|
|
Македонски фолклорни фестивали и други манифестации во Шведска (2) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – ШВЕДСКА Викинзите го освојувале светот, а ние од Копенхаген до Малме, шведската земја стасавме за четириесетина минути, и го продолживме патувањето кон север во Еслев. Повод за нашето патување беше фестивалот на фолклорот во Лунд, во организација на Македонскиот сојуз од Шведска, а домаќин беше Македонското културно и спортско друштво „Пелагонија“ од Еслев. Оваа значајна манифестација на Македонците од Шведска се одржува во различни градови ширум државата каде се формирани фолклорни групи и ансамбли кои го негуваат македонското оро и песна, обичаите, традициите и сè она што е поврзано со Македонија. На овој празник на фолклорот во Еслев учествуваа пет културно-уметнички друштва, односно седум играорни групи, кои како колоритен букет ја одиграа својата улога на вистински амбасадори на македонскиот фолклор. Во исто време тие беа иницијатори на семакедонската забава што траеше цели 12 часа, а на која се собраа над илјада дечиња, младинци, студенти, родители, гости и пријатели, вљубеници во фолклорот, почитувачи на македонската песна и оро, на Македонците во Шведска и на Република Македонија. Еслев се наоѓа на четириесетина километри северно од Малме. Малку необично за Шведска за тој период во годината, меѓутоа како времето целосно да се изменило и, во мајскиот период без дождови и ветришта, чиниш се наоѓаш некаде на југот од Европа. Сонцето чии бои се прелеваа во далечините на Запад, кога завршуваше денот, полека заминуваше зад хоризонтот. Глетката беше прекрасна. Насекаде зеленило. Голем број парцели како килими со жолта боја од цвеќиња на маслиновата репка, строго геометриски одредени форми и негде-годе одреден број ветерници кои се губеа во непрегледните простори на јужниот дел на Шведска. Градот кој беше домаќин на Македонскиот фолклорен фестивал е индустриски центар. Во него има фабрика за прехранбени производи во која работат најголем број Македонци, како и Фабриката за трактори „Фергусон“, како и фабрика за хартија, фабрика за стакло и фабрика за филтри. Во Еслев живеат и работат околу илјада Македонци, кои, главно, потекнуваат од битолскиот крај, а само мал број семејства се од други места во Македонија. Тие дошле во седумдесеттите години како „привремено вработени“, а сега како „постојани жители“ свиле семејно гнездо во овој убав град.
Во демократска Шведска Македонците ги уживаат сите социјални, политички, човекови права и слободи, а возвраќаат со тоа што претставуваат пример на трудољубивост, работливост, честитост, лојалност... Во гратчето Еслев цветаа јоргованите кога се одржуваше Македон-скиот фолклорен феестивал. По завршувањето на фестивалот заминавме во Малме. Овој привлечен и интересен град со многу скандинавски специфики и едно од најјужните места на Шведска, го посетивме во делник. Градот се споменува уште од 1275 година. Благодарение на својата местоположба, овој убав и прекрасен приморски центар во средниот век прераснал во големо и богато трговско место, за потоа да се развие во индустриски, а денес и во многу значаен културен и туристички град. Често Малме го нарекуваат градот на парковите, бидејќи во него има голем број познати и по многу нешта карактеристични паркови, како што е паркот Кунгспаркен, во кој се наоѓа познатиот дворец што им припаѓал на тогашните управувачи на покраината Сконе, изграден во 1500 година. Стариот дел на градот е опкружен со канали и изобилува со градби што потекнуваат од средниот век. Исто така, овој дел врие од ресторани, кина, дискотеки, бутици и други објекти. Малме претставува влезно-излезна порта на Шведска која се отвора кон Европа и кон светот, особено со пуштањето во сообраќај на мостот Оресунд кој го поврзува Малме со Копенхаген, односно Шведска со Данска. Преку овој значаен објект поминуваат милиони автомобили, камиони, велосипеди и мотоцикли и преку кој е развиен железничкиот сообраќај. Во Малме ги посетивме просториите на Македонското