|
|
На пат од Скопје за Торонто (1) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – КАНАДА Да се патува од Скопје до Торонто значи да се биде десетина часа во небесните височини над мајката земја. Така и ние полетавме од аеродромот во Скопје во утринските часови и се упативме кон Охрид - градот на свети Климент, свети Наум, Шапкарев, градот на Прличев и многу други кои овде ја втемелиле македонската историја, религија, култура, јазик...Потоа, патувањето го продолживме за Канада. Ние, (полошко кумановскиот митрополит Кирил, ѓаконот Александар Цандовски и авторот на овие редови Славе Катин, во својство на потпретседател на Комисијата за односи со верските заедници на Република Македонија), патувавме од Скопје за Торонто. И ние, заедно со другите патници во авионот бевме воодушевени од чудесната глетка над непрегледните ширини на Охридското Езеро. Кога авионот се приближуваше кон аеродромот, чиниш дека со раце ќе може да се дофатат далгите од неколкуте кајчиња кои во водите на ова “македонско море”, како што многумина го нарекуваат Езерото, низ езерската шир ја делеја оваа водена убавица. На охридското воздушно пристаниште народ како плева. Ни се чинеше како половина Охрид и Струга да дошле да ги испратат десетиците иселеници кои патуваа за Австралија. Ги гледавме топлите прегратки, солзите и тажните лица и на оние што патуваа и на оние што остануваа. Гледавме еден дел од таа македонска тажна сага што се вика иселување во прекуокеанските земји, овој пат за Австралија. По извесно време авионот се наполни со патници и повторно се најде над езерската шир од каде што Охрид се гледаше како на дланка; ги видовме многуте летувалишта и модерните хотели распослани на брегот на Охридското Езеро, а потоа дел од славната и борбена Дебарца и за миг се најдовме над пластот облаци што покриваше еден дел од Западна Македонија. За момент како да ја изгубивме ориентацијата на земјата и мислите ни беа насочени кон Загреб, кон нашата втора попатна станица. Патувањето од Охрид кон Загреб беше навистина пријатно. Од големите височини ги гледавме природните контрасти и убавини, кои одвреме – навреме се губеа низ облаците и повторно се појавуваа. На аеродромот „Плесо” во Загреб времето за чекање беше кратко и набрзина ги извршивме сите царински процедури и за миг се најдовме во бесцаринската зона, преполна со патници од цел свет и за цел свет. Некои седеа, некои спиеја, некои пиеја и јадеа и се смееја.
Стаса времето за полетување кон Торонто. Се сместивме во птвиот дел од авионот и по неколку минути го напуштивме Загреб. Некои од патниците се крстеа, а многумина ги затворија очите и пропаднаа во своите длабоки мисли и искушенија. По кратко време летање кон запад, патувањето стануваше сè попријатно и поудобно и мислиш како во авионот да се одвива нормален „авиоживот”. Во непосредна близина седеше една симпатична Италијанка и го читаше списанието „Ла Ривиста ди Пополо”, до неа седеше една Германка, која постојано спиеше, а од левата страна седеше една наша Македонка, иселеничка во Канада. Ни кажа како се вика и дека е од селото Суводол, Битолско, млада пензионерка, разговорлива, љубопитна и со ведар дух. Ни раскажуваше за нејзиното патување во стариот крај, за промените што настанале во периодот во којшто таа отсуствувала, за изградбите во Битола, за напредокот, за некои непријатни сцени во продавниците и по улиците и за убавите сончеви денови поминати во Охрид, како и за бројни згоди и незгоди на нејзините патувања ширум Македонија. По осум часа летање се приближивме кон аеродромот во Монтреал во провинцијата Квебек, каде што ја допревме канадската земја. Во Монтреал, најевропскиот град на северноамериканскиот континент, како што многумина го нарекуваат градот на индустријата и контрастите, се простивме од Италијанката и одреден број патници и полетавме за Торонто, каде што за неполн час патување стасавме на аеродромот „Пирсон” во Торонто, што е сместен на западната страна на главниот град на провинцијата Онтарио. Токму тука нè пречекаа наши роднини, пријатели, познати и бројни свештеници на Американско-канадско-македонската епархија, кои со голем респект се однесуваа кон нас, особено кон многупочитуваниот митрополит Кирил. Таму, во огромната врвулица од патници од целиот свет, нашите домаќини, го збогатија и го