|
|
Меѓу Македонците во Словенија (6) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – СЛОВЕНИЈА Во Република Словенија за неколку стотини македонски дечиња во просториите на редовните училишта се изведувала дополнителна настава на македонски јазик. Таа дејност засега ја извршуваат неколку наставнички во Крањ, Љубљана, Копар и во Марибор. Наставата опфаќа: македонски јазик, историја и обичаи – религија. Но, се чини дека испраќањето на македонски свештеник придонесе во подучувањето по веронаука и црковни народни обичаи. Свештеникот, прво, возрасните ги подучи во верата, па потоа и младите генерации. Зашто во минатото во некои места во Словенија, сакајќи да бидат крстени во православна вера и црква, Македонците оделе кај српски свештеници, а тие по крштевката веднаш ги запишувале дека се Срби. За ова има и докази – свидетелства, велат Македонците, и додаваат дека тие сакаат, освен православното, да го задржат и она што е нивно, мајчинско, македонско. Никој нема право нив сега, во ова време, надвор од Македонија, да ги одродува и тоа на таков нехристијански начин. Една од најзначајните средби во Република Словенија беше онаа со љубљанскиот надбискуп. Таа е историска средба меѓу двајца достоинственици, меѓу претставници на Македонската православна црква и на Римокатоличката црква, архиепископот охридски и македонски г. г. Михаил и надбискупот г. Шустер. Средбата која беше договорена уште во една посета на Ватикан во Рим, сега во Словенија беше срдечна, пријателска, екуменска... И средбата на Теолошкиот факултет ќе остане во трајно сеќавање. Таму бевме примени од деканот на факултетот. Се сретнавме и со неколку студенти кои на прашањето што очекуваат по дипломирањето рекоа дека некои ќе бидат калуѓери или калуѓерки, некои учителки за верата, уредници, дописници или новинари во радио и ТВ- центри и списанија, во кои има рубрики за верата, за религијата и етиката или религијата и културата. Ја посетивме и факултетската библиотека која е сместена во шест простории со современа опрема, со две читални и три вработени лица. Библиотеката постои веќе многу години и има околу четириесет илјади наслови и околу петстотини редовни списанија. Литературата, покрај словенечкиот, главно, е на германски, француски, англиски и италијански јазик. Средбата заврши со размена на книги и списанија и со ветување дека во иднина ќе се воспостави подобра соработка меѓу библиотеките на двата теолошки факултета во Република Словенија и во Република Македонија.
Попладнето беше приреден прием кај претседателот на Собранието на Општина Крањ, господин Витомил Грос. Тој прекрасен човек љубезно нѐ пречека и во поздравното слово, меѓу другото, рече дека е претседател на Општина Крањ и голем пријател на Македонците и дека кај нив, како и кај нас, словенечката култура дошла преку свети Кирил и Методиј и преку свети Климент и свети Наум Охридски, а тоа зборува за нашата блискост, и дека сега не ни останува ништо друго, туку да ја продоложиме таа мисија. Во текот на престојот се одржа првата богослужба на македонски јазик во идниот македонски православен храм во Крањ. Богослужбата ја изврши поглаварот на Македонската православна црква архиепископот охридски и македонски г. г. Михаил. На свечениот чин што се одржа во Католичката катедрална црква „Света Марија Рожевенска“, покрај бројните македонски православни верници од Крањ, Љубљана, Јесенице, Марибор и многу други места ширум Словенија, присуствуваше и бискупот Алојз со своите свештенослужители, претседателот на Собранието на Општина Крањ, амасадорот на Република Македонија во Словенија, како и бројни пријатели на Македонците од тие простори. Македонската православна општина „Свети Климент Охридски“ од Крањ е најновата македонска црковна асоцијација и прва во демократска Република Словенија. Таа е дел од фамилијата црковни општини на Европската епархија на Македонската православна црква, која ги собира Македонците од повеќе градови и места во Република Словенија. Иницијативата за формирање духовен храм ја започнаа неколкумина ентузијасти од Крањ и Љубљана, кои на 12 март 1994 година ја форми-раа и организираа првата Македонска православна црква во Словенија „Свети Климент Охридски“ со седиште во индустрискиот град Крањ. По богослужбата се одржа состанок со црковната управа и други Македонци на кој се зборуваше за она што значи раѓање на новата црковна општина и започнување на духовен и црковен живот на Македонците во Словенија. Се искажуваа искрени честитки по тој повод и радост за формирањето на новата црква во Крањ, а се зборуваше и за доаѓање на редовен свештеник, создавање услови за негов живот достоинствено на чинот свештенички кој треба да биде вистински мисионер и матица на Македонците во Словенија.
Последниот ден од посетата имавме средба во Владата на Република Словенија со госпоѓа Даринка (Нина) Чос, претседател на Републичката комисија за верски прашања. Таму беше искажана големата радост и задоволство од пријателскиот однос и со чувство на длабока почит беше констатирано дека Македонците со Словенците се духовни роднини. Потоа домаќинката беше информирана за коректниот однос со римокатолиците во Македонија, и дека таа година, на Велигден, во Католичката катедрала во Скопје, на богослужбата присуствуваше и претседателот на Република Македонија господинот Киро Глигоров. Госпоѓата Чос изрази задоволство и рече дека е многу радосна што има чест да поздрави една ваква висока црковна и републичка делегација од Македонија. Во разговорот се одлучи Македонската православна црковна општина за Словенија, покрај останатите 25, да биде регистрирана во државниот регистар како посебна верска заедница. На задоволството му немаше крај. Оттаму, заминавме на прием кај градоначалникот на Љубљана господинот Јоже Стргар. Средбата беше срдечна и пријателска при што беше речено дека Македонците како словенски браќа се многу блиски и по јазик и по род со Словенците и додаде дека само со разбирање и христијанска љубов ќе се постигне посреќна иднина за двата народа и двете самостојни и суверени држави, кои во овие нови историски моменти си подаваат значајна братска рака. Напладне, делегацијата отпатува во посета на Горењско и Радовлица. Патем, сврати во римокатоличкиот манастир „Света Богородица“ каде беше топло и срдечно пречекана со силно биење на 4 камбани и со најголема почест. Старешината, отец Леополд, беше пресреќен што му се пружи можност да го поздрави поглаварот на Македонската православна црква. Делегацијата замина од аеродромот „Брник“ во Љубљана за Скопје, за Македонија. Од Словенија понесовме убави и вечни спомени и со документ дека Македонската православна црква-Охридска архиепископија е регистрирана како таква во Словенија, каде ја продолжи својата мисија за изградба на македонски верски објекти кои им служат на Македонците од сите делови на Македонија. Продолжува
|