спортско друштво (КСД) „Македонија“ што се наоѓаат во центарот на градот и кои претставуваат место на другарување, на забава, пријателство и национално дружење на Македонците од Малме и пошироко. На овие простори има околу две илјади Македонци. Инаку КСД „Македонија“ е формирано на 20 ноември 1969 година од група ентузијасти и вљубеници во фудбалот и фолклорот. Таму, се сретнавме и со претставници на Македонскaта православна црковна општина „Свети Наум Охридски“, значаен духовен и национален храм, формиран во 1973 година, кој претставува важен центар за Македонците од Малме. Исто така, и средбата со претставниците на Македонското друштво „Македонија '92“ ни остана во сеќавање од разговорот за голем број прашања кои се од интерес за националниот, црковниот и културниот напредок на Македонците на тие простори. А Македонците во црквата, клубовите и друштвата ги одбележуваат сите верски, историски и национални празници, кои претставуваат празнување, зближување, другарување и зачувување на националниот идентитет, верата, обичаите и сите вредности донесени со себе од Македонците во демократска Шведска. Треба да се нагласи дека современите преселнички движења од Македонија кон Европа во изминатото столетие се одвивале со различен интензитет. Меѓутоа, заминувањето на Македонците на времена работа во западноевропските земји започна во шеесетите години од минатиот век. И покрај нецелосните податоци, сепак, се проценува дека во земјите на стариот континент има околу 300.000 Македонци, од сите делови на Република Македонија кои веќе живеат и работат таму околу педесет години. Најголем број од нив се во Германија, потоа во Швајцарија, Шведска, Австрија, Франција, Данска и други земји. Исто така, во Европа има неколку десетици илјади Албанци и Роми и помал број Турци од Република Македонија. Според неофицијални податоци во Европа има и десетина илјади Македонци од егејскиот и пиринскиот дел на Македонија. Овој број македонски граѓани на „привремена работа“ и престој во последните десетина години расте или варира со осцилации. Македонците на времена работа и престој во поголемите центри уште со доселувањето имаат организиран живот преку клубовите и друштвата. Досега се формирани педесетина клубови на граѓани од Република Македонија и други асоцијации, здруженија со македонско национално обележје. Оваа форма на општествено собирање овозможува значаен придонес во зачувувањето на националниот и културниот идентитет на Македонците и нивната врска со родната земја. Тоа, исто така, придонесува во негувањето на меѓусебната солидарност и соработка, а со тоа и го спречува негативното влијание од соседните балкански земји на кое Македонците се изложени во тамошната средина. Исто така, со различен успех се организираат црковно-просветни информативни, културно-забавни, воспитно-образовни, спортски, и други активности, кои придонесуваат за зближување на Македонците во новите средини.
Македонците во европските земји сèповеќе се организираат за изградба на свои цркви под јурисдикција на автокефалноста на Македонскaта православна црква, кои се духовни и културни домови. Најстара и прва македонска православна црква во западноевропските земји е црквата „Свети Кирил и Методиј“, формирана во 1973 година во Гетеборг, Шведска. Денес тој број изнесува над триесет Инаку, Македонците започнаа да се населуваат во Шведска во седумдесетите години од минатиот век и тој процес трае до денес. Првите форми на организирано живеење се појавија со самото доаѓање во новите средини, каде биле формирани десетина македонски друштва, меѓу кои: „Гоце Делчев“ во Гетеборг, „Македонија“ во Малме, „Македонија ‘91“ во Халмштад, „Пелагонија“, во Еслев, „Пелистер“ во Трелеборг, „11 Октомври“, Хелсингборг, „Даме Груев“ во Стокхолм, „Илинден“ во Вахјо, „Вардар“ во Скара, „Питу Гули“ во Еиславед и други. Во сите овие друштва се одвивал богат културно-просветен и спортски живот, а Македонскиот координативен одбор бил организатор на традиционалниот Македонски фестивал. Продолжува
|