олеснија нашиот носталгичен лет за Канада. Инаку, во метрополата Торонто која е и главен град на Онтарио живеат повеќе од сто нации, меѓу кои и Македонците. Често се вели дека Торонто е третиот македонски град по големина, во кој се задомиле околу 100.000 Македонци. Нив ги има од сите делови на Македонија, од многу градови и села во етничките граници на Македонија, меѓутоа, се чини дека најголем е бројот на македонските доселеници и нивните поколенија кои се од егејскиот дел на Македонија. Се претпоставува дека баничани, желевци, буфчанци, ошчимци, преспанци и битолчани се најбројни во Торонто и околните места. Тешко се определува нивниот број, бидејќи тие дошле со разни патни исправи и во зависност од тоа нивните презимиња се приспособувале според земјата од каде дошле. Треба да се одбележи дека некои од Македонците припаѓаат на различни политички, национални и други организации. Многу од нив го згрешиле патот и избегале од македонското јадро (трло). Пропагандата од соседните земји ги вознемирила, ги преобразила и ги натерала да си го заборават својот род. Меѓутоа, со обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква и со изградбата на првата македонската православна црква „Свети Ѓорѓи” во Мелбурн, и во Торонто во 1964 година се изгради првата македонска црква во Канада, „Свети Климент Охридски”, што претставува пресврт во македонското движење. Таа е еден од најпознатите црковно-просветни центри на Македонците во Северна Америка, најголема и најимпозантна што ја имаат македонските иселеници во овој дел од светот. Ние ја посетивме црквата „Свети Климент Охридски” во Торонто во недела каде имаше голем број верници по потекло од сите делови на Македонија и со нетрпение го очекуваа митрополитот Кирил да го видат, да поразговараат... Во преполнатион храм, митрополитот Кирил, во сослужение на повеќе свештеници одржа богослужба, која за многумина ќе остани во долго сеќавање. Инаку, според пишаните докумети црквата „Свети Климент Охридски” не само што е прва македонска православна црква во Канада, туки е и една од најзначајните културно-просветни институции на Македонците во Северна Америка и пошироко. Иницијативата да се формира и изгради црковна општина се роди на четвртиот илинденски пикник што националната организација „Обединети Македонци” го одржа во 1962 година, како израз на љубовта кон Македонија. На тој ден било свикано сеопшто македонско национално собрание, чија основна задача била да се формира комитет во чиј состав влегле четириесетина истакнати доселеници од македонско потекло, од кои поголемиот број од егејскиот дел на Македонија, а кои пред тоа членувале во разни македонски и други друштва, црковни општини, кулутрно-просветни и селски друштва. Затоа со право се вели дека организацијата „Обединети Македонци” е прва македонска национална организација во Канада и собира најголем број иселеници од сите делови на Македонија. А, црквата „Свети Климент Охридски”, пак, е најзначајна црковна општина, која е сопственик на храм во кој се насликани македонски икони и фрески, изработени од раката на уметникот Ѓорѓи Даневски. Таа има три сали и кујна за повеќе од 2.000 посетители, а објектот на црковната зграда претставува убав прилог во канадската архитектура. Исто така, црквата има библиотека, помошни простории и голем паркинг. Покрај духовното живеење, Македонскатаправославнацрква „Свети Климент Охридски” е средиште на националното црковното, културно-просветно, културното и спортско живеење на поголемиот број македонски доселеници и нивните потомци. Во составот на општината активно работи познатата фолклорна група „Македонка”. Исто така, во општината работи и Литературното друштво „Браќа Миладиновци”, прво од ваков вид во Канада. Во севкупното живеење на црквата „Свети Климент Охридски” женската секција има посебна улога и дава значаен прилог. Црквата била организатор и учесник на голем број манифестации, меѓу кои и на Интернационалниот караван на нациите во Торонто, на црковно-националните манифестации, како и на бројни активности во македонската колонија. Во составот на црквата работи црковниот хор, боречката организација, пензионерскиот клуб, драмската секција, библиотеката, шаховската и спортската секција, неделното училиште на македонски мајчин јазик и други секции. Продолжува
|