоци за децата-бегалци кои се вратени кај своите родители. Така, речено е, дека сојузната и републичката Влада сторија се’ што можеа да се овозможи собирање на децата и родителите. Како резултат на тоа 555 деца се вратени кај своите родители во Грција, Канада и Австралија. Исто така, се истакнува во говорот дека југословенската Влада покрена барање за 2.509 деца-бегалци кои се наоѓаат во источните земји да се вратат кај своите родители во Југославија преку Меѓународниот црвен крст. Тој истакнува дека Владата на НР Македонија му посветува посебно внимание на образованието на децата од Егејска Македонија. Како резултат на тоа голем број од нив завршија разни нижи и средни училишта, а неколку и факултет. Само на скопскиот универзитет има 47 студенти од Егејска Македонија, бидејќи света должност е на децата-бегалци од Егејска Македонија да им се овозможи пристоен и достоен човечки живот, истакнал на крајот Лазар Колишевски. Во бројот 27, од октомври 1952 година, објавен е текстот за Младинската бригада на девојките од Егејска Македонија од Домот во Осиек, која учествуваше на акцијата во Маврово. Оваа Младинска бригада покажа вонредни резултати, неколкупати беше пофалувана, а двапати го освои преодното знаме. Од активноста на децата-бегалци кои живееја по домовите ширум Југославија, во бројот 30, од јануари 1953 година, посебно место е посветено на активностите на децата во Домот “Лазар Трповски“ во Битола. Во написот е прикажан дочекот и прославата на Новата 1953 година во Домот. По тој повод била изведена едночинката „Крап“, биле рецитирани стихови од македонски поети, биле изведени хорски песни, а приредбата завршила со општа веселба на домците и воспитувачите.
Се пренесува и веста за отворање на основно училиште за децата-бегалци кои дојдоа од Војводина и се населија во Демир Капија, потоа за културно-просветната активност во Домот „11 Октомври“ во Неготино, а во бројот 36, од април 1953 година, објавен е текстот кој се однесува на животот на децата-бегалци во Бела Црква. Во последниот текст се вели дека името на Бела Црква и на другите домови ширум Југославија, тесно е поврзано со историјата на Македончињата од Егејска Македонија. Во Бела Црква најде закрила цутот на најмладата генерација од егејскиот дел на Македонија кој беше осуден да го плаќа тешкиот данок, бидејќи припаѓа на македонски родители кои мораа да го грабнат оружјето и да се борат за слобода. Се’ на се’ весникот ,,Гласот на Егејците”, останува да биде неизбришлив документариум за голготата, страдалниците, судбините, новите домови и човековата безгранична хуманост. Еве за тоа се вели дека за нас, весникот „Глас на Егејците“ е уште една страница од тажната македонска преселничка сага. Крај
|