|
|
Долги и интересени пустински возбудувања (14) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – ОБЕДИНЕТИ АРАПСКИ ЕМИРАТИ Првата асоцијација при доаѓањето во Обединетите Арапски Емирати и која бргу се потврдува на самото место, е нафтата и придобивките кои од неа ги добива и ужива оваа земја. Таа се смета за трет по големина производител на нафта на Блискиот и Средниот Исток. Веднаш по Саудиска Арабија и Иран. Затоа и нафтата е оската околу која се создава и се врти економската и временска машина на земјата. Најголемите резерви се во Абу Даби, меѓутоа, бидејќи тие се празнат, затоа и раководството на Обединетите Арапски Емирати, се насочува и на други сектори во трговијата, финансиите, индустријата и туризмот. Додека престојувавме во овој емират, многупати слушнавме за разните погодности кои може да ги дава една богата земја. Здравствената заштита и школувањето се на товар на државата, а многу научници, стручњаци и професори од развиените држави бргу наоѓаат работа во Обединетите Арапски Емирати. Нивната економија е многу динамична и како брзорастечка, веќе се брои на четиринаесетотo место во светот и трето место на Средниот Исток, веднаш по Катар и Кувајт. Конкретно, Дубаи тргна во голема градежна офанзива, која тешко може да се мери и споредува со сличните на него. Тоа е експлозивен градежен бум кој моментално ја достигнува стапката од 350 милијарди долари. На светската листа на градежните чуда се додадени највисоката зграда на светот, меѓународниот аеродром, потоа Островите на Палмата, кои велат, се гледаат и далеку од небото, понатаму, рачно направениот архипелаг со името – Свет, каде се изградени чуда во морето, забавниот мегапарк Дубаиленд и хотелот со најмногу ѕвезди на планетата. Сите овие градежни достигнувања пленат со извонредните, чудесни архитектонски фантазии кои успеала да ги изгради човечката рака, среде морето во пустинските песоци и на места каде што ги скротиле ветровите кои шибаат со огромна силина, особено од морската шир која со својата убавина го мами секој посетител или намерник. Во сите овие достигнувања се уверивме кога се сретнавме со еден наш скопјанец, Дејан, школки другар на нашиот син, кој како претставник на една германска банка се пресели, најпрвин од САД па во Шпанија, а потоа од Мадрид во Дубаи. Тој и неговата сопруга – права Американка, а која зборува и македонски јазик, со нивниот спортски автомобил нè зедоа од хотелот и тргнавме на една подолга прошетка низ Дубаи. При разгледувањето на градот често зборувавме дека Дубаи со своите облакодери во центарот и со копијата на бројни архитектонски остварувања личи на Њујорк.
Нашите пријатели нè однесоа и во нивниот апартман на 45 кат токму во една од високите згради, за кои не информираа дека таму живеат претежно странци. Во нивниот апартман се чувствувавме како да сме во Скопје. Американката донела од Македонија многу сувенири, карактеристични македонски предмети, со што направила топло македонско катче во пустинскиот град. Иако почитувањето и негувањето на традиционалната домородна култура е примарно, сепак, Обединетите Арапски Емирати, одат и пред своето време. Дубаи прави мамутски чекори и бргу се приспособува на условите, за да привлече што повеќе туристи и други деловни луѓе од целиот свет. За да му се угоди и да потроши што повеќе тој што дошол, понекогаш традиционалното се потиснува со современото и модерното, бидејќи „ѕвекотот на парите“ не разликува раси, вери и други кованици и предрасуди. Бурџ Дубаи, која е највисоката зграда на светот, како да ги помести границите на човековата фантазија и реалност. Се издигна до врвот, (барем досега, а веќе стасуваат најави да биде надвишена на други места), на скалилата на модерното, новото и уникатното. Затоа, конкретно, Дубаи, е веќе планетарна дестинација на глобтротерите на многу земји. Градот го живее поодминатиот XXI век со ваквите престижни атракции, кои поради цената на чинење не биле изградени во другите светски метрополи. Меѓутоа, таквите чудесни архитектонски остварувања си нашле свое место во Дубаи. На милионите гости тие им го овозможуваатона што сакаат да го видат и почувствуваат, уживајќи во спојот на локалното со универзалното. Дубаи има многу жешки лета, ама затоа зимите се многу пријатни, кога од декември до февруари, температурите се околу 31ОС. Летата се со јужни и врели ветрови и суви клими, тогаш просечно живата во термометрите се искачува и до 48-50ОС. Наоколу, пустинската клима е жестока а оваа земја е дом на повеќе специфични видови флора и фауна. Во текот на нашиот престој се уверивме дека градот е еден вид цветна градина, каде има алеи од различни цвеќиња и украсни дрвја на секоја улица. Локалните власти го купиле системот за наводнување капка по капка од Израел и го адаптирале на свој начин за да го разубават градот, слично како нашите овоштари во Преспа. Ние ги гледавме тие убави цветни градини кога специјалниот автомобил (специален џип) на хотелот не носеше на прекрасната плажа, каде поминавме голем дел од нашиот престој. А плажата, која беше место за туристите кои престојуваат во неколку хотели во градот, навистина, беше убава, чиста, снабдена со повеќе мали угостителски објекти. Затоа гостите на плажата се чувствувавме опуштено, слободно и безбедно. Инаку, внатрешното уредување на Обединетите Арапски Емирати, е приспособено на условите и барањата на седумте емирати, и, пак, функционира целината на државниот политички систем. Владините претставници на земјата се еден вид елитистички орбитариум, со славата, моќта и парите. Дубаи е глобален бизнис центар, и една од најпознатите светски туристички меки. Градот има архитектонски креации што не постојат на друго место. Највисоката зграда е 828 метри над земјата. Навистина фасцинантно.
Наспроти тоа што е денес, кога малку ќе се прелиста литературата, ќе се види дека најраната населба со име Дубаи датира од 1799 година. Официјално е основана 1833 година. Малку се знае за почетокот, бидејќи се пронајдени само неколку прастари населби. Остатоци од древното Мангровно мочуриште од пред 7.000 години пред нашата ера, се откриени во близина на Дубаи Интернет Сити. Провокација ни беше ноќната прошетка со луксузните џипови низ пустинската темнина. Помалку изгледаше како да сме на некои нови космички светови, бидејќи пејзажот, атмосферата, темнината и сè заедно, не пренесуваа во некакви други простори. Сепак, тоа беше интересно доживување, зашто домаќините направиле многу досетки и финти, како да не однесат и вратат безбедно, а ние да почувствувате дека сме биле во филмот на една посебна ноќна пустинска атракција. Во овој туристички дел од светот, доаѓањето, престојот и заминувањето, му доаѓа како една своевидна, интересна приказна во пустинските недогледии, од каде се отуѓува педа по педа простор, за да биде оплеменет, дотеран и изграден. Сигурно ќе ја запамтиме приказната за Дубаи, градот кој лежи на нафта, во култивирана пустина, со многу модерна архитектонска регија на планетата Земја. Престојот од една недела во Дубаи ни заврши како да беа неколку дена. Едно утро го напуштивме хотелот и се упативме кон аеродромот, од каде со авион отпатувавме до Истанбул, а потоа до Скопје. Продолжува
|